Елемент 1.9: Внимавајте на несаканите последици
При правењето избори или при утврдувањето на политиките за економијата, образованието или за здравството, за општеството е најдобро да избира луѓе кои се особено вредни, интелигентни и заинтересирани за долгорочно размислување.
Во 1946 година, Хенри Хазлит, познат економски новинар, напишал книга под наслов Економија во една лекција. Овој економски прирачник, којшто се базира на еден есеј од 1850 година на Фредерик Бастија, француски економист и пратеник во францускиот парламент, е можеби најпродаваниот трактат за економија на сите времиња.
Книгата започнува со приказната за едно младо момче коешто со топка му го скршило излогот на еден трговец. Како резултат на тоа, трговецот најмува стаклар за да го поправи. Некои набљудувачи, гледајќи го работењето на стакларот, тврдат дека скршениот излог е добра работа. Му отвори работа на стакларот. Сепак, како што нагласува Хазлит, ова е кратковидо размислување бидејќи ги игнорира секундарните ефекти.
Ако трговецот не ги потрошел средствата за поправка на излогот, би ги потрошил на други работи, можеби за пар чевли, за нова облека или слични добра. Ако излогот не беше скршен, вработеноста во овие други области на производството би била поголема. Заедницата би ги имала и излогот и добрата купени од трговецот. Откако ќе се разгледаат секундарните ефекти, јасно е дека деструктивните дејства, како што е скршениот излог или оние што се резултат на поплави, урагани и на контрапродуктивни политики, му штетат на општеството. Тие ја намалуваат достапноста на добрата и не ја зголемуваат нето-вработеноста: работните места отворени на едно место се губат во други области. Ставот дека деструктивните дејствија создаваат вработување и се добри за економијата сега е познат како „заблуда на скршениот прозорец“, што подетално ќе ја разгледаме во делот 1-11.
Едната лекција на Хазлит е дека при анализата на една економска понуда, човекот
. . . мора да ги следи не само непосредните резултати, туку и долгорочните резултати, не само примарните, туку и секундарните последици, и не само ефектите врз некоја посебна група, туку ефектите врз сите.(12)
Хазлит тврди дека игнорирањето на идните ефекти од денешните политики е најчеста грешка при носењето јавни економски одлуки. Пишувал опширно за економијата за време на Големата депресија во 1930-тите. Тој ја истакнал, особено во политиката, тенденцијата да се потенцираат краткорочните придобивки од некоја политика, а притоа да се игнорираат долгорочните, честопати несакани последици.
Да разгледаме неколку примери коишто ја илустрираат потенцијалната важност на секундарните ефекти. Во обид да се намали потрошувачката на бензин, различни влади наложуваат автомобилите да бидат поекономични, со наметнување повисока акциза за возилата со поголема тежина и поголеми мотори. Дали ваквата регулатива е добра политика? Можеби е така, но мора да се земат предвид секундарните ефекти кога се оценува целокупното влијание на политиката.
За да се постигне задолжителната економичност при потрошувачката на гориво, производителите на автомобили ги намалија големината и тежината на автомобилите, правејќи ги понебезбедни при судари. Како резултат на тоа, има повеќе смртни случаи на автопатите отколку што инаку би се случиле. Понатаму, бидејќи повисоките стандарди за километражата за автомобилите и за лесните камиони го прават возењето поевтино, луѓето имаат тенденција да возат повеќе отколку што инаку би возеле. На овој начин се зголемува метежот и се добива помало намалување на потрошувачката на бензин од првично проектираното. Откако ќе ги земете предвид секундарните ефекти, регулативите за економичност во потрошувачката на гориво се помалку се корисни од проекциите на нивните поддржувачи. Тие може да бидат дури и контрапродуктивни.
