Дел 2: Завршни размислувања за институциите и за политиката
Видео:
Економската теорија јасно утврдува дека седумте елементи што се истакнати во овој дел од книгава ќе имаат позитивно влијание врз економските резултати. Но, колкаво влијание? За да се одговори на ова прашање, потребен е модел за мерење на институционалниот квалитет. Во средината на 1980-тите, Институтот Фрејзер од Ванкувер, Канада, започна да работи на проект што имаше за цел да развие мерка за економската слобода на земјите во светот. Во проектот учествуваа неколку водечки научници, вклучувајќи ги и нобеловците Милтон Фридман, Гери Бекер и Даглас Норт. Како резултат на тоа беше создаден индексот на Економската Слобода на Светот (ИЕСС). Овој индекс што го мери степенот до кој институциите и политиките на една земја се конзистентни со економската слобода, односно личниот избор, приватната сопственост, доброволната размена и конкурентните пазари, денес го објавува светска мрежа на институти во повеќе од 90 земји.
Видео:
Видео:
ИЕСС користи четириесет и две одделни компоненти за рангирање во пет главни области: големина на владата, заштита на правата на сопственост и спроведување договори, пристап до стабилна валута, меѓународна размена и регулирање на кредитите, трудот и на бизнисот. Резултатите се мерат на скала од 0 до 10 и се достапни за 123 земји. Индексот се ажурира еднаш годишно.
Во голема мера, ИЕСС е одраз на седумте клучни елементи наведени претходно во оваа книга. За да постигне висок рејтинг на ИЕСС, земјата мора да обезбеди сигурна заштита на приватната сопственост, правично спроведување на договорите и стабилна монетарна средина. Понатаму, треба да има ниски даноци, да не создава бариери што ја попречуваат домашната или меѓународната трговска размена и повеќе да се потпира на пазарите отколку на државните расходи и регулативи при распределбата на производите и на ресурсите.
Некои можеби мислат дека ИЕСС е мерка за „капитализмот“ на едниот крај од спектарот и на „социјализмот“ на другиот крај. Бидејќи овие термини се двосмислени и значат различни работи за различни луѓе, ние ретко ги користиме. Строго кажано, социјализмот подразбира владина сопственост на примарните средства за производство. „Социјализмот“ понекогаш се користи за да се опишат системите во земји како што се Данска, Финска и Шведска коишто имаат високо ниво на државни расходи. Внимателното истражување на овие скандинавски земји открива дека, иако секоја од нив може да има поголем јавен сектор и повисоки даноци отколку што е пожелно, тие, сепак, се карактеризираат со приватна сопственост, слободна трговија, минимална регулација на бизнисите и со широко користење на пазарите. Овие атрибути се практично спротивни на социјализмот. Економската организација на скандинавските земји е многу поразлична од онаа на Венецуела, Куба, Северна Кореја и на Кина, коишто се социјалистички земји со државна сопственост во многу сектори на економијата.
Слично на тоа, капитализмот честопати се користи за да се опишат економиите кои суштински се разликуваат по степенот на регулација, контролата на цените, трговските ограничувања и по сигурноста на правата на сопственост. Наместо овие двосмислени термини како „капитализам“ и „социјализам“, ИЕСС врши попрецизно мерења на степенот до кој земјите се потпираат на личниот избор, доброволната размена и на пазарните цени, наместо на политичкото одлучување и на централното планирање при алокацијата на расположливите ресурси и при насочувањето на инвестициите.
Доколку институционалните и политичките фактори наведени овде се важни, тогаш земјите со постојано високи ИЕСС рејтинзи, треба да постигнуваат подобри економски резултати отколку земјите со постојано ниски ИЕСС рејтинзи. Ајде да видиме дали ова е навистина така.
На сликата 13 се дадени податоците за доходот по глава на жител во 2019 година и неговиот раст за десетте земји со највисоки и најниски ИЕСС рејтинзи во периодот 2000-2019 година. Од 123 земји и јурисдикции за коишто се достапни податоци за ИЕСС во текот на овие две децении, на врвот на списокот на постојано слободни економии се наоѓаат следниве земји: Хонгконг, Сингапур, Швајцарија, Нов Зеланд и Соединетите Американски Држави. На другиот крај од спектарот се наоѓаат Алжир, Конго, Мјанмар и Венецуела како најмалку слободни економии.
