Елемент 1.8: „Невидливата рака“ поттикнува општа благосостојба
„Секој поединец постојано се труди да го пронајде најповолното вложување за капиталот со кој располага. Притоа тој го има предвид својот личен интерес, а не интересот на општеството. Но, разгледувањето на неговиот личен интерес природно, или нужно, го наведува да ја одбере онаа примена на капиталот којашто е најповолна за општеството. Негова единствена намера е остварување лична корист, а во овој, како и во многу други случаи, тој е воден од невидлива рака кон остварување на една цел којашто не била дел од неговата намера.“(10)
Видео:
Личниот интерес е моќен мотиватор. Како што одамна забележа Адам Смит, поединците мотивирани од личните интереси и водени од невидлива рака имаат силен поттик да преземаат активности коишто го поттикнуваат општиот просперитет на една заедница, односно нација. „Невидливата рака“ за којашто зборува Смит е системот на цени. Намерата на поединецот „е исклучиво остварување лична корист“, но тој е насочен од невидливата рака на пазарните цени да ги поддржува целите на другите, на тој начин придонесувајќи за поголем просперитет.
Принципот на „невидливата рака“ може да биде тешко разбирлив. Природно е да се смета дека добри резултати се можни само под раководство на некого или со насоки од централизирана власт. Сепак, Адам Смит тврди дека стремежот за остварување на личниот интерес создава уредено општество во коешто потребите рутински се задоволуваат без централизирано планирање. Овој ред се случува затоа што кога постои приватна сопственост и слободна трговска размена, пазарните цени ќе ги пренасочат поединците од личните интереси кон активности коишто поттикнуваат општа благосостојба. Еден статистички податок – моменталната пазарна цена на одреден производ или услуга – им го дава на купувачите и на продавачите она што им е потребно за да ги усогласат своите постапки со преференциите и со изборите на другите. Пазарните цени го регистрираат изборот на милиони потрошувачи, производители и добавувачи на ресурси. Тие се одраз на информациите за преференциите на потрошувачите, трошоците, но и на прашањата поврзани со времето, локацијата и околностите – информации коишто на секој голем пазар се несфатливи за кој и да било поединец или орган за централно планирање.
Дали некогаш сте размислувале зошто во вашите локални продавници има приближно точни количини млеко, леб, зеленчук и други стоки – во доволни количини за доброто речиси секогаш да е достапно, но не толку големи за да резултира со големо расипување и фрлање на производите? Како е возможно фрижидерите, автомобилите и таблетите со екран на допир што се произведени на различни локации ширум светот, да бидат достапни на вашиот локален пазар во приближно оние количини коишто ги посакуваат потрошувачите? Се разбира, сето ова зависи од трошоците за нивното производство. Сите ние би „сакале“ повеќе ако сето тоа е произведено бесплатно или ако некој (можеби владата) ни го даде бесплатно! За жал, речиси ништо од она што го цениме не може да се произведе без трошоци, освен можеби љубовта и смеата, така што бесплатните ручеци никогаш не се навистина бесплатни – некој друг секогаш плаќа. Каде е техничкиот прирачник што треба да го следат бизнисите за да го направат ова? Се разбира, нема прирачник. Невидливата рака на пазарните цени ја врши оваа задача. Таа ги насочува поединците мотивирани од личните интереси да соработуваат и ги усогласува нивните избори преку сигнализирањето на цените, како што е опишано во Елементот 1.6.
Нобеловецот од 1974 година Ф. А. Хајек го нарече пазарниот систем „чудо“. Еден единствен показател, пазарната цена, спонтано содржи толку многу информации што ги наведува купувачите и продавачите да носат одлуки коишто им помагаат и на двете страни да го добијат она што го сакаат.(11) Пазарната цена на еден производ е одраз на илјадници, па дури и милиони одлуки донесени низ целиот свет, од луѓе коишто не знаат што прават другите. За секој производ или за секоја услуга, пазарот делува како гигантска компјутерска мрежа, којашто подготвува индикатор што ги содржи потребните информации за сите учесници на пазарот и соодветен поттик да дејствуваат.
Низ историјата на човештвото, ниту еден поединец или орган за централно планирање не успеал да ги добие или да ги земе предвид сите потребни информации за да ги координираат своите постапки милионите потрошувачи и производители на начин на кој тоа го прават пазарите. Покрај тоа, пазарните цени ги содржат овие информации во дестилирана форма. Тие ги насочуваат производителите и добавувачите на ресурси кон производство на оние работи кои за потрошувачите имаат најголема вредност (во однос на нивните трошоци). Никој не мора да го присили земјоделецот да одгледува јаболка или да ѝ каже на градежната фирма да гради куќи или да го убеди производителот на мебел да произведува столици. Кога цените на овие и на други производи покажуваат дека потрошувачите ги вреднуваат барем колку нивните трошоци за производство, или повеќе од тоа, производителите коишто сакаат да остварат лична добивка ќе ги нудат токму тие добра.
Исто така, не е неопходно некој да ги потсетува производителите да бараат и да применуваат ниско-трошковни методи на производство. Личниот интерес насочен од пазарните цени ги поттикнува добавувачите да ја бараат најдобрата комбинација на ресурси и најекономични методи на производство. Бидејќи пониските трошоци значат поголем профит, секој производител се стреми да ги намали трошоците и да го зголеми квалитетот. Всушност, конкуренцијата практично ги принудува на тоа. Во модерната економија, соработката што произлегува од личниот интерес насочена од невидливата рака на пазарните цени навистина е неверојатна. Следниот пат кога ќе подготвите убава вечера, размислете за сите луѓе коишто ви помогнале да го направите тоа. Малку е веројатно дека некој од нив, од производителот на трактори до земјоделецот, до возачот на камионот, до бакалот, бил мотивиран од грижата вие да имате пријатен оброк по најниска можна цена. Пазарните цени, сепак, ги усогласија нивните интереси со вашите. Сточарите коишто одгледуваат најдобро говедско или живинарите кои обезбедуваат најдобро мисиркино месо добиваат повисоки цени. Возачите на камиони и бакалите заработуваат повеќе пари ако нивните производи се испорачуваат свежи и во добра состојба до потрошувачот и така натаму, а притоа секогаш користат најекономични средства за постигнување на таа цел. Буквално десетици илјади луѓе, од коишто повеќето никогаш нема да ги запознаеме, придонесуваат да консумираме пакет стоки што е многу поголем од она што би можеле самите да го произведеме за себе.
Понатаму, невидливата рака работи толку тивко и автоматски што редот, соработката и огромната палета на достапни стоки во голема мера се земаат здраво за готово. Иако не се доволно ценети, комбинацијата на личниот интерес и невидливата рака, сепак, претставува моќна сила за економски напредок.
Видео: