Економија на здравиот разум

Дел 3 Завршни размислувања

Преовладува огромна инерција – статус кво тиранија – во приватните, а особено во државните уредувања. Единственото нешто коешто може да предизвика висинскa променa е криза, без оглед на тоа дали е реална или перципирана. Кога ќе се случи таква криза, дејствата коишто се преземаат зависат од идеите коишто стојат на располагање. Токму тоа, според мене, е нашата основна функција: да развиеме алтернативи на постојните политики и потоа да ги одржуваме агилни и достапни сѐ до моментот кога она што е политички невозможно ќе стане политички неизбежно.(119)

Милтон Фридман, Нобелов лауреат, 1976 година

Го разгледавме функционирањето на пазарите, и на политичкиот процес. И покрај тоа што и двата овие сегмента имаат недостатоци и постојат легитимни улоги коишто им се доделуваат на владите, емпириските докази покажуваат дека земјите со поголема економска слобода и со поголема зависност од пазарите растат побрзо и постигнуваат повисоко ниво на доход. (Види Дел 2, слики од 13 до 18.) Зошто е така тоа? Одговорот лежи во поттикнувачките механизми. Пазарите создаваат моќна сила којашто им овозможува на поединците и на бизнисите да им служат на другите и да им обезбедуваат стоки и услуги што ги вреднуваат повисоко во однос на цената. Во пазарната економија, доходот се заработува со помагање на другите. Ако сакате да заработите висок доход, она што мора да го направите е да најдете начин како да им помагате на другите. Иако овој атрибут ретко се препознава, можеби затоа што луѓето не се свесни за тоа, пазарите ги мотивираат луѓето да преземаат активности коишто го промовираат човековиот напредок. Како што забележа Адам Смит пред речиси 250 години, невидливата рака на пазарните цени ги насочува поединците коишто се водени од лични интереси да преземаат активности коишто ја промовираат општата благосостојба.

Политичката алокација е фундаментално различна алтернатива на пазарите. Постојат две општи структури на демократски политички режими: претседателски и парламентарни.

Без разлика на тоа дали политичкиот систем е претседателски или парламентарен, политичката алокација на ресурсите, дури и во демократските земји, честопати води до конфликт меѓу личните интереси и општата благосостојба. Гласачите имаат слаба стимулација да гласаат врз основа на добра информираност. Иако исходот од политичката одлука може многу да влијае врз потенцијалниот гласач, какви се шансите секој даден глас да го одреди исходот на изборите? Користејќи рационална анализа на „трошоци и придобивки“, неверојатно е што некој некогаш воопшто гласал на избори. Гласањето како граѓанска должност е општоприфатена норма, но тоа не значи дека повеќетомина гласачи вложуваат напори да ги разберат проблемите со кои се соочуваат. На пример, истражувањата покажуваат дека само 37 % од Американците го знаат името на својот претставник во Конгресот.

Доколку погледнеме наназад, политичарите и политичките партии коишто се трудат да состават мнозинска коалиција, имаат силен мотив да користат финансирање со задолжување, создавање пари и скриени даноци за да ги прикријат трошоците за ресурсите што се извлекуваат од граѓаните. Извлечените ресурси потоа можат да се искористат за да се обезбедат субвенции и други форми на фаворизирање за да се „купи“ поддршката од различни гласачки блокови. Но, политичкиот фаворитизам ги охрабрува бизнисот, работната сила и другите интересни групи да ги префрлат ресурсите од продуктивните активности кон рентиерите коишто се создадени за да се добијат колку што е можно повеќе од владините услуги. Политичката распределба можеби звучи како одлична идеја, но резултатите од реалниот свет се непривлечни. Ваквиот систем на распределба ја поткопува економската ефикасност и води до политика на интересни групи, кронизам, прекумерен долг и конфликт меѓу граѓаните.

Што може да се направи за да се минимизираат негативните последици од демократијата? Како би изгледала политичка структура којашто е подоследна со економскиот напредок? Ова се сложени прашања, но клучните елементи можат да се наведат.