Како се споредуваат доходите и стапките на раст? Просечниот доход по глава на жител на десетте најслободни економии изнесувал 62.476 американски долари, што е речиси 14 пати повеќе од износот (4.520 долари) за десетте најмалку слободни економии. Не само што десетте најслободни економии имаа значително повисоко ниво на доход, туку и многу побрзо остварија раст. Стапката на раст на БДП по глава на жител на десетте најслободни економии во просек изнесуваше 1,7 проценти годишно во текот на 2000-2019 година, во споредба со 1,41 проценти за десетте најмалку слободни економии. Доколку читавте внимателно, веројатно забележавте дека на сликата 13 и на следната, сликата 14, доходите се искажани во една чудна валута наречена меѓународни долари „меѓународни долари“, оценети според паритетот на куповната моќ. Паритет на куповната моќ едноставно е статистички начин за овозможување споредби кога цените за истиот производ (обично производи со кои е тешко да се тргува, како на пример фризерски и козметички услуги) се разликуваат во различни земји. Aко берберите наплатуваат 3 американски долари за берберска услуга во Ташкент, а 40 американски долари во Њујорк, споредувањето на реалниот доход би ја потценило благосостојбата на Узбекистанците. Според конвенцијата, националните валути (кои не се американски долари) се преоценуваат за да може да се купат истите стоки како што може да се купат за тој износ во американски долари (во САД).(75)
Слика 13: Оценки на економската слобода во светот (ИЕСС) за највисоко и за најниско рангираните земји
Земја | ИЕСС рејтинг, 2000–2019 год | БДП по глава на жител 2019 година, ПКМ (паритет на куповна моќ) (константа меѓународни $ од 2017 год.) | Стапка на раст на БДП по глава на жител 2000–2019 година, ПКМ (процент, константа меѓународни $ од 2017 год.) |
10 највисоко оценети земји | |||
Хонг Конг САР, Кина | 8.94 | $59,586 | 2.64% |
Сингапур | 8.73 | $98,412 | 3% |
Швајцарија | 8.54 | $70,920 | 0.94% |
Нов Зеланд | 8.45 | $42,878 | 1.41% |
Соединети Американски Држави | 8.36 | $62,631 | 1.18% |
Обединето Кралство | 8.29 | $46,406 | 1.02% |
Канада | 8.21 | $49,007 | 1.46% |
Ирска | 8.15 | $87,786 | 3.16% |
Австралија | 8.15 | $49,456 | 1.35% |
Данска | 8.08 | $57,678 | 0.87% |
Просек | $62,476 | 1.7% | |
10 најниско оценети земји | |||
Габон | 5.52 | $14,950 | -0.54% |
Нигерија | 5.47 | $1,225 | 1.44% |
Централна Африканска | 5.26 | $945 | -0.5% |
Чад | 5.24 | $1,580 | 3.02% |
Гвинеја-Бисао | 5.22 | $1,939 | 0.63% |
Конго, Демократска Република | 5.07 | $1,098 | 2.02% |
Алжир | 5.03 | $11,511 | 1.48% |
Мјанмар | 4.79 | $5,083 | 8.42% |
Конго, Република | 4.72 | $3,843 | -0.71% |
Зимбабве | 4.47 | $3,028 | -1.13% |
Просек | $4,520 | 1.41% |
Извори:
J. Bolt and J. van Zanden, “Maddison Style Estimates of the Evolution of the World Economy: A New 2020 Update,” Groningen Growth and Development Center, October 2020, www.rug.nl;
Gwartney et al., Economic Freedom of the World: 2021 Annual Report (Vancouver: Fraser Institute, 2021), www.fraserinstitute.org;
World Bank, World Development Indicators (2022), databank.worldbank.org.
На сликата 14 се дадени податоци од 2005 до 2021 година за оцената на економската слобода во светот (ЕСС), БДП по глава на жител за 2021 година и стапката на раст на БДП по глава на жител за неколку земји во транзиција. И Грузија и Ерменија имаат високи ИЕСС рејтинзи и се вброени во групата на земји со најголема економска слобода и со поволна средина од тој аспект. И стапките на раст на БДП по глава на жител за двете земји релативно се високи. Наспроти тоа, Азербејџан и Украина спаѓаат во групата на најмалку слободни земји. Сепак, многу е важно да се препознае дека врз економските резултати на овие земји влијаат огромен број фактори кои се вон нивните оценки на економската слобода. Влијанијата како што се геополитичките сложени контексти, тековните воени конфликти, ранливоста на надворешни шокови, разновидните расположливи ресурси и инхерентната нестабилност на растот на БДП можат колективно да придонесат за забележаните разлики во БДП по глава на жител и за стапките на раст на БДП.
Слика 14: Оценки на економската слобода на светот (ИЕСС) за економиите во транзиција
Земја | Оценка на ЕСС, 2005–2021 | БДП по глава за жител 2021, ПКМ (паритет на куповна моќ) (константа меѓународни $ од 2017 год.) | Стапка на раст на БДП по глава на жител 2005–2021 година, ПКМ (процент, константа меѓународни $ од 2017 год.) |
Грузија | 7.69 | $17,089 | 5.23% |
Ерменија | 7.52 | $15,676 | 5.1% |
Црна Гора | 7.12 | $23,318 | 2.74% |
Северна Македонија | 7.07 | $18,934 | 2.68% |
Хрватска | 6.99 | $35,156 | 2.17% |
Казахстан | 6.86 | $28,812 | 3.29% |
Киргистан | 6.82 | $5,418 | 1.98% |
Србија | 6.66 | $21,477 | 3.26% |
Азербејџан | 5.89 | $15,927 | 6.21% |
Украина | 5.76 | $14,289 | 1.2% |
Просек | $19,609.57 | 3.39% |
Извори:
Институт Фрејзер, збир на податоци за економска слобода, www.fraserinstitute.org;
Податоци од Светска банка, data.worldbank.org.
На сликата 15 се прикажани 123 земји поделени на квартили на четири приближно еднакви групи, подредени според нивните оценки на економската слобода на светот (ЕСС), од најниска до највисока. 31 земја со највисока просечна оценка на економската слобода го сочинуваат најгорниот квартил. 31 со следната највисока просечна оценка го сочинуваат следниот квартил итн. Просечното ниво на доход и стапката на раст за секоја од четирите групи се изразени во однос на заедничката валута, американскиот долар од 2017 година.
На сликата 15 се појавува истата шема како онаа што е претставена на сликата 13. Послободните економии меѓу 123-те земји остваруваат и повисоко ниво на доход по глава на жител и побрз раст. Најслободните земји имаа просечен доход по глава на жител во 2019 година од 50.619 американски долари, што е над осумпати повеќе од просекот од 5.911 долари за најмалку слободните земји. Забележете дека постои силна позитивна врска помеѓу економската слобода и БДП по глава на жител во квартилите. Иако податоците од сликата 15 не се коригирани за други фактори коишто би можеле да влијаат врз доходот по глава на жител, една подетална статистичка анализа покажува дека силната позитивна врска помеѓу постојано високите нивоа на економска слобода и доходите останува дури и по прилагодување за други значајни фактори кои би можеле да влијаат на доходите. Слично на тоа, како што е прикажано на сликата 15, просечната годишна стапка на раст за првата група изнесуваше 2,2 проценти, во споредба со 1,3 проценти за последната група. Забележете дека просечната стапка на раст на трите најмалку слободни квартили беа слични, но сите значително беа помали од просекот на горниот квартил.
Извори:
Светска банка, World Development Indicators (2022);
Gwartney et al., Economic Freedom of the World: 2021 Annual Report (Vancouver: Fraser Institute, 2021).
- Забелешка: Податоците за растот беа коригирани за да се контролираат промената на економската слобода во текот на периодот и почетното ниво на доход.
