Елемент 1.3: Одлуките се носат на маргините
Големите дела не се создаваат импулсивно, тие се резултат на низа мали дела собрани заедно.
За да добиеме најголема вредност од нашите ограничени ресурси, економијата нуди едноставно правило: извршувајте ги оние активности кои носат повеќе придобивки отколку трошоци, а избегнувајте ги оние активности кои носат повеќе трошоци отколку придобивки. Овој принцип на одржливо одлучување се однесува на поединци, компании, владини службеници и на општеството како целина.
Речиси секој избор се прави на маргината. Тоа значи дека изборот по правило секогаш вклучува додавање на (или одземање од) тековните услови, наместо донесување одлука по принципот „сѐ или ништо“. Зборот „дополнително“ е замена за „маргинално“. Можеме да прашаме: „Колкав е маргиналниот трошок за производство или за купување една дополнителна единица?“ Маргиналните одлуки може да вклучуваат големи или мали промени. „Уште една дополнителна единица“ може да биде нова кошула, нова куќа, нова фабрика, дополнителна инвестиција, па дури и трошењето на времето, како во случајот на универзитетски студент кој избира помеѓу различни активности. Сите овие одлуки се маргинални бидејќи вклучуваат разгледување на дополнителните трошоци и придобивки за користење на секоја дополнителна единица од соодветното добро или услуга.
Луѓето, како што е напоменато погоре, не носат одлуки по принципот „сѐ или ништо“, како што е изборот дали да јадат или да се облечат. Наместо тоа, тие ја споредуваат маргиналната корист од малку повеќе храна, со маргиналниот трошок за малку помалку облека или за да се откажат малку од нешто друго. При носењето одлуки, поединците не ја споредуваат вкупната вредност на храната и вкупната вредност на облеката за да го изберат потоа едното или другото. Наместо тоа, тие ги споредуваат своите маргинални вредности – малку повеќе од еден производ и малку помалку од друг. Стимулациите нè насочуваат да избираме опции само кога нивните маргинални придобивки ги надминуваат маргиналните трошоци.
Маргиналните одлуки може да ги вклучуваат трошоците и придобивките од промените во карактеристиките на она што го купуваме или што го правиме. „Дали треба да истрчам една дополнителна милја на мојот денешен тренинг?“ „Дали сакам куќа со три спални или со две спални соби?“ „Дали да купам патики Најк или некои од Волмарт?“ Слично на тоа, директорот на компанијата што планира да изгради нова фабрика ќе разгледа дали маргиналната корист од новата фабрика – на пример дополнителните приходи од продажбата — се поголеми од маргиналниот трошок – односно од трошоците за изградба на новиот објект и од жртвувањето на други работи. Доколку не, за директорот и за компанијата е подобро да не ја изградат новата фабрика.
Ефективните политички дејствија бараат маргинално одлучување. Ајде да ја разгледаме политичката одлука во однос на тоа колку напори и ресурси се потребни да се вложат за да се намали и спречи загадувањето. Кога би биле прашани колку загадување е прифатливо, мнозинството граѓани би одговориле „николку“. Со други зборови, нивото на загадување треба да биде нула. Во гласачката кабина можеби ќе гласаат така. Но, маргиналното размислување открива дека тоа би било економски тотално неоправдано, односно како што велат луѓето, недомаќинско трошење на ограничените ресурси (во овој случај парите на луѓето).
Кога има големо загадување – толку големо, да речеме, што се гушиме од воздухот што го дишеме – маргиналната корист од намалувањето на загадувањето е сосема веројатно да го надмине маргиналниот трошок за намалувањето на загадувањето. Но, како што се намалува обемот на загадувањето, така се намалува и маргиналната корист – вредноста на дополнителното подобрување на воздухот. Сè уште има корист од уште почиста атмосфера (на пример, би можеле да ги видиме далечните планини), но оваа корист не е ни приближно толку вредна како што е заштитата на нашите бели дробови. Пред загадувањето да исчезне 100 отсто, дополнителната корист од намалувањето на загадувањето се приближува до нула.
Како што се намалува маргиналната корист од намалувањето на загадувањето за една дополнителна единица, се зголемува маргиналниот трошок. Колку повеќе ресурси се пренасочуваат од други потенцијално остварливи намени, цената на почистиот воздух станува сѐ повисока. Маргиналниот трошок е вредноста на работите што се жртвуваат за уште малку да се намали загадувањето. Трошењето за здравствена заштита, образование, подобрена инфраструктура и за други расходи се само неколку примери. Тие мора да се земат предвид кога се оценува дали е мудро да се намалува загадувањето на уште пониски нивоа. Штом маргиналниот трошок за почиста атмосфера ќе ја надмине маргиналната корист, дополнителното намалување на загадувањето е расипничко и контрапродуктивно. Тоа едноставно не би вредело за трошокот. Основното правило е: „Прво направете ги најлесните работи!“
Да продолжиме со примерот со загадувањето, ајде да ја разгледаме следнава хипотетичка ситуација: Да претпоставиме дека загадувањето прави штета во вредност од 100 милиони евра, а само 1 милион евра се трошат за намалување на загадувањето. Според овие информации, дали правиме премалку или премногу за да го намалиме загадувањето? Повеќето граѓани би рекле дека трошиме премалку. Можеби ова е точно, но ни требаат повеќе информации пред да донесеме заклучок.
Штетата од 100 милиони евра е вкупна штета, а трошокот од 1 милион евра е вкупниот трошок за намалување на загадувањето. За да донесеме информирана одлука за следните чекори, треба да ги знаеме и маргиналната корист и маргиналниот трошок на намалувањето на загадувањето. Ако трошењето дополнителни 10 евра за намалување на загадувањето би ја намалило штетата за повеќе од 10 евра, тогаш треба да трошиме повеќе. Маргиналната корист го надминува маргиналниот трошок. Но, ако дополнителните 10 евра потрошени за напорите да се намали загадувањето би ги намалиле штетите само за едно евро, дополнителното трошење не би било економски оправдано и рационално.
Луѓето најчесто ги игнорираат импликациите на маргинализмот во нивните коментари и при гласањето, но ретко во нивните лични постапки. Ајде да ја разгледаме ситуацијата кога размислуваме за храна наспроти рекреација. Гледано како целина, храната е многу повредна од рекреацијата бидејќи им овозможува на луѓето да преживеат. Кога луѓето се сиромашни и живеат во сиромашни заедници, најголемиот дел од својот доход го одвојуваат за обезбедување соодветна исхрана. Тие посветуваат малку време и пари, доколку и воопшто го прават тоа, на скапи работи како играње голф, скијање на вода или на други рекреативни активности.
Но, како што луѓето стануваат побогати, опортунитетниот трошок за купување храна се намалува. Иако храната и понатаму е од витално значење за животот, тие се во можност да ги задоволат не само своите основни потреби туку и многу повеќе, со сега помал дел од нивниот остварен доход во споредба со претходно. Колку што се побогати, луѓето откриваат дека на маргината—кога носат одлуки за тоа како да го потрошат секое дополнително евро—храната честопати вреди помалку од рекреацијата. Следствено, како што луѓето стануваат побогати, тие трошат помал дел од својот доход на храна, а поголем дел на рекреација. Ерменија и Франција се познати по својата кујна, но во 2022 година ерменските домаќинства, во просек, потрошиле 47 % од својот доход на храна, додека оние во многу побогатата Франција потрошиле само 13,3 % од својот доход на храна.(7)
Концептот на маргинализам открива дека маргиналните трошоци и маргиналните придобивки се релевантни за правилно одлучување. Ако сакаме да извлечеме најголема вредност од нашите ресурси, мора да ги спроведуваме само оние активности кај кои маргиналните придобивки се поголеми од маргиналните трошоци. Поединците и народите остваруваат поголем просперитет кога нивниот личен и политички избор е одраз на импликациите на маргинализмот.
Донесувањето одлуки на маргината е тесно поврзано со времето. Многу одлуки не можат да се поништат откако ќе се донесат, така што повеќе не се релевантни кога се донесува одлука на маргината. Откако ќе се изгради фабрика, производителот не може да ја демонтира. Овие трошоци се нарекуваат „потонати трошоци“ или „фиксни трошоци“. Во економската теорија, овие трошоци не треба да влијаат на донесувањето одлуки за променливи работи, како на пример колку работници да се вработат, дури и ако, во свет каде што постои патување низ времето, компанијата можеби воопшто не би избрала да ја изгради фабриката. Слично на тоа, поединците работат во свет каде што трошоците, откако ќе се направат, не можат да се вратат назад. Ако студентот потроши време и школарина добивајќи диплома за, да речеме, социологија, тие трошоци пропаѓаат ако потоа открие дека има повеќе или подобро платени работни места во туризмот.