Економија на здравиот разум

Елемент 2.5: Монетарна стабилност

Начинот да се скрши буржоазијата е да се сомеле меѓу воденичарските камења на оданочувањето и на инфлацијата.

Владимир Ленин

Парите се појавија како човечки изум за да се олесни трговската размена и да се намалат трансакциските трошоци. Модерните пари се само бројки во книжна или во електронска форма што укажуваат на средствата што се на располагање на финансиската сметка. Иако ниту книжните ниту дигиталните пари немаат никаква вистинска материјална (фундаментална) вредност, речиси секој сака да има што повеќе пари. Дали некогаш сте се запрашале зошто?

Видео:

Пари

Парите имаат три важни функции коишто ги прават вредни. Прво, парите се средство за размена. Тие се еден вид заеднички именител, посредник што ја олеснува размената на стоки, услуги и на ресурси меѓу луѓето. Второ, парите служат како чувар на вредноста. Тие им овозможуваат на луѓето да ја префрлат куповната моќ во иднина и да вршат размена во различни временски периоди. Трето, парите како пресметковно средство претставуваат стандард којшто им овозможува на луѓето да ги следат придобивките и трошоците. Со извршувањето на овие три функции, парите ги зголемуваат придобивките од трговската размена и ги олеснуваат инвестициите коишто овозможуваат постигнување поголеми и подобри резултати.

Придонесот на парите во економијата директно е поврзан со стабилноста на нивната вредност. Во овој поглед, парите се за економијата тоа што е јазикот за комуникацијата. Доколку зборовите не бидат разбрани јасно и од говорникот и од слушателот, комуникацијата ќе биде отежната. Така е и со парите. Ако парите немаат стабилна и предвидлива вредност со текот на времето, на заемопримачите и на заемодавачите ќе им биде тешко да договорат заеднички прифатливи услови за заемите бидејќи штедењето и инвестирањето вклучуваат дополнителни ризици, а неизвесноста се зголемува. Сето ова ги прави трансакциите што се протегаат низ времето помалку веројатни. Кога вредноста на парите е нестабилна, многу потенцијално корисни размени не се случуваат, што доведува до намалување на производството, доходот и инвестициите.

Кога понудата на пари е константна или се зголемува со бавна, но стабилна стапка (слично на растот на производството), куповната моќ на парите ќе биде релативно стабилна. Од друга страна, кога понудата на пари брзо се зголемува во споредба со производството на стоки и на услуги, општото ниво на цените ќе се зголеми и куповната моќ на секоја парична единица ќе се намали.

Зголемувањето на општото ниво на цените е познато како инфлација. Важно е да се напомене дека инфлацијата не е само зголемување на цената на неколку артикли како што се бензинот, месото и авионските билети. Тоа е општо зголемување на цените на голема кошница од стоки и услуги.

Како се мери инфлацијата? Индексот на трошоци на живот (ИТЖ, англ. Consumer Price Index - CPI) е најшироко користена мерка за инфлацијата. ИТЖ ги одразува трошоците за купување стоки и услуги што ја сочинуваат т.н. потрошувачка кошница на едно типично домаќинство. Кога, во просек, цените растат, трошоците за купување на оваа потрошувачка кошница се зголемуваат, туркајќи го ИТЖ нагоре за пропорционален износ.

ИТЖ се објавува месечно, а годишната стапка на инфлација е едноставно процентуално зголемување на индексот во изминатите дванаесет месеци. Се разбира, со порастот на цените се намалува куповната моќ на парите, а со тоа се намалува и количината на стоки и на услуги што домаќинствата можат да ги купат со својот доход. Следствено, инфлацијата може да се смета и како намалување на куповната моќ на парите.

Примарната причина за инфлацијата е брзиот раст на понудата на пари. Понуда на пари, во потесна смисла, претставува вкупниот износ на националната валута плус банкарските депозити на физичките лица и на правните лица што се достапни по видување (преку банкарски трансфер или на дебитна картичка). Пошироката дефиниција за пари би ги вклучувала и штедните депозити кои се чуваат во финансиските институции.(56)

Централните банки, како што се Федералните резерви во САД - ФЕД (The Federal Reserve System – The FED) или Европската централна банка – ЕЦБ во Еврозоната (The European Central Bank – ECB), се одговорни за контрола на понудата на пари. Кога работат успешно, овие централни банки придонесуваат за остварување на клучните цели за поттикнување на економската стабилност и на економскиот раст. Овие цели вклучуваат одржување на стабилноста на цените и постигнување целосна вработеност. За да бидат успешни, централните банки треба да функционираат независно од владите. Во спротивно, нивните примарни одговорности може да бидат поткопани од политичарите кои честопати во краткорочни временски периоди се во искушение да ја принудат банката да пушти премногу пари во оптек за да ги финансира државните расходи (што им се допаѓаат на гласачите) без да се зголемат даноците (што гласачите не го сакаат).

Како централната банка може да ја промени понудата на пари? Ако ја погледнете валутата на речиси секоја земја, на банкнотата ќе биде наведено дека е отпечатена од централната банка на таа земја (или ЕЦБ за земјите во Еврозоната). Очигледно еден начин да се зголеми понудата на пари е едноставно да се пуштат печатарските машини побрзо да работат. Ова е обично тоа што се случува во најлошите периоди на хиперинфлација коишто се разгледани подолу. Меѓутоа, во современиот свет, централните банки имаат една многу помоќна алатка за да влијаат врз понудата на пари и врз стапката на инфлација. Кога еден обичен граѓанин или една фирма сака да купи некое средство, тие мора да платат за тоа со префрлање средства на банкарската сметка на продавачот. Меѓутоа, централните банки, бидејќи имаат моќ да создаваат пари, едноставно можат да „платат“ за своите купувања со одобрување на банкарската сметка на продавачот. Кога централната банка сака да ја зголеми понудата на пари и да ги намали каматните стапки, таа едноставно купува средства (обично државни обврзници) од јавноста и, со тоа, ја зголемува понудата на пари во оптек. Тие се нарекуваат операции на отворен пазар. На сликата 6 подолу е прикажано зголемувањето на средствата на ФЕД во периодот помеѓу 2003 и 2024 година.

Слика 6: Вкупни средства на Федералните резерви на САД, 2003-2024
година
A classic demand and supply graph illustrating the impact of an increased supply on product prices. The price is displayed on the vertical y axis and the quantity of units on the horizontal x axis. Lower per unit costs will shift the supply curve to the right, increasing the quantity supplied and reducing prices; the equilibrium point moves right and downward, corresponding with a lower price and a higher quantity traded.

Извор: Одбор на гувернери на Системот за федерални резерви (САД). fred.stlouisfed.org

Земјите кои упорно ја прошируваат понудата на пари побрзо од растот на производството доживуваат инфлација. Историски гледано, оваа поврзаност помеѓу брзиот раст на понудата на пари и инфлацијата претставува еден од најконзистентните односи во целата економија.(57)

Слика 7: Монетарен раст и инфлација, 1996-2021 година

Просечна годишна стапка на раст на понудата на пари (%) Просечна годишна стапка на инфлација (%)
Брз раст на понудата на пари
Белорусија 58 41.1
Турција 37.3 25.9
Романија 25.8 19.1
Казахстан 25.8 9.7
Украина 25.6 15.3
Азербејџан 23 5.7
Грузија 22.7 6.9
Република Киргистан 20.8 10.1
Ерменија 19.6 4.6
Бавен раст на понудата на пари
Обединето Кралство 8.2 2
Шведска 7.6 1.2
Соединети Американски Држави 7.1 2.2

Извор: Податоци од Светска банка. worldbank.org

  • Забелешка: Анализирани се следниве варијабли: „Инфлација, потрошувачки цени (годишен %)“ и „Раст на понудата на пари (годишен %)“.

На сликата 7 е прикажана поврзаноста помеѓу растот на понудата на пари и инфлацијата. Забележете дека земјите кои ја зголемувале својата понуда на пари со бавна годишна стапка на раст имале ниски стапки на инфлација во текот на 1996-2021 година. Таква беше состојбата во големите земји со висок доход како што се САД, како и во помалите како Шведска и Обединетото Кралство. Во текот на 1996-2021 година, понудата на пари растеше со годишна стапка од 19 до 26 проценти во Ерменија, Република Киргистан, Грузија, Азербејџан, Украина, Казахстан и Романија. Забележете дека сите овие земји имаа повисоки годишни стапки на инфлација во споредба со земјите со бавен раст на понудата на пари. Побрзите стапки на монетарен раст доведоа до уште повисоки просечни годишни стапки на инфлација, односно 25,9 проценти во случајот на Турција и 41,1 процент, во случајот на Белорусија. Како што е прикажано на сликата 7, постои тесна поврзаност помеѓу брзата монетарна експанзија и високите стапки на инфлација кога се мерат во долги временски периоди.

