Елемент 4.7: Искористете ја моќта на сложената камата
Сложената камата е најмоќната сила во универзумот.(138)
Во елементот 4.3, нагласивме колку е важно редовно да се буџетира, постојано да се штеди и ефективно да се трошат парите. Постојат две главни причини за да започнете да ги применувате овие практики што порано. Прво, како што дискутиравме, на оние коишто сега наоѓаат бројни изговори да не почнат со буџетирање, штедење и со паметно трошење, ќе им биде тешко да го сторат тоа подоцна. Но, во овој елемент сакаме да зборуваме повеќе за втората причина зошто да започнеме со штедење веднаш: големата награда која доаѓа со раното започнување. Раното започнување со штедење води до значително зголемување на наградата кога заштедите се користат за инвестиции. Сетете се на примерот од Елемент 4.3 за дополнителното богатство при пензионирање што еден млад човек би можел да го има доколку започне да штеди една скромна сума на возраст од 22 до 30 години. Откажувањето од нешто помалку од 9.500 евра од куповната моќ за тие девет години може лесно да додаде над 150.000 евра на богатство при пензионирање на 67-годишна возраст. Клучот за претворање мала сума пари сега во голема сума подоцна е да започнете веднаш да штедите за да го искористите целосно „чудото на сложената камата“.
Сложената камата, иако понекогаш така се чини, не е навистина некое чудо. Иако лесно се објаснува, резултатите се крајно неверојатни! Сложената камата едноставно кажано е заработување камата на камата. Доколку не ја потрошите заработената камата на вашите заштеди оваа година, каматата ќе ги зголеми и вашите заштеди и каматата што ќе ја заработите следната година. Доколку го правите истото секоја наредна година, ќе заработувате камата на вашата камата, па камата на акумулираната камата вклучувајќи ја главницата итн. Можеби не изгледа многу и во првите неколку години нема многу да го зголемува вашето богатство, но за кратко вашето богатство ќе почне забележливо да расте и колку е поголемо, толку побрзо ќе расте. Тоа е како малата снежна топка којашто се тркала надолу по снежна планина. На почетокот полека расте, но како што секој дополнителен снег кој се лепи ја зголемува снежната топка, тоа овозможува да се акумулира уште повеќе снег и наскоро топката е огромна и брзо расте.
Зошто е важно рано да започнете со штедење? Одговорот лежи во сложената камата којашто ја поставува основата за овој подоцнежен забрзан ефект. Заштедите што ги правите непосредно пред пензионирањето нема да го зголемат вашето богатство при пензионирање многу повеќе од сумата што сте ја заштедиле, односно ќе го зголемат малку, но не многу. Снежната топка којашто започнала да се тркала кон подножјето на планината нема да биде многу поголема од тоа што била на почетокот на тркалањето. Затоа, колку порано почнете да штедите, толку подолго ќе растат раните заштеди и растот ќе биде поголем.