Некои тврдат дека пазарните економии ги оставаат сиромашните зад себе. Па, каква е споредбата на стапките на сиромаштија во послободните економии со стапката во земјите со помала економска слобода? Светска банка дава податоци за стапките на екстремна и на умерена сиромаштија. Стапка на екстремна сиромаштија е процентот на населението со приход помал од 2,15 долари дневно, додека стапка на умерена сиромаштија е уделот на населението со доход помал од 3,65 долари дневно (мерено во меѓународни долари од 2011 година).
На сликата 16 се дадени податоци за стапките на екстремна и на умерена сиромаштија во 2019 година, според квартилите на економска слобода распоредени од најниска до највисока. Очигледно, стапките на сиромаштија беа многу пониски во послободните економии. Стапката на екстремна сиромаштија во 2019 година изнесуваше 34,1 проценти за најмалку слободните економии, но само 0,9 проценти во најслободните економии. Следствено, стапката на умерената сиромаштија изнесуваше 53,2 во најмалку слободниот квартил, во споредба со само 2,0 проценти во најслободниот квартил. Стапките на екстремна и на умерена сиромаштија во двата средни квартила се наоѓаа помеѓу оние на најмалку и најслободните економии.
Извор: Gwartney et al., Economic Freedom of the World: 2021 Annual Report (Vancouver: Fraser Institute, 2021).
Понатаму, подеталната анализа покажува дека земјите кои се движат кон поголема економска слобода постигнуваат поголемо намалување на стапката на сиромаштија отколку оние кои биле помалку слободни. Овие односи се одржаа дури и по направените прилагодувања за географските и локациските фактори, добиената странска помош и политичките институции.
Од овие податоци е очигледно дека економските резултати многу се подобри во земјите со поголема економска слобода. Но, какво е влијанието на економската слобода врз некои пошироки показатели за квалитетот на животот, како што се очекуваниот животен век и квалитетот на животната средина?
На сликата 17 се прикажани бројките на Светска банка за очекуваниот животен век во земјите во квартилните групи. Луѓето кои живеат во земји со поголема економска слобода живеат подолго. Во просек, очекуваниот животен век на лицата кои живеат во земјите од економски најслободниот квартил изнесуваше 81,1 година, во споредба со само 65,9 години за лицата кои живеат во земјите од економски најмалку слободниот квартил. Следствено, луѓето кои живеат во најслободните економии, живеат 15 години подолго во однос на оние во најмалку слободниот квартил.
Извор: Gwartney et al., Economic Freedom of the World: 2021 Annual Report (Vancouver: Fraser Institute, 2021).
Прашањата поврзани со животната средина стануваат сè поважни во јавните дискусии во последниве години. Какво е влијанието на економската слобода врз животната средина? Центарот за еколошко право и политика на Универзитетот Јејл објавува сеопфатен Индекс на еколошки перформанси (ИЕП) за 180 земји. Овој индекс ги оценува квалитетот и перформансите на земјите во различни области на животната средина. Скалата на овој индекс се движи од 0 до 100, при што повисоките бројки укажуваат на поголем квалитет на животната средина. На сликата 18 е прикажана просечната оценка на ИЕП на земјите во квартилните групи за економска слобода. Просечниот ИЕП за економски најслободниот квартил изнесуваше 73,7, во споредба со 62,7 за вториот најслободен квартил и 52,8 и 45,0 за двете најмалку слободни групи. Овие бројки покажуваат дека постои силна позитивна врска помеѓу економската слобода и квалитетот на животната средина. Барањата за почиста животна средина во голема мера се зголемуваат како што расте доходот. Следствено, како што економската слобода го зголемува доходот по глава на жител, истовремено ги зголемува и барањата за квалитетот на животната средина. Оттука, очекувано е да постои позитивната врска помеѓу економската слобода и квалитетот на животната средина.
Извори:
Gwartney et al., Economic Freedom of the World: 2021 Annual Report (Vancouver: Fraser Institute, 2021);
Z. Wendling et al., The 2018 Environmental Performance Index Report (New Haven, CT: Yale Center for Environmental Law and Policy, 2018), epi.envirocenter.yale.edu.
