Економија на здравиот разум

Елемент 3.5: Донесување правила за ограничување на влијанието на посебните интереси

Кога купувањето и продавањето се контролирани од законодавните тела, првите нешта што се купуваат и се продаваат се законодавците.

П. Џ. О'Рурк
Cartoon of a bedraggled overweight man standing in a doorway. Banknotes are stuffed into his shirt, his belt, and his trouser turn-ups and his briefcase and folder are overflowing with cash. He looks at his bewildered wife and says: “Honey, you’ll never guess what just happened! On my way home from work, I was corrupted by several obscure but powerful special interest groups!”
Мила, никогаш нема да погодиш што се случи! На враќање дома од
работа, бев корумпиран од неколку нејасни, но моќни специјални групи
на интереси!

Демократски избраните функционери честопати може да имаат корист од поддршката на политиките коишто ги фаворизираат групите од посебен интерес на сметка на пошироката јавност. Замислете политика којашто генерира значителна лична добивка за членовите на добро организирана група (на пример, здружение коешто застапува бизнис интереси, членови на синдикат или фарма) на сметка на пошироките интереси на даночните обврзници или на потрошувачите. Додека организираната интересна група има помалку членови од вкупниот број даночни обврзници или потрошувачи, личните придобивки коишто ги добиваат нивните членови од фаворизираната политика генерално се големи. Спротивно на тоа, додека многу даночни обврзници и потрошувачи се оштетени од политиката, трошокот којшто се наметнува на секој од нив е мал, а изворот на трошокот честопати е тешко да се идентификува.

Бидејќи личниот удел на членовите на интересните групи е значителен, тие имаат силен поттик да формираат сојузи за да им го презентираат на кандидатите и на законодавците својот став за одредено прашање. Многумина членови на интересните групи ќе одлучат за кого да гласаат и кого финансиски да поддржат речиси исклучиво врз основа на ставот на еден политичар за одредени прашања коишто се од посебно значење за нив. Спротивно на тоа, како што покажува ефектот на рационално незнаење, најголемиот дел од гласачите генерално ќе бидат неинформирани и нема да се грижат многу за штетата што произлегува од прашањето од посебен интерес, со оглед на неговото минимално влијание врз нивната лична благосостојба.

Ако сте политичар кој бара гласови, што би направиле? Јасно е дека нема да добиете голема поддршка во кампањата со фаворизирање на интересите на главно неинформираното и неорганизирано мнозинство. Но, можете да добиете гласни поддржувачи, активисти во кампањата и, што е најважно, придонеси во кампањата со фаворизирање на позицијата од посебен интерес. Во оваа ера на медиумска политика, политичарите се под силен притисок да поддржат посебни интереси, да ги искористат за прибирање средства за кампањи и да ги искористат придонесите за да проектираат позитивна слика за кандидатот на телевизија и на интернет. Политичарите коишто не се подготвени да ја играат оваа игра – оние коишто не сакаат да ја користат државната каса за да им обезбедат услуги на добро организираните интересни групи во замена за политичка поддршка – сериозно заостануваат. Со оглед на овие поттикнувачки механизми, политичарите како да ги води невидлива политичка рака да ги одразуваат ставовите на групите од посебен интерес, иако тоа честопати води кон политики коишто, збирно за сите гласачи, трошат ресурси и го намалуваат нивниот животен стандард. Економистите ја нарекуваат оваа пристрасност во политичкиот процес ефект од посебен интерес.

Моќта на посебните интереси дополнително се зајакнува со заемно договарање на политичарите и законодавството „свинско буре“. Заемно договарање на политичарите е практика на тргување со гласови меѓу политичарите за да се добие потребната поддршка за донесување на посакуваното законодавство. Законодавство „свинско буре“ е здружување на неповрзани проекти што се во корист на многу интереси во еден закон. И заемното договарање на политичарите и законодавството „свинско буре“ честопати овозможуваат контрапродуктивни проекти коишто се од корист на концентрирани интереси да добијат законодавно одобрение.

