Економија на здравиот разум

Елемент 1.4: Доброволната трговија го поттикнува економскиот напредок

Ја критикуваме трговската размена, но историчарите ќе сфатат дека тоа е принципот на слободата.

Ралф Валдо Емерсон

Основата на доброволната трговија е остварувањето заемна добивка. Луѓето се согласуваат да направат размена бидејќи очекуваат тоа да ја подобри нивната благосостојба. Доброволна трговска размена е трансакција во која двете страни победуваат. Двете страни добиваат повеќе отколку што се откажуваат; кога не би било така, не би се согласиле на размена. Оваа активност со позитивна вредност му овозможува на секој од трговските партнери да добие повеќе од она што го вреднува по релативно ниска цена. Постојат три главни извори на добивка од трговската размена.

Прво, трговската размена ги придвижува стоките од оние кои ги ценат помалку кон оние кои ги ценат повеќе. Следствено, трговската размена може да ја зголеми вредноста на стоките дури и кога не се произведува ништо ново. На пример, кога се купуваат и се продаваат користени стоки, размената не ја зголемува количината на достапни стоки (како во случајот со нови производи). Но, трговската размена создава вредност со придвижувањето на производите кон купувачите кои ги ценат повеќе од продавачите. Двете страни добиваат. Во спротивно, не би дошло до доброволна размена.

Преференциите, знаењето и целите на луѓето многу се различни. Еден производ којшто практично е безвреден за еден човек може да биде скапоцен камен за друг. Стручна литература за вештачка интелигенција можеби нема да му вреди ништо на еден колекционер на уметнички дела, но ќе вреди стотици долари за еден инженер. Слично на тоа, една слика која не му вреди многу на еден инженер може да биде високо ценета од еден колекционер на уметнички дела. Некој болен од рак може да биде подготвен да плати илјадници долари (или повеќе) за лек што ќе му го спаси животот којшто, пак, има негативна вредност (поради несаканите ефекти) за едно здраво лице. Доброволната размена што ќе ја придвижи книгата за вештачката интелигенција кон инженерот и сликата кон колекционерот на уметнички дела, ќе ја зголеми нето-користа што произлегува од двете стоки. Трговската размена ќе го зголеми богатството и на луѓето и на нивната нација. Богатството на нацијата не е одредено само од количината на стоки и на услуги што ги произведува таа нација, туку и како тие стоки и услуги се распределуваат за создавање вредност.

Второ, трговската размена ги проширува можностите за производство и за потрошувачка. Трговските партнери ќе можат да произведат повеќе производи кога секој од нив ќе биде специјализиран за производство на производи што можат да ги произведат со ниски опортунитетни трошоци, а сè друго набавуваат преку трговска размена. Кога луѓето ќе се специјализираат, тие потоа можат да ги продаваат овие производи на други. Остварените приходи може да се користат за набавка на стоки кои би биле скапи за тие да ги произведуваат. Ваквата специјализација и доброволната размена им овозможува на луѓето да произведуваат поголеми количини на стоки и на услуги отколку што би било возможно поинаку. Економистите го нарекуваат овој принцип закон за компаративна предност. Овој закон се применува на трговската размена меѓу поединци, компании, региони и држави.

Законот за компаративна предност е чист здрав разум. Ако некој може да ви обезбеди производ по пониска цена (сетете се, сите трошоци се опортунитетни трошоци) отколку што би можеле самите да го набавите, доброволната трговска размена има смисла. Потоа можете да ги искористите вашето време и вашите ресурси за да произведете повеќе работи за кои вие сте добавувач со пониска цена. Со други зборови, произведувајте го она што го произведувате најдобро, а вршете трговска размена за сѐ друго. Како резултат на тоа, вие и вашите трговски партнери ќе имате заемни придобивки од специјализацијата и од трговската размена, што ќе доведе до поголемо вкупно производство, повисоки приходи и до повисок животен стандард. Од друга стана, доколку се обидувате да произведувате сè сами и да бидете самодоволни, ќе биде потребно да ги користите вашето време, способности и богатствата за да произведете многу работи за кои сте добавувач со висока цена. Како последица на тоа ќе имате помало производство и пониски приходи, притоа жртвувајќи ги производите и придобивките што другите можат да ви ги понудат.

