Економија на здравиот разум

Елемент 4.12: Користете осигурување за да управувате со неизбежните ризици

„Ное го изградил коработ уште пред да заврне.“

Непознат автор
Teacher pointing at the writing on a whiteboard, which reads: “Essentials of Risk Management: 1. Don’t do anything wrong today. 2. Don’t do anything wrong tomorrow. 3. Repeat.”
Основи на управување со ризик:
1. Не прави ништо погрешно денес.
2. Не прави ништо погрешно утре.
3. Повтори.

Животот носи ризици. Тие можат да бидат мали и финансиски незначајни, како што е лоша услуга во ресторан, или пак големи и финансиски погубни, како што е тешка болест или дом уништен од поплава или од торнадо (па дури и од војна). Иако не можете да го елиминирате ризикот целосно, сепак можете да преземете чекори за да го намалите и да управувате со него.

Можете да направите избори коишто ќе ги намалат ризиците. Ако не пишувате пораки додека возите, ја намалувате можноста да направите сообраќајна несреќа. Носењето сигурносен појас ја намалува можноста за повреда доколку сте се судриле. Инсталирањето детектори за чад и безбедносен систем ја намалува веројатноста вашиот дом да изгори или да биде ограбен. Поткаструвањето на грмушките во близина на вашиот дом ги намалува шансите тој да изгори во шумски пожар. Намаленото консумирање шеќер и јадењето храна со низок холестерол ги намалуваат шансите за заболување од одредени болести. Иако вашите избори можат да го намалат ризикот, тие никогаш не можат да го елиминираат целосно.

Како можете да управувате со ризикот и да се заштитите од најнеповолните последици? Осигурувањето може да ја намали паричната загуба којашто произлегува од оштетување на имотот (како што е вашиот дом или автомобил), болест, губење доход или од други штетни настани. Осигурувањето овозможува група луѓе да ги здружат плаќањата и да го споделат ризикот за да ги надоместат загубите на членовите коишто се оштетени од несакан настан. Осигурителната компанија е посредник во процесот на споделување ризик. Компанијата собира премии од секој член на групата (своите осигуреници), а потоа врши исплата кога ќе се појави некоја загуба којашто е покриена. Принципот на споделување на ризикот честопати се заборава бидејќи поединците коишто плаќаат премии на осигурителна компанија немаат интеракција со другите членови на групата.

За да разберете како функционира споделувањето ризик, замислете ја следнава ситуација: вие и четворица соработници одите во ресторан на ручек и очекувате вкупната сметка да изнесува 200 евра. Сите петмина се согласувате да му кажете на келнерот да му ја врачи сметката на еден од вас по случаен избор на крајот од оброкот и тоа лице ќе ја плати целата сума. Вие и другите членови на групата можете да изберете помеѓу две опции: (1) да ризикувате и да се надевате дека нема да треба да ја платите сметката од 200 евра; или (2) да платите премија од 40 евра на некој осигурител којшто ќе ја плати сметката од 200 евра доколку плаќањето ви се падне вам. Многумина ќе ја претпочитаат втората опција бидејќи помалку е ризична. Иако морате да ја платите премијата од 40 евра, сепак, се заштитувате од веројатноста од 20 проценти да морате да ја платите целата сметка од 200 евра.

Се разбира, осигурителите коишто ја нудат услугата за споделување ризик имаат трошоци. Тие ќе треба да ги проценат ризиците, да ги формализираат договорите, да ги наплатат премиите, да ги испитаат и да ги потврдат барањата за обештетување и да ги реализираат плаќањата. И овие трошоци за управување и за обработка ќе мора да бидат покриени, покрај трошоците за ризикот. Така, премиите за осигурување ќе треба да бидат повисоки од очекуваните трошоци за загубата. На пример, ако осигурителната компанија сакаше на петтемина присутни на ручекот да им понуди заштита од веројатноста од 20 проценти да завршат со сметката од 200 евра, таа ќе требаше да им наплати малку повеќе од 40 евра, можеби и 44 евра, за да има финансиски мотив да ја понуди услугата.