- Забелешка: недостасуваат податоци за ИЕП за Хонгконг и за Сирија.
Дали економската слобода е гаранција дека една земја ќе може да постигне високо ниво на доходот? Може ли земја со мала економска слобода, сепак, да постигне висок БДП по глава на жител? Испитувањето на економската слобода и БДП по глава на жител на 123 земји со податоци за ИЕСС во текот на 2000-2019 година дава одговор на двете прашања. Овие податоци укажуваат дека во суштина без исклучок, земјите со постојано висока оценка на економската слобода остваруваат побрз раст и високо ниво на доход. Од друга страна, со исклучок на неколку од водечките светски извозници на нафта, ниту една земја не успеа да постигне високо ниво на доход по глава на жител без висок степен на економска слобода. Оваа тесна поврзаност помеѓу економската слобода и високиот доход по глава на жител ја нагласува важноста на економските институции.
Тестирањето на една теорија се врши преку нејзината способност да ги предвиди реалните исходи. И економската теорија и емпириските докази покажуваат дека земјите растат побрзо, остваруваат повисоко ниво на доход и постигнуваат поголем напредок во однос на сиромаштијата кога усвојуваат и водат политики во согласност со насоките наведени во овој дел. Јасно е дека усвојувањето институции и политики за поддршка на економската слобода е од клучно значење за економскиот раст и развој.
Технологијата, трговијата, претприемништвото и извонредниот раст во изминатиот половина век.
Ајде да се вратиме на историскиот образец што го опишавме на почетокот на овој дел од книгата. Погледнете наназад на сликата 5. Видовме дека во светот пред 1800 година имало многу мала промена на доходот по глава на жител. Повеќемина го поминувале целиот свој живот во села и на фарми што се наоѓале на само неколку милји од нивните родни места. Тие немале големи познавања ниту, пак, контакти со луѓето кои живееле надвор од овие мали области. Пазарите биле мали, добивките од трговската размена и капиталните вложувања биле минимални, а доходот по глава на жител се движел блиску до нивото потребно за егзистенција.
Но, околу 1800 година, технолошките подобрувања и капиталните вложувања го поттикнале растот на доходот. Како што е прикажано на сликата 5, доходот по глава на жител на Западот (земјите со висок доход во Западна Европа, Северна Америка, Океанија и Јапонија) значително пораснал во текот на 150 години по почетокот на Индустриската револуција. Но, надвор од Западот ситуацијата не се променила значително.. Нивоата на доход во другиот дел од светот останал на нивоата потребни за егзистенција или блиску до нив. Не толку одамна во 1950 година, доходот по глава на жител во земјите во развој изнесувал околу 4 американски долари дневно.
Меѓутоа, во текот на изминатиот половина век, имаше забележителна промена. Многу земји во развој остварија брз раст. Во текот на изминатите 50 години, доходот по глава на жител на земјите во развој се зголеми уште повеќе од доходот на земјите со висок доход во текот на 150 години по Индустриската револуција.
На што се должи овој извонреден економски напредок во изминатиот половина век? Во овој период, огромните намалувања на транспортните и на комуникациските трошоци и придружниот раст на меѓународната трговија му овозможија на светот да го зголеми производството и да постигне значително повисоко ниво на доход. Промената толку беше драматична што периодот околу 1970 година може навистина да се смета за почеток на транспортно-комуникациската револуција. Иако економскиот напредок што произлезе од Индустриската револуција нашироко е познат и признат, на многу начини, транспортно-комуникациската револуција во изминатиот половина век уште е помаркантна. Така што време е да се препознае и да се признае и оваа понова економска револуција.