Инфлацијата има негативно влијание врз нивото на доходот и врз животниот стандард. Како што е наведено погоре, парите се за економијата тоа што јазикот е за комуникацијата. Цените пренесуваат важни информации. Тие му помагаат на потрошувачот да одлучи дали да купи одреден производ и им откриваат на производителите дали купувањата на потрошувачите ги покриваат трошоците за производство. На овој начин, цените ги насочуваат носителите на одлуки да произведуваат стоки и услуги кои за луѓето имаат вредност која е повисока во однос на трошокот. За време на периодите на инфлација, цените на некои стоки ќе се менуваат побрзо од другите. На тој начин, инфлацијата ги искривува информациите што ги даваат цените.

Покрај тоа, високите стапки на инфлација речиси секогаш се придружени со големи и со непредвидливи флуктуации на стапката на инфлација. Кога цените се зголемуваат за 10 проценти една година, 5 проценти следната година, 15 проценти следната година и така натаму, дејностите коишто зависат од точното утврдување на вредноста на парите во одреден временски период, како што е инвестирањето, вклучуваат поголем ризик. Неочекуваните промени во стапката на инфлација можат да резултираат со погрешни информации и брзо да ги претворат навидум продуктивните проекти во контрапродуктивни инвестиции и во лични економски катастрофи. Наместо да се справуваат со овие дополнителни ризици, многу претприемачи и инвеститори едноставно ќе се откажат од капиталните инвестиции и од другите трансакции коишто вклучуваат долгорочни обврски. Како резултат на тоа, добивките од инвестициите и другите деловни активности ќе бидат намалени, а производството нема да го достигне својот потенцијал.

Кога политиките на централната банка постигнуваат стабилност на цените, тие ја намалуваат неизвесноста и обезбедуваат основа за целосна вработеност. Како со политиката на централната банка може најдобро да се постигне стабилност на цените? Централните банки на Ерменија, Азербејџан, Грузија, Белорусија, Казахстан, Молдавија, Русија, Украина и Узбекистан ги утврдија своите таргети за инфлација коишто се движат од 3 % до 6 % за периодот 2021-2022 година. Од друга страна, земјите со висок доход како што се САД, Обединетото Кралство, Јужна Кореја, Шведска и Норвешка утврдија унифициран таргет за инфлација од 2 % за истиот период.(58) Таргетот за инфлацијата им дава јасни сигнали на централните банки за спроведувањето на монетарната политика. Доколку стапката на инфлација се искачи над таргетираната, ова е сигнал за централната банка да премине на порестриктивна монетарна политика, зголемувајќи ги каматните стапки. Соодветно, ако стапката на инфлација падне под утврдениот таргет, тоа сигнализира потреба од преминување кон експанзивна политика.

Сепак, таргетирањето на инфлацијата не е така лесно. Потребни се познавања за инфлацијата, реалното производство и за потенцијалното производство. Некои економисти сметаат дека наместо да ја таргетира стапката на инфлација, би било подобро централната банка да го таргетира растот на номиналниот БДП збир од растот на реалниот БДП и инфлацијата. На пример, да претпоставиме дека ФЕД утврдил таргет од 5 проценти раст на номиналниот БДП. Доколку растот на номиналниот БДП е поголем од 5 отсто, ФЕД би преминал кон спроведување рестриктивна политика. Од друга страна, ако растот на номиналниот БДП е под целта од 5 проценти, ФЕД би преминал кон спроведување експанзивна политика.

