Економија на здравиот разум

Елемент 3.2: Регулирање на монополите

Монополот, всушност, е голем непријател на доброто управување, којшто никогаш не може универзално да се воспостави, освен како резултат на [ако постои] слободна и универзална конкуренција којашто ги принудува сите да прибегнуваат кон него заради самоодбрана.(80)

Адам Смит

Ако општеството сака да извлече максимум од своите ресурси, овие ресурси мора да се користат ефикасно. Конкуренцијата е од суштинско значење за таквото ефикасно користење. Како што беше претходно дискутирано, конкуренцијата дава силен поттик на бизнисите да ги задоволуваат барањата на потрошувачите и економично да произведуваат стоки и услуги. Ако бизнисите не им обезбедат на потрошувачите вредност за цената којашто ја плаќаат, купувачите ќе ги трошат своите пари на друго место.

Монопол постои кога само еден економски субјект произведува стоки или врши услуга за кои нема соодветни супститути. Во тој случај, производителот е поттикнат да го ограничи производството и да ја зголеми цената. Со производство на помала количина и со наплаќање повисока цена, фирмата може да оствари поголем профит отколку ако ресурсите се користат поефикасно со производство на поголема количина по пониска цена. Неефикасност се јавува затоа што монополистот не успева да произведе некои производи коишто за потрошувачите вредат повеќе од трошокот за нивното производство.

Постојат два главни извори на монопол: економиите на обем и доделувањето политички фаворитизам. Економија на обем се јавува кога големите фирми имаат пониски трошоци по единица производ од нивните помали ривали. Ако економиите на обем опстојуваат додека фирмата добива сè поголем удел на пазарот, една фирма ќе доминира и ќе стане монопол. Производството на електрична енергија е таков пример. Како што електраната за производство на електрична енергија се зголемува, трошоците за производство на електрична енергија по единица генерално опаѓаат. Како резултат на тоа, постои тенденција една, голема фирма да доминира на пазарот. Ова е причината зошто владата обично ги регулира цените коишто ги наплаќаат електроенергетските компании и, во некои случаи, ги поседува и управува со електраните.

Дури и таму каде што не доаѓа до појава на монополи, некои индустрии можат да имаат само неколку доминантни фирми, обично затоа што е скапо, односно постојат бариери за влез на пазарот. Една фирма можеби ќе треба да произведе голем дел од индустриското производство – на пример 20 или 25 проценти – за да постигне ниска цена по единица производ и ефикасно да се натпреварува. Во таков случај, може да има простор за само четири или пет фирми, а и сите да имаат ниски трошоци по единица производ. Таквите пазари имаат тенденција да бидат доминирани од мал број фирми, коишто имаат стимул да се договараат, да ги зголемуваат цените и да дејствуваат како монополист. Производствените индустрии, како што се оние коишто произведуваат автомобили, телевизори и компјутерски оперативни системи, се примери за пазари на кои доминираат релативно мал број фирми. Ваквите индустрии се познати по техничкиот термин олигопол. Анализата на олигополите е фасцинантно, но сложено поле на проучување бидејќи нема единствен исход. Најпрагматичниот потег на еден играч зависи од оној на другите играчи. Полето од математиката познато како теорија на игри коешто ги проучува таквите пазари беше измислено од економистите Џон Неш, Оскер Моргенштерн и Џон фон Нојман во 1950-тите и денес широко се користи во многу области.(81)

Но, самата влада понекогаш е извор на монопол. Лиценцирањето, даноците коишто фаворизираат само одредена група даночни субјекти, во однос на другите, царините, квотите и доделувањата на други привилегии ја намалуваат конкурентноста на пазарите. Иако некои од овие политики можеби се добронамерни, тие ги штитат постојните фирми на сметка на потенцијалните конкуренти, а со тоа поттикнуваат создавање на монополи и доминантни фирми. Монополите создадени од владата беа распространети во речиси секој сектор во Советскиот Сојуз. На пример, Државниот комитет за градежништво (Госстрој) имаше ексклузивна контрола врз градежниот сектор, ефективно создавајќи монопол на градежни проекти и материјали. Приватните градежни компании беа забранети, а сите градежни активности, вклучително и изградба на нова инфраструктура и на станови, беа надгледувани и управувани од Госстрој. Овој монопол ги задуши конкуренцијата, иновативноста и ефикасноста во градежната индустрија, што доведе до корупција и до нерамномерен квалитет на многу проекти.

Што може да направи владата за да се осигури дека пазарите се конкурентни? Првото упатство може да се позајми од медицинската професија, „Не прави штета“. Владата треба да се воздржи од интервенции на пазарите и од влошување на состојбите преку барања за лиценцирање, дискриминаторски даноци и преку други форми на политички фаворитизам. На најголем број конкурентни пазари, на продавачите им е тешко или невозможно да го ограничат влезот на конкурентските фирми (вклучувајќи ги и конкурентските производители од други земји). Ова значи дека добавувачите не можат да ја ограничат конкуренцијата освен ако владата не наметне политики за ограничување на влезот или не создаде правила и регулативи коишто фаворизираат одредени фирми.

За да ја поттикнат конкуренцијата, владите можат и да забрануваат антиконкурентни активности како што се незаконско договарање, спојување доминантни фирми во индустријата и испреплетена сопственост на фирми. Во овој поглед, законодавството на Европската Унија за конкуренција ја поттикнува конкуренцијата во рамките на единствениот европски пазар со тоа што им забранува на фирмите незаконски да се договараат или да се обидуваат да го монополизираат пазарот. На пример, во 2019 година, Европската комисија го блокираше спојувањето на Сименс, германски мултинационален конгломерат и Алстом, француска мултинационална компанија специјализирана за транспорт. Комисијата тврдеше дека спојувањето ќе создаде доминантен играч на европскиот пазар за железнички сигнални системи и за брзи возови, што ќе доведе до намалена конкуренција и до потенцијално повисоки цени за потрошувачите. И покрај напорите на компаниите да ги намалат причините за загриженост поврзани со конкуренцијата, како што беше понудата да отуѓат одредени средства, Комисијата на крајот заклучи дека спојувањето ќе им наштети на конкуренцијата и на иновациите во железничкиот сектор и затоа го блокираше договорот.(82)

Како и секојпат, во економијата работите не се баш така едноставни. Американскиот претседател Хари С. Труман ги замоли своите советници да му најдат „економист што гледа само на една страна“, бидејќи му се смачило од тоа што економистите секогаш му велеле: „но од друга страна“. Понекогаш владите создаваат монополи коишто се од јавен интерес. Патентите се одличен пример за тоа. Замислете некој нов лек којшто може да излечи смртоносна болест. Таков лек може да чини стотици милиони евра за да се развие и да се тестира пред да може да се користи, додека пак, цената за производството на една таблета да биде незначителна. Без заштита на интелектуалната сопственост на пронаоѓачот, конкурентите коишто не инвестирале за развојот на тој лек, со задоволство би ја продавале таблетата по цената за нејзиното производство. Ако се случи ова, кој воопшто би бил стимулиран да го развива лекот?

Друго сложено прашање е што точно е индустрија или производ. Како што видовме, доброто може да биде повеќе или помалку погодно да се користи како супститут. Врховниот суд на САД еднаш требаше да одлучи дали алуминиумската фолија и пластичната фолија се доволно блиски супститути што би значело дека производителот на алуминиумска фолија нема монопол бидејќи потрошувачите секогаш можат да користат пластична фолија. Ова може да изгледа како прилично тривијално прашање, но всушност беше важно од политички аспект.

Владините активности и мерки се разновидни. Од една страна, владините политики овозможија многу иновации така што ја намалија појавата на незаконско договарање и на различни практики коишто ја ограничуваат конкуренцијата. Од друга страна, професионалното лиценцирање, регулаторните оптоварувања за малите бизниси и другите закони имаа речиси спротивен ефект. Тие го ограничуваат влезот на пазарите, ги штитат постојните производители од ривалите и ја ограничуваат ценовната конкуренција. Следствено, иако високите бариери за влез и отсуството на конкуренција обезбедуваат потенцијал за владата да ги подобри перформансите на пазарот, некои политики всушност даваат монополски овластувања. Како што продолжуваме понатаму, главните причини за ваквото антиконкурентно однесување на владите стануваат сѐ повидливи.