Економија на здравиот разум

ДЕЛ 4: Дванаесет клучни елементи на практични лични финансии

Елементи:

  1. Откријте ја вашата компаративна предност.
  2. Зголемете ја вашата вредност за другите.
  3. Буџетирајте ги вашите трошоци и заштеди.
  4. Паметно управувајте со кредитот.
  5. Трошете стратешки.
  6. Планирајте за неочекуваното.
  7. Искористете ја моќта на сложената камата.
  8. Диверзифицирајте ги вашите средства.
  9. Сфатете дека никој не може постојано да го „победува пазарот“.
  10. Усогласете го времетраењето на вашите инвестиции со вашите потреби.
  11. Намалете ги ризиците.
  12. Користете осигурување за да управувате со неизбежните ризици.

Вовед

„Треба да бидете многу внимателни ако не знаете каде одите бидејќи можеби нема да стигнете таму.“

Јоги Бера, американска бејзбол-ѕвезда и филозоф

Со други зборови, секому од нас му е потребен план за своите финансии. Ако го немаме, можеме да завршиме некаде каде што не сакаме да бидеме. Дванаесетте елементи во Делот 4 го сочинуваат јадрото на еден практичен план којшто се фокусира на работите коишто можете да ги направите веднаш, а ќе ви помогнат да донесувате подобри финансиски одлуки без оглед на вашата возраст, вашето ниво на доход или потекло.

Ако не ги контролирате вашите финансии, тие ќе ве контролираат вас. Зошто многумина од луѓето во САД и во ЕУ се соочуваат со финансиски стрес иако имаат многу повисок доход во споредба со оние во посткомунистичките земји? Одговорот е дека финансиската несигурност главно е резултат на изборите коишто ги правиме, а не на приходите коишто ги заработуваме.

Одлуките за лични финансии и инвестиции навидум целосно се одделени од економијата, но не е така. Законот за компаративна предност (види Елемент 1.4) кој дава објаснување зошто земјите имаат корист од специјализацијата во активности во кои се најдобри, исто така објаснува зошто вие како поединец можете да имате корист од специјализацијата за работи коишто ги правите добро и се високо ценети од другите. Слично на тоа, кога станува збор за стекнување богатство со текот на времето, претприемништвото, финансиската отчетност, планирањето на кариерата и инвестирањето во капитал (особено човечкиот капитал) се исто толку важни за поединците колку што се важни за земјите.

Дванаесетте елементи наведени во Делот 4 нема да ве направат финансиски волшебник или инстант милионер, но ќе ве поттикнат веднаш да започнете со основните чекори за стекнување богатство. Уште поважно, тие ќе ви помогнат да избегнете големи финансиски грешки. Поединците коишто мислат дека немаат време или стручност да развијат добар финансиски план, можеби нема ниту да можат да применуваат едноставни упатства и на крајот можат да се соочат со финансиски проблеми.

Во животот, како и во економијата, изборите коишто ги правиме се од клучно значење. Нашата цел е да ја подобриме вашата способност да избирате финансиски опции со кои ќе имате среќен, удобен и исполнет живот. Целта не е само да заработите пари. Кога станува збор за среќата, нематеријалните добра, како што се семејството, пријателите, работата којашто ве исполнува, добриот брак, религиозните убедувања, забавното хоби и помагањето на другите имаат подеднаква, ако не и поголема важност.

Но, нема ништо недолично во тоа да се посакува поголемо богатство. Без разлика на тоа кои се вашите цели во животот, полесно ќе ги постигнете ако имате помалку долгови и повеќе богатство, што ќе ви овозможи поголем број опции не само за вас, туку и за другите. Некои од најбогатите луѓе во светот, како Бил Гејтс и Ворен Бафет, го искористија своето огромно богатство преку својата филантропија за да им помагаат на другите и да се справат со некои од најтврдокорните проблеми во светот. Но, не мора да сте меѓу супербогатите за да сакате повеќе богатство со кое ќе им помагате на вашите стари родители или ќе донирате на верски, културни и добротворни организации.

„Отсекогаш им кажував на моите студенти“, вели Џон Мортон, еден од водечките американски едукатори по економија, „дека животот не е лотарија и животот не е игра со нулта сума. Вашиот успех нема да го поништи успехот на некој друг. Вашиот успех зависи од вашите избори, а изборите имаат последици.“(123)

Така, сите ние имаме поттик да го подобриме своето финансиско одлучување. Овие дванаесет упатства можат да ви помогнат во тоа.