Голем дел од тоа се должи на огромното намалување на реалните трошоци за транспорт и за комуникации. Поттикнати од подобрувањата во технологијата и во претприемништвото, трошокот за прекуокеански транспорт по тон се намали за над 50 проценти во периодот од 1974 до 2016 година (приспособено за инфлацијата). Трошокот на воздушниот транспорт по тон-километар се намали уште повеќе во истиот период. Стандардизираните челични контејнери и механизацијата ги намалија трошоците за товарење и за истовар за прекуокеански транспорт од 48 долари по тон во 1956 година на 18 центи во 2006 година, што претставува намалување за над 99 проценти. Намалувањето на трошоците за неколку форми на комуникација беше толку драматично што е тешко дури и да се направи процена. Не толку одамна во 1990 година, меѓународните телефонски повици не беа толку квалитетни и чинеа неколку долари за минута. Денес, повиците што вклучуваат и аудио и видеопренос, вклучително и конференциски повици, може да се вршат преку интернет речиси бесплатно.
Ова огромно намалување на транспортните и на комуникациските трошоци придонесе за значително зголемување на меѓународната трговија и на придобивките од претприемачките активности, како и за подобрување на економските институции. Овие фактори ги подобрија економските резултати ширум светот, но нивното влијанието особено беше драматично во земјите во развој. Јавните статистички податоци за важноста на трговската размена за глобалната економија можат да бидат многу збунувачки. Тие обично се искажуваат како показател кој се добива од соодносот - трговската размена во однос на БДП. Трговската размена се дефинира како збир на увозот и извозот, со што, всушност, двојно се пресметува трговската размена. Во текот на 1960-тите, меѓународната трговија како дел од БДП во просек изнесуваше 19 проценти од светското производство, што укажува на тоа дека стоките што се разменуваа меѓу земјите изнесуваа нешто помалку од 10 % од глобалниот производ. Овој показател постојано се зголемуваше во наредните децении, а до 2023 година меѓународната трговија беше приближно два и пол пати поголема во споредба со 1960-тите. Важноста на трговијата за денешните економии станува уште поочигледна кога ќе сфатите дека со многу компоненти што го сочинуваат БДП, како што се фризерски и козметичкки услуги или оброци во ресторани, не е лесно да се тргува.
Се разбира, намалените транспортни и комуникациски трошоци овозможија остварување економии од обем и повисок доход како во рамки на и така помеѓу земјите, особено во поголемите земји. Брзата индустријализација на САД во 19. век во голема мера се должи на фактот што американскиот Устав (член 1, дел 10) ги спречува државите да воведат царини на производите од другите држави. Оваа клаузула стана особено важна во втората половина на 19. век, кога железничките пруги на долги релации придонесоа за огромно намалување на транспортните трошоци, носејќи ги ресурсите од средните и од западните држави до производителите во Нова Англија и до средноатлантските држави.
Пониските транспортни и комуникациски трошоци доведоа и до поголеми придобивки од претприемништвото. Бизнисите и претприемачите во земјите во развој можат да ги усвојат или да ги добијат по ниска цена успешните технологии и практики што се користат во понапредните економии. Така како што интеракцијата помеѓу луѓето ги надминуваше националните граници и се прошируваа сознанијата за успешните практики што се користат на други места, добивките од овие извори се зголемија.
Тоа влијаеше дури и врз квалитетот на институциите и на политиките. Намалувањето на транспортните и на комуникациските трошоци им овозможи поголема флексибилност на потенцијалните претприемачи и инвеститори и го прошири опсегот на потенцијалните земји за реализација на нивните деловни активности. Од друга страна, ова ја зголеми стимулацијата на носителите на политички одлуки да воспостават солидни институции и политики за да ги привлечат овие глобално мобилни претприемачи. Како резултат на тоа, покрај нивните подиректни влијанија врз обемот на трговијата и врз претприемништвото, пониските транспортни и комуникациски трошоци доведоа до позитивни секундарни ефекти, вклучително и до зајакнување на поттикот за отстранување на трговските бариери и за подобрување на правниот систем. Како што се намалуваа ограничувањата, се подобруваше квалитетот на правниот систем на помалку развиените земји. Колку што повеќе се информирани за она што се случува на друго место, граѓаните можат и ќе бараат толку повеќе од своите влади. Автократите и диктаторите се загрозени како никогаш досега во светот со YouTube и VPN.
