Економија на здравиот разум

Елемент 2.7: Слободна трговија

Слободната трговија е едноставно слобода луѓето да купуваат и да продаваат како што сакаат. Заштитните царини се примена на сила исто како и блокирачките ескадрили, а нивната цел е иста – да се спречи трговијата. Разликата меѓу овие две е во тоа што блокирачки ескадрили се средство со кое нациите се обидуваат да ги спречат нивните непријатели да тргуваат; а заштитните царини се средство со кое нациите се обидуваат да ги спречат своите сопствени граѓани да тргуваат.(66)

Хенри Џорџ, политички економист од деветнаесеттиот век

Принципите врз основа на кои се заснова меѓународната трговија се во основа исти со оние на кои се заснова секоја доброволна размена. Исто како и домашната трговија, меѓународната трговија им овозможува на трговските партнери да произведуваат и да трошат повеќе стоки и услуги отколку што поинаку би било возможно. Постојат три причини зошто е тоа така.

Прво, луѓето од секоја нација имаат корист ако со посредство на трговијата можат да набават производ или услуга поевтино отколку што би можеле да го произведуваат дома. Ресурсите во различните земји значително се разликуваат. Стоките што се скапи за производство во една земја (имаат висок опуртинитетен трошок) можат поевтино да се произведуваат во друга земја. На пример, за земјите со топла, влажна клима, како што се Бразил и Колумбија, е поволно и корисно да се специјализираат за производство на кафе. Луѓето во Канада и во Австралија, каде што има огромни земјени пространства, а ретка популација, најчесто се специјализираат за производи кои бараат таков ресурс, како што се житарици што се одгледуваат за сточна храна, понатаму говедско месо и овци. Граѓаните на Јапонија, каде што има недостиг на земјиште, а работната сила е висококвалификувана, се специјализирани за производство на предмети како камери, автомобили и електронски производи. Трговијата им овозможува на трговските партнери повеќе ги да ги користат своите ресурси за да произведуваат и да продаваат артикли што ги произведуваат по ниска цена, наместо да ги врзува да произведуваат артикли со високи трошоци. Како резултат на оваа специјализација и трговија, вкупното производство се зголемува, инвестициите растат, а луѓето во секоја земја постигнуваат повисок животен стандард отколку што инаку би можеле да постигнат.

Второ, меѓународната трговија им овозможува на производителите и на потрошувачите да имаат корист од економиите на обем што се типични за многу големи операции. Ов особено е важно за малите земји. На пример, трговијата им помага на производителите на текстил во земји како што се Бангладеш, Костарика, Тајланд и Виетнам да ги користат предностите од производството на големо. Доколку не би можеле да продаваат во странство, нивните трошоци по единица производ би биле многу повисоки бидејќи нивните домашни текстилни пазари премногу се мали за да ги поддржат големите фирми кои работат со ниски трошоци во оваа индустрија. Меѓународната трговија им овозможува на текстилните фирми во овие земји да произведуваат и да продаваат големи количини и ефикасно да се натпреваруваат на светскиот пазар.

И потрошувачите имаат корист со купување од големи производители во странство. На пример, со оглед на огромните трошоци за дизајн и инженеринг на големите авиони со млазни мотори денес ниту една земја нема домашен пазар што е доволно голем за да овозможи дури и еден производител на авиони целосно да ги искористи економиите на обем. Меѓутоа, благодарение на меѓународната трговија, Боинг и Ербас можат да продадат многу повеќе авиони, секој по пониска цена. Како резултат на тоа, потрошувачите во секоја земја можат да летаат со авиони набавени по економски поволни цени од големите производители.

Трето, меѓународната трговија им овозможува на потрошувачите да купат поширок спектар на производи по пониски цени. Конкуренцијата од странство ги тера домашните производители да бидат внимателни. Ги принудува да го подобрат квалитетот на своите производи и да ги намалуваат трошоците. Истовремено, разновидноста на стоките што се достапни од странство им овозможува на потрошувачите многу поголема палета на избор отколку што би им била достапна без меѓународната трговија.

