Елемент 2.6: Внимателна фискална политика
Даноците се плаќаат со потта на секој човек кој работи… Ако тие даноци се превисоки, тие се одразуваат во неакктивни фабрики, фарми продадени за да се плати данокот и во орди гладни луѓе кои скитаат по улиците и залудно бараат работа.(60)

Кога високите даночни стапки земаат голем дел од доходот, се намалува стимулацијата за работа и за продуктивно користење на ресурсите. маргинална даночна стапка особено е важна. Маргиналната даночна стапка е делот од дополнителниот доход што се оданочува на кое било дадено ниво на доходот. На пример, ако вашата маргинална даночна стапка изнесува 25 проценти, плаќате даноци во износ од 25 проценти од сите дополнителни средства што ги заработувате. Можете да задржите само 75 американски долари ако заработите дополнителни 100 американски долари. Доколку маргиналната даночна стапка се зголеми на 40 проценти, ќе можете да задржите само 60 американски долари од дополнително заработените 100 американски долари. Како што се зголемуваат маргиналните даночни стапки, делот на дополнителната заработка што луѓето ја носат дома се намалува.
Постојат три причини зошто високите маргинални даночни стапки го намалуваат производството, односно ги намалуваат производот и доходот. Прво, тие го обесхрабруваат работниот напор. Кога маргиналните даночни стапки изнесуваат 55 или 60 проценти и кога поединците ќе носат дома помалку од половина од својата дополнителна заработка, некои луѓе ќе одговорат со тоа што ќе работат помалку часови, порано ќе се пензионираат или ќе се вработат на места со пониски даночни стапки или ќе користат подолг одмор. Некои луѓе, можеби оние чиишто сопружници се вработени, ќе одговорат со целосно напуштање на работата. Други, пак, ќе бидат попребирливи при прифаќањето работни места кога се невработени, ќе одбиваат да се преселат за да се вработат или за да добијат покачување на платата или ќе се откажат од стремежот да го реализираат тој ветувачки, но ризичен деловен потфат. Со оглед на високата даночна стапка, сето тоа можеби нема да вреди за маката.
Повисоките маргинални даночни стапки дури ќе го намалат повратот од образованието, што ќе доведе до помалку инвестиции во човечки капитал. Високите даночни стапки можат дури и да ги поттикнат најпродуктивните граѓани да одлучат да се преселат во земји со пониски даночни стапки. Ваквата реакција ги намалува обемот и продуктивноста на работната сила, а доведува и до опаѓање на производството.. Маргиналните даночни стапки варираат од земја до земја. Маргиналната даночна стапка во Романија изнесува 10 %, во Ерменија и во Грузија 20 %, во Полска 32 % доколку даночниот обврзник заработува повеќе од 120.000 злоти годишно, додека во Франција изнесува до 45 % за доходи над 177.107 евра од 2023 година.
Се разбира, повеќемина нема веднаш да дадат отказ, па дури и да се вложуваат помалку во работата ако нивната маргинална даночна стапка се зголеми. Човек кој долги години се обучувал за одредена професија веројатно ќе продолжи да работи - и тоа да работи напорно - особено ако тој човек е во своите најпродуктивни години кога може најмногу да заработи. Но, многумина помлади кои сѐ уште не направиле скапи инвестиции во специјализирана обука ќе бидат обесхрабрени да го сторат тоа, бидејќи нема да имаат поголеми придобивки доколку заработуваат повеќе. Следствено, некои од негативните ефекти на високите даночни стапки врз работата ќе се почувствуваат во иднина, бидејќи како што младите ќе стареат, тие нема да бидат толку продуктивни како што инаку би биле.
Високите даночни стапки, исто така, ќе наведат некои луѓе да преминат во дејности во кои помалку се продуктивни. Да претпоставиме, на пример, дека високите даноци довеле до зголемување на цените што ги наплаќаат квалификуваните молери, бидејќи тие сакаат да ја надоместат намалената вредност на дополнителната заработка поради дополнителното плаќање данок. Некои потенцијални клиенти ќе одговорат со тоа што самите ќе си ги бојадисаат сопствените куќи иако немаат вештини да го направат тоа ефикасно. Без високите даночни стапки, професионалниот молер би ја завршил работата по прифатлива цена, а со тоа молерите аматери – сопствениците на куќи би можеле да го искористат своето време на работата којашто подобро ја работат. Како резултат на овие дисторзивни даночни стимулации се јавува расипништво и економска неефикасност.