Поддржувачите на трговските ограничувања, како што се царински тарифи и увозните квоти, честопати тврдат дека тие ја зголемуваат вработеноста. Ова може да биде точно во индустриите што се заштитени од меѓународна конкуренција. Но, земањето предвид на секундарните ефекти врз однесувањето на потрошувачите и делувањето врз другите индустрии сериозно треба да го доведе во прашање мислењето дека ограничувањата ја зголемуваат вкупната вработеност.
Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на Европската Унија, донесена во 1962 година, ја ограничува продажбата на земјоделски производи произведени во странство преку наметнати квоти и царински тарифи. Помеѓу другите нејзини цели, ЗЗП се стреми да ги поддржи земјоделците, да ја подобри земјоделската продуктивност и да осигури стабилно снабдување со евтина храна. Несомнено, на крајот секторот станува поголем отколку што инаку би бил. Но, што е со секундарните ефекти? Зарем не треба и тие да се земат предвид?
Буџетските расходи за ЗЗП, во износ од 386,6 милијарди евра од буџетот на ЕУ (2021-2027) имаат последици кои се протегаат надвор од земјоделскиот сектор. Тие ги истиснуваат потенцијалните распределби за други европски активности за јавни добра, попречувајќи ја разновидната примена на фондовите на ЕУ. Истовремено, заштитата на границите ги одржува локалните цени на повисоко ниво во однос на конкурентните цени. Поддржувачите тврдат дека ЗЗП придонесува за одржување на земјоделскиот и на прехранбениот сектор на ЕУ до 8 % поголем отколку ако ЗЗП не постоеше. Следствено, потрошувачите во ЕУ плаќаат повеќе за земјоделските производи. Поединечни семејства сметаат дека плаќаат двапати за својата храна. Плаќаат повисоки цени поради протекционистичкиот пристап во земјоделскиот сектор кој ги зголемува цените во продавниците. Дополнително, преку даноците тие учествуваат во субвенциите за поддршка на земјоделскиот сектор. Понатаму, ЗЗП индиректно влијае врз другите фирми што се вклучени во производството на храна преку преработка на земјоделски производи. Бидејќи странците продаваат помалку земјоделски производи на пазарот на ЕУ, тие имаат помала куповна моќ да го купат тоа што се извезува од ЕУ. Ова, пак, ја намалува вработеноста во ЕУ.
Кога ќе се земат предвид секундарните ефекти од трговските ограничувања, како што е ЗЗП на ЕУ, нема причина да се очекува зголемување на нето-вработеноста во ЕУ. Можеби ќе има повеќе работни места во фаворизираните индустрии, но ќе има помалку вработувања во другите. Трговските ограничувања ја прераспределуваат вработеноста наместо да ја зголемуваат. Јасно е дека кога се оценуваат политиките, компетентното разгледување на секундарните ефекти е важен дел од економскиот начин на размислување.
Секундарните ефекти не се само проблем при политичкото одлучување. Тие можат да доведат и до неочекувани исходи за поединци. Искуството на една наставничка во прво одделение во Западна Вирџинија го илустрира следново. Нејзините ученици постојано ги губеле моливите, па таа размислувала дека ако им плати 10 центи по потрошен молив ќе ги поттикне да ги чуваат моливите додека не се потрошат. На нејзино разочарување, учениците набрзо почнале постојано да ги острат моливите за да ги потрошат побрзо. Во еден познат експеримент, двајца економисти проучувале што се случило кога еден центар за дневен престој во Израел одлучил да почне да им наплаќа на родителите коишто ќе задоцнат да ги земат своите деца. Откако сфатиле дека станува збор за мал паричен надомест, наместо да се засрамат за доцнењето, бројот на родителите кои доцнеле значително се зголемил. Покрај овие докази, на почетокот на 2024 година, едно училиште во Колорадо објавило дека родителите коишто ќе задоцнат помеѓу 1 и 5 минути ќе платат казна од 10 долари, а оние коишто ќе задоцнат повеќе, ќе платат 35 долари. Не треба да сте економски гениј за да предвидите што ќе се случи со сообраќајните несреќи во таа населба! Секогаш неопходно е да се имаат предвид несаканите последици!