Економија на здравиот разум

Елемент 4.8: Диверзифицирајте ги вашите средства

„Мудар е оној којшто од денес мисли за утре и не ги става сите јајца во иста кошница.“

Мигел де Сервантес

Двете најчести финансиски инвестиции се во акции и во обврзници. Да пробаме да ви ја разјасниме природата на овие два инструментa. Акции (англ.Stocks) претставуваат доказ за сопственост над дел од компанијата. Сопствениците на акции имаат право на соодветен дел од идните нето-приходи на компанијата соодветно на нивните сопственички акции.(142) Ако идните нето-приходи на бизнисот се зголемуваат, акционерите ќе заработат. Заработката (добивката) на акционерите се остварува преку дивиденди (редовни плаќања на сопствениците) или преку капитална добивка, односно преку зголемување на вредноста на акцијата. Но, нема гаранција дека бизнисот ќе биде успешен и ќе остварува приходи во иднина. Доколку не биде успешен, вредноста на акцијата на компанијата ќе се намали. Иако акционерите не се одговорни за долговите на компанијата, тие можат да ги загубат сите средства коишто ги вложиле за купување на акциите.

Обврзниците им овозможуваат на бизнисите, владите и на другите организации пригоден начин за позајмување пари. Овие организации прибираат средства од купувачите на обврзници со гаранција (и законска обврска) дека ќе платат камата и ќе ја отплатат целата главница (позајмениот износ) во утврдено време во иднина. Сè додека организацијата којашто ја издала обврзницата е солвентна, сопственикот на обврзницата може да смета дека средствата ќе му бидат вратени заедно со каматата.

Сите инвестиции носат одреден ризик. Пазарната вредност на инвестицијата во корпоративни акции може да се промени драматично во релативно краток временски период. Дури и ако е загарантиран номинален принос, како што е случајот со висококвалитетните обврзници, промените во каматните стапки и/или на стапките на инфлација можат суштински да ја променат вредноста на средството. Ако најголемиот дел од вашето богатство е врзано во сопственост на мал број корпоративни акции (или уште полошо, една акција), тогаш особено сте ранливи. Искуствата на оние кои голем дел од своите средства ги вложиле во акции на фирми како што се Blockbuster, Sears и JCPenney го илустрираат ова.(143)

Можете да го намалите ризикот преку диверзификација – поседување многу неповрзани средства, односно средства со негативна корелација. Имено, додека некои инвестиции во диверзифицирано портфолио ќе се покажат како лоши инвестиции, други ќе бидат исклучително добри. Резултатите од добрите инвестиции ќе компензираат за лошите инвестиции, а стапката на принос ќе се приближи кон просекот. Диверзификацијата ви овозможува да извлечете корист од законот на големите броеви.

За оние коишто сакаат да стекнат богатство без да мораат секојдневно да носат деловни одлуки, берзата може да понуди атрактивни приноси. Секогаш било така низ историјата. Во текот на последниве два века, корпоративните акции остварија реален принос (номиналниот принос прилагоден за стапката на инфлација) од приближно 7 проценти годишно(144), во споредба со реалниот принос од околу 3 проценти за обврзниците.

Ризикот кај акциите е дека никој никогаш не може да биде сигурен колку ќе вредат во одреден момент во иднина. Неизбежно, ќе има периоди во кои пазарната вредност на вашите инвестиции ќе се намалува, за да расне потоа неколку месеци или години подоцна. Но, тој ризик, познат како волатилност, е главната причина зошто акциите нудат значително повисока стапка на принос од штедните сметки, сертификатите на пазарот на пари и краткорочните државни обврзници, коишто ви гарантираат одреден износ во иднина. Бидејќи повеќето инвеститори ја ценат дополнителната сигурност којашто ја нудат приносите на обврзниците и штедните сметки во однос на акциите, просечниот принос на акциите мора да биде поголем за да ги привлече инвеститорите од нивните помалку ризични алтернативи со попредвидливи приноси.

Отворените инвестициски фондови можат да им помогнат на инвеститорите да извршат диверзификација и да го намалат ризикот. Отворените инвестициски фондови едноставно ги комбинираат средствата на група инвеститори и ги канализираат во различни категории инвестиции, како што се акции, обврзници, недвижен имот или државни записи. Следствено, постојат различни категории отворени инвестициски фондови.