  1. Политичката моќ мора да биде поделена и уставно ограничена. Како што изјавил лордот Актон, „Моќта корумпира, а апсолутната моќ корумпира апсолутно“. Како што беше дискутирано во Елементот 3-10, успешните влади ја распределуваат моќта меѓу многу конкурентни ентитети, со што ја делат моќта. На пример, Уставот на Србија, усвоен во 2006 година, предвидува децентрализација и дозволува формирање автономни покраини. Во практиката, сепак, имаше притисок врз напорите за децентрализација, при што централната влада задржува значителна контрола врз клучните области како што се финансиите и безбедноста. Српскиот случај е пример за ерозијата на уставните ограничувања со текот на времето. Според тоа, потребни се и структурни фактори за да се ограничи централизацијата на владата.
  2. Проверките и рамнотежите мора да служат за одржување јасна поделба на владината моќ меѓу независните единици. Владите обично имаат три области на активност: законодавна гранка којашто ги донесува законите, извршна гранка којашто ги администрира законите и судска (правосудна) гранка којашто ги толкува законите. Меѓутоа, постојат голем број институционални аранжмани на овие три основни функции. Доколку ги занемариме монархиите, диктатурите и воените хунти (коишто можеби наликуваат на подемократски режими, но се, всушност, доминирани од еден поединец или од мала клика), основните типови системи можат да се класифицираат како:

    1. Парламентарен, во кој извршната власт ја држи лидер (обично наречен „премиер“) избран од парламентот, а парламентот преку премиерот го избира кабинетот на министри. Во такви системи, премиерот служи според волјата на парламентот и може да биде сменет во секое време. Таквите земји можат да имаат фигуративен шеф на држава (монарх како што е кралот на Англија) или претседател со ограничени овластувања (како во Германија).
    2. Претседателски, во кој извршната власт се избира директно од гласачите и го назначува својот кабинет, вообичаено предмет само на одобрување од законодавното тело. САД се добар пример за таков систем.
    3. Полупретседателски или мешан, во кој гласачите го избираат претседателот, којшто има ограничени, но значајни овластувања, меѓутоа кабинетот (министрите) одговара пред парламентот. Таков систем може да се најде во Франција.

    При проучување на парламентарните системи, важни се специфичните институционални фактори. Дали изборите се одржуваат во мали области коишто избираат еден член или во поголеми области коишто избираат повеќемина членови? Во вториот случај, дали местата се доделуваат врз основа на уделот на гласовите и колкав е минималниот удел неопходен за влез во законодавниот дом?

    Мнозинството посткомунистички земји во транзиција (околу 60 проценти) имаат усвоено мешан систем. Триесет отсто имаат парламентарен систем, а другите претседателски. Со текот на времето, некои земји – вклучувајќи ги Грузија во 2004 година, Република Чешка во 2012 година и Ерменија во 2015 година – преминаа од парламентарен во мешан систем. Овластувањата на претседателот во овие мешани системи се разликуваат многу од една земја до друга. Украина се покажа како особено нестабилна, со ревизии на релативната моќ на претседателот и на парламентот во 1994, 1996, 2004, 2010 и во 2014 година. Таквата нестабилност на основните институции очигледно го отежнува планирањето од инвеститорите.

    Иако постојат предности и недостатоци за сите горенаведени типови, истражувањата сугерираат дека претседателските системи имаат тенденција да имаат помали влади. Ова може да се должи на фактот што парламентарните системи се со поголема веројатност да бидат коалициски влади каде што повеќе партии поставуваат барања за своите избирачи и приоритети за да ја поддржат владата. Од друга страна, се чини дека парламентарните системи низ светот растат побрзо од претседателските. Меѓутоа, во посткомунистичките земји, изгледа дека претседателските системи имаат дополнителен недостаток и се со поголеми димензии поради тенденцијата да се централизира моќта, дури и до степен да станат автократски држави коишто само имаат фасада на демократија.

    Постојат неколку можни модификации коишто би можеле да го подобрат работењето на парламентарните влади. Роџер Маерсон, добитник на Нобеловата награда за економија во 2007 година, предложи практична структура којашто го почитува концептот на проверки и на рамнотежи. Со оглед на големите проблеми со корупцијата во економиите во транзиција, едно логично решение е да се оддели одговорноста за работењето на владата од одговорноста за истрага и за гонење криминални активности. Првото може да биде доделено на премиерот, а второто на кабинетот на претседателот. Основниот принцип е дека дури и во одамна воспоставен правен систем, но особено во новодемократизираните земји, постоењето независен извор на моќ задолжен за истрага на коруптивни дела значително ја намалува способноста на таквите актери да ја поткопуваат правдата.