Иако економистите речиси насекаде се согласуваат дека слободната трговија е корисна за секоја земја што ќе ја усвои оваа политика, политичарите и гласачите се чини дека се соочуваат со тешкотии да го сфатат овој едноставен аргумент. Владите честопати наметнуваат регулативи коишто ја ограничуваат меѓународната трговија. Тоа може да бидат царини (давачки на увезени стоки), квоти (ограничувања на увезената количина), контроли на девизниот курс (вештачко држење на вредноста на домашната валута на девизниот пазар на ниско ниво за да се обесхрабри увозот и да се поттикне извозот), или бирократски прописи за увозниците или за извозниците. Сите такви трговски ограничувања ги зголемуваат трансакциските трошоци и ги намалуваат добивките од размената. Како што забележа Хенри Џорџ во цитатот на почетокот на овој дел, трговските ограничувања делуваат како воена блокада што една нација ја наметнува на сопствениот народ.

Меѓутоа, да се утврди дали една земја ја поддржува слободната трговија не е толку едноставно, како што е посматрањето на разновидноста на производите во локалните трговски центри и супермаркети. Иако големиот избор може да наведува на отвореност кон меѓународната трговија, актуелните трговски политики можат да кажуваат поинаква приказна. На пример, во Украина, просечната царина за индустриски производи изнесува над 10 проценти, а се зголемува на 20 проценти за земјоделски производи. Специфичниот увоз се соочува со уште поостри царини, како што се 50 проценти за шеќер и 30 проценти за сончогледово масло. Слично на тоа, Бугарија применува царини кои се движат од 5 до 45 проценти за увоз од земји кои не се членки на ЕУ. Во САД, одредени стоки како на пр. млечни производи, шеќер, етанол и говедско месо, подлежат на квоти, со екстремно високи царини за количините што ги надминуваат утврдените квоти.

Грузија е интересен случај за разгледување во контекстот на трговските политики и на нејзиниот став за слободната трговија. И покрај тоа што е релативно мала земја, Грузија направи значителни напори за да го либерализира својот трговски режим и да ја поттикне слободната трговија. Таа има склучено договори за слободна трговија (ДСТ) со многу земји и региони, вклучувајќи ја и Европската Унија (ЕУ). За жал, како и другите земји, дури и Грузија има специфични трговски политики за да обезбеди заштитна на одредени сектори. Од 2006 година во Грузија има само 3 царински стапки: 0, 5 и 12 проценти. За речиси 90 проценти од стоките царинската стапка е нула. Највисоката стапка се применува на земјоделските стоки и на другите производи што се произведуваат во поголем обем во Грузија, коишто се царинат со највисоки стапки за да се заштитат локалните земјоделци и производители.(67)

Покрај царините, земјите можат да воведат квоти (нумерички ограничувања на увезените количини) или дури и целосни забрани на производи од други земји, или од некои конкретни земји. Царините, квотите и трајните или привремените забрани и ембаргото може да се користат и за други цели покрај трговските политики. Русија, на пример, спроведува и се соочува со неколку видови трговски ограничувања. Неколку земји го забранија увозот на стоки од Русија како одговор на нејзината инвазија на Украина, со фокус на клучните стоки како што се нафтата и гасот, за да се намали зависноста од руските енергетски ресурси и да се одземе значителен извор на приходи за руската влада. Русија, пак, го забрани речиси целиот увоз на земјоделски производи од Европската Унија, САД, Канада, Австралија и од Норвешка. Овие ембарга во 2022 година, a подоцна и уште поголеми ограничувања, беа воведени од ЕУ и од САД против Русија по нејзината анексија на Крим. Во 2018 и во 2019 година, американскиот претседател Трамп ја користеше царинската политика во споровите со Кина. Уште еден добро документиран пример за трговски ограничувања претставува низата санкции што САД му ги наметнаа на Иран во текот на годините.

Иако голем дел од овие ограничувања се наметнати за да им наштетат на граѓаните на државите кои „не се однесуваат како што треба“, мора да се признае дека овие ограничувања им штетат и на граѓаните на државите што ги наметнуваат и затоа мора да се оправдани со поголеми политички размислувања како што се обесхрабрување агресија или малтретирање на малцинствата. Лицата кои не се економисти честопати тврдат дека ограничувањата на увозот можат да создадат работни места. Како што дискутиравме во Дел 1, Елемент 1.11, она што навистина е важно е создавањето на вредност, а не работните места. Ако работните места беа клучот за високите доходи, лесно би можеле да создадеме онолку работни места колку што сакаме. Сите би можеле да работиме еден ден копајќи дупки, а следниот ден пополнувајќи ги. Сите би биле вработени, но би биле и крајно сиромашни бидејќи таквите работни места нема да генерираат добра и услуги што луѓето ги ценат.