Второ, високите маргинални даночни стапки ги намалуваат и нивото и ефикасноста на капиталните вложувања. Високите даночни стапки ги одбиваат странските инвестиции и ги тераат домашните инвеститори да бараат инвестициски проекти во странство, во земји каде што и даноците и трошоците за производство се пониски. Со тоа се намалуваат инвестициите во таа земја и достапноста до производствена опрема, којашто претставува двигател за економскиот раст. Како резултат на тоа, растот на продуктивноста и заработката на работниците во иднина ќе бидат пониски.
Трето, високите маргинални даночни стапки ги поттикнуваат поединците да консумираат стоки што ја намалуваат даночната основица наместо стоки што не ја намалуваат, иако тие стоки можеби се попосакувани за нив. Честопати тоа го прават со купување предмети за својот бизнис, бидејќи деловните трошоци генерално се одбиваат од даночната основа. Поединците кои ги купуваат не ги сносат целосните трошоци, бидејќи расходите ги намалуваат даноците што инаку би ги платиле. Даночните обврзници коишто се соочуваат со високи маргинални даночни стапки ќе трошат повеќе пари на ставки што го намалуваат данокот како што се ексклузивни канцеларии, екстравагантни конференции, деловни забави и службени автомобили. Бидејќи таквите расходи што се одбиваат од даночната основа ги намалуваат нивните даноци, луѓето честопати купуваат стоки што не би ги купиле кога би требале да го платат целиот износ. Расипништвото и неефикасноста се нуспроизводи на високите маргинални даночни стапки и на перверзните стимулации што тие ги создаваат.
Продажбата на луксузниот британски автомобил Ролс-Ројс во 1970-тите е одличен пример за тоа. Во оваа ера, маргиналните стапките на данок на доход наметнати на оние со највисоки доходи во Обединетото Кралство се искачија на 98 проценти. Сепак, сопственикот на бизнис кој плаќа таква даночна стапка можеше да купи автомобил како деловен трошок што се одбива од данокот, па зошто да не купи егзотичен, поскап автомобил? Купувањето би го намалило профитот на сопственикот за цената на автомобилот – да речеме 100.000 фунти. Сепак, со оглед на маргиналната даночна стапка од 98 проценти, даночната одбитна ставка од 100.000 фунти би ја намалила даночната обврска на сопственикот за 98.000 фунти. Така, нето-цената на луксузниот автомобил на сопственикот би изнесувала само 2.000 фунти. Всушност, владата плаќала 98 отсто од трошоците за автомобилот (преку изгубените даночни приходи). Кога Велика Британија ја намали највисоката маргинална даночна стапка на 70 проценти, продажбата на Ролс-Ројс опадна. По ова намалување на стапката, автомобилот од 100.000 фунти сега го чинеше сопственикот на бизнисот не 2.000, туку 30.000 фунти. Пониските маргинални стапки го направија купувањето на Ролс-Ројс многу поскапо за богатите Британци, па следствено побарувачката се намали.
Намалувањето на даночните стапки, особено на високите стапки, може да ја зголеми стимулацијата за заработка и за подобрување на ефикасноста на користењето на ресурсите. Во САД имаше три големи намалувања на даночните стапки: намалувањето на стапките во текот на 1920-тите по Првата светска војна, даночните намалувања на Кенеди во 1960-тите и даночните намалувања на Реган во 1980-тите. Сите беа проследени со силни и со долготрајни зголемувања на реалниот БДП (економски производ прилагоден за инфлацијата).
Друг интересен пример за земја која доживува значителен економски раст по намалувањето на даноците е Ирска. Кон крајот на 20. и на почетокот на 21. век, Ирска спроведе низа даночни реформи кои одиграа клучна улога во трансформирањето на нејзината економија во една од најбрзо растечките во светот, период кој честопати се нарекува ера на „Келтските тигари“. Естонија е уште еден убедлив пример за земја која оствари значителен економски раст по спроведувањето даночни реформи, особено по воведувањето систем на рамен данок (данок на доход) и други даночни иновации во раните 2000-ти.
