Економија на здравиот разум

Елемент 3.3: Избегнување неефикасност и расипништво

Она што сакаме да го постигнеме е да ги воспоставиме правилата на пазарната економија, а не да го испланираме нејзиниот исход.

Вацлав Клаус

Како што дискутиравме во Елементот 2-1, ако пазарите сакаат ефикасно да ги алоцираат ресурсите, правата на сопственост мора да бидат добро воспоставени и производителите мора да бидат во состојба да ги искористат придобивките од своите производствени активности. Но, природата на некои стоки го отежнува сето тоа. Во овој елемент се разгледуваат две категории на економска активност коишто носат сериозни предизвици во поглед на ефикасната алокација на ресурсите на пазарите. Тоа се јавните добра и екстерналиите.

Јавни добра

Ајде подетално да ја разгледаме идејата за стоки и за услуги каде што е тешко производителите да имаат корист од нивното производство. Тоа е случај со категоријата добра што економистите ја нарекуваат јавни добра. Јавните добра имаат две карактеристики: (1) заедништво во потрошувачката – како што дискутиравме во однос на националната одбрана, односно обезбедувањето на производот запоединец истовремено го прави достапен и за други; и (2) мора да бидат неисклучиви – односно, да биде тешко да се исклучат од консумирање на производот корисниците кои не плаќаат. На пример, исто како и националната одбрана, контролата на поплави го исполнува првиот критериум. Откако ќе се изградат капацитети за контрола на поплавите, како што се брани или акумулации, корист од тоа имаат сите коишто живеат во регионот. Контролата на поплавите го исполнува и вториот критериум. Субјектот што обезбедува контрола на поплави ќе има проблем да им ја наплати услугата на луѓето, бидејќи ако таа услуга е обезбедена за еден, таа е обезбедена истовремено за сите. Поради тоа, тешко е да се обезбедуваат јавни добра преку пазарите, бидејќи потенцијалните добавувачи не се во можност да воспостават директна врска „еден на еден“ помеѓу плаќањето и приемот на доброто.

Потрошувачите ќе бидат стимулирани да бидат слободни јавачи – односно да го консумираат доброто без да платат за тоа. Кога голем број луѓе стануваат слободни јавачи, може да се случи доброто да не се произведува (или да се произведува во премали количини), дури и кога вредноста што произлегува од неговата потрошувачка ги надминува трошоците. Во такви случаи, пазарите честопати не успеваат да произведат количина на јавни добра којашто е потребна за да се постигне економска ефикасност. Контролата од поплави, националната одбрана, општинската полициска заштита и прскањето против комарци се примери за јавни добра. Бидејќи овие добра е тешко да се обезбедат преку пазарите и притоа да се покријат трошоците, тие честопати се обезбедуваат од владите.

Важно е да се напомене дека карактеристиките на доброто, а не секторот во кој се произведува, одредува дали тоа се квалификува како јавно добро. Постои тенденција да се мисли дека ако некое добро е обезбедено од владата, тогаш тоа е јавно добро. Но, тоа не е така секогаш. Многу од добрата коишто ги обезбедуваат владите очигледно ги немаат карактеристиките на јавни добра. Медицинските услуги, образованието, испораката на пошта, собирањето ѓубре и електричната енергија се примери за тоа. Иако овие добра честопати ги обезбедуваат владите, клиентите коишто не плаќаат можат лесно да бидат исклучени, а нивното обезбедување за едни не ги прави достапни и за други. Значи, дури и ако тие се обезбедени од владите, тие не се јавни добра. Нив ги нарековме јавно обезбедени добра.

Повеќето стоки и услуги се приватни, а не јавни добра. Во случајот на приватните добра, врската помеѓу плаќањето и приемот на доброто или услугата може лесно да се утврди. Затоа, повеќето производи се обезбедуваат преку пазарите. Размислете за ова и за неговата важност. Оние поединци коишто плаќаат за сладолед, за културни настани, за паметен уред, за пар фармерки или за куќа, уживаат во овие работи и во буквално илјадници други. Оние коишто не плаќаат на пазарот, не ги консумираат и не уживаат. Како што постојано велиме, производителите на пазарот продолжуваат да ги обезбедуваат производите бидејќи цената што доброволно ја плаќате вие и другите потрошувачи ги покрива трошоците; оние коишто не се подготвени да ја платат цената се исклучени од потрошувачката. Во случајот на приватните стоки, постои многу мала веројатност нивното обезбедување од владата да ја подобри ефикасноста на пазарот.

Екстерналии

Понекогаш дејствијата на некој поединец или на некоја група „ќе се прелеат“ и ќе извршат влијание и врз другите, што ќе ја засегне нивната благосостојба без нивна согласност. Како што веќе знаете, ваквите ефекти на прелевање се нарекуваат екстерналии. На пример, ако се обидувате да учите, а другите во вашиот дом или станбен комплекс ви го одвлекуваат вниманието со гласна музика, тие ви наметнуваат екстерналија (надворешно влијание). Вие сте надворешна страна – директно не сте вклучена во трансакцијата, активноста или размената – но сте погодени од неа, во овој случај негативно.