Може да се чини дека ограничувањата на увозот ја зголемуваат вработеноста бидејќи индустриите коишто се заштитени од странска конкуренција може да пораснат или барем да останат стабилни. Сепак, тоа не значи дека ограничувањата ја зголемуваат вкупната вработеност. Сетете се на секундарните ефекти за коишто дискутиравме во Дел 1, Елемент 1.9. Кога една земја утврдува царински давачки, квоти и други бариери коишто ги ограничуваат можностите на странците да продаваат во таа земја, тие истовремено ги намалуваат можностите на странците да купуваат од нив. Тоа што го купуваме од луѓето од други земји им ја дава куповната моќ што им е потребна за да ги купат производите што ги извезуваме. На пример, ако странците им продаваат помалку на Узбекистанците, тие ќе имаат помали можности да купуваат од Узбекистанците. Следствено, увозните ограничувања ќе го намалат и извозот, а не само увозот. Производството и вработеноста во извозните индустрии ќе се намалат, неутрализирајќи ги сите „зачувани“ работни места во заштитените индустрии.(68)

Според тоа, трговските ограничувања ниту создаваат ниту уништуваат работни места туку ги прераспределуваат. Ограничувањата вештачки ги насочуваат работниците и другите ресурси на земјата кон производство на артикли што се произведуваат по повисока цена отколку што би можеле да се произведуваат во други земји. Тие се дизајнирани да ги заштитат економски неефикасните индустрии. Производството и вработеноста се намалуваат во областите каде што ресурсите на земјата што ги наметнува ограничувањата се попродуктивни, односно области каде што нејзините фирми би можеле успешно да се натпреваруваат на светскиот пазар, доколку не би биле влијанијата на ограничувањата. Затоа, работниците и другите ресурси се префрлаат од области со релативно висока продуктивност во области со ниска продуктивност. Ваквите политики ги намалуваат и производството и доходите на граѓаните.

Некои луѓе во поразвиените земји би можеле да тврдат дека работниците во нивната земја не можат да се натпреваруваат со странците кои понекогаш заработуваат едвај 2 или 3 американски долари дневно. Овој став едноставно е погрешен и произлегува од погрешно разбирање и на изворот на високите плати и на Законот за компаративна предност. Работниците во Германија, на пример, поседуваат високо ниво на вештини и работат со голем обем капитална опрема. Овие фактори придонесуваат за нивната висока продуктивност, поради што нивните плати се високи. Во земјите со ниски плати како што се Молдавија и Киргистан, платите се ниски токму поради тоа што земјите располагаат со недоволно квалификуван човечки капитал и ограничен физички капитал што пак доведува до ниска продуктивност.

Секогаш ќе има некои работи што една земја ги прави релативно подобро од другите. И земјите со високи и земјите со ниски плати можат да имаат придобивки од користењето на повеќе сопствени ресурси за да го произведат она што го прават компаративно добро - и да тргуваат за сѐ друго. Ако една земја со високи плати може да увезе производ од странски производители по пониска цена отколку што може да го произведе во домашната економија, увозот има смисла. Увозот на производи коишто би можеле да се прозведат дома само по високи трошоци, ослободува ресурси за производство на оние стоки што можат добро да се произведат во земјата и да се понудат и дома и во странство по ниска цена.(69) Меѓународната трговија им овозможува на работниците и во земјите со високи и во земјите со ниски плати да произведуваат повеќе отколку што инаку би било возможно. Од друга страна, повисоката продуктивност ги зголемува платите во земјите.