На сликата 20 е прикажано како политиката „свинско буре“ и тргувањето со гласови го зајакнуваат ефектот од посебен интерес и водат до усвојување контрапродуктивни проекти. Во овој едноставен пример, петчлено законодавно тело разгледува три проекта: (1) изградба на спортски стадион во Областа А; (2) изградба на затворена прашума во Областа Б; и (3) субвенции за етанол коишто генерираат придобивки за одгледувачите на пченка од Областа В. За секоја област, прикажана е нето-придобивка или трошок – т.е. придобивка за областа минус даночниот трошок којшто произлегува од неа. Вкупните трошоци за секој од трите проекта ја надминуваат придобивката (како што е прикажано со негативниот број во редот Вкупно на дното на сликата 20). Затоа, секој од нив е контрапродуктивен. Доколку за овие контрапродуктивни проекти се гласа посебно, секој од нив ќе загуби со гласови четири спрема еден, бидејќи за секоја опција, само една област ќе добие глас за, а другите четири ќе гласаат против. Меѓутоа, ако проектите се стават во пакет преку заемно договарање на политичарите (претставниците А, Б и В би можеле да се согласат да тргуваат со гласови) или преку законодавството „свинско буре“ (сите три програми би можеле да се вклучат во еден закон), сите можат да бидат изгласани иако сите се неефикасни. Ова може да се види ако се забележи дека вкупната комбинирана нето-придобивка е позитивна за претставниците А, Б и В. Со оглед на слабата стимулација за да се информираат гласачите, оние коишто се оштетени од законодавството „свинско буре“ и други политики од посебен интерес (како што се Г и Д, во овој случај) веројатно нема да бидат свесни за нив. Следствено, стимулацијата за поддршка на проекти од посебен интерес, вклучително и на оние коишто се контрапродуктивни, е уште поголема отколку што се гледа од едноставниот нумерички пример на сликата 20.

Слика 20: Тргување со гласови и донесување контрапродуктивно законодавство

Нето-придобивки (+) или трошоци (-) за гласачите во области со еднаква големина
Гласачи во област Спортски стадион Проект за затворена прашума Субвенција за етанол Вкупно
A $100 -$30 -$30 $40
Б -$30 $100 -$30 $40
В -$30 -$30 $100 $40
Г -$30 -$30 -$30 -$90
Д -$30 -$30 -$30 -$90
Вкупно -$20 -$20 -$20 -$60

Пазарната размена е активност во која двете страни добиваат, со позитивна вредност за сите. Двајцата трговски партнери очекуваат добивка или нема да дојде до размена. Спротивно на тоа, „политичката размена“ може да е активност со негативна вредност во која некој добива, а некој губи, при што гласачкото мнозинство добива, но гласачкото малцинството губи повеќе. Тука, не постои гаранција дека користа на победниците ќе ги надмине загубите наметнати на другите.

Тенденцијата на неограничениот политички процес да фаворизира добро организирани групи помага да се објасни присуството на многу програми коишто ја намалуваат големината на економскиот колач. Да го земеме случајот со околу 20.000 американски производители на шеќер. Со години, цената на шеќерот којашто ја плаќаат американските потрошувачи е 50-100 проценти повисока од цената на шеќерот на светскиот пазар поради програмата за поддршка на цените на федералната влада и високо рестриктивните квоти коишто го ограничуваат увозот на шеќер. Како резултат на овие програми, производителите на шеќер добиваат околу 1,7 милијарди американски долари или приближно 85.000 американски долари по одгледувач. Повеќето од овие средства ги добиваат големите одгледувачи чиишто сопственици остваруваат приходи далеку над националниот просек. Од друга страна, секоја година потрошувачите на шеќер плаќаат помеѓу 2,9 и 3,5 милијарди американски долари, или приближно 25 американски долари по домаќинство, во форма на повисоки цени на шеќерот.(89) Во последниве години, производителите на кондиторски производи и другите големи корисници на шеќер се преселија во Канада, Мексико и во други земји каде што може да се купи шеќер по цената утврдена на светскиот пазар. Илустрирајќи ја нашата претходна дискусија за трговијата, увозните ограничувања коишто ги „спасија“ работните места во индустријата за одгледување шеќер предизвикаа губење на работни места во другите индустрии, особено оние коишто интензивно користат шеќер.

Сето тоа не е поволно за Американците нивните ресурси се трошат неефикасно за производство на нешто за што Американците не се погодни да го произведат и што може да се добие по значително пониска цена преку трговијата.

