Економија на здравиот разум

Елемент 4.10: Усогласете го времетраењето на вашите инвестиции со вашите потреби

„Не треба да поседувате обични акции ако намалувањето на нивната вредност за 50 % за краток временски период би ви предизвикало акутен стрес.“

Ворен Бафет

Кога правите долгорочни инвестиции, на пример вложувања за пензиски план, акциски индексен инвестициски фонд генерално би била вашата најдобра инвестиција. Иако долгорочниот принос на акциите значително e поголем од обврзниците или од готовината на банкарска сметка, вредноста на овие последните е постабилна на краток (па дури и на среден) рок. Како што се приближува времето кога средствата од инвестицискиот план можеби ќе треба да се користат, ќе има смисла да се пренасочат средствата кон овие постабилни инвестиции. Доколку вашиот инвестициски хоризонт е пет години, купувањето обврзница којашто доспева за пет години, при што ќе ја добиете вашата почетна инвестиција плус камата, е релативно сигурна инвестиција. Како општ предлог, купете обврзници коишто доспеваат приближно кога ќе ви требаат средствата, можеби за школарина за постдипломски студии, уплата на учество за вашиот дом или за доход за пензионирање.

Примарниот ризик при поседувањето обврзници е инфлацијата којашто ја намалува вредноста на главнината и на плаќањата со фиксна камата. Овој ризик може да се намали преку поседување обврзници заштитени од инфлација, како што се Државни обврзници заштитени од инфлација (TIPS) во САД или Obligations Assimilables du Trésor (OATs) во Франција, коишто плаќаат пазарно утврдена фиксна каматна стапка определена во моментот кога се купени, плус годишен приспособен принос за стапката на инфлација во текот на животниот век на обврзницата. И Германија, Канада, Грција, Австралија, Италија, Јапонија, Шведска, Израел и Исланд издаваат обврзници заштитени од инфлација. Бидејќи неочекуваната инфлација е еден од факторите што предизвикува приносот од обврзниците да биде помал од очекуваното, купувањето и чувањето обврзници заштитени од инфлација ќе го заштити сопственикот овој ризик. Кога луѓето очекуваат инфлација, почетната фиксна каматна стапка на обврзниците заштитени од инфлација ќе има тенденција да биде пониска од стапката на редовните државни хартии од вредност, кои веќе вклучуваат одредена очекувана инфлација во нивната ветена исплата. Ако фактичката стапка на инфлација е повисока (пониска) од очекуваната, обврзниците заштитени од инфлација генерално ќе имаат повисока (пониска) стапка на принос од обичните државни хартии од вредност. Така, обврзниците заштитени од инфлација му обезбедуваат на сопственикот на обврзницата заштита од неочекуван пораст на стапката на инфлација нудејќи и помал принос кога има неочекуван пад. Обврзниците заштитени од инфлација особено се привлечни за пензионерите коишто сакаат да обезбедат конкретен прилив на реална куповна моќ од нивните средства. Меѓутоа, нивната краткорочна вредност ќе биде под влијание и на промените во каматните стапки и на тоа како се очекува политиката да влијае врз идната стапка на инфлација. Затоа, препорачуваме да се консултирате со финансиски советник пред да инвестирате големи средства во обврзници заштитени од инфлација.(156)

Еден дополнителен ризик поврзан со обврзниците е влијанието на промените во каматните стапки. Да претпоставиме дека купувате триесетгодишна обврзница со номинална вредност од 1.000 евра која носи 5 проценти камата. Оваа обврзница има обврска да ви плаќа 50 евра камата секоја година во период од триесет години, во кој период таа доспева, а вие добивате 1.000 евра. Но, ако вкупната или општата каматна стапка се зголеми на 10 проценти набргу откако ќе ја купите оваа обврзница, тогаш вредноста на вашата обврзница веднаш ќе падне на околу една половина од она што сте го платиле за неа. Која е причината за тоа? Со каматна стапка од 10 проценти, инвеститорот може да добие 50 евра камата секоја година со купување на обврзница од 500 евра. Така, сега, 500 евра е максимумот што некој ќе биде подготвен да го плати за вашата обврзница од 1.000 евра. Се разбира, ако каматната стапка падне на 2,5 проценти наскоро откако ќе ја купите вашата триесетгодишна обврзница од 5 проценти, тогаш нејзината вредност приближно ќе се удвои. Но, оваа волатилност (или овој ризик) не ви е потребна ако штедите за нешто што очекувате да го купите за пет години.

Колку долго портфолиото треба да се состои од акции и кога треба да се премине на обврзници? Тоа зависи од должината на периодот пред да пристапите кон користење на заштедените средства од инвестициските фондови. Како што предложивме погоре, релативно краткорочните инвестиции може да бидат најдобри ако се состојат исклучиво од обврзници. На пример, еден млад пар којашто штеди за учество за хипотека од 20 проценти за да купи куќа може е подобро целосно да ја избегне берзата – само за тој дел од нивните заштеди – и да инвестира во обврзници. Тоа е затоа што учеството за куќа или кондоминиум честопати вклучува штедење од само неколку години. Спротивно на тоа, парот може да штеди 18 години за финансирање на универзитетско образование за нивното новороденче или 35 до 45 години за да заштеди доволно средства за старост. Во овие два случаја, акциите треба да претставуваат важен дел или можеби да го сочинуваат целокупниот инвестициски фонд во поголемиот дел од нивните години на штедење.

Родителите на новороденчето кои веднаш почнуваат да штедат за универзитетското образование на детето имаат повеќе години да заштедат пари и да го диверзифицираат ризикот, користејќи ги акциите за побрзо зголемување на средствата. Во тој случај, има смисла дел од универзитетскиот фонд да се држи во акции.. Меѓутоа, како што покажува падот на цените на акциите за време на Големата рецесија од 2008 година и падот на пазарот во 2022 година, дури и со рок од 18 години, поседувањето акции носи ризик. Повторно, инвеститорите коишто сакаат да го намалат ризикот на своите универзитетски фондови можат да го сторат тоа со поседување помалку акции и повеќе обврзници, особено како што се приближува времето кога ќе бидат потребни средствата.

Бидејќи луѓето заработуваат повеќе и живеат подолго, штедењето за пензионирање станува сè поважно. Не сакаме драстично и негативно да го менуваме нашиот начин на живот по пензионирањето; а и не можеме да си дозволиме да ги потрошиме нашите заштеди пред да си заминеме од овој свет. За штедач чиешто пензионирање ќе биде за повеќе од десет години, диверзифицирано портфолио на акции, како што е заеднички фонд индексиран во S&P 500, веројатно е најдоброто инвестициско портфолио. За поконзервативниот штедач, поседувањето 10, 20, па дури и 40 проценти од своето портфолио во обврзници генерално ќе обезбеди поголема стабилност на вредноста на средствата за пензионирање, иако вкупните приноси на крајот веројатно ќе бидат помали.

Како што се наближува потребата за користење на пензиската заштеда, разумно е сите, освен најбогатите, да почнат постепено да се префрлаат од портфолио сочинето само од акции на обврзници. Кога треба да започне тоа префрлање, делумно зависи од тоа кога и колкав месечен доход ни е потребен за време на пензионерските денови. За оние поединци со големо портфолио или со добра пензија во однос на нивните потреби за приход од пензија, голем дел од нивните заштеди може да се остават подолго во акции за да се максимизира очекуваниот вкупен принос. Целта на преминувањето на обврзници е првенствено да се избегне потребата од продажба на акции по привремено ниски цени. Колку побрзо очекувате да го искористите вашето портфолио за да ги покриете месечните трошоци за живот, толку е поважно да се намали ризикот преку стратешко и постепено преминување на обврзници.

Во однос на пензиските инвестиции од клучно значење е и да се размисли за даночниот третман на вашите инвестициски придонеси и на приходот за пензионирањето. Во многу земји, (дополнителното) пензиско штедење е заштитено од некои даноци на доход, што овозможува вашите заштеди да растат побрзо. На пример, во Украина, придонесите во недржавните пензиски фондови се одбиваат од бруто-доходот до 15 проценти од платата на лицето, а приносот од инвестицијата не се оданочува, така што вкупниот износ се акумулира побрзо.(157) Пониските даноци се начин на кој владите можат да ги охрабрат граѓаните да штедат за пензионирање. Некои земји, како што е Бугарија, дури и ги ослободуваат заштедите, приносите и распределбите од приватните пензиски фондови од сите даноци.(158) Додека некои земји од Централна и од Источна Европа сè уште немаат достапни приватни пензиски инвестициски можности, постои глобален тренд за зголемување на доброволните пензиски придонеси преку даночни стимулации. Ако немате пристап до приватните пензиски сметки со поволно оданочување, продолжете да штедите; на тој начин, кога сметките ќе станат достапни, ќе можете да го заштедите максималниот дозволен износ секоја година.

Нашиот совет за оние коишто сакаат да се подготват за идното пензионирање може да се резимира вака: Започнете рано со дополнителното пензиско штедење со вложување во диверзифицирани портфолија на акции. Кога ќе се приближите (доволно) блиску до пензионирање почнете со постепено поместување на вашите средства од акции кон средства со понизок ризик и со понизок принос, како што се обврзниците, и искористете го поволниот даночен третман којшто се обезбедува за пензиски планови.