Намалување на даночните стапки за да се поттикне економскиот раст беше спроведено и во посткомунистичките земји како што се Грузија и Ерменија. Помеѓу 2005 и 2008 година, грузиската Влада имплементираше големи реформи во своето даночно законодавство. Од 21 различни даноци што беа во сила во 2004 година, беа рационализирани на само 6 до 2005 година. Почнувајќи од 2009 година, Владата дополнително ги поедностави даноците со елиминирање на социјалниот данок и со воведување единствен данок на личен доход, намалувајќи го маргиналниот данок на доход од 32 проценти на 20 проценти. И ерменската Влада спроведе значајни даночни реформи во 2020 година. Данокот на личен доход беше намален на пропорционална стапка од 20 % во 2023 година, што е намалување од прогресивниот систем на оданочување со стапки до 36 %. Навистина, економиите во транзиција доминираат во земјите со најниски стапки на данок на личен доход во светот. Тука спаѓаат Босна и Херцеговина, Казахстан, Косово, Киргистан, Романија и Туркменистан, при што од 2024 година сите имаат максимална стапка на данок на личен доход од 10 %.(61) Спротивно на тоа, големите даночни покачувања можат да имаат катастрофално влијание врз економијата. На пример, во доцните 1970-ти, Обединтетото Кралство се соочи со сериозни економски предизвици. Владата, во обид да се справи со инфлацијата и со буџетскиот дефицит, воведе низа зголемувања на даноците. Овие мерки вклучуваа зголемување на стапките на данокот на доход на многу високи нивоа, при што највисоката стапка на данок на доход достигна 83 % на остварениот доход и неверојатни 98 % на неостварениот доход (како што се дивиденди и камата).
Овие високи даночни стапки ги дестимулираа работата, инвестициите и иновациите. Многумина со висока заработувачка и квалификувани професионалци беа обесхрабрени да работат повеќе или да инвестираат поради тоа што Владата го земаше значителниот дел од нивниот доход. Како резултат на тоа, дојде до одлив на капитал од Обединетото Кралство, бидејќи бизнисите и поединци ги преместуваа своите инвестиции во странство во средини кои беа поповолни од даночен аспект. Економијата стагнираше, со низок раст и со упорна висока инфлација. Даночното оптоварување придонесе за недостаток на економска динамика и ја намали севкупната конкурентност на британската економија. Економската фрустрација кулминираше во Зимата на незадоволство во 1978-1979 година(62), којашто ја обележаа масовни штрајкови и немири во јавниот сектор поради незадоволството од платите, високите даноци и од влошените јавни услуги. Ситуацијата на крајот доведе до значајни политички и економски реформи во 1980-тите за време на владеењето на премиерката Маргарет Тачер, која спроведуваше политики на намалување на даночните стапки, дерегулирање на економијата и поттикнување на приватните претпријатија.
Уште еден таков пример што укажува на штетното влијание што зголемувањето на даноците може да го има врз економијата е даночната политика во САД за време на Големата депресија. Настојувајќи да го намалат федералниот буџетски дефицит во 1932 година, републиканската администрација на Хувер и Демократскиот конгрес го усвоија најголемото зголемување на даночната стапка во мирнодопски услови во историјата на САД. Најниската маргинална даночна стапка на личен доход беше зголемена од 1,5 процент на 4 проценти. На врвот на скалата на доход, највисоката маргинална даночна стапка беше зголемена од 25 проценти на 63 проценти. Всушност, за една година стапките на данокот на личен доход беа повеќе од двојно зголемени! Ова огромно зголемување на даноците го намали доходот по оданочување на домаќинствата и ги дестимулираше да заработуваат, трошат, штедат и да инвестираат. Резултатите беа катастрофални. Во 1932 година, реалниот производ се намали за 13 проценти, што е најголем пад за една година во ерата на Големата депресија. Невработеноста се зголеми од 15,9 проценти во 1931 година на 23,6 проценти во 1932 година. Само четири години подоцна, администрацијата на Рузвелт повторно ги зголеми даноците, со што највисоката маргинална стапка изнесуваше 79 проценти во 1936 година. Така, во втората половина на 1930-те, лицата со висока заработувачка можеа да задржат само 21 цент од секој дополнително заработен долар. (Интересно е да се спротивстават зборовите на кандидатот Рузвелт цитирани на почетокот на овој елемент со даночната политика што се применуваше за време на неговото претседателствување.) Неколку други фактори, вклучувајќи ги и огромното намалување на понудата на пари и големото покачување на царинските стапки, придонесоа за јачината и за траењето на Големата депресија. Но, исто така, јасно е дека зголемувањето на даноците од администрациите на Хувер и на Рузвелт одигра голема улога во ова трагично поглавје од американската историја.(63)