Ефектите на прелевање можат или да наметнат трошок или да создадат корист за надворешните страни. Кога ефектите на прелевање се штетни, тие се нарекуваат негативни ектерналии коишто создаваат екстерни или надворешни трошоци. Бидејќи трошоците се наметнуваат на страни коишто не дале согласност за тоа, ресурсите се користат за производство на стоки коишто се вреднуваат помалку од нивните целосни трошоци за производство. Како резултат на тоа се јавува економска неефикасност.

Да го земеме за пример производството на хартија. Фирмите на пазарот купуваат дрвја, ангажираат работна сила и други ресурси за да произведат прво целулоза, а потоа и хартија. Процесот на производство што користи стари технологии испушта загадувачи во атмосферата. Овие загадувачи наметнуваат трошоци за жителите коишто живеат во близина на фабриките за целулоза – мирис на сулфур, тежок смог и проблеми со дишењето или други опасности по здравјето.

Ако жителите коишто живеат во близина на фабрика за целулоза можат да ја докажат штетата и да ја измерат, тие би можеле да ја тужат фабриката на суд и да го принудат производителот на хартија да ги покрие трошоците за штетата што ја претрпеле. Всушност, за да го спречат тоа, компаниите за хартија од деветнаесеттиот век речиси секогаш купувале милји имот низводно од локацијата на фабриката за да овозможат речната вода да ги разредува отпадните води на компанијата.(83) Поради тоа, докажувањето на штетата и утврдувањето на одговорноста на конкретни фабрики за целулоза се покажа како тешко и скапо. Во такви околности, вкупните трошоци од загадувањето и другите надворешни трошоци нема да се одразат на пазарите. Трошоците за производство на хартија ќе бидат потценети. Неефикасноста се јавува затоа што ќе се произведуваат единици хартија коишто се вреднуваат помалку од трошоците за нивното производство доколку би се вклучиле и надворешните трошоци.

Во голема мера, надворешните трошоци го одразуваат недостатокот на целосно дефинирани и спроведени права на сопственост. Бидејќи правото на сопственост на некој ресурс – на пример, чист воздух – слабо се спроведува, фирмата не ги плаќа целосните трошоци за користење на ресурсот. Затоа, трошоците за производство на стоки и услуги со користење на такви ресурси се потценети.

На пример, во текот на последните децении од 20. век, Европа и Северна Америка се соочуваа со големи еколошки закани – криза со кисели дождови. Киселиот дожд беше резултат на емисиите на сулфур диоксид и на азотни оксиди од индустриските процеси, електраните и од транспортот. Загадувачите што предизвикуваа кисели дождови честопати беа испуштани во атмосферата од фабриките и од електраните во една земја, но поради присутните ветрови, предизвикуваа еколошки штети, вклучувајќи и уништување на шумите и закиселување на езерата и на реките во соседните земји. Оваа ситуација покажува на кој начин недостатокот на целосно дефинирани и спроведени права на сопственост во врска со квалитетот на воздухот им овозможи на индустриите да избегнат одговорност за трошоците од загадувањето.(84)

Од друга страна, понекогаш ефектите од прелевањето создаваат придобивки за другите. Кога ефектите од прелевањето ја подобруваат благосостојбата на другите, тие се нарекуваат позитивни екстерналии коишто создаваат екстерни или надворешни придобивки. Но, надворешните придобивки можат да предизвикаат и проблеми за пазарите. Кога лицата или фирмите коишто ги создаваат надворешните придобивки не добиваат компензација, може да се случи тие да не успеат да произведат одредени единици дури и кога тие се вреднувани повеќе од нивните трошоци за производство.

На пример, да претпоставиме дека некоја фармацевтска компанија развива вакцина којашто обезбедува заштита од смртоносен вирус. Вакцината лесно може да им се пласира на потрошувачите коишто ќе имаат директна корист од неа. Тие исто така ќе сносат трошоци, дури и ако тоа е само болката и непријатноста од инјекцијата. Секој поединец ќе ги спореди овие приватни трошоци и придобивки за да одлучи дали ќе ја прими вакцината или не. Меѓутоа, поради колективната природа на вирусите, како што ќе се зголемува бројот на луѓе што ќе ја примаат вакцината, дури и оние коишто не ја примиле, ќе имаат помала веројатност да се заразат со вирусот. Сепак, за фармацевтските компании ќе биде многу тешко да ги стекнат придобивките од лицата кои не се вакцинираат, односно кои не се корисници. Како резултат на тоа, тие може да произведат премалку вакцини за обезбедување целосен имунитет за заедницата. Значи, кога се присутни позитивните екстерналии проследени со надворешни придобивки, пазарните сили можат да понудат помалку од количините што се потребни за да се постигне економска ефикасност.

