Речник
- акции: Се однесува на сопственичките интереси или удели во акции издадени од компании. ↩︎
- акција: Сопственички хартии од вредност кои ги издава акционерското друштво. Акционерските друштва прибираат средства со издавање сопственички хартии од вредност (акции), што им дава право на сопствениците на пропорционален дел од профитот на фирмата. Сопствениците на акции не се одговорни за долговите на корпорацијата надвор од нивната почетна инвестиција. Сепак, не постои гаранција дека сопствениците ќе ја добијат нивната почетна инвестиција или каков било поврат во иднина. ↩︎
- ануитет: Фиксна сума на пари што се плаќа некому секоја година, обично до неговата смрт. ↩︎
- апсолутна предност: Супериорните производствени способности на субјектот, додека компаративната предност се заснова на анализа на опортунитетните трошоци. ↩︎
- балансиран буџет: Состојбата на државните финансии кога тековните владини приходи од даноци, такси и од други извори се еднакви на тековните државни расходи. ↩︎
- бруто-домашен производ (БДП): Пазарната вредност на сите стоки и услуги при нивната финална употреба (наместо полуготови производи и производи што се користат во натамошен производствен процес) што се произведени во рамките на една земја во текот на одреден период. БДП е мерка за доходот и за производот. ↩︎
- буџет: Проценети приходи и детални планирани расходи за временски период. ↩︎
- буџетски дефицит: Разлика помеѓу приходите и расходите на државата во одреден фискален период (вообичаено една година), при што расходите ги надминуваат приходите. ↩︎
- буџетски суфицит: Износот со кој вкупната владина потрошувачка е помала од вкупните владини приходи во одреден временски период, обично една година. ↩︎
- високоризични обврзници: Обврзници со висок ризик, обично издадени од не многу добро етаблирани фирми, кои имаат високи каматни стапки поради нивниот ризик. ↩︎
- владеењето на правото: Ефективно разбирање дека сите луѓе подлежат на истите закони, спречувајќи некои да носат закони коишто не треба да ги почитуваат. ↩︎
- владин неуспех: Ситуација во која структурата на стимулации е таква што политичкиот процес, вклучително и демократското политичко одлучување, ќе ги охрабрат поединците да преземаат дејствија што се во спротивност со економската ефикасност. ↩︎
- владино претпријатие: Правно лице што е создадено од влада за да учествува во комерцијални активности во име на владата. ↩︎
- главница: Износот на позајмените средства. Заемопримачот ќе плати камата на оваа сума. ↩︎
- грабеж: Чинот на противправно стекнување работи или средства така што се одземаат од други лица. ↩︎
- данок на личен доход: Данок наметнат на доходот заработен од физичките лица, вклучувајќи плати, дивиденди, камата и други доходи што лицето ги заработува во текот на годината. ↩︎
- даночно засолниште: Даночното засолниште е правен метод или финансиски аранжман што им овозможува на поединците или на компаниите да го намалат својот оданочлив доход и со тоа да ја намалат својата даночна обврска. ↩︎
- ДДВ: Данок на додадена вредност, вид на данок на промет што го плаќа лицето кое купува стоки и услуги. ↩︎
- девизен курс: Цена на единица странска валута изразена во домашна валута. На пример, ако се потребни 57,5 денари за да се купи еден амерички долар, девизниот курс денар/долар е 57,4 денари. ↩︎
- девизен пазар: Глобалниот пазар каде што се тргува со валути и честопати се среќава во скратена форма како форекс или FX. На пример, кога турист од САД ја посетува Франција не може да ги користи своите американски долари за да купува добра и услуги. Затоа, тој учествува на девизниот пазар за да ги размени своите американски долари за евра, односно тој ги продава американските долари, а во исто време купува евра за да може да плати при купување стоки и при користење услуги. ↩︎
- депрецијација: Загуба во вредноста на средството онaка како што се користи. ↩︎
- децентрализација (на власта): Трансфер на овластувања од централната на локалната власт. ↩︎
- диверзификација: Стратегијата за инвестирање во голем број различни фирми, индустрии и инструменти како што се акции, обврзници и недвижен имот за да се минимизира ризикот на кој се изложени инвестициите. ↩︎
- дивиденда: (Дел од) профитот на компанијата што се исплаќа на акционерите (сите оние кои поседуваат акции од конкретната компанија). ↩︎
- диригизам: Државна контрола на економските и на социјалните прашања. ↩︎
- драстично зголемување на цените: Зголемување на цените на добрата и на услугите од страна на продавачот на ниво многу повисоко од она ниво коешто се смета за економски разумно или фер, а се смета за експлоататорско и неетичко однесување. ↩︎