На сликата 8 е прикажан односот помеѓу стапката на раст на понудата на пари (со користење на широката дефиниција, наречена M2 (59)) и стапката на инфлација во САД во периодот од 2000 до 2022 година. И двете се измерени како 12-месечен подвижен просек, што всушност претставува само процентуалната промена во текот на изминатите дванаесет месеци. Со оглед на тоа дека поминуваат неколку квартали пред промената на монетарната политика да влијае врз цените, податоците за стапката на инфлација заостануваат дванаесет месеци. Во периодот 2000–2019 година, стапката на раст на понудата на пари порасна во просек за 6 проценти и се задржа меѓу 3 проценти и 10 проценти во целиот овој период. Оваа стапка на раст на понудата на пари беше придружена со просечна стапка на инфлација од 2 проценти.

Со многу ниски каматни стапки, монетарните власти ширум светот успеаја да ја зголемат понудата на пари малку побрзо од растот на производството без да предизвикаат инфлација. Ниските каматни стапки ги намалуваат опортунитетните трошоци за чување на парите, па затоа луѓето се подготвени да чуваат поголеми салда на пари и стапката на обрт на парите е помала. Стапката на обрт (економистите ова го нарекуваат брзина) покажува колкупати паричната единица е користена за купување стоки и услуги.

Во овој период, демографските фактори ги потиснаа каматните стапки надолу. Во земјите со висок доход, уделот на населението од помладите возрасни категории (на пример, под четириесет години) каде што луѓето генерално се нето-заемопримачи, се намали, додека уделот на населението од постарите возрасни категории, каде што луѓето генерално се нето-должниции (на пример, на возраст од педесет до седумдесет и пет), се зголеми. Оваа промена ја намали побарувачката и ја зголеми понудата на пари, намалувајќи ги каматните стапки во целиот свет. Од друга страна, пониските каматни стапки доведоа до намалување на стапката на обрт на парите, што им овозможи на монетарните власти малку побрзо да ја зголемат понудата на пари без да предизвикаат инфлација.

Слика 8: Стапка на раст на понудата на пари и стапка на инфлација во
САД, 2000 и 2022 година
A line chart displaying money supply growth and inflation in Ukraine between 1992 and 1994, demonstrating the impact of expansionary monetary policy on the rate of inflation. Where the National Bank of Ukraine was allowed to halt the issuing of ruble credits, inflation fell, but the government’s decisions to override the NBU and increase monetary supply led to hyperinflation.

Извори:

  • Federal Reserve Bank of St. Louis, M2 [M2SL], retrieved from FRED, Federal Reserve Bank of St. Louis; fred.stlouisfed.org/M2SL; (преземена на 5 јули 2022 година)

  • Federal Reserve Bank of St. Louis, Consumer Price Index for All Urban Consumers: All Items in U.S. City Average [CPIAUCSL], retrieved from FRED, Federal Reserve Bank of St. Louis, fred.stlouisfed.org/CPIAUCSL; (преземена на 5 јули 2022 година)

Сето ова се смени со појавата на Ковид. Во текот на 2020-2022 година, стапката на раст на понудата на пари се искачи на стапка далеку поголема од растот на реалното производство (номинален БДП коригиран за инфлацијата). Исто како што предвидуваше теоријата, веднаш по зголемувањето на стапката на раст на понудата на пари, дојде до пораст на стапката на инфлација во САД, достигнувајќи 9 % во првата половина на 2022 година.

Иако инфлацијата од 9 % може да изгледа висока за оние кои се навикнати на стабилни цени, во различни периоди монетарните власти создавале многу поголеми проблеми. Во Југославија во 1994 година цените се удвојуваа на секои 36 часа. Една векна леб што чинеше 10 динари во понеделник наутро се продаваше за над 300 динари една недела подоцна. Поради тоа земјата ја напушти својата валута и ја прифати германската марка. Ситуацијата во Унгарија во 1946 година беше уште полоша. Одреден временски период, цените се удвојуваа на секои 15 часа. Во Украина во 1993 година цените се зголемија повеќе од 400-кратно.

Додека прекумерната монетарна експанзија е главна причина за инфлацијата, монетарната контракција честопати води до економска нестабилност во форма на дефлација и на рецесија. На пример, во текот на 1929-1933 година ФЕД дозволи понудата на пари да се намали за 30 проценти. Како резултат на тоа, американската економија се намали за 29 % во реални услови, а невработеноста се зголеми на 25 % од работната сила. Многумина економисти веруваат дека огромната контракција на понудата на пари од 1929 до 1933 година беше главната причина за Големата депресија. Имаше и други фактори кои придонесуваат за тоа, вклучувајќи ги големите покачувања на царините во 1930 година и огромното зголемување на стапките на данокот на доход во 1932 година. Сепак, дури и ако погрешната монетарна политика не беше главната причина за Големата депресија, таа сигурно беше значаен фактор што придонесе за сериозноста и должината на депресијата.