Даноците на доход (и личен и корпоративен) не се единствените даноци што можат да ја нарушат стимулативностаи да влијаат врз тоа колку добро функционира економијата. Индексот за лесното водење бизнис на Светска банка (World Bank's Doing Business Index) ги оценува регулаторното опкружување и неговото влијание врз деловното работење во 190 земји. Една суштинска компонента на овој индекс се фокусира на мерење на даночното оптоварување со коешто се соочуваат компаниите, оценувајќи го и директното финансиско влијание врз даночните стапки и врз административната сложеност на даночната усогласеност. Овој аспект на индексот ги разгледува вкупниот број платени даноци, начините на плаќање, времето поминато на даночно усогласување и вкупната стапка по која се оданочува профитот.(64)
За 2019 година, во земјите со најповолни даноци се вброени некои што секако би очекувале да ги најдеме на листата, како што се Хонгконг, Сингапур, Нов Зеланд, Ирска и Финска (плус некои мали држави од Персискиот Залив каде што приходите од нафта значат речиси нула даноци на фирмите). Најлошо рангирани, повторно се чини со право, се Венецуела, Сомалија, Боливија, Чад и Централноафриканската Република. Во посткомунистичките земји, даночни системи со најмалку оптоварувања се воспоставени во Естонија (рангирана на 12. место), Грузија (14.), Летонија (16.) и Литванија (18.).(65) Просечната економија во транзиција е рангирана на 67.. место, приближно исто како и Грција, што сигурно не е модел што треба да се имитира. Овие бројки може да се усогласат со ниските стапки на данок на личен доход што ги разгледувавме погоре бидејќи даноците на доход не се единствените даноци што ги наметнуваат владите. Другите даноци вклучуваат даноци на додадена вредност (продажба), даноци за социјално осигурување (придонеси), имот (смрт) и даноци на добивка, односно профит (корпоративен данок на доход).
Дестимулативните ефекти од високите маргинални даночни стапки не се проблем само за оние со висока заработка. Многумина со релативно ниски примања се соочуваат и со високи имплицитни маргинални даночни стапки. Ги нарекуваме „имплицитни“ затоа што ги вклучуваат и дополнителните даноци и губењето на придобивките од трансферот така како што се зголемува доходот. На пример, да претпоставиме дека доходот на поединецот се зголемува од 20.000 на 30.000 американски долари и, како резултат на тоа, даноците на доход и придонесите на плата земаат 30 проценти од дополнителната заработка. Понатаму, поради ова зголемување на доходот, поединецот губи 5.000 американски долари во бенефиции од субвенции за храна, бесплатна или евтина здравствена заштита, детски додаток и други програми за трансфер. Како резултат на тоа, поединецот се соочува со имплицитна маргинална даночна стапка од 80 проценти! Триесет проценти се во форма на повисока даночна обврска, а дополнителните 50 проценти произлегуваат од изгубените придобивки од трансферот. Луѓето на оваа позиција кои заработуваат дополнителни 10.000 американски долари можат да задржат само 20 проценти од нив. Очигледно, ова значително ќе ја намали нивната стимулација за работа и ќе го отежне движењето нагоре по скалата на доходите. На ова прашање ќе се навратиме во Дел 3, Елемент 3.8, кога ќе го разгледуваме влијанието на програмите за трансфер врз стапката на сиромаштија.
Накратко, економската анализа покажува дека високите даночни стапки, вклучувајќи ги и имплицитните стапки што ја одразуваат загубата на придобивките од трансферот, се штетни. Тие ја намалуваат продуктивноста, ги попречуваат и вработувањето и инвестициите и поттикнуваат расипничко користење на ресурсите. Тие се пречка за просперитетот и за растот на доходите. Освен тоа, значајните зголемувања на даночните стапки во период на негативен или анемичен раст можат да имаат катастрофално влијание. Следствено, доколку сакаме да извлечеме најмногу придобивки од нашите ресурси, даночните стапки, особено маргиналните даночни стапки, треба да бидат ниски.