    Друга евентуално корисна модификација би било да се бараат поголеми мнозинства за одобрување проекти на повисоките нивоа на власта. На пример, додека простото мнозинство би можело да одобри некоја акција на локално ниво, три петини би можеле да бидат задолжителни за законодавно одобрување на ниво на провинција, а две третини за одобрување на централно ниво. Оваа реформа би ги зајакнала и локалната и провинциската власт и би помогнала да се коригира тенденцијата моќта и контролата да се насочени кон централната власт. Понатаму, овие барања за супермнозинство за одобрување на провинциско и на централно ниво би значеле дека би бил потребен широк договор, а не само просто мнозинство, пред да се спроведе проект на овие нивоа. Ова би помогнало да се минимизира уште еден недостаток на неограничената демократија: можноста групите со посебен интерес да добијат владини услуги на сметка на даночните обврзници, потрошувачите и на другите граѓани.

  3. Третата гранка на власта, судството, мора да биде независно. Иако контролата на судиските назначувања е важна, таа не е единствениот фактор што придонесува правниот систем да функционира врз основа на принципот на проверки и на рамнотежи. Економските истражувања постојано покажуваат дека независноста на судството е важна детерминанта за економскиот просперитет. Треба да биде јасно дека под „независност“ подразбираме вистинска независност (де факто или независност преточена во факти), а не едноставно нешто коешто е напишано во форма на закон, а субјектите можат лесно да го избегнуваат (де јуре или независност според закон).(120)
  4. Финансирањето преку задолжување треба да биде ограничено. И економската анализа и поновата историја покажуваат дека политичкиот процес е пристрасен кон задолжувањето бидејќи им овозможува на политичарите да ги зголемат расходите без да мора даги зголемуваат даноците коишто наметнуваат повидлив трошок за гласачите. Ако оваа пристрасност се игнорира, би било очекувано дека кусогледите политичари ќе го зголемат долгот до нивоа што го поткопуваат просперитетот, како што направија во Грција. Во многу други земји, како и во Грција, прашањето за државниот долг е постојан проблем, особено последниве години поради економските предизвици и финансиската нестабилност. Иако во грчкиот устав има одредби за фискална одговорност и за буџетска дисциплина, нема експлицитни уставни ограничувања за задолжувањето на државата. Ова отсуство на ограничувања придонесе за акумулирање значителни нивоа на националниот долг којшто достигна алармантни размери. Според податоците на Светска банка, вкупниот долг на централната влада изнесуваше 237,4 % од БДП на Грција во 2021 година. Слично, и покрај тоа што имаат различни одредби во своите устави во однос на фискалните одговорности, Албанија и Хрватска имаат релативно високи соодноси на државниот долг и БДП (91 % во Хрватска и 82,4 % во Албанија во 2021 година). Воведувањето на уставниот услов за супермнозинство на парламентарно ниво за да се одобри задолжување на владата може да биде потенцијално решение за решавањето на овој недостаток. На пример, барањето одобрување од две третини или од три четвртини од мнозинството за одлуки за задолжување би наметнало повисок праг во случај на обврзување на земјата на дополнително задолжување.
  5. Централната банка мора да биде независна. Како што беше дискутирано во Елементот 2.5, парите со стабилна вредност се неопходни за непречено функционирање на пазарите. Тоа значи контрола на инфлацијата. Еден од недостатоците на демократскиот систем (иако секако недостаток којшто не ги неутрализира своите многубројни предности) е тоа што политичарите коишто се соочуваат со спорни избори можат да носат одлуки коишто создаваат придобивки сега, но наметнуваат многу поголеми трошоци во иднина кога веќе нема да бидат на функција. Овој краток временски хоризонт може да доведе до висока јавна потрошувачка без зголемени даноци за плаќање на таквата потрошувачка. Соочени со оваа дилема, политичарите честопати се во искушение да ги „платат“ своите трошоци со наредба на централната банка да креира пари. Како што видовме во Делот 2, Елементот 5, прекумерното креирање пари ќе доведе до високо ниво на инфлација. Креаторите на монетарната политика треба да бидат соочени со поголема одговорност за својот неуспех за да одржат приближна ценовна стабилност. Еден начин на кој тоа може да се направи е да се бара од поединците задолжени за монетарната политика – Одборот на гувернери на Централните банки – да поднесат оставка доколку не успеат да ја задржат стапката на инфлација во одреден опсег, на пример, од 0 до 3 проценти. Овој тип на одредба ги прави јасни одговорностите на креаторите на монетарната политика и тие сносат одговорност доколку не успеат. Нов Зеланд веќе усвои политика од ваков тип. Прекумерното креирање пари може да доведе дури и до хиперинфлација. И економската теорија и доказите од минатото покажуваат дека со воведување неизвесност и со менување на стимулациите, правејќи го тешко планирањето за иднината, таквата инфлација ќе ги намали економскиот раст и благосостојбата на граѓаните во годините што претстојат. Кога централните банки имаат независност да се спротивстават на притисокот од политичарите, резултатот е пониски и постабилни цени и повисоки стапки на раст.
  6. Судството мора да ги штити правата на сопственост. Филозофот Џон Лок, којшто творел кон крајот на XVII век, тврдел дека правото на поседувањето и на користењето приватна сопственост е „природно право“ и дека „зачувувањето на сопственоста“ е „големата и главна цел“ за која човекот ги создал владите. Речиси во секој устав се споменува заштита на сопственоста. Примерите ги вклучуваат Уставот на САД и Европската повелба за фундаментални права, којашто вели:

    „Секој има право да поседува, користи, располага и да го остави во наследство својот законски стекнат имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и во случаите и условите предвидени со закон, под услов да се плати правичен надоместок навреме за нивната загуба“.

    За жал, многу од овие грандиозни принципи, како што вели поговорката, „не вредат ни за хартијата на која се испечатени“. Владите честопати ја нарушуваат заштитата на сопственоста. Фразите како „јавен интерес“, „праведна компензација“ или „фер компензација“ се предмет на толкување. Владите честопати користат регулативи за присвојување или за контрола на приватна сопственост без надомест, иако сопственикот на имотот не прекршил ничии права. Судовите генерално дозволуваат вакво присвојување приватен имот доколку законодавното тело смета дека дејството е „во јавен интерес“ или дека преземањето не му го ускратило на сопственикот секое користење на неговиот или на нејзиниот имот. Ова прашање на ефективно присвојување (негирање на многу употреби на имотот додека технички не се менува сопственоста) особено е проблематично. Што значи, на пример, за поединец да „поседува“ дел од имотот на плажа, ако постои регулатива според која на тој имот не може да се гради, или друга според која секому треба да му биде дозволено да го користи? Накратко кажано, едноставното запишување на правата на сопственост во закони или дури и во устави не е доволно за промовирање на економскиот раст. Таквите права мора да бидат веродостојни и потенцијалните инвеститори да веруваат во нив. Економските истражувања покажаа дека ефектот на правата на сопственост врз растот е многу посилен кога се комбинира со независност на судството и со поголемо ниво на проверки и рамнотежи во владината структура.

  7. Мора да постои слобода на говор и слободен и независен печат. Иако, како што беше дискутирано погоре, проверките и рамнотежите во структурата на владата се важни, тие треба да се надополнат со надворешен мониторинг. Ова особено се однесува на она што е познато како „колузивна корупција“ во која и давателот на поткуп и примачот кривично се одговорни, што значи дека е тешко да се соберат докази бидејќи никој од инволвираните нема мотив да го предаде другиот. Иако постојат пософистицирани статистички тестови, врската помеѓу слободниот печат и севкупната ефективност на владата (и поврзаниот поголем економски успех) јасно може да се согледа од еден едноставен графикон како оној што е даден подолу. Не е ни чудо што во авторитарна власт на новинарите им се заканува цензура, апсење, па дури и убиства.

    Слика 25: Слободата на печатот ја намалува корупцијата
    A scatter graph showing that countries which are perceived to have lower levels of corruption experience greater freedom of the press.

