Елемент 3.1: Заштита на правата и производство на ограничени стоки и услуги
Мудра и штедлива влада, која ќе ги спречи луѓето да си нанесуваат штета еден на друг, која ќе ги остави слободни да ги регулираат сопствените стремежи за индустријата и напредокот, и нема да им го одземе од устата лебот на луѓето што го заработиле. Тоа е, накратко кажано, добра влада.(78)
Владите имаат клучна економска улога. Владите можат да ја поттикнат социјалната соработка и да ја подобрат благосостојбата на граѓаните преку извршување две главни функции: (1) заштитната функција, којашто обезбедува заштита на животот, слободата и на имотот на луѓето и (2) производната функција, со којашто се обезбедуваат одредени стоки и услуги кои имаат необични карактеристики што сериозно го отежнуваат нивното обезбедување на пазарите.
Видео:
Заштитната функција се однесува на одржувањето на редот безбедноста од страна на владата, како и на спроведувањето на правилата за спречување кражби, измама и насилство, вклучително и од други земји (национална одбрана). Владите имаат монопол на легитимната употреба на сила за заштита на граѓаните, како едни од други така и од надворешни субјекти. Следствено, „државата-заштитничка“ се стреми да ги спречи поединците или другите актери да си наштетуваат едни на други и ја одржува рамката на правила коишто им овозможува на луѓето да комуницираат едни со други на кооперативен и хармоничен начин. Правниот систем којшто ги штити поединците и нивниот имот од агресори, осигурува спроведување на договорите на непристрасен начин и обезбедува еднаков третман пред законот (види Дел 2, Елемент 2.1) ја сочинува суштината на оваа заштитна функција на владата.
Заштитната функција е од клучно значење за непречено функционирање на пазарите. Кога владата јасно ги дефинира и ги спроведува правата на сопственост, пазарните цени ќе бидат одраз на опортунитетните трошоци на ресурсите (за што разговаравме во Дел 1, Елемент 1.2), а производителите ќе бидат поттикнати да произведуваат стоки и услуги што потрошувачите ги ценат највисоко во споредба со нивните трошоци за производство. Исто така, доколку договорите ефикасно се спроведуваат без фаворизирање, трансакциските трошоци ќе бидат ниски, а обемот на трговијата ќе се зголеми. Кога луѓето и нивниот имот се заштитени, граѓаните можат да имаат доверба дека нема да бидат измамени и дека богатството што го создаваат нема да им биде одземено, било од себични натрапници било од владата. Оваа заштита им дава на граѓаните уверување дека ако нешто посеат, ќе им биде дозволено да жнеат, односно да уживаат во придобивките од својот труд. Кога постои ваква заштита, луѓето обилно ќе сеат и ќе жнеат, а тоа ќе доведе до економски напредок.
Наспроти тоа, кога заштитната функција потфрлува, се јавуваат мноштво проблеми. Се појавуваат можности да се напредува преку манипулација, измама, кражба и политичко фаворизирање наместо преку производство и трговија. Заработката и богатството нема да бидат сигурни, а пазарните цени нема да бидат одраз на вистинските трошоци за набавка на стоките и на услугите. Поттикот за развој на ресурсите ќе биде слаб, а економијата ќе стагнира. За жал, токму таква е ситуацијата во многу сиромашни, помалку развиени земји.
Втората примарна функција на владата, производната функција, вклучува обезбедување активности коишто е тешко да се обезбедат преку пазарите. Оваа производна функција содржи и индиректна и директна компонента. Индиректната компонента вклучува создавање средина за ефикасно функционирање на пазарите преку заштита на правата на сопственост и монетарна стабилност. Како што веќе беше наведено, правната структура којашто ги штити правата на сопственост и осигурува спроведување на договорите ги зголемува придобивките од трговијата и пазарната ефикасност. Слично на тоа, монетарните аранжмани коишто на жителите им обезбедуваат пристап до пари со стабилна куповна моќ со текот на времето ја намалуваат неизвесноста и обезбедуваат добивки од размената. Обезбедувањето стабилна монетарна средина и стабилно ниво на цени е една од најважните производни функции на владата. Како што дискутиравме во Дел 2, Елемент 2.5, кога владите добро ја вршат оваа функција, луѓето инвестираат повеќе, а трговската размена ја олеснува и подобрува соработката што доведува до повисоко ниво на доходот.