Влијанијата на комуникациите може да се забележат и на многу микронивоа. Земјоделец споделува информации за новите сорти на семиња на Твитер. Сега може да се испрати фотографија од заболена лоза до агенцијата за земјоделство за совет за само неколку минути, а претходно за тоа беше потребно целодневно патување до најблискиот град. Плаќањето со мобилен телефон им овозможува на имигрантите да префрлаат средства на своите семејства без да плаќаат високи надоместоци на посредници. Со електронските лични карти лесно може да се утврди идентитетот и се елиминираат многу можности за корупција.
Некои земји во развој многу побрзо остварија раст, додека други многу заостанаа. Географските фактори, особено климата и локацијата, придонесоа за ваквите разлики во економскиот раст. Џефри Сакс од Универзитетот Колумбија беше меѓу првите кои тврдеа дека географските фактори имаат влијание врз економскиот раст, односно дека луѓето кои живеат во топла, влажна клима далеку од главните пазари во Европа, Северна Америка и Азија и кои имаат ограничен пристап до крајбрежјето на океанот, се наоѓаат во економски многу понеповолна положба. Топлите и влажни тропски климатски услови го еродираат нивото на енергија на работниците и го зголемуваат ризикот од појава на болести, како маларија и жолта треска, кои можат да ги онеспособат и се опасни по живот. Локациите што се оддалечени од главните светски пазари ги зголемуваат трошоците за трговската размена и ја намалуваат достапноста на потенцијалните трговски партнери. Ограничениот пристап до прекуокеанскиот транспорт, особено кога земјата е без излез на море, дополнително ја намалува атрактивноста на земјата за водење бизнис и како локација за производствени дејности.
Климата, близината до светските пазари и пристапот до прекуокеански превоз се важни. Земјите во развој со поволни климатски услови и локации поблиску до главните светски пазари имаа значителна корист од големото намалување на транспортните и комуникациските трошоци. Нивните трговски сектори остварија брз раст, а доходот по глава на жител значително се зголеми. Од друга страна, земјите со топла клима што е поволна за појава на болести и коишто се наоѓаат далеку од големите пазари имаа многу помала корист од тоа. Очекувано, оние земји со поголеми географски недостатоци имаа и помали зголемувања во трговската размена и побавен економски раст. Земјите од Супсахарска Африка доминираат на списокот на земји во светот со најголеми географски недостатоци. Следствено, не е изненадувачки што растот на доходот по глава на жител во овој регион заостанува зад растот на другите земји во развој.
Но, она што е уште поважно, сепак, се работите што едно општество може да ги контролира. Најважната бариера со којашто се соочуваат земјите каде што има заостанување во темпотона напредокот е конфликтот државните удари, бунтовите и граѓанските војни.(76) Како што се гледа на сликата 19, Меѓународниот центар за раст проценува дека една граѓанска војна којашто трае четири години го намалува БДП за 18 % во текот на времетраењето и дека овој понизок доход опстојува повеќе од 10 години по почетокот на војната.
- Забелешка: Сликата го покажува симулираниот одговор на БДП по глава на жител на граѓанска војна од четири години (засенчена површина). Граѓанската војна е дефинирана како година со повеќе од 0,08 смртни случаи поврзани со битки на 1.000 население врз основа на податоците на PRIO/UCDP. БДП по глава на жител од Светска банка. Видете Mueller (2016, Economica) за мерката по глава на жител и Mueller (2013) за методологијата. Симулацијата носи грешка која се зголемува со текот на времето.
Заклучок
Во споредба со минатото, сега имаме многу поголемо знаење и сознанија и посилни докази за видовите економски институции и политики коишто го подобруваат напредокот на човекот. Меѓутоа, да се знае што функционира, не значи нужно дека ќе се воспостават солидни институции. Институциите и политиките произлегуваат од политичкиот процес. Така што, ако сакаме да го разбереме развојот на економските институции, треба да разгледаме како функционира политичкиот процес. Тоа е темата на којашто ќе се фокусираме во Дел 3.
Видео: