Економија на здравиот разум

Елемент 1.11: Продуктивноста е клучот за постигнување висок животен стандард

Потрошувачката е единствената цел на целокупното производство; а интересот на производителот треба да се зема предвид само доколку тоа е неопходно за да се поттикне интересот на потрошувачот.(14)

Адам Смит

Како што согледал Адам Смит пред речиси 250 години, потрошувачката е цел на целокупното производство. Но, потрошувачката доаѓа пред производството само во речниците. Приходите и животниот стандард не можат да се зголемат без зголемување на производството на стоки и на услуги кои имаат вредност за луѓето.

Илон Маск, основач на Тесла и иноватор во аерокосмонаутиката, неодамна вешто ја истакна оваа поента кога изјави: „Ако не правиш ништо, нема да направиш нешто, односно ако не произведуваш нема да има производи“. Маск го критикуваше ставот дека владините чекови можат да го заменат изгубеното производство за време на пандемијата на КОВИД-19. Како што рече Маск, „Оваа идеја дека можете едноставно да испраќате чекови до сите и дека работите ќе бидат како што треба не е валидна“. Неговата поента е целосно на место. Со владините чекови нема да може да се купи повеќе ако нема доволно расположливи стоки и услуги. Наместо тоа, тие само ќе доведат до повисоки цени, што и се случи во 2021 и во 2022 година.

Поврзаноста помеѓу повеќе стоки и услуги кои имаат вредност за луѓето и повисокиот животен стандард е јасна. Слично на тоа, уништувањето стоки и услуги коишто имаат вредност за луѓето ќе ја влоши состојбата на општеството. Овие тврдења се очигледни толку интуитивно, што се чини дека е непотребно да се истакнуваат. Но, понекогаш се усвојуваат политики засновани на погрешната идеја дека уништувањето стоки ќе биде од корист за општеството. Во 1933 година, Конгресот на САД го усвои Законот за земјоделско прилагодување (ЗаЗП) во обид да ја намали понудата на земјоделски производи и на тој начин да спречи пад на нивните цени. Според овој закон од програмата Њу дил, федералната влада им плаќала на земјоделците да го намалат својот принос од памук, пченка, пченица и од други култури. На земјоделците коишто одгледувале компир им се плаќало да ги прскаат компирите со боја за да ги направат непогодни за човечка исхрана. Здравите говеда, овци и свињи биле колени и закопувани во масовни гробници за да не излезат на пазарот. Само во 1933 година се убиени шест милиони прасиња во рамки на ЗаЗП. Врховниот суд го прогласил овој закон за неуставен во 1936 година, но не пред да спречи милиони вредни земјоделски производи да завршат во рацете на американските потрошувачи. Згора на тоа, под изменети форми на Законот, дури и денес владите продолжуваат да им плаќаат на бројни земјоделци да го ограничат своето производство, зголемувајќи ги цените за потрошувачите. Иако политичките барања на оние кои имаат корист од политиките се разбирливи, таквите програми уништуваат вредни ресурси и создаваат вештачки високи цени. Ваквите политики ја осиромашуваат нацијата и го зголемуваат товарот на ризичните заедници и на домаќинствата со ниски приходи.

Соединетите Американски Држави (САД) не се сами во одговорот на политичкиот притисок за „поддршка“ на земјоделците по огромна цена за даночните обврзници и за потрошувачите. Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на Европската Унија (ЕУ) претставува еден од најголемите и најконтроверзните делови од буџетот на ЕУ (како што се дискутира во Елементот 9).

