Елемент 1.6: Цените ги усогласуваат дејствијата на купувачите и на продавачите.
Лесно е да ги намалите цените. Тешко е да можете да си го дозволите тоа.
Пазарните цени влијаат врз изборот на купувачите и на продавачите. Со порастот на цената на производот, производот поскапува и купувачите вообичаено избираат да купуваат помалку од тоа добро. Следствено, постои негативна врска помеѓу цената на доброто или на услугата и бараната количина. Оваа негативна врска се нарекува „закон на побарувачка“.
За продавачите, порастот на цената на производот носи дополнителни приходи поради што се подготвени да ја зголемат понудата. Следствено, постои позитивна врска помеѓу цената на доброто и количината што производителите ќе ја понудат. Оваа позитивна врска се нарекува „закон на понуда“.
Економистите честопати користат графикони за да ги илустрираат односите помеѓу цената, бараната количина и понудената количина. Притоа, цената на доброто се прикажува на вертикалната y-оска, а количината по единица време (на пример, недела, месец или година) се прикажува на хоризонталната x-оска. На сликата 2 е прикажан класичен графикон на понуда и на побарувачка со користење сладолед како пример и грузиски лари (GEL) како валута. Кривата на побарувачката ги покажува различните количини сладолед коишто купувачите ќе ги купат по различни цени. Може да се забележи дека кривата на побарувачката има негативен наклон, што укажува на тоа дека колку е пониска цената, толку повеќе сладолед ќе купат потрошувачите. Ова е само графички приказ на законот на побарувачката. (Забелешка: „крива“ е секое множество точки долж една линија. Ова значи дека правата линија е само еден вид на крива. Во други дела, кривите на побарувачката и на понудата може да не се прикажани како права линија. Немојте да се збуните!)
Кривата на понудата ги покажува различните количини на сладолед што производителите се подготвени да ги понудат по различни цени. Како што е прикажано на сликата 2, кривата има нагорен наклон што покажува дека производителите ќе бидат подготвени да понудат поголеми количини по повисоки цени. Кривата на понудата е графички приказ на законот на понудата.
Тука сакаме да посочиме една навистина важна работа: Цената ќе има тенденција да се движи кон ниво – 5 GEL за литар сладолед во нашиов пример – што ќе ја доведе бараната количина во рамнотежа со понудената количина. По рамнотежна цена од 5 GEL, потрошувачите ќе сакаат да купат 15.000 литри сладолед дневно. Ова е истата количина што производителите на сладолед се подготвени да ја понудат. Цената го координира изборот и на потрошувачите и на производителите на сладолед и ги доведува во рамнотежа.
Доколку цената е повисока од 5 GEL, на пример 7 GEL, производителите ќе сакаат да понудат повеќе сладолед отколку што потрошувачите ќе сакаат да купат. Тоа значи дека по цена од 7 GEL производителите нема да можат да продадат онолку колку што би сакале. Залихите ќе се зголемат, а вишокот на понуда ќе доведе до тоа некои производители да ја намалат цената за да ги намалат залихите. Цената ќе има тенденција да опаѓа додека не се постигне рамнотежната цена од 5 GEL. Сè додека цената е над рамнотежата, пазарните сили ќе ја туркаат цената надолу.
Соодветно, ако цената на сладоледот е под 5 GEL, на пример, 3 GEL, купувачите ќе сакаат да купат повеќе отколку што производителите се подготвени да понудат. Оваа цена од 3 GEL генерира дополнителна побарувачка, оставајќи ги производителите без соодветни залихи. Нагорниот притисок врз цената ќе ја придвижи повторно кон рамнотежната цена од 5 GEL. Изборот на купувачите и на продавачите ќе биде изедначен еден со друг само при рамнотежна цена, а пазарната цена ќе гравитира кон ова ниво.
Аукцискиот систем на иБеј (eBay) покажува како функционираат побарувачката и понудата во една средина што им е добро позната на многумина. На иБеј продавачите ги внесуваат своите минимални цени што тие би ги прифатиле за стоките. Купувачите ги внесуваат своите максимални понуди – максималните цени што тие се подготвени да ги платат. Системот за управување со аукциите ќе наддава во име на купувачите по однапред утврдени зголемувања на паричниот износ. Наддавањето продолжува сѐ додека не истече периодот на тргување или додека лицето не се согласи да ја плати наведената цена „Купи веднаш“. Размената се случува само кога купувачите нудат цена што е поголема од минималната цена побарана од продавачот. Но, кога тоа ќе се случи, ќе дојде до размена во која добиваат и купувачот и продавачот. Запомнете, доброволната трговска размена е заемно корисна.
Иако не се толку видливи како на електронскиот пазар иБеј, силите на побарувачката и на понудата на другите пазари функционираа на сличен начин. Висината на кривата на побарувачката на иБеј го покажува максималниот износ што потрошувачите се подготвени да го платат за уште една единица од доброто, додека висината на кривата на понудата ја покажува минималната цена по која производителите се подготвени да понудат уште една единица. Кога цената е помеѓу максималната цена што потрошувачот е подготвен да ја плати и минималната понудена цена на продавачот, трговската размена носи потенцијална добивка. Исто така, кога е постигната рамнотежна цена, и потрошувачите и производителите ги остваруваат сите потенцијални добивки од размената.