Можеби владините мерки можат да ја подобрат ситуацијата. Во случајот со негативните екстерналии проследени со надворешни трошоци, како што е загадувањето, владата би можела да ги оданочи или да ги казни активностите што го создаваат загадувањето, што би можело да доведе до тоа лицето или фирмата да ги ублажи своите штетни активности и да постигне ниво на производство коешто е потребно за да се постигне економска ефикасност. Слично на тоа, во случајот на позитивните екстерналии, каква што е благосостојбата што се обезбедува од вакцините, владините субвенции можат да го поттикнат производството, што ќе резултира со поефикасно ниво на производство.

Сепак, потенцијалните последици од екстерналиите понекогаш можат да се контролираат и без владините интервенции. Ајде да ги разгледаме надворешните придобивки. Претприемачите се стимулирани да изнајдат начини за посеопфатно искористување на придобивките што нивните активности ги создаваат за другите. Конкурентниот развој на терените за голф е добар пример за тоа. Поради убавината и отвореноста на терените за голф, на многумина им е привлечно да живеат во нивна близина. Па така, изградбата на терен за голф обично генерира надворешна придобивка – зголемување на вредноста на имотите во близина. Како одговор на тоа, градителите на терени за голф најдоа начин како да ја искористат оваа придобивка. Сега тие обично купуваат голем земјишен појас околу планираниот терен уште пред тој да се изгради. Ова им овозможува да го препродадат земјиштето по повисока цена откако теренот за голф ќе биде завршен и вредноста на околното земјиште ќе се зголеми. Со проширување на опсегот на нивните активности за да вклучат и недвижен имот покрај изградбата на терен за голф, тие можат да остварат приходи од она што инаку би биле надворешни придобивки.

Што се однесува до надворешните трошоци, за нивна контрола понекогаш можат да помогнат едноставни правила. На пример, во однос на вознемирувачката бучава од блиските соседи, сопствениците на станови честопати имаат правила во однос на пуштањето гласна музика доцна навечер и ги спроведуваат правилата со казнување или со иселување на прекршителите. Доброто однесување и социјалните конвенции исто така можат да играат улога. Ако вашите цимери се свесни дека вклучениот телевизор ви пречи при учењето, можеби ќе имаат добри манири и ќе го исклучат. Гледано од поширока перспектива, со текот на времето стана „социјално неприфатливо“ компаниите да испуштаат загадување коешто им штети на луѓето и на нивната околина. Се зголемува притисокот врз компаниите да бидат добри членови на заедницата,, а приватните чувари, како што се здруженијата за заштита на животната средина, ги објавуваат нивните постапки доколку се однесуваат неодговорно.

Друга ситуација во која не се потребни владини мерки за да се контролираат екстерналиите е кога бројот на засегнатите луѓе од која било страна е мал и тие можат да преговараат. Да претпоставиме дека вашата сосетка од станот до вас толку гласно свири на својот дувачки инструмент што не можете да учите за вашиот тест по економија. Владата би можела да донесе закон со кој ѝ дава право да свири музика (право на сопственост) или би можела да донесе закон којшто ви дава право на мир и тишина, но како би се донела одлуката? Од друга страна, во отсуство на интервенции од владата, слободните пазари секогаш ќе го изнајдат навидум најдоброто решение. Да претпоставиме дека вие повеќе ја цените тишината отколку што таа ја цени музиката. Одговорот е едноставен: вие само ќе ѝ платите малку повеќе отколку што таа сака да свири за да ја натерате да замолчи. Исто така важи и обратното, ако таа повеќе ја цени музиката отколку што вие ја цените тишината, таа ќе ви плати да носите чепчиња за уши и да ја трпите. Оваа анализа дека пазарот може да се справи со екстерналиите со договор меѓу страните ако бројот на вклучени луѓе е мал е всушност познатата „Теорема на Коуз“.(85) Тука, правата на сопственост повторно ни доаѓаат на помош.

Значи, нашата анализа покажува дека јавните добра и екстерналиите можат да го поткопаат ефикасното функционирање на пазарите. Економистите го користат терминот пазарен неуспех за да ги опишат таквите ситуации во кои постојната структура на стимулации создава конфликт помеѓу личниот интерес и економската ефикасност – извлекувањето максимум од расположливите ресурси. Ваквиот пазарен неуспех ги охрабрува носителите на одлуки коишто имаат личен интерес да преземат контрапродуктивни, а не продуктивни активности.

Овој пазарен неуспех создава потенцијал за владини активности за подобрување на економската ефикасност. Но, политичкиот процес е само алтернативна форма на економска организација. Како и пазарите, тој има силни и слаби страни. Треба да знаеме повеќе за тоа како функционира таа форма на организација за да можеме реално да ја споредуваме со пазарите.(86) Сега преминуваме на таа тема.