    Извор: Aymo Brunetti, Beatrice Weder, “A free press is bad news for corruption,” Journal of Public Economics, (2003), 87(7): 1801–1824, 10.1016/S0047-2727(01)00186-4.

    Технолошкиот напредок во изминативе 20 години масовно ја зголеми способноста на граѓаните да ги надгледуваат владите и да бараат отчетност од нив. Повторно, од само еден едноставен графикон се забележува очигледната врска помеѓу густината на интернет и ниската корупција. (Тука, Фејсбук е искористен едноставно како замена за сите социјални медиуми.) Се разбира, ова е двонасочна улица. Технолошкиот напредок им олесни на тоталитарните влади да следат што прават (или дури и што размислуваат) нивните граѓани.

    Слика 26: Постоењето на социјалните медиуми значи помалку корупција
    A scatter graph showing that countries with higher levels of corruption have lower levels of Facebook penetration.

    Извор: C.K. Jha, & S. Sarangi “Does social media reduce corruption?”, Information Economics and Policy, Volume 39 (June, 2017): 60–71.

    Слободата на печатот значи нешто повеќе од едноставно да не се попречува работата на медиумите или да не се упатуваат закани кон новинари. Контролирањето и користењето на телевизијата за пропагандни цели од владите е проблем во многу земји. Дополнителна вознемирувачка тенденција е богатите политичари да купуваат свои весници, телевизиски и радиостаници. Иако мешањето во активностите на приватните сопственици секогаш е сомнително, ова е една област во која здравата јавна политика може да бара ограничувања.

  8. Слободата на движење, инвестициите и трговијата мора да им бидат достапни на сите граѓани. Слободата на поединците да се натпреваруваат во бизнисот и да се вклучат во доброволни активности за размена е камен-темелник и на економската слобода и на напредокот. Контролата на цените, деловните и професионалните ограничувања за влез, законите што ја ограничуваат размената на стоки и на услуги преку националните граници и другите владини регулативи коишто ја ограничуваат трговијата не претставуваат здрава економија. Лиценцирањето за работа (за кое е потребно одобрение од владата за ангажман во занимање како што е, да земеме екстремен, но реален пример, плетење коса) е главен антиконкурентен инструмент којшто ги ограничува можностите за работа, вклучително и на најсиромашните членови на општеството. Кога постои загриженост за заштита на јавноста, сертификацијата (којашто обезбедува информации за обуката на поединецот, но им остава слобода на потрошувачите да ја проценат релевантноста на таа обука) претставува супериорна опција. Со сертификацијата, на купувачите им се обезбедуваат информации за да направат добар избор без да ја исклучат можноста другите да докажат дека се способни добавувачи. Очекувано, лиценцирањето се користи за да се ограничи трговијата и да се обезбеди монополска моќ на постоечките добавувачи. Слободата на трговија е основно човеково право, исто како и слободата на говорот и слободата на вероисповед. Нема причина да не им се дозволи на граѓаните да купуваат и да му продаваат на оној којшто ќе им ја даде најдобрата понуда, дури и ако трговскиот партнер живее во друга земја. Малку неочекувано, и покрај тоа што реципрочната слободна трговија (каде што и двата партнера се отворени за купување и за продавање еден кон друг) јасно е поволна, консензусот меѓу економистите е дека реципроцитетот не е од суштинско значење. Речиси во сите случаи една земја ќе го подобри животот на своите граѓани доколку ги отфрли бариерите за слободен увоз на стоки, без оглед на политиката на нејзините трговски партнери. Логиката на таквата „еднострана слободна трговија“ може да се согледа во цитатот од Џоан Робинсон (1903–83), една од најоригиналните и најплодните економистки во последниве 100 години:

    „Дури и ако вашиот трговски партнер фрла камења во своето пристаниште за да ги попречи товарните бродови што пристигнуваат, вие не си правите услуга со тоа што ќе фрлате камења во сопственото пристаниште.“

    Јавните дискусии честопати се обидуваат да ги анализираат слободата на трговијата, слободата на движење и слободата на инвестирање како посебни теми. Но, тие не се посебни. Ако работниците во една земја помалку се платени од друга, сите три канали ќе влезат во игра. Работниците ќе се обидат да се преселат во областа со повисоки плати, инвеститорите ќе дојдат во земјата со пониски плати за да ја искористат евтината работна сила, а стоките произведени со оваа работна сила ќе бидат поевтини на глобалните пазари. Блокирањето на кој било од овие канали само ќе го зголеми притисокот врз другите.

  9. НАДВОРЕШНАТА ПОДДРШКА Е ОД СУШТИНСКО ЗНАЧЕЊЕ. Гласачите, како и сите економски рационални луѓе, донесуваат одлуки споредувајќи ги трошоците и придобивките. Политичарите, како што веќе дискутиравме, честопати имаат многу кратки временски утврдени периоди, коишто завршуваат на следните избори. Ваквото исклучување создава тешкотии во усвојувањето политики коишто наметнуваат тековни трошоци во замена за многу поголеми долгорочни придобивки. Овој пат неконзистентноста им отежнува на политичарите да преземат веродостојни политички обврски. И лидерите можат да бидат предмет на притисок од моќни интереси за да усвојат политики што ги фаворизираат инсајдерите на сметка на јавноста во целина. Едно можно решение е далекувидните лидери да ја ограничат својата можност за попуштање при притисок со приклучување кон меѓународна организација којашто бара добри политики како услов за приклучување или за продолжување на членството. Има многу такви организации. Европската Унија (ЕУ) наметнува барања за низок буџетски дефицит и за ограничување на вкупното ниво на државно задолжување. Таа бара од земјите членки да усвојат и збир заеднички законски правила (наречен Acquis Communautaire). Иако некои политики на ЕУ (на пример, субвенциите за фармите според Заедничката земјоделска политика) можеби не се корисни или дури се спротивни на здравата економија, тие обично далеку се подобри од оние што би можеле да ги усвојат многу посткомунистички земји без поттик за потенцијално членство во ЕУ. Земјите со разумно очекување дека ќе пристапат кон ЕУ реализираа многу тешки реформи коишто во крајна линија донесоа придобивки за нивните граѓани.(121)

    Други организации коишто би можеле да имаат слично позитивно влијание се: Северноатлантскиот договор (НАТО), Светската трговска организација (СТО), Европскиот суд за човекови права, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (МЦРИС). Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) особено е важен за поттикнувањето на владите да усвојат владини политики коишто го подобруваат растот. Земјите имаат тенденција да се обраќаат кон ММФ за помош кога прекумерното трошење на владата создало валутни кризи каде што меѓународните кредитни пазари повеќе не се достапни за да се финансира уште поголема влада. Само притисокот од ММФ и од Европската централна банка (ЕЦБ) ја убеди грчката влада да ги усвои неопходните реформи.

    Дури и надворешното рангирање од организации за кои не е потребно членство може да има позитивно влијание врз работата на владата. Грузија, на пример, се гордее со тоа што е рангирана меѓу првите 10 земји во индексот „Леснотија на водење бизнис“ на Светска банка и владините министри се одговорни за реформите што го подобруваат ова рангирање. Пример би била грчката должничка криза од 2010-2018 година.

Овие принципи ќе им овозможат на луѓето заштита од угнетувањето на централизираната моќ и ќе помогнат да се стават под контрола владините расходи и задолжувањата, истовремено ограничувајќи ја склоноста на политичарите да им служат на посебните интереси и да ја поткопаат личната слобода. Земени заедно, промените би биле позитивен чекор кон обновување на владата заснована на меѓусебен договор, а не на моќта за грабеж. Нема сомневање дека тие ќе обезбедат раст и просперитет за идните генерации.

Свесни сме дека структурните промени, како оние наведени погоре, веројатно нема да бидат усвоени универзално или во блиска иднина. Ние признаваме и дека, освен неколкумина економисти коишто се приврзаници на теоријата на јавен избор, повеќетомина не ни размислуваат за проблемот како функционира политичкиот процес и што може да се направи за да функционира подобро. Медиумите и лидерите на јавното мислење се фокусираат на тоа кој добива политичка моќ и генерално ги игнорираат негативните последици од тоа како таа моќ се користи.

Така, ќе биде предизвик да ги натерате луѓето сериозно да размислуваат за структурата на владата и за тоа што би можело да се направи за да се подобри нејзиното работење. Но, економската анализа ни покажува дека дури и најдемократските земји се движат по неодржливи патишта. Доколку не дојде до промена, веројатно е дека би настапила криза и тоа може да создаде можност за конструктивна промена. (Видете го цитатот од Милтон Фридман на почетокот на овој елемент.)

