Елемент 4.5: Трошете стратешки
Да не бидеме премногу пребирливи; подобро е да имаш стари дијаманти отколку да немаш никакви.
Повеќето од нас би сакале да имаат повеќе работи во иднина без да мораат да се откажат од многу работи во сегашноста. Многумина, вклучувајќи ги и оние со доход многу поголем од просечниот, прават две работи коишто го поткопуваат остварувањето на оваа цел. Како прво, како што видовме во претходниот елемент, се задолжуваат за да купат работи, пред да можат да си ги дозволат. Како второ, продолжуваат со купување пред внимателно да ги разгледаат алтернативните опции.
Како што видовме во Елементот 4.3 за буџетирање, внимавајте дали она што сакате да го купите е во рамките на вашиот буџет. Поставете си ги следниве прашања пред да купите: Дали купениот производ ме приближува или ме оддалечува од моите цели? Каков ќе биде мојот живот ако го купам овој производ? Каков ќе биде ако не го купам? Дали е ова потреба или желба? Дали едноставно заменувам некој предмет којшто веќе го имам и сè уште е употреблив или добивам нешто ново? Дали има алтернативни опции? Вашата цел треба да биде да добиете што поголема вредност за вашите пари.
Можете да ја зголемите вашата куповна моќ така што ќе купувате користени предмети бидејќи тие ќе ви служат речиси исто како и новите. Проблемот со купувањето нови работи е што тие речиси веднаш се амортизираат или губат вредност. Речиси веднаш штом ќе се купи некој производ, тој станува „користен“ во однос на пазарната вредност. Купувањето користени работи – или, како што се вели денес, „половни“ – може да доведе до значителни заштеди. Да ги земеме за пример трошоците за купување нов автомобил во споредба со користен. Бројките варираат многу на локалните пазари, но општо правило е дека амортизацијата по километар во првата година или две години по купувањето нов автомобил е во просек најмалку двојно поголема отколку во текот на остатокот од неговиот животен век. Пресметавме дека секој извозен километар ја намалува вредноста на Toyota Camry од 2024 година за околу 0,23 американски долари, но како што автомобилот старее ваквата депрецијација се намалува на само неколку пени по километар. Со оглед на тоа колку долго траат автомобилите доколку се грижите за нив, со тоа што ќе купите користен автомобил за кој некој друг веќе ја платил високата амортизација во првите неколку години, овој користен автомобил одлично ќе ви служи уште многу години, а ќе ви заштеди илјадници долари во амортизација. Се разбира, трошоците за поправка можат да бидат нешто повисоки откако автомобилот ќе подостари, но, сепак, ќе бидете во поволна финансиска положба, можеби дури доволно добра за да платите за факултетското образование на вашата ќерка! Тоа е превисока цена за да возите сосема нов автомобил.(136)
Можеби сакате да поминувате време во продавници и на пазари за половни производи, но со оглед на важноста на вашето слободно време, ви се чини дека разгледувањето на интернет е многу попродуктивно. Американскиот гигант e-Bay тврди дека е активен во над 190 земји, така што, освен ако не живеете во Куба, Иран или Северна Кореја, оваа глобална платформа на пазарот е достапна за вас. Слични веб-страници постојат во речиси секоја земја, без глобалните трошоци за испорака. Со само неколку кликнувања можете да најдете производи коишто истовремено се во одлична состојба и имаат значително пониска цена од малопродажната. На пример, можете да најдете трговец на мало којшто продава апарати или мебел коишто имаат „козметички“ маани, како мала вдлабнатина на вратата на фрижидерот, што значи дека не може да се продаде за целосната малопродажна цена, но инаку сосема е нов.
Се разбира, има некои случаи кога купувањето нов производ е економично. Постојат трговци на мало, особено за облека, коишто купуваат облека од минатата сезона и ја продаваат со голем попуст. Ако не сакате да се облекувате според апсолутно најновата мода, ваквите продавници можат да ви заштедат многу пари коишто потоа можете да ги користите за други цели. Ние само ве поттикнуваме да ги земете предвид потенцијалните заштеди коишто честопати можат да се извлечат со купување на половни или производи на попуст без да направите премногу отстапки од аспект на потрошувачкото задоволство. Барајте можности да извлечете најголема вредност од вашите пари.