- државна обврзница: Должничка хартија од вредност издадена од владата за реализирање на владиното финансирање. Федералните државни обврзници во САД вклучуваат штедни обврзници, државни обврзници и државни обврзници заштитени од инфлација (TIPS). ↩︎
- државен запис: Форма на краткорочен државен долг на кој камата се плаќа на крајот од периодот на задолжување. Тие се користат за управување со флуктуациите на краткорочните потреби за готовина на владата. ↩︎
- Државни обврзници заштитени од инфлација (TIPS): Инфлациски индексирани обврзници издадени од Министерството за финансии на САД. Кај овие хартии од вредност главнината и каматните плаќања се прилагодуваат во согласност со стапката на инфлација, така што нивниот реален принос не е под влијание на промената на инфлацијата. ДОЗИ (TIPS) се издаваат во САД од јануари 1997 година. ↩︎
- економија на обем: Намалувања на трошоците по единица производ што настанува во услови кога големи капацитети и погони се користат за производство на големи количини на аутпут. ↩︎
- економска ефикасност: Ситуација која се јавува кога (1) се преземаат сите активности кои генерираат поголема корист од трошоците и (2) не се преземаат активности за кои трошокот ја надминува користа. ↩︎
- економски институции: Правните, регулаторните и монетарните правила, законите и обичаите коишто влијаат врз безбедноста на правата на сопственост, спроведувањето на договорите и врз обемот на размена. Тие вршат големо влијание врз трансакциските трошоци помеѓу страните, особено кога трговските партнери не се познаваат меѓусебно. ↩︎
- економски просперитет: Постојано зголемување на доходот по глава на жител и подобрувања на животниот стандард. ↩︎
- екстерналија: Ефект на прелевање настанат од активност која влијае врз благосостојбата на други надворешни субјекти, кои при тоа не ја одобриле конкретната активност. Ако ефектите се позитивни, тие се нарекуваат и надворешни придобивки. Ако ефектите на прелевање негативно влијаат врз надворешните страни, тие се нарекуваат и надворешни трошоци. ↩︎
- ембарго: Ограничување на трговијата или на друга трговска активност со одредена земја. Ваквото ограничување се воведува со одлука на владата. ↩︎
- ефект на кратковидост: Погрешна распределба на ресурсите што настанува поради тоа што активностите на јавниот сектор се пристрасни (1) во корист на предлози кои даваат јасно дефинирани тековни придобивки во замена за идните трошоци кои тешко се идентификуваат и (2) против предлози со јасно идентификувани тековни трошоци, но кои даваат помалку конкретни и помалку очигледни идни придобивки. ↩︎
- ефект од посебен интерес: Пристрасноста на политичкиот процес кон усвојување програми кои обезбедуваат значителни индивидуални придобивки за доброорганизирани интересни групи на сметка на малите индивидуални трошоци наметнати на најголемиот дел од гласачите. Постои тенденција ваквите програми да се усвојуваат дури и кога се неефикасни. ↩︎
- загуба: Износот со кој приходот од продажбата не успева да ги покрие трошоците за набавка на стоките или на услугите. Загубите се казна за оние кои ги користат ресурсите за да произведат помала вредност отколку што инаку би можеле да произведат. ↩︎
- заемно договарање на политичарите: Размената меѓу политичарите на политичка поддршка за едно прашање за политичка поддршка за друго. ↩︎
- закон за компаративна предност: Принцип којшто открива како поединците, фирмите, регионите или нациите можат да произведат поголем аутпут и да постигнат заемна добивка од трговската размена. Според овој принцип, секој е специјализиран за производство на стоки што може да ги произведе евтино (т.е. по ниски опортунитетни трошоци) и ги разменува овие стоки за други што имаат висок опортунитетен трошок при производство. ↩︎
- закон на побарувачка: Принцип што ја објаснува обратната врска помеѓу цената на производот и количината која купувачите се подготвени да ја купат кога сѐ друго останува непроменто. Како што цената на производот се зголемува, потрошувачите купуваат помалку од производот, а како што цената се намалува, тие купуваат повеќе. ↩︎
- закон на понуда: Принцип кој наведува дека постои позитивна врска помеѓу цената на производот и количината која производителите се подготвени да ја обезбедат кога сѐ друго останува непроменето. Како што цената на производот расте, производителите имаат волја и се спремни да понудат поголема количина, и обратно. ↩︎
- законодавство „свинско буре“: Проекти на владата кои се во корист на локалните области, но кои ги плаќаат сите даночни обврзници. Проектите обично имаат трошоци кои ги надминуваат придобивките; жителите на округот што ги стекнуваат придобивките ги сакаат овие проекти бидејќи не треба да плаќаат голем дел од трошоците. ↩︎
- Законот за трговија Смут-Холи: Актот за царински тарифи на Смут-Холи е дел од законската легислатива донесен од Конгресот на САД во 1930 година. Целта на овој акт е да ги заштити американските земјоделци и другите индустрии од странската конкуренција со зголемување на царинските тарифи за увезени стоки во САД на историски високи нивоа. ↩︎
- заробување на регулаторите: Ситуација кога регулаторните агенции се надвладеани од интересите на одредени групи, наместо од јавниот интерес. ↩︎
- заштитна функција: Систем на правила и на закони кои ги штитат поединците и нивниот имот од штети поврзани со примена на сила, измама или на кражба. ↩︎
- игра со нулта сума: Ситуацијата во теоријата на игри во која добивката на една личност е еквивалентна на загубата на друга, така што нето-промената во богатството или користа е нула. На финансиските пазари, опциите и фјучерсите се примери за игри со нулта-сума, со исклучок на трансакциските трошоци. ↩︎
- извоз: Трговија на стоки и на услуги коишто се произведени во домашната економија, а се продаваат надвор од земјата на странски купувачи. ↩︎
- инвестиција: Купување, изградба или развој на капитални ресурси, вклучувајќи ги и нечовечкиот и човечкиот капитал. Инвестициите ја зголемуваат понудата на капитал. ↩︎
- инвестициски добра: Стоки и/или објекти купени или изградени за да се произведат идни економски придобивки. Примерите вклучуваат куќи за изнајмување, фабрики, бродови или патишта. Тие честопати се нарекуваат и капитални добра. ↩︎
- индексиран отворен инвестициски фонд кој вложува во акции: Акционерски заеднички фонд е фонд кој содржи портфолио од акции чие учество во портфолиото одговара на учеството на акциите во широк берзански индекс како што е S&P 500. Трошоците за управување со овие фондови обично многу се ниски бидејќи трошоците за тргување со акции и за истражување се мали. Вредноста на уделите на заедничкиот фонд ќе се движи нагоре и надолу на ист начин како и индексот со кој е поврзан фондот. ↩︎
- индекс на трошоците на живот: Индекс што ги следи промените во вредноста на потрошувачката кошница (одредени стоки и услуги) низ времето и се користи како клучен индикатор за инфлацијата и за трошоците за живот. Индексот ја споредува цената (вредноста) на потрошувачката кошница од еден период во однос на базната година, помагајќи да се разберат промените во цените и како тие промени влијаат врз куповната моќ на потрошувачите. ↩︎
- индекс Стандард и Пурс (S&P) 500: Кошница од петстотини акции кои се избрани затоа што се смета дека се колективно репрезентативни на берзата во целина. Над 70 отсто од вредноста на акциите во САД е содржана во S&P 500. ↩︎
- инфлација: Постојан пораст на општото ниво на цените на стоките и на услугите. За време на инфлација, доаѓа до намалување на куповната моќ на монетарната единица, како на пример македонскиот денар. ↩︎
- јавен избор: Проучување на одлучувањето кое влијае врз формирањето и врз функционирањето на колективните организации како што се владите. Генерално, принципите и методологијата на економијата се применуваат на теми од политички науки. ↩︎
- јавно добро: Добра кои ги имаат следниве две карактеристики: (1) заедништво во потрошувачката – обезбедувањето на доброто некому, истовремено го прави достапно за другите и (2) неисклучливост – тешко или практично е невозможно да се исклучат клиентите кои не плаќаат. ↩︎
- јавно обезбедено добро: Јавно обезбеденото добро, познато и како јавно добро, е вид на добро или на услуга што е неисклучливо и неривалско во потрошувачката. ↩︎
- капиталните инвестиции: Трошоци за згради, машини, алати и за друга опрема што ќе ја зголеми идната продуктивност. ↩︎
- капитализам: Економски, политички и општествен систем каде што имотот, бизнисот и индустријата се во приватна сопственост и економските чинители се насочени кон остварување највисок финансиски резултат (профи) од успешните организации и од луѓето. ↩︎
- квартили: Квартилите се статистички мерки кои го делат множеството податоци на четири еднакви дела или групи, при што секој дел претставува четвртина од сетот на податоци. Базата на податоци прво се подредува по растечки редослед, а потоа се идентификуваат три точки кои ги делат податоците во четири еднакви групи. ↩︎
- колатерал: Нешто заложено како гаранција за отплата на кредитот, што ќе биде конфискувано во случај на неисполнување на обврската за отплата на кредитот. ↩︎