Американската програма „Пари за замена на користени возила” (“Cash for Clunkers”) од 2009 година претставува уште еден пример за тоа како политичари се обидуваат да промовираат просперитет со уништување на продуктивни средства – во овој случај користени автомобили. Во рамките на програмата „Пари за замена на половни возила“, на дилерите на автомобили им се плаќало помеѓу 3.500 и 4.500 долари за да ги уништат постарите автомобили кои се менуваат за нови возила. Од дилерите се барало да ги уништат моторите на автомобилите со раствор на натриум силикат, а потоа да ги распарчат автомобилите и да ги испратат во отпад, уверувајќи ги дека дури ни деловите не можат да се користат во иднина. Поборниците тврдеа дека оваа политика ќе го стимулира закрепнувањето со тоа што ќе ги поттикне луѓето да купуваат нови автомобили, иако новите автомобили чинат повеќе од користените. Поради намалувањето на понудата, пораснаа цените на половните возила. Како резултат на тоа, потрошувачите трошеа повеќе пари и на нови и на користени автомобили, што значи дека остануваа помалку пари за заштеда или за трошење за задоволување на други потреби. Следствено, програмата „Пари за замена на половни возила“ не успеа да ја стимулира вкупната побарувачка. Во суштина, даночните обврзници обезбедија 3 милијарди долари субвенции за купување нови автомобили, а уништија приближно 700.000 користени автомобили во вредност од околу 2 милијарди долари. Оние кои можеа да си дозволат нови автомобили беа субвенционирани, а казнети беа луѓето со ниски и со средни приходи кои може да си дозволат само користени автомобили. Не е изненадувачки тоа што продажбата на нови автомобили драстично oпадна по завршување на програмата.(15) И Германија воведе програма за замена на стари автомобили со нови, за која се проценува дека ќе ги чини даночните обврзници над 7 милијарди долари, што е повеќе од двојно повеќе отколку во САД.

Слични програми постоеја во многу земји од Источна Европа, вклучувајќи ги Русија и Словачка. Помеѓу 2005 и 2015 година во Романија во рамките на програмата наречена „Рабла“ (лом), над 525.000 автомобили, стари осум или повеќе години, беа фрлени во отпад во замена за ваучери во вредност до 1.500 евра. Еден поединец можеше да предаде до три постари автомобили за ваучери кои треба да се искористат за купување нови автомобили.

Ако уништувањето автомобили е добра идеја, зошто тогаш да не бараме од сите да си ги уништуваат автомобилите секоја година? Помислете само колку ова ќе ја зголеми продажбата на нови автомобили. Сето ова е неразумна економија. Можеби ќе можете да им помогнете на одредени производители со намалување на понудата на нивните производи, но не можете да ја подобрите состојбата на поширокото население со уништување пазарни стоки со потрошувачка вредност. Ваквите политики се контрапродуктивни и штетни за општеството.

Посуптилна форма на уништување вклучува владини политики кои ги зголемуваат опортунитетните трошоци за набавка на различни стоки. Публикацијата на Светска банка „Развој на детоксикација“(Detox Development) од 2023 година покажува дека глобалните субвенции за фосилни горива, земјоделство и за рибарство придонесуваат за деградација на чистиот воздух, земјиштето и на океаните и им штетат на луѓето, планетата и на економиите.(16) Според оваа публикација, светските субвенции за фосилни горива, земјоделство и комерцијален риболов изнесуваат над 7 трилиони американски долари, што е еквивалентно на околу 8 % од светскиот БДП. Директните владини расходи во овие сектори, познати како експлицитни субвенции, изнесуваат приближно 1,25 трилиони долари. Покрај овие експлицитни субвенции, поширокото влијание врз луѓето и врз планетата, наречено имплицитни субвенции, изнесува над 6 трилиони долари секоја година. Згора на тоа, земјоделството, виталниот сектор којшто го храни светот и вработува милијарда луѓе, се субвенционира на начини кои поттикнуваат неефикасност, нееднаквост и неодржливост. Субвенциите влијаат со 14-проценти во годишното уништување на шумите, бидејќи поттикнуваат одгледување земјоделски култури во близина на шумските површини. За жал, товарот на овие имплицитни субвенции несразмерно паѓа на сиромашните. Земјите ширум светот трошат 35,4 милијарди долари годишно на субвенции за комерцијален риболов (податоци за 2018 година). Овие трансфери оставаат илјадници заедници кои се зависни од риболовот самите да се борат со субвенционираните ривали, со што се загрозува безбедноста на храната на милиони луѓе, додека индустриските флоти од далечните земји ги исцрпуваат нивните океански резерви. Западна Африка, каде што риболовот може да биде прашање на живот и смрт за локалното население, особено е погодена. Од 1990-тите, кога странските бродови, пред сè од ЕУ и Кина, почнаа да ловат риба на нејзините брегови во индустриски размери, за многу локални рибари стана невозможно да заработат за живот или да ги прехранат своите семејства.