Да разгледаме еден едноставен пример. Да претпоставиме дека една 16-годишна девојка (ќе ја наречеме Маја) ја чита книгава и одлучува да примени нешто од она што го прочитала. Поставува цели, креира буџет и стратешки донесува одлуки така што ги намалува трошоците за 7,50 евра дневно. За да ја ставиме оваа сума во контекст, околу 7,50 евра чини еден „Happy Meal“ во Мекдоналдс во Албанија или во Ерменија. (Или, ако Маја е по пороците, тоа е колку една кутија Марлборо и Хајнекен.) Ја користиме бројката од 7,50 евра дневно како мала бројка. Со добра работа по завршувањето на часовите во школо, Маја може да одвојува толку средства секој ден, или пак неколку дена во неделата. Ако може редовно да го штеди овој износ, постепено ќе создаде значителни заштеди на годишно ниво. Ако не може, таа ќе надоместува со додавање дополнителна сума кога ќе има повеќе (можеби ако побара да ѝ дадат пари за нејзиниот роденден наместо да ѝ купат подарок). Поентата е дека ако нашата тинејџерка само малку ги промени своите одлуки, ќе може да заштеди значителна сума за една година. Да претпоставиме дека наместо да ја троши оваа сума на уживања, Маја ја инвестира во инвестициски фонд кој обезбедува годишна реална стапка на принос, по прилагодување за стапката на инфлација, од 7 проценти. Приносот од 7 проценти е приближно еднаков на годишната стапка на принос на индексот Стандард и Пурс (S&P) 500, берзански индекс што ги следи перформансите на акциите на петстотини најголеми американски компании котирани на берзите. Овој просечен принос од 7 проценти е дури и малку помал од оној на DAX (Deutscher Aktien Index), еквивалентен берзански индекс на Германија во текот на 50 години до 2024 година. И при двете пресметки се претпоставува дека дивидендите се реинвестираат. Многу е важно и да се разбере дека овие долгорочни просеци прикриваат значителни варијации од година во година. Имаше години кога S&P или DAX пораснаа за над 40 %, како и години кога паднаа за над 40 %. Ако вашиот рок е краток (да речеме, школарина за следната година или претстојна свадба), подобро е да ги ставите парите во банка. Финансиските пазари вообичаено се поволни за парични средства коишто нема да ви требаат некое време, па варијациите ќе се изедначат. Подетално за инвестициите на берзата ќе разговараме во некој нареден дел.
Како што е прикажано на сликата 28, доколку Маја го прави ова десет години, кога ќе има 26 години ќе има акумулирано 37.823 евра од заштеда од 27.375 евра. Не е лошо за прилично мал жртвуван износ. Ако ја споредиме заштедата на Маја со вселенско летало, ова ќе биде само полетување; исплатата од сложената камата е само почеток. Ако Маја продолжи со овој план за штедење до својата 36-та година, ќе има 112.225 евра од заштеда од 54.750 евра. Ако продолжи до 46-та година ќе има очекувани 258.586 евра од заштеда од 82.125 евра. А сега вселенското летало почнува да забрзува. Кога Маја ќе има 56 години, таа ќе има принос од 546.501 евра на заштедата од 109.500 евра. Како што е прикажано на сликата 28, ако се пензионира на 60-годишна возраст, може да очекува да има заштеда од 728.506 евра како директни приноси на заштедата од 120.450 евра. Ако се пензионира на 67 години, ќе има 1.193.512 евра директни приноси на заштеда од само 139.613 евра.(139) Така, со избирање на малку поинаков модел на трошење и на инвестирање на средствата, Маја акумулира речиси 1,2 милиони евра пензиски бенефиции, изразени во евра со денешната куповна моќ. Ако Маја потоа ги инвестира овие пари во она што се нарекува ануитет, таа би имала 70.000 евра приход секоја година до крајот на животот!(140)
Извор: Пресметки на авторите. Претпоставува промена на навиките за трошење за да заштедите 7,50 евра дневно и да заработите камата од 7 проценти годишно.
Од друга страна, размислете што би се случило доколку Маја продолжи со своите првични навики за трошење во периодот од 16 до 26 години, а потоа ги смени своите навики и почне да вложува 7,50 евра дневно во инвестициски фонд. Добро е што ги променила своите навики, бидејќи од заштедата секако ќе има придобивки. Но, со одложување на нејзината програма за инвестирање за десет години, наместо да има 1.193.512 евра на 67-годишна возраст, Маја ќе има само 587.494 евра. Одложувањето на 51-годишната програма за инвестирање за десет години ја чини Маја 606.018 евра при пензионирањето!
Не мора да се откажувате од многу работи за да ја зголемите вашата заштеда. Правењето мали жртви во потрошувачката може да даде моќни резултати. Наместо да купувате скапо кафе секое утро, купете некое обично кафе или направете кафе дома. Наместо секој ден да ручате во ресторан, понесете си ручек еден или два дена во неделата. Прескокнете го безалкохолниот пијалак или пијалакот во ресторан и пијте вода. Возете се заедно или одете со автобус до работа за да заштедите пари за бензин (па дури можете и да пешачите и да заштедите членство во теретана). Секој може да направи мали промени во своите потрошувачки навики за да заштеди пари.