- конкуренција: Динамичен процес на ривалство меѓу производителите или добавувачите на инпути, односно секој од нив се обидува да понуди и да испорача подобар договор до купувачите од аспект на квалитет, цена и на информации за производот. Конкуренцијата подразбира слободен влез на пазарот, односно не е потребно одобрение од владата потенцијалните конкуренти да влезат на пазарот. ↩︎
- контролирани цени: Цени кои се одредени и наметнати од владата. Цените можат да бидат поставени над или под нивото кое слободно би било одредено на пазарот. ↩︎
- креативно уништување: Замена на старите производи и производствени методи со нови иновативни коишто потрошувачите ги ценат за повредни од претходните. Процесот генерира економски раст и повисок животен стандард. ↩︎
- крони капитализам: Економија во која успехот во работењето зависи од блиските односи помеѓу бизнисмените и државните службеници. Оваа состојба може да се манифестира преку фаворизирање на одредени ентитети при распределбата на правни дозволи, државни грантови, специјални даночни олеснувања или други форми на државен интервенционизам. ↩︎
- личен доход: Вкупниот доход кој го примаат физичките лица, домашните домаќинства и од некорпоративните бизниси. Под личен доход во Македонија се подразбираат следниве видови на доход: доход од работа; доход од самостојна дејност; доход од авторски права и сродни; доход од продажба на сопствени земјоделски производи; доход од права од индустриска сопственост; доход од закуп и подзакуп; доход од капитал; капитални добивки; добивки од игри на среќа; доход од осигурување и друг доход. ↩︎
- маргинална даночна стапка: Процентот на дополнителен долар од приходот што мора да се плати во вид на данок. Маргиналната даночна стапка е важна при носењето одлуки кај физичките лица. ↩︎
- маргинална корист: Промената на вкупната вредност или корист добиена од дејство како што е потрошувачката на дополнителна единица стока или услуга. Тоа го рефлектира максималниот износ што поединецот е подготвен да го плати доколку го преземе дејството. ↩︎
- маргинален трошок: Промената на вкупниот трошок што произлегува од дејство како што е производство на дополнителна единица производ. ↩︎
- маргинално: Термин којшто се користи за да се опишат ефектите од промената на тековната состојба. На пример, маргиналниот трошок е трошокот за производство на еден дополнителен производ, при познати производствени капацитети и стапка на производство. ↩︎
- меѓународни долари: Меѓународен долар во конкретна земја би купил споредлива количина стоки и услуги што американскиот долар би ги купил во САД. ↩︎
- минимална плата: Пропишано со закон работниците да бидат платени барем по утврдена минимална стапка по час. ↩︎
- минимална цена: Минимална цена воспоставена од владата која купувачите мора да ја платат за добро или за ресурс. ↩︎
- монетарна политика: Внимателно планирана контрола на националната понуда на пари и, во некои случаи, кредитните услови, од владата. Монетарната политика ја воспоставува средината за размена на пазарот. ↩︎
- монопол: Монополот, во поширока економска смисла, е пазарна структура која се карактеризира со еден продавач или производител кој обезбедува уникатен производ или услуга без слични замени. Концептот на монопол опфаќа низа контексти, од економски пазари до конкретни случаи на владин авторитет. ↩︎
- морален хазард: Ситуација кога обезбедувањето заштита од ризик ја зголемува појавата на ризичното однесување, бидејќи ги намалува потенцијалните негативни последици од дејството. ↩︎
- национален долг: Вкупната задолженост на владата во форма на неподмирени обврзници на кои плаќа камати. Тоа го одразува кумулативното влијание на буџетските дефицити и суфицити. ↩︎
- национален доход: Вкупниот доход што го оствариле граѓаните на една земја во одреден период. ↩︎
- невидлива рака: Тенденцијата на пазарните цени да ги насочуваат поединците да ги следат сопствените интереси во активности што ја промовираат економската благосостојба на општеството. ↩︎
- незаконско договарање: Тајна или незаконска соработка или заговор, особено за да се измамат или да се изманипулираат другите. Група фирми кои се вклучени во заговор често се нарекува картел. ↩︎
- Нефункционален хипотекарен кредит: Станбени кредити за кои заемопримачот доцни со отплата на заемот деведесет дена или повеќе или, пак, е во процес на запленување на имотот ставен под хипотека. ↩︎
- номинален принос: Приносот на средството во парична смисла. За разлика од реалниот принос, тој не ги зема предвид промените во општото ниво на цени (инфлација). ↩︎