Еден отворен инвестициски фонд кој вложува во акции ги канализира средствата на своите инвеститори во акциите на многу фирми. Овие фондови им овозможуваат дури и на малите инвеститори да постигнат диверзификација и да го намалат ризикот на економичен начин. Ризиците поврзани со инвестициите на берзата значително се помали доколку некој постојано инвестира или одржува разновидно портфолио на акции во подолг временски период, да речеме од триесет до триесет и пет години. Историски гледано, кога разновиден сет на акции се чува во текот на подолг период, стапката на принос е висока, а варијацијата во тој принос е релативно ниска. Редовните уплати во отворен инвестициски фонд којшто вложува во разновиден сет на акции им обезбедуваат на инвеститорите економичен начин за инвестирање на берзата.

Диверзификацијата ќе ја намали волатилноста на инвестициите на берзата на два начина. Прво, кога едни фирми работат лошо, други работат добро (негативна корелација на приносите). Падот на цената на нафтата го намалува профитот во нафтената индустрија, но истовремено се очекува да доведе до зголемување на профитот во авиоиндустријата, поради намалената цена на горивото за авиокомпаниите. Кога профитот во челичната индустрија опаѓа поради падот на цената на челикот, истовремено се очекува зголемување на профитот во автомобилската индустрија поради намалената цена на челикот.

Второ, диверзификацијата може да ве заштити од промена на општите економски услови. Рецесија или експанзија ќе предизвика промени во вредноста на акциите на речиси сите фирми. Но, со диверзификација вредноста на вашите инвестиции е помалку волатилна, бидејќи рецесијата е полоша за едни фирми и индустрии во споредба со други, исто како што и економскиот бум е покорисен за едни наспрема други. На пример, рецесијата може да ги намали продажбата и профитот на Макс Мара, бренд на висока мода којшто се продава ширум светот, но може да ги зголеми продажбата и профитот на Зара, конкурентот со пониски цени. Слично на тоа, рецесиите можат да ја подобрат релативната конкурентска позиција на Шкода во споредба со БМВ.

Некои работодавачи нудат програми за пензионирање што ќе ги усогласат вашите купувања на акции на компанијата (но не и инвестиции во други фирми) или ви овозможуваат да ги купите акциите на компанијата со значителен попуст. Таквиот план го прави привлечно купувањето на акциите на вашата компанија. Ако имате доволно доверба во компанијата, можеби ќе сакате да ја искористите оваа понуда. По одреден период, обично три години, овие планови честопати ќе ви дозволат да ги продадете купените акции и да ги искористите приливите за да направите други инвестиции. Веднаш штом ќе ви биде дозволено да го направите тоа, треба да ја изберете оваа опција. Ако не го направите тоа, тоа ќе значи дека наскоро вие ќе имате голем дел од вашите инвестиции концентрирани во една кошница т.е. во компанијата во која работите. Ова ве става во позиција на двојна опасност: и вашето работно место и вредноста на вашите инвестиции суштински да зависат од успехот на вашиот работодавец. Не ставајте се во оваа позиција.

Вашето работно место може да ви понуди општ пензиски фонд којшто го бара владата. Овие фондови може да имаат различни инвестиции во зависност од тоа каде работите. Важно е да знаете во што инвестира пензискиот фонд на вашата компанија и да бидете сигурни дека вашите лични инвестиции се диверзифицираат во однос на инвестициите на пензискиот фонд.(145)

Важноста на вложувањата во акции и на диверзификацијата можеме да ја сумираме на следниов начин: за да го постигнат својот финансиски потенцијал, поединците мора да ги насочат своите заштеди во диверзифицирани инвестиции коишто даваат атрактивен принос. Во минатото, долгорочните вложувања на берзата даваа високи приноси. Отворените инвестициски фондови кои вложуваат во акции им овозможуваат на малите инвеститори да поседуваат диверзифицирано портфолио, да инвестираат во него на месечна основа, а сепак да ги одржуваат трансакциските трошоци на ниско ниво. Инвестирањето во диверзифицирано портфолио на подолг временски период значително го намалува ризикот од поседувањето акции. Сите инвестиции носат одредена несигурност, но ако изминатите 150 години се некаков показател, можеме со сигурност да очекуваме дека на долг рок, диверзифицираното портфолио на корпоративни акции ќе донесе повисок реален принос од штедните сметки, обврзниците, сертификатите за депозит, фондовите на пазарот на пари и слични финансиски инструменти. Сопственоста на акции преку отворени инвестициски фондови особено е пожелна за младите луѓе коишто штедат за животот во пензија.

