Економија на здравиот разум

ДЕЛ 3: Десет клучни елементи на економско размислување за владата

Елементи:

  1. Заштита на правата и производство на ограничени стоки и услуги.
  2. Регулирање на монополите.
  3. Избегнување неефикасност и расипништво.
  4. Разбирање на политичките притисоци.
  5. Донесување правила за ограничување на влијанието на посебните интереси.
  6. Избегнување прекумерно трошење и дефицити.
  7. Избегнување субвенции кои не се засновани на економска логика.
  8. Ограничување трансфери коишто ја намалуваат благосостојбата.
  9. Немешање во централното планирање.
  10. Децентрализацијата, конкуренцијата и надворешната поддршка се од клучно значење.

Вовед

Економистите го користат стандардот на економска ефикасност за да го оценат функционирањето на економијата. Кога ресурсите се користат ефикасно, се преземаат само активности чиишто придобивки се поголеми од трошоците. Нема да се преземаат никакви дејствија коишто чинат повеќе отколку што вредат. Едноставно кажано, економска ефикасност значи добивање максимална вредност од расположливите ресурси.

Економијата како наука генерално објаснува зошто пазарите не успеваат да постигнат идеална ефикасност за одредени категории на активности и посочуваат што владата може да направи за да ја подобри состојбата. Тука ја следиме следнава конвенција: анализираме зошто се јавува пазарен неуспех и го разгледуваме потенцијалот на идеализираното политичко дејствување, но ги применуваме и алатките на економијата врз функционирањето на политичкиот процес.

Државните расходи сега претставуваат голем дел од националниот доход во поголемиот дел од светот. Всушност, ова е точно дури и во економиите коишто обично се сметаат за ориентирани кон „слободен пазар“. Во 2022 година, владите во Белгија и во Франција потрошиле повеќе од половина од националниот производ, додека САД, Велика Британија, Хрватска и Чешка потрошиле околу 45 %. Во постсоветските земји, узбекистанската и киргистанската влада потрошиле околу 35 % од националниот доход, додека државните расходи на Азербејџан и на Грузија изнесувале нешто помалку од 30 % од националниот производ. Со оглед на големината и обемот на оваа политичка алокација, многу е важно да се разбере како таа функционира.

Во Дел 3 ги користиме основните принципи на економијата за да направиме анализа на тоа како функционира политичкиот процес, зошто тој понекогаш ќе доведе до контрапродуктивни дејствија и за да видиме што би можело да се направи за да се подобри неговото функционирање. Економистите го користат терминот јавен избор кога се осврнуваат на оваа област на проучување.(77) Јавниот избор стана составен дел од економијата во изминатиот половина век.

Демократските влади честопати користат даноци и задолжување за да обезбедат трансфери, субвенции и други форми на фаворизирање на одредени поединци и бизниси. Ќе го анализираме овој процес и ќе објасниме зошто влијанието на овие програми е поразлично, а честопати и суштински поразлично од тоа што мнозинството смета. Се надеваме дека нашиот пристап ќе ве поттикне посериозно да размислите за потенцијалот и за ограничувањата на политичкиот процес.