Понекогаш производната функција на владата е подиректна. Некои пазари на стоки се несовршени бидејќи е тешко да се воспостави директна врска помеѓу плаќањето и приемот на стоката. Стоките од овој вид се нарекуваат јавни добра. Технички, едно добро или една услуга за да се смета за јавно добро, мора да поседува две карактеристики: (1) не смее да постои „ривалство“, што значи дека користењето на доброто од едно лице не ја намалува достапноста на доброто за користење од друго лице; и (2) „неисклучивост“, односно не постои можност од „исклучување“, што значи дека ако некое лице не плаќа за доброто, нема начин да биде спречено да го користи тоа добро. Да дадеме еден тривијален пример: огномет. Тука нема ривалство, фактот дека едно лице го гледа огнометот не ја намалува достапноста („количината“) на другото лице да ужива во спектаклот на огнеметот. Не постои можност од исклучување, односно лице кое не го платило огнометот не може да биде спречено да го гледа неговото распрскување во воздухот.
Еден посериозен пример е националната одбрана којашто е во корист на сите граѓани и сите заеднички ја користат. Би било речиси невозможно на некои граѓани да им се обезбеди заштита од странски агресори без истовремено да им се обезбеди заштита на сите. Кога националната одбрана би била препуштена да се обезбедува на пазарите, тие веројатно би овозможиле премалку одбрана за да ги заштитат целосно сите. Како резултат на тоа, обезбедувањето на таквите добра од владата може да доведе до подобрување на економските услови. Ова прашање подетално е разгледано во Елементот 3-3 во продолжение.
Во други случаи, може да биде многу скапо да се следи користењето и да се наплатува директно од корисниците. Во таков случај, може да биде неефикасно да се обезбедуваат такви добра преку пазарите. Ајде да ги земеме за пример патиштата, освен автопатиштата каде што има ограничен пристап. Трошоците за наплата на патарина и со тоа директно наплаќање од корисниците за нивната употреба би биле исклучително високи. Поради тоа, обично е поефикасно повеќето патишта да бидат достапни за сите и да се финансираат преку оданочување. Меѓутоа, со неодамнешните технолошки достигнувања, можноста за автоматска наплата на патарина на лицата кои влегуваат во одредени области, како што се прави во Лондон и во Њујорк, значи дека можноста за наплата на трошоците за користењето на овие патишта директно од корисниците станува се поизводлива. Некои можат да тврдат дека парковите се добар пример за јавно добро, но јасно е дека бесплатниот влез во парк е прашање на избор, ако го погледнете Дизни Ворлд. Ова е важна разлика. Некои добра се јавно обезбедени добра затоа што општеството ги утврдило како такви поради тоа што е тешко да се наплати за нив, додека други добра се третираат како такви поради социјалните преференции.
Како што истакнавме во повеќе наврати, за да добиеме најголема вредност од нашите ресурси, потребно е активностите да се преземаат само кога придобивките се поголеми од трошоците. Овој принцип се однесува и на владините, и на пазарните активности. За жал, кога владините активности вклучуваат проекти што се финансираат од даноците или со задолжување, тешко е да се измерат и придобивките и трошоците. На пазарот, изборот на купувачите и на продавачите ни дава информации за придобивките и за трошоците. Потрошувачите нема да купат некој производ освен ако не сметаат дека вреди повеќе од неговата цена. Слично на тоа, производителите нема да продолжат да снабдуваат стоки ако не можат да ги покријат нивните трошоци. Но, информациите што произлегуваат од изборот на потрошувачите и на производителите се губат кога владата спроведува активности што ги финансира од даноците. Во тој случај купувачите не трошат директно сопствени пари и поради тоа не постојат информации за нивните придобивки. Исто така, за исплата на добавувачите се користат приходите добиени од задолжителното оданочување, што не е гаранција дека проектот вреди повеќе од неговите трошоци.
Владините планери можат да се обидат да ги проценат трошоците и придобивките, но нивните процени во голема мера ќе бидат нагаѓања, бидејќи ќе им недостигаат солидни информации засновани на изборот на купувачите и на продавачите. Понатаму, во реалниот свет, ваквите пресметки на трошоците и придобивките честопати ќе бидат под влијание на политичките размислувања.
Како што кажува цитатот на Томас Џеферсон на почетокот на овој елемент, од клучно значење е владата да ги спречи луѓето да си нанесуваат штета едни на други (заштитната функција на владата). Како што рекол Џон Мејнард Кејнс:
Важно е за владата да не прави ствари што поединците веќе ги прават, и да ги прави малку подобро или малку полошо; туку да ги прави оние ствари кои во моментов воопшто не се прават.(79)
Економијата укажува и на тоа дека има потреба владата да обезбедува добра коишто тешко се обезбедуваат преку пазарите (производна функција на владата). Сепак, кога владата се поместува вон овие активности, случајот за уште поголема владина интервенција слабее. За да се оцени подобро економската улога и на владата и на пазарите, важно е суштински да се разберат ограничувањата на пазарите со примена на економските алатки врз политичкиот процес.