Видео:
Повторно, нашата поента не е дека треба да живеете мизерен живот со строго штедење и жртвување за да бидете богати кога ќе се пензионирате. Каде е предноста да се збогатиш во иднина живеејќи во сиромаштија чекајќи ја иднината? Наместо тоа, нагласуваме дека секој може да има висок животен стандард и, сепак, да акумулира многу богатство, затоа што не се потребни големи заштеди за да се стекне голем износ акумулирани парични средства. Од 1.193.512 евра коишто Маја ги акумулирала со промена на своето трошење, само 139.613 евра се од намалување на нејзиното трошење. Навистина, луѓето кои штедат и инвестираат ќе можат да трошат многу повеќе од оние кои не го прават тоа. Кога ќе се пензионира – или порано – Маја може да почне да го троши своето богатство и на крајот да има многу повеќе отколку кога никогаш не би штедела.
Сè што е потребно е програма за рано штедење, малку трпение, знаење како да остварите разумен принос на вашите инвестиции (видете ги елементите 4.8 и 4.9) и секако искористување на моќта на сложената камата.
Има една многу важна причина што не ја изнесовме во анализата во овој елемент во однос на штедењето за пензија. Се разбира, можеби ќе сакате да искористите четвртина милион евра што сте ги заштедиле до средината на 40-тите години за да започнете бизнис, верувајќи дека можете да го развиете вашиот бизнис побрзо од берзата. Меѓутоа, дури и ако работите за плата цел живот, ќе треба да имате значителна заштеда кога повеќе нема да сакате (или не сте способни) да работите.
Многумина млади размислуваат: „ќе добивам пензија од државата од пензискиот фонд, тие ќе се грижат за мене“. Ова е опасно размислување. Во целиот свет, освен во неколку многу богати земји, државните пензии изнесуваат само дел од доходот кој е на прагот на сиромаштија на една земја. Во неколку економии во транзиција во 2024 година просечната пензија била околу 100 долари месечно. Иако овие пензии може донекаде да се зголемат како што земјата бележи економски раст, над нив виси уште еден меч на Демокле. За разлика од приватните пензии каде што штедите од вашата заработка и тие пари можете да ги користите кога ќе ви требаат, државните пензии се во форма позната како систем осигурување врз основа на генерациска солидарност (pay-as-you-go). Со други зборови, пензиите за пензионерите во секое време се плаќаат од придонесите што ги плаќаат вработените лица во тоа време. Два фактора ќе ги оптоварат овие системи како што стареат сегашните млади луѓе. Како прво, луѓето живеат подолго. Во текот на изминативе неколку децении, просечниот иден очекуван животен век на работникот кој се пензионира на возраст од 65 години во развиените земји се зголеми за неколку години. Иако ефектот од ова врз способноста на земјата да го поденесе т.н. пензискиот план според принципот „осигурување врз основа на генерациска солидарност“ (pay-as-you-go) може да се ублажи со принудување на работниците да го одложат пензионирањето, не е лесно да се избегне еден друг проблем. Демографите се согласуваат дека за популацијата на една земја и нејзината старосна структура да останат постојани, просечната жена од секоја генерација треба да има приближно 2,1 деца. .(141) Доколку овој број е помал, по подолго време старосната структура на населението ќе изгледа како превртена пирамида – поширока на врвот и тесна во основата.
Во посткомунистичките држави, само неколку земји во Централна Азија се над нивото на стапката на фертилитет која обезбедува замена. Сите други се подолу, честопати далеку подолу, што значи дека на крајот популацијата ќе почне да се намалува и секој работник ќе мора да издржува сѐ поголем број пензионери на јавниот пензиски систем според принципот „осигурување врз основа на генерациска солидарност“. Тоа значи и дека секое постаро лице ќе има сѐ помалку помлади членови на семејството на кои ќе може да се потпре. Затоа е важно да преземете лична одговорност за сопствената иднина и колку порано почнете да штедите, толку подобро за вас.