Сепак, Конгресот продолжува да ја поддржува програмата за шеќер, а очигледно е зошто. Со оглед на големото влијание врз нивното лично богатство, сосема е разумно за производителите на шеќер, особено за големите производители, да ги искористат своето богатство и своето политичко влијание за да им помогнат на политичарите коишто ги поддржуваат нивните интереси. И тие го прават токму тоа. За време на секој изборен циклус, шеќерното лоби и производителите на шеќер даваат придонеси вредни милиони и милиони долари на демократските и републиканските кандидати и на политичките комитети. Придонесите што ги дава една фирма, Американ кристал шугар компани (American Crystal Sugar Company), обично изнесуваат околу една третина од вкупните придонеси. Спротивно на тоа, би било нерационално просечниот гласач да го истражува ова прашање или да му даде некакво големо значење кога носи одлука за кого да гласа. Всушност, поголемиот дел гласачи не се ни свесни дека оваа програма ги чини пари. Така, политичарите добиваат со тоа што продолжуваат да ја субвенционираат шеќерната индустрија иако политиката ги троши ресурсите и го намалува богатството на нацијата.

По Втората светска војна, британската Влада спроведе низа субвенции за поддршка на индустријата за ископување јаглен, за која се сметаше дека е од клучно значење за економијата и за енергетската безбедност на нацијата. Субвенциите беа насочени кон одржување на нивото на производство на јаглен, зачувување на работните места во рударските заедници и кон осигурување стабилно снабдување со енергија за индустриска употреба и за употреба во домаќинствата. Сепак, и покрај значителната финансиска поддршка од Владата, програмата за субвенционирање на ископувањето јаглен се соочи со неколку предизвици и на крајот не ги постигна своите цели. Субвенциите создадоа зависност меѓу заедниците за ископување јаглен, обесхрабрувајќи ги иновациите и диверзификацијата на локалните економии. Наместо да се олесни транзицијата кон одржливи индустрии, субвенциите ја продолжија економската стагнација на рударските региони и придонесоа за појава на социјални и на економски нееднаквости. Програмата за субвенционирање на ископувањето јаглен во Обединетото Кралство служи како предупредувачки пример за тоа како владината интервенција во форма на субвенции може да фаворизира одредени групи, но да не успее да одговори на основните структурни предизвици или да ги постигне долгорочните економски цели.(90)

Ефектот на посебените интереси честопати води до контрапродуктивни владини мерки коишто фаворизираат одредени индустрии пред потрошувачите. Американскиот Закон за трговска поморска пловидба е уште еден пример за тоа. Овој закон, донесен во 1920 година, наложува дека стоките коишто се испраќаат од едно до друго американско пристаниште мора да се транспортираат на бродови изградени во САД, во сопственост на американска фирма, и дека најмалку три четвртини од членовите на екипажот на секој брод мора да бидат Американци. Но, трошоците за изградба на модерни прекуокеански бродови во САД и нивно управување првенствено од американски екипаж честопати двојно или дури тројно ги зголемуваат трошоците за транспорт. Иако Законот им користи на оние во американската транспортна индустрија, тој ги зголемува трошоците за транспорт на производи меѓу американските градови, а со тоа им штети на американските потрошувачи.

Поради тоа, стоката којашто може поекономично да се транспортира по воден пат се испраќа преку железница, камиони или по воздушен пат. Покрај тоа, пратките меѓу американските градови честопати се пренасочуваат преку странско пристаниште за да се избегнат правилата и да се остварат добивки од пониските трошоци за транспорт на странските бродови. На пример, пратки до и од градовите на крајбрежјето на заливите на САД, како Хјустон или Њу Орлеанс, кон градовите на источниот брег, како Њујорк и Бостон, честопати се пренасочуваат преку земји како Јамајка и Бахамите. Слично на тоа, бродовите за крстарење од градовите на западниот брег до Алјаска застануваат во Канада. Овие заобиколници не само што ги зголемуваат трошоците, туку и трошат гориво и загадуваат повеќе од вообичаено.

