Елемент 3.7: Избегнување субвенции кои не се засновани на економска логика
Алатката на политиката (којашто честопати станува и нејзина цел) е да извлече ресурси од општиот даночен обврзник со минимален прекршок и да ги дистрибуира приходите меѓу безброј баратели на таков начин што ќе ја максимизира поддршката од гласачките места. Политиката, кога станува збор за мобилизирање поддршка, претставува уметност на пресметано мамење или, поточно, како да мамиш без да бидеш фатен.(102)
Постојат два начина на кои поединците можат да стекнат богатство: со производство или со грабеж. Луѓето можат да напредуваат со производство на добра или на услуги што имаат вредност и со нивна размена за пари. Овој метод на позитивна вредност за стекнување приходи им помага на двата трговски партнера и го зголемува богатството на општеството. Но, понекогаш луѓето се обидуваат да напредуваат преку грабеж, земајќи од другите без нивна согласност. Се разбира, жртвите на грабежот го губат она што го добива ограбувачот. Дополнително, таму каде што се стравува од грабеж, потенцијалните жртви користат ресурси за да се одбранат од него. Во општество во кое кражбите се вообичаени, на пример, луѓето купуваат повеќе брави, користат повеќе безбедносни услуги, бараат дополнителна полициска заштита, па дури и ги дизајнираат своите домови на таков начин што ќе ги обесхрабрат кражбите. Трошоците на ограбените (или на оние коишто се плашат од грабеж) ги вклучуваат нивните загуби и вложувањата во средства за заштита, а не остварените добивки на оние коишто вршат грабеж. Кога зборуваме за грабеж во овој текст, се разбира, тоа не секогаш подразбира физичка кражба. Тоа може, на пример, да биде кражба на интелектуална сопственост, а трошоците за заштита можат да бидат надоместоци што им се плаќаат на адвокатите. За разлика од активностите за размена со позитивна вредност, грабежот е активност со негативна вредност. Тој не само што не успева да генерира дополнителен приход туку и троши ресурси, намалувајќи го богатството на општеството.
Владите промовираат економски просперитет кога поттикнуваат производство и размена и го обесхрабруваат грабежот. Кога ефективните закони и нивното спроведување го отежнуваат земањето од други, било преку криминал или преку примена на политички мерки, малку ресурси ќе се одлеат преку такви мерки. Покрај тоа, и ресурсите што се користат за одбрана од грабеж ќе бидат мали.
Меѓутоа, во современиот свет, самите влади честопати се тешки ограбувачи. Владите обезбедуваат субвенции и услуги за одредени лица преку земање ресурси од даночните обврзници, мешање на буџетските распределби и преку задолжување. Иако тоа технички не е кражба бидејќи се прави преку закони, сепак е активност со негативна вредност којашто им штети на граѓаните и го забавува економскиот раст. Во ЕУ, субвенциите и другите трансфери изнесуваат половина од вкупните буџетски расходи во 2021 година.(103) Во Франција, на пример, субвенциите и другите трансфери изнесуваат околу 65 отсто од вкупните расходи. Субвенциите за социјална заштита го опфаќаат поголемиот дел од трансферите (околу 39 отсто од вкупните расходи).(104) Резиме на субвенциите и другите трансфери како процент од вкупните расходи во други избрани земји е дадено на сликата 22.
Извор: Меѓународен монетарен фонд, Годишник за владини финансиски статистики и датотеки со податоци.
Субвенциите и фаворизирањето на владата се опасни како за политичката демократија, така и за економската ефикасност. Постојат неколку причини зошто е така тоа.
Првенствено, субвенциите ги поттикнуваат бизнисите да поминуваат повеќе време во потрага по фаворизирање во централните влади и помалку време за развој на подобри и поекономични производи. Очекувано, зголемувањето на достапноста на владиниот фаворитизам ја јакне моќта на посебните интереси и поттикнува измама. За да добијат повеќе владини средства и да стекнат предност во однос на ривалите, бизнисите и другите баратели на наклонетост ги врзуваат своите интереси со популарни цели, како што се зголемување на вработеноста, намалување на сиромаштијата, подобрување на квалитетот на животната средина и намалување на зависноста од странски фактори. Дури и кога нивните дејствија се мотивирани од финансиска добивка и од политичка моќ, интересните групи имаат силна стимулација да тврдат дека се обидуваат да постигнат пошироки, попопуларни цели отколку што всушност е вистината.
Второ, субвенциите за некои фирми и сектори ги нарушуваат пазарните цени, ставајќи ги другите во неповолна положба. Некои од несубвенционираните фирми се избркани од бизнисот или нема да влезат на пазарот бидејќи не можат да се натпреваруваат со субвенционираните ривали. Од друга страна, бизнисите можат да се преселат во друга земја без овие бариери. На пример, фирмите коишто користат многу шеќер во својот производствен процес се преселија во Канада за да ја избегнат вештачки високата цена на американскиот шеќер создадена од субвенциите. Како резултат на тоа дојде до пренасочување на ресурсите од бизнисите зависни од пазарните потрошувачи кон оние што ги фаворизираат политичарите.
Трето, а можеби и најважно, субвенциите и фаворизирањето создаваат несоодветен, неетички однос меѓу бизнисот и политичките функционери. Со тоа се охрабрува „корпоративната благосостојба“ и крони-капитализмот, а интересите на даночните обврзници се компромитирани. Колку е поголем степенот на корпоративна благосостојба (односно, колку се побројни владините програми за субвенционирање насочени кон бизнисот), толку е поголем протокот на ресурси во активности коишто бараат наклонетост, односно фаворизирање. (Забелешка: Економистите честопати го користат терминот рентиери за да го опишат ова барање наклоност од бизнисите и од другите групи.) Како што политиката ги заменува пазарите, економијата сè повеќе се карактеризира со кронизам, корупција, контрапродуктивни активности, а економскиот раст не го достигнува својот потенцијал.
Видео:
Сè повеќе, владите на демократските земји со високи доходи (и не само тие, како што е прикажано на слика 22) користат даноци и задолжување за да обезбедат субвенции и други поволности на одредени гласачки блокови во замена за политички придонеси и за поддршка. Во изјавата што нашироко му се припишува на шкотскиот адвокат и историчар Александар Фрејзер Титлер се вели:
Демократијата не може да постои како постојан облик на владеење. Таа може да постои само додека гласачите не откријат дека можат да си изгласаат материјална придобивка за себе од јавната каса (буџетот). Од тој момент, па понатаму, мнозинството секогаш ќе гласа за кандидатите коишто им ветуваат најголеми придобивки од јавната каса, што секогаш резултира со колапс на демократијата како последица на лабавата фискална политика.(105)
И покрај честите проблеми со корупција во посткомунистичките економии во транзиција, во 2023 година нивните нивоа на долгови сè уште можеа да бидат ставени под контрола, доколку постоеше политичката волја. На сликата 23 е прикажан делот од државните приходи што е потребен за плаќање камата на државниот долг во различни земји во транзиција и за земји со среден доход.
Извор: Debt Service watch Database, www.development-finance.org, преземено на 9 април 2024
Сепак, предупредувањето е јасно. Штом бизнисите и другите интересни групи се инволвирани во обезбедувањето поддршка на политичарите во замена за субвенции и за фаворизирање, овие штетни влијанија е многу тешко да се ограничат. Како што расте фаворизирањето на владата, а и примателите и политичарите стануваат позависни од него, трансферните трошоци растат и ресурсите се оддалечуваат од продуктивните активности. Згора на тоа, измамничкото однесување, неетичките односи, па дури и корупцијата, стануваат секојдневие. Има нагорен притисок на даноците, буџетските дефицити уште повеќе се прошируваат, а политички манипулираната економија стагнира. Доколку не се воспостави и не се спроведе уставна заштита на правата на сопственост и ограничувања на расходите, субвенционирањето и задолжувањето на владата, демократски избраните политичари сè повеќе ќе донесуваат програми што несоодветно трошат ресурси и го нарушуваат општиот животен стандард.