Што ако странските производители можат да им обезбедат на потрошувачите производи по толку ниска цени што домашните производители нема да можат да се натпреваруваат, односно нема да се конкурентни? Разумно би било да се прифатат производите, а да се користат домашните ресурси за производство на другипроизводи. Запомнете, достапноста на стоки и на услуги, а не на работни места, го одредува нашиот животен стандард. Адам Смит во „Богатството на народите“ (The Wealth of Nations) (1776) забележал: „Со помош на стакло, затворени леи и загревање во Шкотска може да се одгледува многу квалитетно грозје и од него да се направи многу добро вино по цена што ќе биде околу триесетпати повисока од цената за набавка на барем исто толку добро вино од странство.“ Преку оваа аналогија, Адам Смит се залагаше за принципот на слободна трговија. Поентата на Смит беше дека иако технички е возможно да се одгледува грозје и да се произведува вино во Шкотска, земја којашто природно не е погодна за овој вид земјоделско производство поради нејзината постудена клима, трошоците за тоа би биле многу високи, околу триесетпати повисоки, во споредба со трошоците за увозот на вино од земји каде што грозјето расте природно и подобро успева, како што се Франција или Шпанија. Францускиот економист Фредерик Бастија драматично се осврна на ова прашање во својата сатира од 1845 година „Петиција во име на производителите на свеќници и свеќи“ (A Petition on Behalf of the Candlestick Makers). Петицијата наводно била испратена до францускиот пратенички дом од француските производители на свеќници, свеќи, фенери и на други производи за внатрешно осветлување. Во петицијата се пожалиле дека домашните добавувачи на осветлување „страдаат од погубната конкуренција од странскиот ривал кој очигледно работи во услови за производство на осветлување што се толку посупериорни од нашите што го преплавува домашниот пазар со своите производи по неверојатно ниска цена; во моментот кога тој ќе се појави, нашата продажба престанува, сите потрошувачи се свртуваат кон него, а една гранка на француската индустрија, чии разгранувања се безбројни одеднаш влегува во целосна стагнација“.

Се разбира, овој конкурент е сонцето, а подносителите бараат од пратениците да донесат закон со кој се бара затворање на прозорците, ролетните и другите отвори за да не може сончевата светлина да влезе во објектите. Петицијата продолжува со набројување на занимањата во индустријата за осветлување коишто би доживеале голем пораст на вработеноста доколку биде забрането да се користи сонцето за внатрешно осветлување. Поентата на Бастија во оваа сатира е јасна: Колку и да е глупаво предложеното законодавство во петицијата, тоа не е ништо поглупаво од законодавството што ја намалува достапноста на евтини стоки и услуги за да ги „спаси“ домашните производители и да поттикне вработување.(70)

Ако трговските ограничувања го намалуваат производството и го пренасочуваат вработувањето кон помалку продуктивни активности, зошто се усвојуваат честопати? Причината делумно е поради економската неписменост. Луѓето честопати не сфаќаат дека трговските ограничувања предизвикуваат негативни секундарни ефекти, вклучително и повисоки цени за стоките со царински давачки и намалување на производството и на вработеноста во извозните индустрии. Сепак, има два дополнителни фактора што придонесуваат за популарноста на трговските ограничувања.

Прво, трговските ограничувања се прашање од посебен интерес. Тие обезбедуваат придобивки за одредени бизниси и вработени во заштитената индустрија на сметка на потрошувачите и на добавувачите во другите индустрии. Вообичаено, бизнисите и синдикатите што имаат корист од трговските ограничувања добро се организирани и нивните придобивки се концентрирани и многу видливи. Од друга страна, потрошувачите, работниците и другите добавувачи на ресурси генерално слабо се организирани и нивните придобивки од меѓународната трговија широко се дисперзирани. Очекувано, организираните интереси ќе имаат поголемо политичко влијание. Тие ќе можат да лобираат кај политичарите и да им дадат придонеси за кампањите и други ресурси за да ги добијат трговските ограничувања.

Понатаму, кога производите како што се челик или граѓа се достапни по пониски цени од странски производители, негативните влијанија врз работниците кои ќе ги загубат своите работни места лесно се видливи. Од друга страна, придобивките за потрошувачите и за другите субјекти коишто произлегуваат од пониските цени и од слободната трговија не се толку видливи. Како резултат на тоа, политичарите честопати ќе можат да добијат политички поени со поддршка на интересите на бизнисите и на работниците кои имаат корист од ограничувањата, иако тие негативно влијаат врз економијата во целост.