Од клучно значење е кога се размислува за структурата на власта да се прави разлика помеѓу формата и реалноста. Многу земји имаат владина структура којашто изгледа како идеалот за кој дискутиравме. Тие имаат избори со повеќемина кандидати, номинално независни законодавни и судски тела и повеќе нивоа на власт од национално до општинско. Сепак, тие навистина не одговараат на волјата на своите граѓани. Има многу примери меѓу посткомунистичките земји, како и меѓу постколонијалните земји во Африка и во Јужна Америка.

Сепак, таквите експлоататорски влади се ретки во стабилните слободни пазарни економии. Економската слобода не оди рака под рака со политичка репресија.(122) Кога населението чувствува сигурност во однос на својата егзистенција, тоа повеќе се фокусира на апстрактни прашања како што се политичка и религиозна слобода и родова еднаквост. Откривањето на можностите за претприемништво е моќна алатка за човечкиот напредок.

Ја нагласивме улогата на пазарите и размената, наспроти улогата на владите, во обезбедувањето социјални бенефиции, бидејќи многу често оваа разлика погрешно е разбрана. Сепак, добро ни е познато дека не сите активности што ги преземаат поединците за да им служат на другите се компензираат преку пазарите. Индивидуалните награди честопати доаѓаат во други форми, а не во пари. Сепак, поделбата што ја направивме помеѓу јавниот и приватниот (пазарен) сектор е нецелосна. Исто така, постои она што економистите го нарекуваат трет сектор каде што спаѓаат добротворните организации, непрофитните организации, социјалните претпријатија и групите во заедницата коишто обезбедуваат основни услуги, помагаат да се подобри благосостојбата на луѓето и на тој начин придонесуваат за економски раст. Овој трет сектор честопати е значително голем во развиените економии. Всушност, според една неодамнешна процена, бројот на неплатени волонтери коишто му служат на општеството во Европа е еквивалентен на повеќе од 15 милиони работници со полно работно време. Доказите за поврзаноста помеѓу третиот сектор и првиот (приватен) и вториот (јавен) сектор се комбинирани, но имаат тенденција да покажат дека поуспешниот приватен сектор ги зголемува добротворните парични донации, додека има незначителен ефект врз донациите на време. Сепак, јасно е дека проширувањето на јавниот сектор го истиснува приватниот одговор на социјалните или на други проблеми. Доказите од САД и од Канада покажуваат дека владините грантови имаат тенденција да ја намалат приватната поддршка за непрофитните организации до 75 проценти. Грантовите за поединци имаат тенденција да ги намалат работните активности и формирањето семејство меѓу примателите. Од друга страна, доказите покажуваат дека владата којашто подобро ги исполнува своите основни функции за намалување на невработеноста и на инфлацијата и за промовирање на економскиот раст ја зголемува тенденцијата на граѓаните доброволно да даваат пари и труд.

Впрочем, Елинор Остром стана првата жена која ја доби Нобеловата награда за економија за својата пионерска работа којашто покажа дека доброволните организации во заедницата имаат подобри резултати и од чистите пазари и од владините политики во решавањето на проблемите поврзани со јавните добра.

Деловите 2 и 3 се фокусираат на националниот просперитет. Во продолжение, Елемент 4 ќе се фокусира на личниот просперитет. Во него ќе се разгледуваат практични стратегии коишто ќе ви помогнат подобро да се подготвите за иднината и да постигнете попросперитетен живот. Додека го правиме тоа, ве повикуваме да ги имате на ум зборовите на Алберт Швајцер:

„Не знам каква ќе биде вашата судбина. Некои од вас можеби ќе стекнат извонредни позиции. Можеби некои од вас ќе станат познати по своите пера или како уметници. Но, знам една работа: единствените од вас коишто ќе бидат навистина среќни се оние меѓу вас коишто се труделе да научат и научиле како да служат.“

Честопати, како што нагласивме, пазарите ја наградуваат таквата служба, но во други прилики наградите, всушност, се радоста и задоволството што ги добивате помагајќи им на другите.