Маргиналното размислување објаснува зошто, кога е присутна рамнотежна цена, купувачите и продавачите ќе имаат поттик да направат заемно поволни размени и исходот ќе биде ефикасен. Потрошувачите ги купуваат само оние производи коишто им носат поголема вредност од реалната цена. Слично на тоа, производителите ги обезбедуваат само оние количини на производи што можат да се продадат по цена што ги покрива трошоците. Кога е присутна рамнотежна цена, количините производи ќе се произведуваат и ќе се купуваат сè додека вредноста на производот, односно на материјалното добро, гледано преку призма на потрошувачите го надминува трошокот за ресурсите што се потребни за нивното производство. Импликација: пазарните цени не само што ги доведуваат во рамнотежа бараната количина и понудената количина, туку тие и ги насочуваат производителите да ги понудат оние стоки за кои потрошувачите се подготвени да ги платат по цена што ги надминува трошоците за нивното производство. Ова важи за секој пазар.
Се разбира, живееме во динамичен свет. Со текот на времето ќе настанат промени. Тие ќе ги променат побарувачката и понудата на стоки и на услуги. Факторите како што се доходот на потрошувачите, цената на супститутните и цената на комплементарните производи, очекувањата за идните цени, промените во владината политика и бројот на купувачи на пазарот ќе влијаат врз побарувачката за производот. Промените кај кој и да било од овие фактори ќе ги променат количините на производот кои потрошувачите ќе сакаат да ги купат по различни можни цени. Со други зборови, промените на овие фактори ќе предизвикаат промена на побарувачката и поместување на целата крива на побарувачката, паралелно налево или надесно.
Важно е да се направи разлика помеѓу промена на побарувачката – (поместување на целата крива на побарувачката) – и промена на бараната количина (движење по кривата на побарувачката) како резултат на промената на цената на производот. Важна забелешка за студентите: еден од најголемите предизвици со којшто се соочуваат студентите е неуспехот да направат разлика помеѓу промената на побарувачката и промената на бараната количина. Прашањата на оваа тема се омилени прашања за предавачите по економија, затоа погрижете се да ја разберете оваа разлика!
На сликата 3 е прикажано влијанието на зголемувањето на побарувачката врз пазарната цена на производот. Да претпоставиме дека има зголемување на приходите на купувачите или пораст на цената на замрзнатиот јогурт, што е вообичаена замена за сладолед. Овие промени ќе ја зголемат побарувачката за сладолед, предизвикувајќи кривата на побарувачката да се помести надесно, од D1 на D2. Од друга страна, зголемената побарувачка ќе ја помести рамнотежната цена на сладоледот нагоре од 5 GEL на 7 GEL. Со новата повисока рамнотежна цена, количината што ја бараат потрошувачите повторно ќе се усогласи со количината што ја нудат производителите. Забелешка: Зголемувањето на побарувачката (поместувањето на целата крива на побарувачката) ќе резултира со зголемување на понудената количина од 15.000 на 20.000, што претставува движење по постојната крива на понудата.
Намалувањето на приходите на купувачите или пониските цени на замрзнатиот јогурт (супститутно добро) би имало спротивно влијание. Овие промени ќе ја намалат побарувачката за сладолед (поместување на кривата на побарувачка налево), ќе ја намалат цената и ќе ја намалат рамнотежата во размената на количини.
Ајде сега да се осврнеме кон страната на понудата на пазарот. Промените што ги менуваат трошоците по единица за производство на конкретниот производ ќе предизвикаат поместување на кривата на понудата налево или надесно. На пример, подобрувањето на технологијата, пониските цени за ресурсите што се користат во производството или субвенциите за производителите ќе ја зголемат понудата, што ќе предизвика целата крива на понудата да се помести надесно. Од друга страна, промените што го поскапуваат производството на производот – како што се повисоките цени за материјалите што се користат за производство на производот или повисоките даноци наметнати на производителите – ќе ја намалат понудата, што ќе предизвика кривата на понудата да се помести налево.
Да претпоставиме дека има намалување на цените на кремот и млекото, состојки коишто се користат за производство на сладолед. Какво влијание ќе имаат овие намалувања врз цената на ресурсите, врз понудата и врз пазарната цена на сладоледот? Ако вашиот одговор е дека понудата ќе се зголеми, а пазарната цена ќе се намали, вие сте во право. На сликата 4 е прикажано токму тоа во рамката на побарувачката и на понудата. Пониските цени на кремот и на млекото ќе ги намалат трошоците за производство на единица сладолед, што ќе предизвика кривата на понудата да се помести надесно (од Пон1 на Пон2). Како резултат на тоа, рамнотежната цена на сладоледот ќе се намали од 5 GEL на 3 GEL. Со новата пониска цена, бараната количина ќе се зголеми и повторно ќе се изедначи со понудената количина на 20.000 литри дневно. Забелешка: Зголемувањето на понудата, – односно поместувањето на целата крива, – ја намали цената на сладоледот и ја зголеми бараната количина, што претставува движење по постојната крива на побарувачката.
Што ако се случат промени што ќе ги зголемат трошоците за производство на сладолед – на пример, повисоки цени на состојките? Тогаш резултатите би биле сосема спротивни: намалување на понудата – односно поместување на кривата налево – зголемување на цената на сладоледот и намалување на разменетата количина.
Пазарните прилагодувања, како оние наведени овде, не се случуваат веднаш. Потребно е време за потрошувачите и за производителите целосно да се прилагодат на новите услови. Всушност, во еден динамичен свет процесот на прилагодување што го опишуваме постојано се менува.
Како резултат на технолошкиот развој, динамиката и прилагодувањата на цените, како реакција на промените на побарувачката и на понудата, стануваат уште позабележителни. Дали неодамна сте се возеле со Убер или Јандекс? Цената за возењето може да варира од минута во минута. На дождлив ден повеќемина одлучуваат да не пешачат (побарувачката се зголемува) и повеќемина возачи остануваат дома (понудата се намалува), па цената расте.
Влијанието на промените врз побарувачката и врз понудата и влијанието на факторите кои се во основата на промените во овие криви се од клучно значење за разбирањето на пазарниот процес. Анализата на побарувачката и на понудата ќе се користи континуирано во оваа книга.