Второ, политичарите може и да користат трговски ограничувања во обид да го натераат трговскиот партнер да се однесува на посакуваниот начин, особено во надворешната политика. Се разбира, трговијата заемно е корисна, па оттука трговските ограничувања ќе нанесат штета на двата трговски партнера. Ако штетата е значителна, ограничувањата може да се користат како алатка со која ќе се промени нивното однесување. На пример, администрацијата на Трамп ѝ воведе царини на Кина за да ги убеди кинеските лидери да бидат помалку агресивни на воен план. Во голема мера, администрацијата на Бајден продолжи со истата политика. Слично на тоа, по инвазијата на Украина, членките на НАТО и другите земји ѝ воведоа различни трговски ограничувања на Русија за да ја казнат за оваа агресија.

Наметнувањето трговски ограничувања против странска закана честопати е популарна мерка, но нејзината ефикасност е дискутабилна. Историски гледано, тешко е да се најде барем еден случај каде што трговските ограничувања ја намалиле заканата од конфликти и од војна. Покрај тоа, постои причина да бидеме внимателни во оваа област. Трговијата и социјалната интеракција што произлегува од неа можат да помогнат да се унапреди разбирањето и да се урнат бариерите меѓу трговските партнери. Од друга страна, трговските бариери честопати доведуваат до конфликт и до зголемување на непријателството. Наводно, Фредерик Бастија изјавил: „Кога стоките не ги преминуваат границите, војниците ќе ги преминат“.(71) Џон Мејнард Кејнз, во своето дело „Економските последици од мирот“ (1919), го критикуваше Версајскиот договор, особено неговите репарации и економски санкции врз Германија по Првата светска војна. Тој тврдеше дека овие казнени мерки нема да доведат до мир, туку, напротив, ќе го посеат семето на незадоволството и на економските тешкотии, што потенцијално ќе доведат до конфликт во иднина. Кејнз славно изјавил: „Картагинскиот мир всушност не е ниту исправен ниту возможен“.(72)

Во последниве години, непријателството кон меѓународната трговија се чини дека доживува пораст во многу земји со висок доход. Историјата покажува дека ова е опасен тренд. Со забавувањето на економијата во доцните 1920-ти, во САД се појави непријателството кон трговијата, што доведе до усвојување на Законот за трговија Смут-Холи во средината на 1930 година. Со овој закон царинските давачкиза околу три илјади и двесте увезени производи се зголемија за над 50 проценти. Претседателот Херберт Хувер, сенаторот Рид Смут, конгресменот Вилис Хејли и другите поборници за Законот сметаа дека повисоките царински давачки ќе ја стимулираат економијата и ќе ги зачуваат работните места. Како што рече Хејли, „Сакам да видам американски работници вработени да произведуваат американски стоки за американска потрошувачка“.(73)

Денес, поддржувачите на трговските ограничувања во САД и во многу други земји ги користат речиси истите зборови. Реториката звучи одлично, но искуството од 1930-тите укажува на тоа дека резултатите драматично се различни. Странците одговорија на повисоките царински давачки со воведување трговски ограничувања за американските производи. Меѓународната трговија се намали, а со тоа и производството. До 1932 година обемот на трговијата со САД падна на помалку од половина од нивото пред Законот Смут-Хејли. Придобивките од трговијата беа изгубени, царинските приходи на федералната влада всушност се намалија, производството и вработеноста паднаа, а стапката на невработеност порасна. Кога беше донесен Законот, невработеноста изнесуваше 7,8 проценти, но за само две години се искачи на 23,6 проценти. Берзата, која ги поврати речиси сите загуби од октомври 1929 година пред донесувањето на Законот Смут-Хејли, падна по неговото донесување.

Повеќе од илјада економисти потпишаа отворено писмо до претседателот Хувер предупредувајќи за штетните ефекти на Смут-Хејли, молејќи го да не го потпишува Законот. Тој ги отфрли нивните молби, но историјата ја потврди валидноста на нивните предупредувања. Други фактори, како што се огромниот пад на понудата на пари и огромните зголемувања на даноците во 1932 и во 1936 година, придонесоа за појавата на Големата депресија. Законот за трговија Смут-Хејли, сепак, останува една од главните причини за трагичните настани од таа ера.