Осигурувањето го намалува ризикот бидејќи го распределува товарот од немили настани коишто ги доживуваат малкумина врз поголема група. Во ситуацијата со ручекот, сметката од 200 евра неизбежно ќе пристигне. Неизвесноста доаѓа од тоа што не се знае кој член од групата ќе ја добие. Поголема група ќе го зголеми износот на потенцијалната загуба, но и ќе ја намали шансата само еден да ја добие сметката.

Кога станува збор за големи суми, повеќето луѓе имаат аверзија кон ризикот, што значи дека сме подготвени да платиме премија за да ги намалиме негативните последици од различни настани. Купувањето осигурување е еден начин да се намали изложеноста на ризици. Да речеме дека имате куќа вредна 200.000 евра и дека сте загрижени поради ризикот таа да биде оштетена во пожар. Можете да купите осигурување на дом за 1.500 евра годишно. Без осигурување, доколку дојде до пожар и ја оштети вашата куќа, ќе треба да ги платите сите 200.000 евра за нејзина поправка или замена. Но, ако имате осигурување и се случи пожар, ќе треба да платите само франшиза (дел од надоместот на штета којшто осигуреникот самостојно го сноси и покрива), да речеме 1 000 евра, а осигурителната компанија ќе го покрие другиот дел од трошоците. Значи, со плаќање на премијата од 1.500 евра годишно, го избегнувате ризикот да ги изгубите сите 200.000 евра и ја плаќате само франшизата. На овој начин, подготвени сте да платите премија (трошокот за осигурување) за да ги намалите негативните последици (паричната загуба) од потенцијален настан (оштетување од пожар на вашата куќа).

Осигурувањето, сепак, не е исплатливо секогаш. Треба внимателно да размислите дали има смисла да се осигурите од ризик. Да, треба да се осигурите од настани коишто, доколку се случат, ќе наметнат сериозни финансиски тешкотии. Тешка болест којашто ве спречува да работите подолг период, сообраќајна несреќа или поплава којашто го оштетува вашиот дом се такви примери. Сепак, осигурувањето од релативно мали негативни настани, како што е дефект на кујнски апарат или телевизор, генерално не е исплатливо бидејќи обезбедувањето на услугата за споделување ризик ќе биде скапо во однос на потенцијалната штета. Така, ќе биде поекономично да се прифатат овие ризици и да се користи фонд за итни случаи (види Елемент 4.6) за планирање и за покривање на трошоците за овие ризици. Спротивно на тоа, осигурувањето на автомобилот, домот и здравствената заштита обично се исплатливи. Во овие случаи, трошоците за распределување на ризиците врз поголема група луѓе се ниски во однос на потенцијалната штета од несакан настан. Тука ќе дискутираме токму на овие теми.

Повеќето земји бараат од сопствениците на автомобили да имаат одредено ниво на осигурување на автомобилот. На пример, кога регистрирате автомобил во која било земја на ЕУ, од вас се бара да го осигурите за одговорност кон трети лица. Ова задолжително осигурување е признаено во сите земји на ЕУ. Ве заштитува во случај на несреќа којашто резултира со оштетување на имотот или со повреда на кој било друг освен на возачот. Сепак, тоа не покрива дополнителни трошоци како што се поправки на вашето возило. Доколку сакате, можете да купите и дополнително осигурување познато како одговорност од прва страна, коешто покрива поширок опсег на ризици. Ова проширено покритие на штети вклучува повреди на возачот, оштетување на возилото, кражба на возилото или на предмети во него, вандализам и правна помош. Клиентите ќе платат премија врз основа на неколку фактори, како што се сообраќајната евиденција за возачот, карактеристиките на возачот, типот на автомобилот и специфичните ограничувања на покритие и на франшизи од полисата. Франшиза е износот којшто клиентот мора прво да го плати пред да се примени какво било осигурување. На пример, франшизата од 500 евра значи дека клиентот мора да плати 500 евра пред полисата за осигурување да се активира за покривање на некоја загуба. Колку е поголема франшизата, толку е помала премијата. Покритието е максималниот износ којшто полисата ќе го плати во случај на загуба.

