Економија на здравиот разум

Елемент 1.5: Трансакциските трошоци се пречка за трговската размена.

Голем дел од она што го сметаме за економска активност има за цел да го постигне она што инаку би било спречено од високите трансакциски трошоци.

Роналд Коуз

Доброволната размена ја поттикнува соработката и ни помага да добиеме повеќе од она што ни е потребно, што го сакаме и што го вреднуваме. Самата трговска размена, сепак, е скапа. Потребни се време, напори и други ресурси за да се бараат потенцијални трговски партнери, да се преговара за условите, да се утврдат ризиците и да се изврши размената. Ресурсите потрошени за овие цели се нарекуваат трансакциски трошоци и тие се пречка за создавање богатство. Тие ги ограничуваат и нашите производствени капацитети и остварувањето на добивките од заемно поволните трговски размени.

Трансакциските трошоци понекогаш се високи поради физичките пречки, како што се океаните, реките и планините, кои го отежнуваат доставувањето на производите до купувачите. Инвестициите во патишта, транспорт и во подобрување на комуникацијата можат да ги намалат овие трансакциски трошоци. Во други случаи, трансакциските трошоци може да бидат високи поради недостаток на информации. На пример, можеби сакате да купите користен автомобил, но не познавате некој што сака да продаде сигурен автомобил по атрактивна цена. Времето и енергијата потрошени во потрагата по автомобил, проверка на добавувачот и автомобилот и преговарањето за цената се дел од вашите трансакциски трошоци. Во други случаи, трансакциските трошоци се високи поради политички пречки, како што се даноците, барањата за лиценцирање, контролите на цените и царински тарифи. Без оглед на тоа дали блокадите се физички, информативни или политички, високите трансакциски трошоци ги намалуваат потенцијалните добивки од трговската размена.

Луѓето кои им помагаат на другите да ја организираат трговската размена и да направат подобар избор ги намалуваат трансакциските трошоци. Тие помагаат да се поттикне економскиот напредок. Таквите специјалисти понекогаш се нарекуваат посредници. Тука спаѓаат книжарниците во кампусот, агентите за недвижности, брокерите, дилерите на автомобили и широк спектар на трговци. Многумина тврдат дека посредниците само ја зголемуваат цената на стоките и на услугите без да обезбедат придобивки. Ако беше така, луѓето не би избирале да ги користат нивните услуги. Трансакциските трошоци се пречка за трговската размена, а посредниците ги намалуваат овие трошоци, па другите имаат придобивки од користењето на нивните услуги. Од таа причина луѓето ги ценат нивните услуги и се подготвени да платат за нив.

Бакалот, на пример, е посредник. Се разбира, денешните гигантски супермаркети се резултат на дејствијата и на активностите на голем број луѓе, но заедно нивните услуги се услуги на посредник. Без бакалот, замислете само колку време и напор би биле потребни за подготовка на само еден оброк. Ќе треба директно да се договарате со земјоделците кога купувате зеленчук, со одгледувачите на цитруси кога купувате овошје, со млекарите ако сакате млеко или сирење и со сточарите или со рибарите ако сакате да послужите говедско или риба. Бакалите ги остваруваат овие контакти за вас и за другите потрошувачи, ги ставаат производите на погодни локации за продажба и одржуваат доволно залихи. Услугите на бакалите и на другите посредници значително ги намалуваат трансакциските трошоци, помагајќи им на потенцијалните купувачи и продавачи да остварат добивка од трговската размена. Овие услуги го зголемуваат обемот на трговската размена, го поттикнуваат економскиот напредок и ослободуваат ресурси за други намени.

Неверојатниот раст на онлајн-пазарите како што се Амазон, Алибаба, Алиексперс, Лазада и други ја покажува важноста од намалувањето на трансакциските трошоци. За само две децении, Амазон прерасна од мала онлајн-книжарница во најголемиот продавач на мало во светот. Алибаба, за помалку од три децении, се издигна во една од првите десет највредни компании на глобално ниво. Како беше постигнато ова? Клучот е во намалувањето на трансакциските трошоци. Овие платформи, меѓу другото, брзо се проширија поради намалувањето на трошоците поврзани со купувањето и со продавањето. Клиентите повеќе не треба да одат физички од една продавница до друга за да го најдат тоа што им е потребно. Наместо тоа, тие лесно можат да ги споредуваат производите, цените и рецензиите на интернет. Купувањето го вршат со само неколку клика, а потоа производите се испраќаат директно до нивните домови.

Во последниве години, технологијата ги намали трансакциските трошоци за голем број размени. Со неколку потези со прстот по уредот, купувачите сега можат да добијат информации за потенцијалните продавачи на речиси секој производ. Апликациите редовно се користат за купување намирници, облека, предмети за домаќинството и домови. Тие наоѓаат хотелски соби и летови, билети за големи настани, па дури и заеднички превоз.

Слично на тоа, технолошките подобрувања и откривањето на подобри начини за извршување на работите значително ги намалија трошоците за испорака на стоки во последниве децении. Прилагодени за стапката на инфлација, трошоците за испорака по тон во прекуокеанскиот и во воздушниот сообраќај сега се пониски за 50 % во споредба со раните 1970-ти. Овие намалувања на трансакциските трошоци, вклучувајќи ги и транспортните трошоци, го зголемија обемот на трговската размена, го проширија нашето производство и го подобрија нашиот животен стандард. Тие имаа клучна улога во брзиот раст на доходот по глава на жител и во огромното намалување на сиромаштијата во светски рамки.