Земјите ќе можат да постигнат побрз раст и повисоко ниво на доход кога слободно тргуваат со други земји. Ограничувањата на трговијата можеби се добра политика, но тие се лоша економија. Покрај тоа, како што покажува искуството на САД во 1930-тите, неинформираната политичка реторика и непријателството кон трговијата може да доведат до катастрофални резултати.

Разгледувајќи ги влијанијата на меѓународната трговија во повоените периоди, јасно е дека нивото на отвореност на Западна Европа влијаеше врз брзината и врз обемот на закрепнување на економиите по двете светски војни. Очигледен е контрастот помеѓу деценијата на економска нестабилност во Западна Европа по Првата светска војна и економското закрепнување што настапи во деценијата по Втората светска војна и тој тесно е поврзан со разликите во трговските политики.(74) Економското преструктурирање по Првата светска војна немаше институционален механизам за да се олесни намалувањето на трговските бариери кои се појавија за време на Војната и се етаблираа потоа. Сепак, само две години по капитулацијата на Германија во 1945 година, дваесет и три земји потпишаа Општа спогодба за царини и трговија (ГАТТ, англ. General Agreement on Tariffs and Trade, GATT) со којашто утврдија обврзувачки договори за намалување на царините. Само пет години по завршувањето на Војната, сите поголеми западноевропски земји учествуваа во три одделни рунди на преговори на кои го проширија членството во ГАТТ и дополнително ги намалија увозните царини. Главното достигнување на ГАТТ беше огромното намалување на царините во првата рунда на преговори во Женева во 1947 година. Брзото намалување на царините е претставено на сликата 10.

Слика 10: Просечни нивоа на царинските тарифи во одредени земји

1913 1925 1927 1931 1952
Белгија 9 7 11 17 N/A
Франција 14 9 23 38 19
Германија 12 15 24 40 16
Италија 17 16 27 48 24
Холандија 2 4 N/A N/A N/A
Обединето Кралство N/A 4 N/A 17 17
Соединети Американски Држави 32 26 N/A N/A 16

Извор: Пресметките за 1913 и 1925 година се од Лигата на народите како што се објавени во ГАТТ (1953), стр. 62, а се и извор за пресметката на ГАТТ од 1952 година. За податоци за царинските тарифи од 1927 и 1931 година, видете Липман (1938), стр. 415, и Китсон и Солому (1990), стр. 65-6, за Обединетото Кралство во 1932 година.

  • Забелешка: Не се сите години споредливи.

На сликите 11 и 12 е прикажано движењето на обемот на извозот и реалниот доход за пет големи западноевропски земји – Франција, Германија, Италија, Холандија и Обединетото Кралство – по двете војни.

Слика 11: Обем на извозот по Првата и Втората светска војна (во пет
западноевропски економии)
A line chart showing export volumes in five West European economies after the First and Second World Wars. The y axis gives an index from 100 to 900, where 100 is equal to export volumes in 1918 and 1946, down from 380 in 1913 and 450 in 1938. Volumes increase after both wars, rising to just under 400 by 1929, and rising steeply after the Second World War to over 850 by 1957.
Слика 12: Реално производство по Првата и Втората светска војна (во
пет западноевропски економии)
A line chart showing real output in five West European economies after the First and Second World Wars. The y axis gives an index starting at 100 for 1918 and 1946, down from 112 in 1913 and 122 in 1938. After the First World War, output decreases until 1921, then rises steadily to above 125 by 1929. Output increases immediately after the Second World War to almost 200 by 1957.

Ослободувањето на регионалната и на меѓународната трговија на Европа од владините ограничувања им овозможи на економиите да ги искористат предностите на специјализацијата според својата компаративна предност, а со тоа побрзо да се развијат.

Импликациите на политиката се јасни. Намалувањето на трговските ограничувања е ситуација во која двете страни добиваат, особено кога тие се намалуваат меѓу земји со различни компаративни предности. Клучниот став е дека, гледано во целост, отворањето на трговијата ќе го подобри животот на граѓаните на една земја, но во секоја земја секогаш ќе има некои губитници (како што се казахстанските производители на вино на пример). Во суштина победниците секогаш добиваат повеќе од губитниците, така што прашањето е како да се изгради консензус што ќе го подобри животот на сите.