- нормативно прашање: Вид на прашање кое се однесува на она што треба да се смета за морално исправно или погрешно, наместо да се фокусира на фактичките вистини. ↩︎
- обврзница: Ветување за враќање на главнината (износот позајмен) плус камата во одредено време во иднина. Организации како корпорации и влади издаваат обврзници како метод за позајмување од сопствениците на обврзници. ↩︎
- обесхрабрен работник: Некој кој се откажал од барање работа и го напуштил пазарот на трудот. ↩︎
- ограниченост: Состојба во која луѓето би сакале да имаат повеќе од едно добро или од еден ресурс отколку што тоа слободно е достапно од природата. Речиси сè она што го вреднуваме е ретко и ограничено и го нема во изобилие. ↩︎
- олигарх: Многу богат бизнис-лидер со големо политичко влијание (особено поединци кои имале корист од приватизацијата на државните индустриски капацитети по распадот на Советскиот Сојуз). ↩︎
- олигопол: Олигополот е пазарна структура која се карактеризира со мал број големи фирми кои доминираат на пазарот за одреден производ или за одредена услуга. ↩︎
- операции на отворен пазар: Купување и продажба на државни хартии од вредност (на пример обврзници) на отворен пазар од централната банка. ↩︎
- опортунитетни трошоци: Највисоко вреднуваното алтернативно добро или алтернативна активност која мора да биде жртвувана поради изборот на друга понудена опција. ↩︎
- осигурување врз основа на генерациска солидарност: Систем во кој едно лице или организација ги плаќа трошоците за нешто кога ќе се појават, а не пред или потоа. ↩︎
- отворен инвестициски фонд: Субјект кој ги здружува средствата на инвеститорите и ги канализира во различни категории на инвестиции. Постојат различни заеднички фондови, вклучувајќи акциски фондови, фондови за обврзници, фондови за недвижнини и фондови на пазарот на пари. ↩︎
- отворен инвестициски фонд кој вложува во акции: Субјект кој ги здружува средствата на инвеститорите и ги користи за купување пакет-акции. Заедничките фондови овозможуваат дури и малите инвеститори да поседуваат разновиден пакет-акции. ↩︎
- отворени пазари: Пазари на коишто понудувачите можат слободно да влезат и нема потреба владата да даде согласност или дозвола. ↩︎
- Оцената на кредитниот ризик на Експериан: Тоа е нумерички приказ на кредитната способност на поединецот врз основа на нивната кредитна историја и финансиско однесување, врз база на оценката направена со моделот за кредитно бодување на Експеријан (Experian). ↩︎
- пазарен неуспех: Ситуација во која структурата на стимулации е таква што пазарите ќе ги охрабрат поединците да преземаат активности кои не се во согласност со економската ефикасност. ↩︎
- пазар: Апстрактен концепт којшто ги опфаќа трговските аранжмани и пазарните трансакции помеѓу трговците (купувачите и продавачите) што се темалат врз силите на понудата и на побарувачката. ↩︎
- Пазарните сили: Информациите и стимулациите добиени преку пазарните цени; добивки и загуби што ги мотивираат купувачите и продавачите да ги координираат своите одлуки. ↩︎
- пазар на капитал: Широк термин за различни пазари каде што се купуваат и се продаваат инвестициите како што се акциите и обврзниците. ↩︎
- пари: Сето она што генерално е прифатено за плаќање стоки и услуги од купувачите и од продавачите; служи како средство за размена, чувар на вредноста и пресметковно средство (стандард на вредност). Карактеристики на парите се преносливост, стабилност во вредноста, униформност, трајност и прифаќање. ↩︎
- паритетот на куповната моќ: Паритет на куповната моќ (ПКМ) е економска теорија и метод што се користи за споредба на релативната вредност на валутите помеѓу различните земји. ПКМ се стапките на претворање на валутите што ја изедначуваат куповната моќ на различните валути со елиминирање на разликите во цените помеѓу земјите. ↩︎
- патент: Право или заштита што му дава на носителот на патентот единствено право да ги исклучи другите субјекти од правење, користење или од продажба на пронајдокот за одреден временски период.. ↩︎
- помалку развиени земји: Земји со ниски доходи по глава на жител, ниско ниво на образование, широко распространета неписменост и широко распространета примена на методи на производство кои главно се застарени во земјите со високи доходи. Тие понекогаш се нарекуваат земји во развој. ↩︎
- Понуда на пари: Понудата на високо ликвидни (лесно достапни) средства што се користат за купување добра и услуги. Понудата на пари обично ги вклучува готовите пари во оптек и депозитните пари. Други пошироки дефиниции вклучуваат и средства што лесно може да се конвертираат во платежни средства, како што се краткорочните и дел од долгорочните депозити. Може да се забележи дека кредитните картички не се дел од паричната маса. Ако овие средства се плаќаат на крајот на месецот, нивното вклучување во паричната маса би довело до двојно пресметување и со тоа би се зголемила несоодветно паричната маса. Интересна дебата е дали и кога централните банки ќе почнат да го вклучуваат биткоинот (и други сајбер-валути) како дел од паричната маса. ↩︎
- портфолио: Поседувањето заштеди, инвестиции и недвижен имот, како што е недвижен имот во сопственост на поединец или на финансиска институција. ↩︎
- посебен интерес: Личност, група или организација која се обидува да влијае врз владините одлуки за да има корист. ↩︎
- посредници: Луѓе кои купуваат и продаваат стоки или услуги или, пак, организираат трговски размени. Посредниците ги намалуваат трансакциските трошоци. ↩︎
- права на приватна сопственост: Права на сопственост кои исклучиво се поседувани од сопственикот или од група на сопственици и коишто можат да бидат пренесени на други лица по дискреција на сопственикот. ↩︎
- прашањето од посебен интерес: Прашање кое генерира значителни индивидуални придобивки за мало организирано малцинство додека наметнува мал индивидуален трошок за многумина други гласачи. ↩︎
- претприемач: Одлучувачот кој трага по профит и го презема ризикот за развој на иновативни пристапи и производи со очекување за остварување профит. Активностите на успешниот претприемач ќе ја зголемат вредноста на ресурсите. ↩︎
- приватни инвестиции: Текот на расходите на приватниот сектор за трајни средства (фиксни средства) плус додавања на залихи (инвестиции во залихи) во текот на одреден период. Овие расходи ја подобруваат нашата способност да обезбедиме придобивки за потрошувачите во иднина. ↩︎
- провизии на агентите за недвижнини: Надоместок платен на агент за недвижности или на брокер за нивните услуги – понекогаш процент од продажната цена, но и како различен модел на надомест. ↩︎
- продуктивност: Просек на произведени производи по работник во одреден временски период, обично мерен како производ по работен час. ↩︎
- производна функција: Производната функција на владата се однесува на обезбедување (1) правна и монетарна средина за непречено функционирање на пазарите и (2) неколку добра кои тешко се обезбедуваат преку пазарите. ↩︎
- професионално лиценцирање: Барање лице да добие дозвола од владата за да извршува одредени бизнис-активности или да работи во одредени занимања. ↩︎
- профит: Приходите ги надминуваат трошоците за производство. Трошоците ги вклучуваат опортунитетните трошоци на сите ресурси вклучени во процесот на производство, вклучувајќи ги и оние во сопственост на фирмата. Профитот се добива само кога вредноста на произведеното добро или на услугата е поголема од цената на ресурсите потребни за неговото производство. ↩︎
- работа без перспектива: Работа кај која веројатноста за кариерен развој и за напредување речиси е нула. ↩︎
- работна сила: Работната сила претставува збир на вработени и на невработени лица. Овие две групи на лица ја претставуваат тековната понуда на работна сила. ↩︎
- рамнотежа: Состојба во која спротивставените сили на понудата и на побарувачката се во рамнотежа. Кога пазарот е во рамнотежа, одлуките на потрошувачите и на производителите се доведуваат во хармонија и бараната количина ќе биде еднаква на количината понудена по пазарната цена по која понудената и бараната количина се исти. ↩︎
- растот на номиналниот БДП: Растот претставува процентуално зголемување на вредноста на сите стоки и услуги произведени од една економија во текот на одреден период, мерено по тековните пазарни цени. ↩︎
- рационално незнаење: Незнаењето на гласачите е резултат на фактот дека луѓето сметаат дека нивните поединечни гласови веројатно нема да бидат одлучувачки. Затоа, тие се рационални во тоа што имаат мал поттик да ги бараат информациите потребни за информирано гласање. ↩︎
- реална вредност: Вредноста коригирана за инфлација. ↩︎
- реален БДП: Го мери вкупниот економски производ на земјата за одреден временски период, прилагоден за инфлацијата, односно за настанатите промени во цените. ↩︎
- рентиери: Дејствија на поединци и интересните групи кои се насочени кон преструктурирање на јавната политика на начин што ќе резултира со директна или индиректна прераспределба на поголем приход кон себеси. ↩︎
- ресурс: Инпут којшто се користи за производство на економски добра и услуги. На пример, природни извори, човечки труд, вештини, претприемачки талент и капитал. Човековата историја претставува запис на нашата битка за претворање на расположливите, но ограничени, ресурси во добра и во услуги што би сакале да ги имаме (економски добра). ↩︎
- ресурси за производство: Инпутите коишто се користат за производство на стоки и на услуги (т.е. природни ресурси, човечки ресурси и капитални добра). ↩︎
- рецесија: Намалување на економската активност што се карактеризира со опаѓање на реалниот бруто-домашен производ (БДП). Според општоприфатената практика, економистите дефинираат рецесија во случај на намалување на реалниот БДП во два последователни квартали. ↩︎
- ризичен капиталист: Финансиски инвеститор кој е специјализиран за давање заеми на претприемачи со ветувачки бизнис-идеи. Овие идеи честопати имаат потенцијал за брз раст, но обично се и многу ризични и затоа не се квалификуваат за комерцијални банкарски кредити. ↩︎
- секундарни ефекти: Последиците од економските промени што не се препознатливи веднаш, но се чувствуваат само со текот на времето. ↩︎
- сертификат на пазарот на пари: Вид на штеден производ кој го издава банка или кредитна институција, а прибраните ваши пари понатака ги инвестира во различни инвестиции. ↩︎
- сертификат за депозит: Сертификат за штедење со фиксен датум на достасување и со одредена фиксна каматна стапка, кој може да се издаде во која било деноминација, освен минималните барања за инвестирање. Ваквите инструменти го ограничуваат пристапот до средствата до датумот на достасување на инвестицијата. Сертификати за депозит е терминот што се користи во Соединетите Држави. Слични инструменти постојат во повеќето земји иако името може да се разликува. Во ЕУ тие се познати како сметки со „фиксна стапка“ или „фиксен депозит“. ↩︎
- сертификација: Ги потврдува образованието, обуката и другите квалификации на поединецот. За разлика од лиценцирањето, сертификацијата не им забранува на несертифицираните лица да се натпреваруваат на пазарот. ↩︎
- слободен јавач: Некој кој има корист од колективен ресурс, колективна услуга или од колективни добро без праведно да придонесува за неговото обезбедување или одржување. ↩︎
- сложена камата: Камата која се заработува не само на главнината туку и на претходно заработената камата. ↩︎
- создавање на капитал: Производство на згради, машини, алати и на друга опрема која ќе ја зголеми идната продуктивност. Терминот, исто така, може да се примени на напорите за надградба на знаењето и на вештините на работниците (човечкиот капитал) и со тоа зголемување на нивната способност за производство во иднина. ↩︎
- социјализам: Низа од верувања и од убедувања дека сите луѓе се еднакви и поради тоа доходот на една земја треба еднакво да се распредели. Ова се однесува и на политичките системи кои се темелат на ваквите постулати. ↩︎
- специјализација: Специјализацијата е метод на производство при што субјектот се фокусира на производство на ограничен опсег на стоки за да добие поголем степен на ефикасност. ↩︎
- Стапка на екстремна сиромаштија: Стапката на екстремна сиромаштија е мерка што се користи за да се означи процентот на населението што живее под меѓународната граница на сиромаштија, што е дефиниранa од Светската банка како заработувачка која е помала од 2,15 американски долари дневно според цените од 2017 година прилагодени на куповната моќ. ↩︎
- стапка на умерена сиромаштија: Стапката на умерена сиромаштија се однесува на процентот на население кое живее под прагот на сиромаштија од 3,65 долари што е повисоко од границата на екстремната сиромаштија, но, сепак, укажува на низок животен стандард. Границата на сиромаштија од 3,65 долари е изведена од типичните национални граница на сиромаштија во земјите класифицирани како земји со низок среден доход. ↩︎
- стапка на заплена на имотот: Процентот на станбени хипотеки на кои заемодавачот го започнал процесот на преземање сопственост на имотот затоа што заемопримачот не ги извршил месечните исплати. ↩︎
- стапката на фертилитет која обезбедува замена: Бројот на раѓања по жена што ја одржува стабилна големината на популацијата со текот на времето. ↩︎
- стечај: Кога судот ќе процени дека должникот не е во состојба да ги изврши исплатите што му ги должи на доверителот. ↩︎
- стимулации: Очекуваните поволности и награди од преземените дејствa. Тие можат да бидат позитивни (преземеното дејствие е наградено) или негативни (преземеното дејство резултира со казна). ↩︎
- субвенции: Плаќање на владата или даночен кредит што им се обезбедува или на производителите или на потрошувачите на одредени стоки. Еден таков пример би бил плаќањата кон производителите на етанол во износ од 1,50 долари по галон. ↩︎
- супститути: Производи што задоволуваат слични или исти потреби. Зголемување на цената на едниот ќе предизвика зголемување на побарувачката за другиот производ, а падот на цената на едниот ќе предизвика пад на побарувачката за другиот производ (на пример, хамбургери и тако, путер и маргарин, Шевролет и Форд). ↩︎
- царински тарифи: Данок што се наплаќа на стоки увезени во една земја. ↩︎
- теорема на Коуз: Теорија што укажува дека преговорите за правата на сопственост водени помеѓу поединци или групи ќе доведат до оптимален и ефикасен резултат. ↩︎
- теорија на игри: Теоријата на игри е гранка на математиката и на економијата која ги проучува стратешките интеракции помеѓу рационалните носители на одлуки. Обезбедува рамка за анализа на ситуации во кои исходот од одлуката на поединецот не зависи само од нивните сопствени постапки, туку и од постапките на другите. ↩︎
- теоријата на случаен од: Теоријата дека сегашните цени на акциите веќе ги одразуваат сите познати информации за иднината. Затоа, идното движење на цените на акциите ќе биде детерминирано од изненадувачки појави, што ќе предизвика промена на цените на непредвидлив или на случаен начин. ↩︎
- трансакциски трошоци: Времето, напорот и другите ресурси потребни за пребарување, преговарање и за постигнување размена на стоки или на услуги. ↩︎
- трансфери на приходи: Плаќања од владата до физички и до правни лица кои не одговараат на услугите што ги пружаат примателите. Станува збор за средства оданочени од едни и префрлени на други. ↩︎
- трет сектор: Терминот чадор кој опфаќа низа различни организации со различни структури и цели, кои не припаѓаат ниту на јавниот сектор (т.е. државата) ниту на приватниот сектор (приватното претпријатие кое создава профит). ↩︎
- увозна квота: Одредена граница или максимална количина или вредност на добро што е дозволено да се увезе во земјата во текот на одреден временски период. ↩︎
- увоз: Купопродажба на стоки и на услуги меѓу резиденти и нерезиденти, каде што купувач е резидентот, а продавач нерезидентот. На кратко, купување стоки и услуги произведени од нерезиденти (странци), а купени од домашни купувачи. ↩︎
- Управуван отворен инвестициски фонд кој вложува во акции: Акциски заеднички фонд кој има портфолио менаџер кој одлучува кои акции ќе се чуваат во фондот и кога тие ќе се купат или продаваат. Истражувачкиот персонал генерално обезбедува поддршка за менаџерот на фондот. ↩︎
- устав: Тело на фундаментални принципи или воспоставени правила според кои се признава дека се управува со една држава или со некоја друга организација. ↩︎
- FiCO оцена на кредитен ризик: Оваа оцена (скор) ја користат заемодавачите за да им помогне да донесат точни, сигурни и брзи одлуки за кредитниот ризик низ животниот циклус на клиентите. Кредитниот резултат ги рангира клиентите според тоа колку е веројатно да ги платат своите кредитни обврски како што е договорено. ↩︎
- физички капитал: Ресурси создадени од човекот (како што се алатки, опрема и конструкции) што се користат за производство на други добра и услуги. Тие ја подобруваат нашата способност да произведуваме во иднина. ↩︎
- фондови со кои се тргува на берза (ETF): Инвестициски фондови со кои се тргува на берзите, слично како индивидуалните акции. Тие се дизајнирани да ги следат перформансите на одреден индекс, стока, сектор или на класа на средства. ЕТФ им нуди на инвеститорите изложеност на разновидно портфолио на средства, слично на заедничките фондови, но тие се тргуваат во текот на денот на берзите по пазарно одредени цени. ↩︎
- хиперинфлација: Состојба кога цените на сите добра и услуги во националната економија се зголемуваат многу брзо и неконтролирано. Луѓето сè уште дебатираат кога високата и забрзана инфлација преминува во хиперинфлација (зголемување на цените за 50 % или дури за 100 % или, пак, повеќе во рок од една година). ↩︎
- хипотеза на „скршен прозорец“: Теорија што укажува на тоа дека видливите знаци на неред и на запоставување на животната средина може да доведат до зголемување на ситниот и на сериозниот криминал. ↩︎
- хипотека: Инструмент кој се користи за земање заем со заложување на некое средство како гаранција, како што е куќата. Ова средство служи како обезбедување. Доколку заемот не биде вратен како што е договорено, кредиторот може да го продаде средството за да го покрие неплатениот остаток од заемот. ↩︎
- човечки капитал: Способностите, вештините и здравјето на луѓето кои придонесуваат за производството на сегашното и на идното производство. Инвестирањето во обука и во образование може да ја зголеми понудата на човечки капитал. ↩︎
- штедење: Делот од доходот по оданочување што не е искористен за потрошувачка. ↩︎