Дури и кај банкарските депозити, коишто генерално се сметаат за помалку ризични од акциите или од обврзниците, од суштинско значење е да се биде свесен за ризикот од пропаѓање на банката. Во случај банката да стане несолвентна и да не може да ви ги врати парите, повеќето земји нудат национално осигурување на депозити коешто ќе ве исплати до одредена сума, којашто тие јавно ја соопштуваат. Ако имате повеќе пари од лимитот на осигурување, подобро е да ги распоредите вашите парични средства низ повеќе банки за да се осигурите дека износот во секоја банка останува под лимитот на осигурување. Бидете внимателни ако банката нуди невообичаено висока каматна стапка на депозитите, бидејќи тоа би можело да биде показател дека вештите инвеститори ја избегнуваат поради потенцијални проблеми, оставајќи ја банката очајна за средства. Не ризикувајте ги вашите пари за малку повисоки каматни стапки! (Еден познат економист во една посткомунистичка земја успеа да изгуби пари во три последователни банки кои нудеа „најдобри“ стапки. За среќа, тој е теоретичар, а не професор по финансии.)

Многу е важно и да бидете претпазливи во однос на измами, особено кога се претставени како инвестиции коишто ветуваат значително повисоки приноси од пазарниот просек (честопати се нарекуваат „премногу добри за да бидат вистинити“). Еклатантен пример беа албанските Понзи (или пирамидални) шеми од 1996 година. Како што Албанија премина од планска во пазарна економија, многумина немаа искуство со инвестиции. Криминалците го искористија ова со собирање парични инвестиции, ветувајќи принос од дури 5 проценти месечно или 60 проценти годишно. Меѓутоа, наместо да се генерира профит од легитимните деловни активности, овие приноси беа финансирани со привлекување и собирање уште повеќе инвестиции коишто беа користени за плаќање на претходните инвеститори (создавајќи пирамида). Како што се прошируваа шемите, така стануваа неодржливи, за да бидат разоткриени на крај како измами коишто резултираа со значителни финансиски загуби за учесниците по нивниот колапс.(146)

Слични шеми се појавија во многу земји, како што беше МММ во Русија во текот на 1990-тите. Дури и инвеститорите на навидум софистицираните финансиски пазари честопати стануваат жртви на шема „само за тебе“ којашто премногу е добра за да биде вистинита и ја користи нивната алчност. Многумина Американци паднаа на измамата којашто се прошири низ целиот свет, честопати наречена измама „нигериски принц“, каде што некој се претставува како богат поединец или богато лице со пристап до значителен износ на средства. Оваа измама, којашто првично се ширеше преку писма и факс-машини во 1980-тите, а сега се шири преку социјалните медиуми или преку е-пошта, обично вклучува добивање порака од поединец којшто тврди дека е заробен во земја разорена од војна или политички е нестабилна. Лицето ветува дека богато ќе ве награди за тоа што ќе му помогнете безбедно да ги префрли своите пари надвор од земјата и бара податоци за вашата банкарска сметка за да ја изврши трансакцијата. Ако ги дадете информациите за вашата сметка, измамникот ќе ги искористи за да ви ги украде средствата, оставајќи ви малку можности за враќање на загубите.

Постојат бројни варијации на оваа шема; понекогаш измамникот ќе бара пари за покривање одредени надоместоци или трошоци, но ветувањето за плаќање никогаш нема да се материјализира, а барањата за дополнителни средства ќе продолжат на неодредено време.

На уште повисоко ниво во 2009 година, кога јужниот округ на Њујорк го обвини Берни Медоф за неговата шема „Понзи“ за измама со хартии од вредност од 64 милијарди долари, тоа беше еден од најголемите финансиски криминали во финансиската историја.