Економија на здравиот разум

Елемент 3.9: Немешање во централното планирање

Човекот на системот... е способен да биде многу мудар во сопствената вообразеност... Си замислува дека може да ги распоредува различните членови на едно големо општество со толкава леснотија со каква што раката ги распоредува различните фигури на шаховска табла. Тој не размислува дека фигурите на шаховската табла немаат друг принцип на движење освен она коешто самата рака им го одредува; и дека, на големата шаховска табла на човечкото општество, секоја фигура има свој принцип на движење, сосема различен од оној којшто законодавецот би можел да го одреди наместо неа. Доколку тие два принципа се поклопат и дејствуваат во иста насока, играта на човечкото општество ќе продолжи лесно и хармонично и голема е веројатноста да биде среќна и успешна. Ако тие се спротивни или различни, играта ќе продолжи во мизерни услови, а општеството секогаш ќе биде во состојба на хаос.(115)

Адам Смит

Како што беше дискутирано претходно, владите честопати можат да го координираат обезбедувањето јавни добра – односно оние релативно малку стоки за кои е тешко да се ограничи потрошувачката на потрошувачите кои плаќаат – подобро отколку што тоа можат да го прават пазарите. Многумина знаат да тврдат и дека владините службеници можат да управуваат со поголемиот дел или со целата економија подобро од пазарите. Од Болшевичката револуција во 1917 година, бројни поборници на централното планирање тврдат дека општото население би било во подобра финансиска состојба ако владините службеници користат даноци, субвенции, наредби, директиви и регулативи за централно планирање и управување со клучните сектори на економијата. Централното планирање ги заменува пазарите со владини алокации. Тоа може да вклучува директна команда и контрола, како во стариот советски систем. Тоа може да се случи и кога избраните политички функционери создаваат силни стимулации да ги заменат своите преференции за оние на потрошувачите, инвеститорите и на претприемачите коишто се водени од пазарните сили.

Лесно е да се разбере зошто централното планирање има своја привлечност. Се разбира, логично е да се планира. Нели е поверојатно дека избраните функционери и владините експерти подобро ќе ја претставуваат „општата благосостојба“ на народот отколку деловните претприемачи? Зарем владините службеници нема да бидат „помалку алчни“ од приватните бизниси? Разбирлива е привлечноста на централното планирање кај оние на кои им недостига познавање за теоријата на јавен избор и за нејзините импликации врз функционирањето на политичкиот процес. Економската логика, сепак, укажува дека централното планирање речиси секогаш ќе биде неефикасно. Постојат пет главни причини коишто објаснуваат зошто е така тоа.

Прво, централното планирање само ја заменува политиката со пазарните одлуки. Централните планери од реалниот свет (и законодавците коишто им даваат насоки) не се група сезнајни великодушни светци. Субвенциите и инвестициските фондови коишто ги распределуваат планерите неминовно ќе бидат под влијание на политичките фактори. Размислете како функционира овој процес дури и кога одлуките се носат на демократски начин.

Расходите ќе треба да бидат одобрени од законодавното тело (на пример, Конгресот на САД). Различни бизниси, синдикати и други посебни интереси ќе лобираат за инвестициските фондови и за субвенциите. Законодавците ќе бидат особено чувствителни на оние коишто се во позиција да обезбедат придонеси за кампањата или да влијаат врз клучни гласачки групи. Овој процес ќе ги фаворизира постарите фирми со поголемо лобирачко искуство и политичко влијание, дури и ако економски се слаби, пред поновите фирми ориентирани кон раст. Покрај тоа, претседателите на законодавните комисии честопати блокираат различни програми, освен ако другите законодавци не се согласат да поддржат проекти од кои корист имаат нивните конституенти и фаворизирани интересни групи (т.е. проекти „свинско буре“). Со оглед на оваа стимулативна структура, само наивен идеалист би очекувал овој политизиран процес да резултира со помалку расипничко трошење, поголемо богатство и со подобра распределба на инвестициските фондови споредено со пазарите. Стимулација да постигнат најголема ефикасност не им недостига само на управителите. Работниците на кои им се гарантираат работни места и се исто платени без разлика на тоа колку напорно работат, се стимулирани да го минимизираат својот напор. Една стара изрека добро ја доловува советската реалност: „Тие се преправаат дека ни плаќаат, а ние се преправаме дека работиме“. (Друга добропозната советска фраза гласи „Секој што не краде од државата, краде од своето семејство“.)

Второ, поттикот е слаб за владините претпријатија и за агенциите да ги контролираат расходите и ефикасно да снабдуваат стоки. Наместо да создаваат свои агенции така што ќе ги задоволуваат потребите на своите клиенти, тие се потпираат на владиниот буџет. Тоа што директорите на владините организации ќе бидат мотивирани да бараат поголем буџет, не треба да изненадува. Поголемиот буџет ќе обезбеди средства за проширување, зголемување на платите, дополнителни трошоци за клиентите и други фактори коишто ќе им го олеснат животот на менаџерите. Менаџерите на владините претпријатија и агенции, речиси без исклучок, ќе се обидат да ги убедат законодавците дека нивните активности се производство на стоки или услуги коишто енормно се вредни за пошироката јавност и, само кога би им биле дадени повеќе пари, тие би направиле уште почудесни работи за општеството. Згора на тоа, тие ќе тврдат дека без потребното финансирање, луѓето ќе страдаат и исходот ќе биде катастрофален. Ќе биде тешко за законодавците и за другите владини планери да ги оценат таквите тврдења.

Понатаму, слаба е стимулацијата за директорите и за управителите на претпријатијата од јавниот сектор ефикасно да произведуваат и да ги одржуваат трошоците ниски. За разлика од приватните сопственици, управителите во јавниот сектор не добиваат многу од подобрувањето на ефикасноста и од помалите трошоци. Нема ништо што е споредливо со профитот на приватниот сектор што докажува дека една владина агенција или едно претпријатие добро е управувано. Во приватниот сектор, стечајот на крајот ги отстранува неефикасните производители, но во јавниот сектор, не постои паралелен механизам којшто ги елиминира неуспешните програми. Всушност, лошите перформанси и неостварувањето на целите честопати се користат како аргументи за зголемено владино финансирање! На пример, полицијата ќе ја користи зголемената стапка на криминал како аргумент да побара дополнително финансирање за силите за спроведување на законите. Ако оценките за успехот на учениците се намалуваат, на пример, администраторите на јавните училишта ќе го искористат овој неуспех како аргумент за да побараат уште повеќе средства. Со оглед на силната стимулација на менаџерите на владините претпријатија да ги зголемат своите буџети и со оглед на слабиот поттик за ефикасно работење, може да се очекува од владините претпријатија да имаат повисоки трошоци по единица од споредливите приватни фирми.

Трето, не постои причина да не се верува дека инвеститорите коишто ги ризикуваат своите пари ќе направат подобар избор за инвестиции отколку централните планери коишто ги трошат парите на даночните обврзници. Запомнете, инвеститорот којшто сака да профитира мора да открие и да инвестира во проект којшто ја зголемува вредноста на ресурсите. Инвеститорот којшто ќе направи грешка – односно чијшто проект резултира со загуби – директно ќе ги сноси последиците. Спротивно на тоа, успехот или неуспехот на владините проекти ретко има големо влијание врз личното богатство на владините планери. Дури и ако проектот е продуктивен, личната добивка на планерот веројатно ќе биде скромна. А ако проектот е расипнички – ако ја намалува вредноста на ресурсите–овој неуспех ќе има мало негативно влијание врз доходот на планерите. Можеби ќе имаат и лична корист од расипнички проекти коишто ги канализираат субвенциите и другите придобивки кон политички моќните групи, коишто потоа ќе им возвратат со дополнителна политичка поддршка на нивната агенција или на нивното претпријатие. Со оглед на оваа структура на стимулации, нема причина да се верува дека поголема е веројатноста владините планери да откријат и да спроведат проекти коишто го зголемуваат богатството на општеството отколку приватните инвеститори.

Четврто, и ефикасноста на владините расходи ќе биде поткопана бидејќи буџетот на влада без ограничувања е нешто како заеднички ресурс. Кога парите и ресурсите се во заедничка сопственост, има мала мотивација да се размислува за иднината. Како што видовме во Елементот 2.1, сепак, приватната сопственост дава силна мотивација да се земат предвид идните ефекти од тековните одлуки. На пример, рибите во океанот се во заедничка сопственост додека некој не ги фати и, како резултат на тоа, многу видови се на работ на исцрпување поради прекумерниот риболов. На сите во рибарската индустрија би им било подобро ако рибите се ловат побавно, така што ќе има повеќе можности за обнова на нивната популација. Од друга страна, поради заедничката сопственост, секој рибар знае дека рибата којашто не е уловена денес, утре ќе ја улови некој друг. Така, има мала стимулација за некој да го намали денешниот улов, за да бидат достапни повеќе риби во иднина.

Слично на тоа, кога интересните групи „ловат“ (т.е. лобираат кај политички планери) владини трошоци, тие имаат мала стимулација да ги земат предвид негативните последици од повисоките даноци и од дополнителното задолжување врз идното производство. Поддржувачите на секој проект за трошење можат да препознаат дека идното производство би било поголемо доколку даноците би биле пониски, а приватните инвестиции повисоки. Но, тие, и ќе препознаат дека ако не зграпчат повеќе од владиниот буџет, тоа ќе го направи некоја друга интересна група. Со оглед на овие стимулации, проектите за неефикасно трошење и постојаните буџетски дефицити се очекуван резултат. Во Елементот 3.6 го разгледавме сè поголемиот проблем со хроничниот државен буџетски дефицит на Соединетите Американски Држави.

Петто, не постои начин централните планери да добијат доволно информации за да креираат, одржуваат и постојано да ажурираат план којшто има смисла. Живееме во свет на динамични промени. Технолошкиот напредок, новите производи, политичките немири, промената на побарувачката и променливите временски услови постојано го менуваат релативниот недостаток и на стоки и на ресурси. Ниту еден централен орган нема да може да одржува чекор со овие промени, да ги оценува од политички аспект и/или да им дава разумни упатства на менаџерите на претпријатијата. Владините планери немаат ниту информации ниту стимулација да планираат ефикасно.

Централното планирање честопати генерира несакани секундарни ефекти и исходи коишто суштински се разликуваат од ветеното. Како што посочи Адам Смит пред повеќе од два и пол века, луѓето имаат свој ум, она што Смит го нарекува „принцип на движење“. (Види го цитатот на почетокот на овој елемент.) Бидејќи граѓаните имаат свој ум, нивните постапки честопати создаваат неочекувани секундарни ефекти. Примери има многу. Кога кинеската влада воведе политика за едно дете во 1980-тите, потенцијалните родители несразмерно ги абортираа женските фетуси, што доведе до популација со масовна родова неурамнотеженост. Како резултат на тоа, мажите сега сочинуваат речиси 60 отсто од кинеската популација под 35 години. Сега НР Кина се соочува со превртен демографски триаголник со раст на населението којшто е недоволен да биде поддршка за старото население коешто се зголемува со алармантна брзина. НР Кина има шема за старосна пензија, но нејзиното финансирање ќе станува сè потешко. Згора на тоа, секој млад брачен пар, каде што секој од сопружниците е дете на семејство со едно дете, ќе се соочи со товарот самостојно, без помош од браќа и сестри да се грижи за два пара на остарени родители. Несакана последица од политиката за едно дете е тоа што на крајот таа може да значи „крај на кинеската компаративна предност на евтината квалификувана работна сила, како и застрашувачкиот предизвик да се грижи за своето население кое брзо старее“.

Секундарните ефекти доведоа и до несакани резултати од планирањето во Соединетите Американски Држави. На почетокот на 1990-тите, Конгресот побара од планерите за домување да преземат мерки за зголемување на бројот на сопственици на домови кај населението со средни и со пониски доходи. Владините планери одговорија со снижување на барањата за почетно учество и на кредитните стандарди што се потребни за да се добие хипотекарен заем, активности коишто ги поттикнуваа луѓето да земаат поголеми заеми отколку што можат да си дозволат. Со текот на времето, ова доведе до прогресивно сериозни несакани последици: зголемување на нефункционалните хипотекарни кредити и на стапките на заплена на имотот, стечај на неколку кредитни институции, финансиска криза и тешка рецесија од 2008-2009 година, што во суштина создаде домино-ефект којшто го почувствуваа економиите на многу земји низ светот.

Резултатите од централното планирање можат да бидат погодени и од конфликти меѓу централните планери на различни нации. Напорите на владите ширум светот постепено да ја укинат употребата на фосилни горива се очигледни примери. Кога администрацијата на Бајден го презеде претседателството во 2021 година, го елиминираше градењето на клучните нафтоводи, го забрани фракингот (процес којшто извлекува повеќе нафта и гас отколку обичното дупчење) на владините земјишта и го прекина дупчењето во дел од Арктичкиот национален резерват за диви животни на Алјаска. Воведе регулативи за ограничување на употребата на фосилни горива, истовремено зголемувајќи ги субвенциите за ветерната и за сончевата енергија. Иако трошоците за ветерната и за сончевата енергија се намалија со текот на годините, тие сè уште во голема мера се потпираат на субвенции. Исто така, тие се понесигурни од нафтата и од гасот и секогаш мора да има резервна енергија од други извори како што се фосилните горива.

Како резултат на овие политики, трошоците за енергетски интензивно производство во САД се зголемија. Истовремено, кинеските централни планери следеа политики кои имаа за цел да ги одржат трошоците за енергија на ниско ниво. Во 2021 и во 2022 година, Кинезите градеа две централи на јаглен неделно. Иако јагленот релативно е евтин, тој е најзагадувачкиот од главните извори на фосилна енергија. Така, додека централните планери на САД ги зголемуваа трошоците за енергија, Кинезите ги намалуваа. Како резултат на тоа, енергетски интензивното производство се префрли од САД, коишто имаат високи трошоци, но ниски емисии на јаглерод диоксид, во Кина, којашто има ниски трошоци, но многу повисоки емисии. Светските емисии на јаглерод диоксид се зголемија – исход којшто беше спротивен од она што го планираа американските планери. Покрај тоа, намалувањето на производството на нафта во САД ја зголеми светската цена на суровата нафта и на природниот гас, збогатувајќи ги државните каси на извозниците на нафта, како што е Русија, обезбедувајќи ѝ дополнителни средства за финансирање на нејзината војна против Украина. Светот е сложен и затоа исходите честопати се разликуваат од намерите на планерите.

Централното планирање речиси секогаш води до зацврстување на политичката моќ. Ова е точно дури и кога политиките се контрапродуктивни. Размислете за случајот со Венецуела. Политиките за централно планирање на Социјалистичката партија доведоа до намалување од две третини на производството на национализираната нафтена индустрија, хиперинфлација, зголемување на сиромаштијата и пад на животниот стандард. Во последниве години, четири милиони луѓе, повеќе од 10 отсто од населението, ја напуштиле земјата. Сепак, Социјалистичката партија продолжува да ја одржува својата доминантна политичка позиција.

Големиот скок напред, клучен период во историјата на Кина којшто се одликува со амбициозни економски цели, на крајот резултираше со катастрофа. Научниците како Ли и Јанг(116) тврдат дека оваа катастрофа произлезе од значителни недостатоци во централното планирање. Фокусот на владата да постигне брза индустријализација, на сметка на земјоделството, доведе до погрешна алокација на ресурсите и до нереални производствени квоти. Последиците од овие неуспеси на централното планирање беа разорни, кулминирајќи со Големата кинески глад од 1959 до 1961 година. Процената е дека поради оваа глад животот го загубиле помеѓу 20 до 50 милиони луѓе, поради што се смета за една од најсмртоносните појави на глад во историјата на човештвото. Големиот скок напред се смета за неуспех на централното планирање. Во текот на 1970-тите и на 1980-тите, многумина интелектуалци и медиумски извори веруваа дека владиното планирање и „индустриската политика“ се клучот за економскиот раст. Економистите Пол Самуелсон и Лестер Туроу беа меѓу водечките бранители на ова гледиште. Тие тврдеа дека пазарните економии се соочуваат со дилема: или ќе мораат да прибегнат кон поголемо владино планирање или ќе ги трпат последиците од побавниот раст и од економскиот пад. Колапсот на советскиот систем и лошите перформанси на јапонската економија во голема мера ја намалија популарноста на ова гледиште. Какви се импликациите од изборот на јавноста и каков е успехот на владиното планирање? Нобеловецот Ф. А. Хајек го дава одговорот на ова прашање. Во својот говор при земањето на Нобеловата награда, Ф. А. Хајек изјави:

Ако човекот не сака да направи повеќе штета отколку добро во своите напори за подобрување на општествениот поредок, тој ќе мора да научи дека на ова, како и на сите други полиња каде што преовладува суштинската сложеност од организиран вид, тој не може да стекне целосно знаење што би овозможило целосна контрола над настаните. Затоа, тој ќе мора да го искористи знаењето коешто може да го постигне, не за да ги обликува резултатите како што занаетчијата ја обликува својата изработка, туку за да негува раст обезбедувајќи соодветна средина, исто како што градинарот го прави тоа за своите растенија.(117)

Со други зборови, економијата премногу е сложена за да биде микроменаџирана. Наместо тоа, како што е нагласено во Делот 2, најдобрата стратегија за постигнување раст и просперитет е воспоставувањето здрави институции и долгорочни политики. Тие ќе создадат средина во која поединците коишто ги следат своите интереси ќе преземаат продуктивни активности коишто создаваат богатство.