Полисата за автомобили обично е структурирана да покрива неколку вида загуба. Покритието за сообраќајна незгода, на пример во случај на судир плаќа за оштетување на вашиот автомобил, додека пак сеопфатното покритие плаќа за штети коишто не настанале поради судир, туку во случај на кражба, вандализам и природни катастрофи (гранка од дрво којашто паднала врз автомобилот). Покритието за одговорност доаѓа во две форми. Прво, им плаќа на другите луѓе за штета којашто им е направена ним или на нивното возило предизвикани од управувањето со вашиот автомобил. Второ, покрива штета којашто ви е направена вам и на вашите патници за медицински трошоци и за бенефиции во случај на смрт. На пример, покритието за одговорност од 500.000 евра значи дека најмногу што осигурувањето ќе плати во случај на загуба е 500.000 евра, дури и ако вистинската загуба е поголема. Кога купувате осигурување, треба внимателно да ги разгледате висината на износот за вашето покритие и износот на франшизата. На пример, при изборот на износот на франшизата, ќе земете предвид колку ќе ви биде тешко да ја платите франшизата доколку се случи несакан настан.

Како што беше дискутирано во Елементот 4.11, домувањето честопати е најголемата инвестиција на луѓето. Логично е да сакате да се осигурите од губење на вашето најголемо богатство. Како и полисите за автомобили, осигурувањето на домот ќе има франшизи и ограничувања на покритието. Осигурувањето на домот обично има три основни вида покритие. Првото го покрива оштетувањето на куќата и на други објекти, како што е гаража или шупа. Второто покрива штета на личниот имот на сопственикот на куќата – односно предметите во куќата. Третото покрива одговорност и за други луѓе коишто можат да се повредат во вашиот дом. Како и во случајот со осигурувањето на автомобили, ако изберете повисока франшиза, вашите премии генерално ќе бидат помали. Треба внимателно да анализирате колкав ризик сакате да сносите.

Здравственото осигурување е комплицирано прашање поради различните планови и начини на финансирање и плаќање коишто им се достапни на клиентите. Некои луѓе го добиваат своето осигурување преку своите работодавци, додека други купуваат директно од осигурителните компании. Некои луѓе ги плаќаат вкупните премии, додека други плаќаат преку трети лица (на пример, владата или работодавецот). Плановите варираат, во зависност од тоа кој плаќа и што е покриено. На пример, многу земји на ЕУ јавно ги финансираа националните здравствени системи каде што здравствената заштита им се обезбедува на граѓаните и на лицата со законски регулиран престој преку оданочување и плаќање на придонеси за здравствена заштита. Во овие системи, поединците обично не треба да купуваат приватно здравствено осигурување посебно бидејќи тие се покриени со националната шема за здравствено осигурување. Граѓаните на ЕУ можат и да ги користат придобивките од Европската картичка за здравствено осигурување (EHIC). Оваа картичка им овозможува на граѓаните на една земја на ЕУ да ги добијат потребните здравствени услуги при привремена посета на друга земја на ЕУ под исти услови и по исти трошоци како и граѓаните на таа земја. Во Грузија, на пример, Програмата за универзална здравствена заштита гарантира дека сите граѓани и законски регистрирани жители имаат пристап до основните здравствени услуги. Поединците коишто ги исполнуваат условите добиваат основен пакет здравствени услуги бесплатно, вклучувајќи амбулантска нега, болничко лекување, итни служби и некои лекови на рецепт. Дополнително, граѓаните и жителите имаат можност да купат приватни пакети за здравствено осигурување од приватни осигурителни компании, коишто нудат различни нивоа на покритие и дополнителни поволности. Комплексноста на здравственото осигурување и меѓународната споредба на системите се преобемни за оваа книга, но, сепак, сакаме да разјасниме неколку клучни начела.

Плаќањата за здравствено осигурување доаѓаат во четири форми. Прво, се плаќаат премии (или давачки/придонеси) за да се добие покритието коешто го нуди планот. Второ, може да се примени франшиза. Трето, постои партиципација, којашто претставува надомест за одредена услуга како што е посета на лекарска ординација или лекарски рецепт. Четврто, коосигурување е процентот од сметката за медицински услуги којашто клиентот мора да ја плати. На пример, според планот, од клиентот може да се бара да плати 20 проценти од сметката за престој во болница или за медицинска процедура.

Конкуренцијата во здравственото осигурување генерално е поограничена отколку кај другите форми на осигурување, што значи дека потрошувачите ќе имаат помалку опции на располагање. Исто така, за разлика од повеќето други осигурувања, потрошувачите обично можат да го менуваат својот план само еднаш годишно. Ова го отежнува составувањето план којшто ги задоволува вашите потреби. Можеби ќе бидете принудени да прифатите одредено покритие за период којшто не ви одговара или не можете да го користите. Дури и со овие ограничувања, ќе треба да направите одредени избори за тоа колку ризик треба да преземете самите и колку можете да споделите со другите.

Има околности во кои имањето осигурителна заштита всушност може да ја зголеми веројатноста за штетен настан. Ова е познато како морален хазард. Класичен пример за морален хазард е кога поединците стануваат помалку претпазливи по добивањето осигурително покритие бидејќи знаат дека ќе бидат финансиски заштитени во случај на загуба или на штета. Размислете за следниве сценарија. Нина го продава својот 12-годишен автомобил и го купува најновиот модел којшто ги има сите најнови технологии и безбедносни уреди. Бидејќи Нина се чувствува побезбедно во новиот автомобил, таа би можела да вози помалку внимателно знаејќи дека нејзината шанса да се повреди при сообраќајна незгода е помала благодарение на безбедносните уреди. Мајка му на Дом инсистира тој да носи шлем, штитници за колената и за лактите и долги панталони кога вози скејтборд. Охрабрен со чувство на сигурност и на заштита, Дом може да проба поопасни скокови и маневри на својот скејтборд знаејќи дека повредата помалку е веројатна. Ивана нема скијано неколку години и не е сигурна колку се сеќава како се прави тоа. Со целосно здравствено осигурување коешто покрива скршени коски, таа може да се осмели да проба да скија и на стрмни падини. Без осигурување, таа би можела да одлучи да се држи до стазите за почетници. Според сите овие сценарија, ризикот се зголемува поради промената во однесувањето од чувството на поголема безбедност.

Моралниот хазард не е единственото сложено прашање што го покренува осигурувањето. Да претпоставиме дека сериозно болни лежите во болнички кревет и вашиот доктор ви вели: „Постои операција којашто би можеле да ја испробаме. Ако ја направиме операцијата, има 10 проценти шанси да живеете уште шест месеци, но тоа ќе ве чини 1.000.000 евра.“ Да претпоставиме дека ги имате тие 1.000.000 евра во банка и можете да платите ако сакате. Но, како некој што научил сè за опортунитетните трошоци, може да си речете: „Живеев долг живот и ако не ја направам таа операција, заштедените пари ќе бидат доволни за да им овозможам на сите мои четворица внуци да одат во колеџ по сопствен избор.“ Можеби рационално ќе одлучите да не ја направите операцијата. Сега, наместо тоа, да претпоставиме дека докторот ви рекол: „Не грижете се за цената. 1.000.000 евра ќе ги платат другите членови во осигурителната шема кои не ги ни познавате (можни даночни обврзници кои живеат илјадници километри подалеку од вас). Нема да ве чини ниту една пара.“ Во овој случај, што би избрале? Но, што ако сите размислуваат како вас? Лесно е да се види зошто земјите со дарежливи системи за здравствено осигурување трошат многу поголем дел од националниот доход на медицински третман на сметка на други приоритети. Дилемата за тоа колку дарежливо „треба“ да биде здравственото осигурување строго покренува две од најкритичните согледувања на економијата: „Стимулациите се важни“ и „Не постои бесплатен ручек“.

Други видови осигурување коишто треба да се земат предвид, но не се опфатени тука, вклучуваат живот, инвалидитет и долготрајна нега. Откако ќе ги оцените вашите лични избори коишто го одредуваат нивото на ризик во вашиот живот, внимателно анализирајте ги ризиците коишто не можете да ги избегнете, но можете да ги намалите преку ефективна примена на осигурувањето. Има смисла да се осигурите од ризици со големи потенцијални негативни влијанија, но кога потенцијалните финансиски штети се мали, најдобро е или да ги апсорбирате нивните трошоци во вашиот месечен буџет или да ги покриете од својот фонд за итни случаи. Најважната цел на стратегијата за осигурување е да спречат катастрофални финансиски загуби.