На пример, иако повеќето доктори би можеле да бидат добри при водење евиденција и при договарање прегледи, општо земено во најдобар интерес на сите е да ангажираат некого за извршување на овие услуги. Времето што докторите би го користеле за водење евиденција е време кое би можеле да го искористат на грижа за пациентите. Бидејќи времето со пациентите вреди многу, опортунитетниот трошок за докторите да водат евиденција ќе биде висок. Така, докторите речиси секогаш ќе увидат дека ангажирањето специјалисти за управување со нивната евиденција е поволно за нив, за нивниот персонал и, што е најважно, за нивните пациенти. Освен тоа, кога докторите ќе се специјализираат за обезбедување лекарски услуги и ќе ангажираат други лица со компаративна предност во водење евиденција и за управување со нивната ординација, трошоците ќе бидат помали, услугите ќе бидат подобри, а комбинираниот резултат во здравствената заштита ќе биде поголем. Возможно е да се одгледува вино во Сибир во големи оранжерии, возможно е доволно да се изладат езерцата за да се одгледува арктичка пастрмка во Азербејџан, но зошто да се мачиме кога би било толку лесно да се направи едноставна размена!

Трето, доброволната размена им овозможува на компаниите да остварат пониски трошоци по единица производ со усвојување методи на производство со голем обем. Трговската размена им овозможува на компаниите да ги прошират своите пазарни области за да можат да планираат поголемо производство и да усвојат процеси кои ги користат предностите на економиите на обем, како што се случи по 1989 година кога соковите од Молдавија влегоа на глобалниот пазар. Ваквите процеси честопати доведуваат до значително помали трошоци по единица производ и до енормно зголемување на производството по работник. Без трговската размена, овие добивки не би можеле да се остварат. Пазарните сили континуирано го прераспределуваат производството кон производители со ниски трошоци (и подалеку од оние со високи трошоци). Како резултат на тоа, отворените пазари имаат тенденција да ги распределуваат производите и ресурсите во насока на максимизирање на вредноста, количината и на разновидноста на стоките и услугите коишто се канализираат до потрошувачите кои плаќаат за нив. Кина е совршен пример за контролирана економија чии граѓани, откако се приклучија на глобалниот трговски систем во 1995 година, можеа да ги искористат сигналите дадени од трговската размена и од компаративните предности за да извлечат буквално милијарди луѓе (и во Кина и во другите земји во регионот) од сиромаштија.

Важноста на трговијата во нашиот современ свет тешко дека може доволно да се истакне. Всушност, Светската банка смета дека глобалната трговија и намалувањето на трговските бариери помагаат во искоренувањето на екстремната сиромаштија.(8) Трговијата им овозможува на луѓето кои живеат во екстремна сиромаштија пристап до далеку повеќе производи и ресурси од она што е достапно во нивните граници. Нето-придобивките од трговијата се пренесуваат меѓу различните нации, потрошувачите со различни доходни можности, расите, половите и луѓето со различни политички ставови и културни вредности. Можете ли да ги замислите тешкотиите и трошоците за да произведете сопствено домување, облека и храна, да не зборуваме за компјутерите, паметните уреди, машините за миење садови, автомобилите и вакцините доколку не би постоела трговијата? Луѓето кои ги стекнуваат овие нешта ги имаат главно поради тоа што нивните економии се организирани на начин што ги мотивира поединците да соработуваат, да се специјализираат и да тргуваат. Земјите кои наметнуваат пречки во размената, – било домашни или меѓународни, – ја намалуваат можноста нивните граѓани да ги остварат придобивките од трговската размена и да имаат просперитетен живот.