Поврзаноста помеѓу понудата на пари и инфлацијата јасно може да се види и во една мала земја во развој, со повисок-среден доход како што е Грузија. На сликата 9 е прикажана оваа поврзаност со споредување на стапката на раст на понудата на пари (користејќи ја широката дефиниција М2) со стапката на инфлација во Грузија во периодот од 2000 до 2022 година. Во периодот од 2000 до 2007 година, понудата на пари се зголеми во просек за 32 проценти, што беше проследено со просечна стапка на инфлација од 6,7 проценти во периодот од 2001 до 2008 година. Оваа споредба е порелевантна кога се користат заостанатите податоци, бидејќи е потребно време промените во монетарната политика да извршат влијание врз цените. Во периодот од 2008 до 2021 година, понудата на пари растеше со побавна просечна стапка од 16,4 проценти, што доведе до пониска просечна стапка на инфлација од 4,7 проценти во периодот од 2009 до 2022 година.

Слика 9: Понуда на пари и инфлација во Грузија, 2000-2022 година
The provided data offers a detailed look into the employment-to-population ratio by gender for individuals over 15 years old in Georgia, represented in percentages and analyzed through two different graphs for the period from 2010 to 2022. Graph 1 (Line Chart, 2010-2022 Employment to Population Ratio by Gender): a) Women's Employment Rates: Showed minor fluctuations, starting at slightly over 32% in 2010. They peaked at 37% during 2015-2017 before settling at 35% in 2022. b) Men's Employment Rates: Displayed a more significant upward trend, averaging just over 44% but notably increasing to 52% by 2022. Graph 2 (Bar Chart, 2022 Employment Rates by Gender and Education Level), Higher levels of education correlated with increased employment rates for both genders. Regardless of the level of education, men consistently exhibited higher employment rates than women: a) For Men: Those with higher education had a 64% employment rate, in stark contrast to the 23% employment rate for men with only primary or lower secondary education. b) For Women: The employment rate was 53% for those with higher education and 10% for those with only primary or lower secondary education. The information source is National Statistics Office of Georgia.

Извор: Податоци од Светска банка. data.worldbank.org.

Историски гледано, монетарната нестабилност била главна причина за економски нарушувања. Зошто е тоа така? Во различни периоди, неколку различни фактори одиграле улога, но два заслужуваат посебно внимание. Прво, креаторите на монетарната политика честопати се соочуваат со силни политички притисоци за финансирање на владините расходи со печатење пари. Политичарите не сакаат да наметнуваат и да наплаќаат даноци, бидејќи тоа претставува видлив трошок за гласачите. Следствено, политичарите честопати ќе вршат притисок врз креаторите на монетарната политика да ги финансираат зголемувањата на расходите со зголемување на понудата на пари за да не мора да ги зголемуваат даноците. Второ, како што беше претходно споменато, постои временско задоцнување од шест до осумнаесет месеци од промената на монетарната политика до времето кога промената ќе изврши влијание врз производството и врз вработеноста. Понекогаш временското задоцнување ќе биде уште подолго. Следствено, кога креаторите на политики постојано ги менуваат политиките во обид да ја минимизираат економската нестабилност, долгите и непредвидливи временски задоцнувања ќе резултираат со грешки во монетарната политика коишто наместо да ја намалуваат ја зголемуваат економската нестабилност.

Тешко е да се прецени важноста на монетарната и на ценовната стабилност. Иако монетарната стабилност не гарантира раст и просперитет, без неа, силниот раст и економската стабилност ќе бидат невозможни. Ако инвеститорите и другите носители на деловни одлуки можат да сметаат на креаторите на монетарната политика да ја одржат ценовната стабилност, се елиминира еден потенцијален извор на несигурност. Кога креаторите на монетарната политика применуваат политики кои ја одржуваат стапката на инфлација на ниско и на релативно стабилно ниво, тие добро ја завршиле својата работа за воспоставување на монетарната рамка за економски раст и просперитет.