Политичарите и поборниците на владините програми за трошење генерално ги преувеличуваат придобивките и се фалат со отворените нови работни места. Ова ја прави економската писменост особено важна. Додека вработувањето честопати се опишува како средство за создавање благосостојба (богатство), мораме да нагласиме дека подобрувањето на нашата економска благосостојба не е резултат само на поголемиот број работни места, туку на работните места кои произведуваат стоки и услуги што имаат вредност за луѓето. Кога тој елементарен факт е заборавен, луѓето честопати се наведени да прифатат програми кои го намалуваат богатството наместо да го создаваат.

Пристапот на вештачко создавање работни места може да биде крајно погрешен. Како што веќе дискутиравме во Елемент 1-9, еден од првите големи француски економисти, Фредерик Бастија, јасно ја истакнал оваа заблуда во неговата парабола за скршениот прозорец од есејот „Што се гледа и што не се гледа“, 1850 година („Ce qu'on voit et ce qu'on ne voit pas“):

Дали некогаш сте биле сведоци на гневот на добриот дуќанџија, Џејмс Гудфелоу, кога неговиот невнимателен син случајно скршил стакло? Ако сте биле присутни на тоа место, со сигурност сте посведочиле дека секој од гледачите, дури триесетина од нив, очигледно по заедничка согласност, се обиделе да го утешат несреќниот сопственик со истата реченица – „Тоа е лош ветер што никому добро не носи. Сите мора да живеат, а што би било со стакларите ако ниедно стакло никогаш не се скрши?“

Оваа форма на сочувство содржи цела една теорија, која ќе биде добро илустрирана во овој едноставен случај, имајќи предвид дека буквално е иста како онаа што, за жал, ги регулира поголемиот дел од нашите економски институции.

Да претпоставиме дека цената за поправка на штетата е шест франци, а вие велите дека несреќата ѝ носи шест франци на стакларницата – дека поттикнува трговска размена во износ од шест франци – прифаќам, не се спротивставувам, правилно размислувате. Доаѓа стакларот, си ја завршува работата, си ги добива своите шест франци, трие раце и во срцето го благословува невнимателното дете. Сето ова е она што се гледа.

Но, ако, од друга страна, дојдете до заклучок, како што честопати се случува, дека е добро да се кршат прозорци, дека тоа предизвикува циркулација на пари и дека вообичаениот исход од тоа е поттикнување на индустријата, ќе морам да викнам: „Застанете тука! Вашата теорија е ограничена на она што се гледа; не го зема предвид она што не се гледа“.

Не се гледа дека тоа што нашиот дуќанџија потрошил шест франци за една работа значи дека сега не може да ги потроши за некоја друга. Не се гледа дека ако не морал да го замени прозорецот, можеби би си купил нови чевли или би ја збогатил својата библиотека со уште една книга. Накратко, тој на некој начин своите шест франци би ги потрошил да купи нешто друго, а оваа несреќа го спречила во тоа.(17)

Бастија правилно го пренасочува нашето внимание на богатството наместо на производството. Создавањето побарувачка за ново производство со уништување на веќе постоечките вредни средства не е ефикасен начин да се подобри состојбата на општеството.

Меѓутоа, важно е да се запамети дека аргументот не е да се уништат работите со цел тие да се заменат. Ако се уништат случајно (да речеме поради врнежи на град) или од некој што бара лична корист од уништувањето (да речеме дека прозорецот е скршен од разбојник кој има лична корист од накитот што го украл иако општеството губи), тогаш поправката на прозорецот, дури и по цена на изгубено производство на друго место, има смисла. „Заблудата на скршениот прозорец“ на Бастија многу е различна од подеднакво познатата хипотеза на „скршен прозорец“(18) на Џејмс К. Вилсон и Томас Келинг, која тврди дека распространетоста на нередот влева страв во главите на граѓаните кои стануваат убедени дека областа е небезбедна. Ова повлекување од заедницата ги ослабува социјалните контроли кои претходно ги држеле криминалците под контрола. Откако ќе започне овој процес, тој станува самоодржлив. Нередот предизвикува криминал, а криминалот предизвикува уште поголем неред и уште поголем криминал. Ова е јасен пример за она што економистите го нарекуваат „негативни“ екстерналии.