Повисоките трошоци за транспорт коишто произлегуваат од Законот за трговска поморска пловидба особено се штетни за оние коишто живеат во Алјаска и на Хаваи бидејќи тие немаат многу алтернативи освен користење американски бродови за набавка и за продажба на стоки. Зошто овој крајно неефикасен закон не е укинат? Одговорот е очигледен. Концентрираните интереси во транспортниот бизнис имаат поголемо политичко влијание отколку неорганизираните потрошувачи коишто се оштетени од законодавството.

Примарната активност на модерната политика се сведе на извлекување ресурси од пошироката јавност за да се обезбеди корист за добро организирани гласачки блокови на начин на којшто ќе се создаде гласачко мнозинство во законодавното тело. Размислете за следново: даночните обврзници и потрошувачите трошат приближно 20 милијарди американски долари годишно за поддршка на програмите за жито, памук, тутун, кикиритки, волна и за млечни производи, кои имаат структура слична како и програмите за шеќер. Политичката моќ на посебните интереси го објаснува и присуството на царински тарифи и на квоти за челик, чевли, текстил и за многу други производи. Проекти за наводнување финансирани на федерално ниво, финансиска помош од банките и субвенции за спортски стадиони, производители на етанол и аеродроми во одредени области – списокот оди до недоглед – сите се политики што се мотивирани политички од ефектот од посебен интерес, а не од нето-придобивките за Американците.

Слични случаи на владини мерки коишто фаворизираат одредени индустрии пред потрошувачите може да се најдат низ целиот свет. На пример, неколку европски земји, како што се Франција и Германија, имаат долга историја на обезбедување финансиска поддршка за своите национални авиокомпании, како што се Ер Франс (Air France) и Луфтханза (Lufthansa),(91) преку различни форми на субвенции. Овие субвенции честопати се насочени кон одржување на конкурентноста на глобалниот воздухопловен пазар, зачувување на работните места и кон поддршка на националната гордост во поседувањето водечки авиопревозник. Меѓутоа, може да се каже дека овие субвенции ја нарушуваат конкуренцијата во воздухопловниот сектор обезбедувајќи нефер предност на одредени авиокомпании, особено на националните авиопревозници, во однос на нивните конкуренти, вклучително и нискобуџетните авиопревозници и авиокомпаниите надвор од ЕУ. Ова може да доведе до повисоки цени на билетите за клиентите, како и до намален избор и до намалени иновации во воздушниот сообраќај.

Она што е иронично е дека програмата за субвенционирање, честопати промовирана во име на правичноста, речиси никогаш не ја постигнува целта и неретко има спротивен ефект. Во 2014 година, помалку од 20 проценти од египетските субвенции за храна им беа од корист на сиромашните луѓе. Субвенциите за бензин во повеќето земји се во корист на средната класа, додека сиромашните пешачат или користат јавен превоз. Во Индија, помалку од 0,1 процент од руралните субвенции за течен нафтен гас (ТНГ) оди за најсиромашниот квинтил, додека 52,6 проценти одат за најбогатите. Во светот, многу помалку од 20 проценти од субвенциите за фосилни горива се во корист на најсиромашните 20 проценти од населението.(92) Иако секоја од овие програми претставува само мало оптоварување на економиите, заедно тие ги зголемуваат државните буџетски дефицити, ги трошат ресурсите и значително го намалуваат животниот стандард. Како што можете да видите од овие примери, секогаш политичката моќ на посебни интереси го објаснува присуството на директни субвенции, царински тарифи или квоти за одредени производи, а сите овие видови политики политички се мотивирани за ефект од посебен интерес, отколку за носење нето-придобивки за целокупното население.

Ефектот на посебен интерес има тенденција и да ги задуши иновациите и да го ограничи конкурентниот процес. Постарите, поафирмирани бизниси со посилна историја на политички придонеси, подобро познавање на техниките на лобирање и поблиски односи со моќни политички фигури, очекувано, имаат поголемо политичко влијание отколку новите стартап компании, претприемачи и семејни бизниси. Тие ќе го искористат своето влијание за да ги одвратат новите ривали и да ги уништат иновациите што им се закануваат.

Да го земеме за пример искуството на Убер, којшто користи технологија за да ги спои возачите со потенцијалните патници коишто користат копнен транспорт. Потрошувачите на кои им е потребен копнен транспорт бараат автомобили преку своите паметни уреди, а апликацијата Убер веднаш им нуди цена, време на чекање и опции за споделување на возењето и следствено на тоа – на трошоците. Убер обезбедува и повратни информации за возачите на потенцијалните патници и обратно. Технологијата ги намалува трансакциските трошоци. Процесот на пристигнување до и од одредена локација честопати е побрз и поевтин од традиционалните такси-услуги. Кога Убер влезе на пазарите во големите градови ширум светот, традиционалната такси-индустрија се бореше и честопати успеваше да издејствува донесување законска регулатива со која се забранува употребата на технологијата за споделување возење, спречувајќи ги патниците да се возат по пониски цени и многумина возачи да заработуваат приход.(93) Како резултат на тоа, придобивките од оваа иновативна технологија и од проширување на обемот на размена беа забавени, но не за долго. На крајот потрошувачите победија. Сега, постои цела плејада услуги за споделување возење низ целиот свет.

Искуството на Тесла, производител на електрични автомобили, е уште еден пример каде што постојните производители го користат политичкиот процес за да го спречат влезот на нови играчи. Деловниот модел на Тесла се засноваше на продажба на нивните автомобили директно на потрошувачите. Но, добро организирана интересна група – етаблирани продавачи на автомобили – лобираше кај државните законодавни тела барајќи да донесат закони со кои ќе им забранат на производителите да ги продаваат своите автомобили директно на потрошувачите. Приближно половина од државите донесоа забрани за такви директни продажби. Овие закони во голема мера го отежнаа патот на Тесла да влезе на пазарот за производство на автомобили.

Еден особено штетен тип на влијание од посебен интерес за владината политика, што особено беше забележан во првите години по падот на комунизмот, вклучуваше високи царински тарифи и ограничувања на девизните размени коишто ги штитеа моќните конзервативни домашни производители на сметка на потрошувачите. Узбекистан, на пример, практикуваше ограничувања на девизната размена за да го намали обемот на увоз во периодот 1996-2003 и 2007-2016 година, што доведе до повисоки домашни цени. Олабавувањето на овие ограничувања значеше дека потрошувачите имаат корист од поголемиот избор, подобрувањето на квалитетот на стоките и од намалените цени. Производителите коишто му конкурираа на зголемениот увоз беа на губитничката страна со слаби индустрии принудени да го напуштат пазарот. Иако ова може да создаде загуби за домашната индустрија на краткорочен план, сепак, земјата има поголеми придобивки на долгорочен план, бидејќи е специјализирана во областите со конкурентна предност. Да повториме, она што е важно е дека оние коишто имаат корист се дифузни, тешко се организираат и можеби дури и не се свесни за можностите коишто им се ускратени, додека оние коишто веќе не се конкурентни постојано се свесни за своите потенцијални загуби. Тие лесно се мотивираат да се обидат да влијаат врз политиката преку законско лобирање и придонеси во кампањите или дури и преку поткуп и други форми на корупција.

Ефектот од посебен интерес е главен извор на растот на владини и на контрапродуктивни политички мерки. Политичарите трошат многу време грижејќи се за интересните групи и барајќи политички придонеси, а потоа ги користат средствата за остварување одредени тесни интереси, наместо интересите на општеството. Односот меѓу носителите на политички одлуки и интересните групи не само што е главен извор на економска неефикасност, туку и ја контаминира и ја слабее политичката демократија.

Креаторите на Уставот на САД ги разбрале проблемите коишто произлегуваат од моќта на посебните интереси. Интересните групи ги нарекоа „фракции“. Уставот настојувал да го ограничи нивниот пристап до федералниот трезор. Во член I, Дел 8 се наведува дека Конгресот треба да наметне даноци само за програмите коишто ги унапредуваат заедничката одбрана и општата благосостојба. Долги години, оваа клаузула ја ограничувала употребата на општите даночни приходи за обезбедување придобивки за одредени подгрупи на населението на сметка на општото население. Меѓутоа, со текот на времето, судските одлуки и законските акти го променија нејзиното значење. Следствено, според сегашното толкување, Уставот нема големо влијание за одвраќање на политичката моќ на добро организираните интересни групи.