Елемент 4.11: Намалете ги ризиците
„Прво скокни, па речи оп.“
Многумина од вас, читајќи ја оваа книга наскоро ќе донесете важни одлуки во врска со тоа што да правите по завршувањето на училиштето. Дали да се запишете на универзитет, да стекнете стручна обука или веднаш да се вработите? Ако се запишувате на универзитет, кој би го избрале? Дали треба да изберете тригодишен или четиригодишен, приватен или државен, локален или странски универзитет со програма на мајчин или на странски јазик? Како ќе изберете специјалност? Кој универзитет ви нуди најатрактивни опции? Ова се важни инвестициски избори коишто во прашање доведуваат значителна сума пари и часови на потенцијално емоционално задоволство. Затоа, од клучно значење е вашите образовни избори да бидат направени врз основа на добра информираност. Додека правите образовни избори, еве неколку важни фактори коишто треба да се земат предвид.
Иако универзитетот можеби е пожелна опција, тој не е за секого. Студирањето е скапо. Ако студентот инвестира време и пари за да студира неколку години, а потоа се откаже без да добие диплома, оваа инвестиција веројатно не е привлечна. Најголемиот ризик за еден студент кој размислува за вишо и високо образование е можноста за негативен принос на неговата инвестиција. Ова би се случило доколку повисоките заработки остварени од тоа образование се помали од трошоците направени за стекнување на образованието.
Според ОЕЦД, високото образование значително ја зголемува веројатноста за заработка над просечниот доход, како што е прикажано на сликата 30. Кај лицата со незавршено средно образование, само 26 проценти заработуваат над просечниот доход, додека кај оние со магистерска, докторска или со еквивалентна диплома, 77 проценти заработуваат над просечниот приход.
Извор: stats.oecd.org.
Генерално гледано, медијалната годишна заработка за вработените со факултетска диплома за завршени додипломски студии е повисока од оние коишто имаат само диплома од средно училиште. Ова важи речиси за секоја земја во светот. (Ако најдете исклучок, кажете ни и ние ќе ве цитираме на нашата веб-страница!) Но, постојат значителни варијации во заработката на вработените со универзитетска диплома. Фактичката заработка по дипломирањето зависи од многу фактори, вклучувајќи ги стекнатите вештини, специјалноста и севкупните услови на конкретниот пазар на труд (карактеристики на побарувачката и на понудата). На почетокот на 2024 година, Банката на федерални резерви во Њујорк објави студија за заработката на оние кои имаат диплома од додипломски студии и се во средина на кариерата со 75 различни специјалности. Првите 10 најдобро платени се:
- Хемиско инженерство
- Компјутерско инженерство
- Воздухопловно инженерство
- Електротехника
- Компјутерски науки
- Машинство
- Градежништво
- Индустриско инженерство
- Економија
- Градежни услуги(159)
Дали некој ја гледа шемата тука? Помош – станува уште повпечатливо кога знаете дека „градежни услуги“ вклучува „градежно инженерство“. Не велиме дека не треба да студирате историја, латински, социологија или драма, ако тоа е она што ќе ве направи среќни, но вашиот опортунитетен трошок ќе биде помала заработка. Осигурете се дека ја сакате областа доволно за да направите финансиска жртва. Исто така, внимавајте дека ако позајмите пари да го платите вашето образование, ќе враќате од помала заработка.
Да размислиме зошто студентите понекогаш избираат образовни опции коишто резултираат со негативни приноси. Прво, многумина студенти имаат нереални очекувања за идната заработувачка од изборот на кариерата. Имајќи големи очекувања, тие можеби се подготвени да платат повеќе за своето образование од она што може да го заработат во иднина. Треба да правите разни истражувања за да бидете информирани за тековните и предвидените идни услови на пазарот на трудот и за потенцијалот за заработка. Треба да читате прирачници или статистика за вашата земја и земјите во кои можеби ќе мигрирате. Тие ќе ви обезбедат информации за главните професии, вклучувајќи ги нивните барања, изгледите за работа и изгледите за раст и за просечната плата. Многу од нив содржат проекции на идната побарувачка. (Лесно е, на пример, ако се знае дека ако има пад на стапката на наталитетот, можеби нема да бидат потребни многу нови наставници во следните неколку години.) Да се има реални очекувања за идниот доход е клучен елемент за донесување подобри одлуки за вишо и високообразование. Во контекст на можна миграција, исто така е важно да се започне со учење корисни јазици од рана возраст. Дали сакате вашите опции да вклучуваат земји каде што се зборува англискиот или францускиот јазик?
Второ, многу студенти ги потценуваат трошоците за образование. Вкупните трошоци за образование ги вклучуваат директните трошоци за школарина, книги, сместување и друго. Но, не заборавајте ги опортунитетните трошоци. Студирањето, дури и вонредно, значи откажување од сегашниот доход од работа. Погрижете се правилно да ги пресметате вкупните трошоци за образование.
Трето, студентите прекумерно користат задолжување. Некои сметаат дека студентскиот кредит претставува бесплатни пари и премногу позајмуваат. Многумина млади не можат да проценат колку ќе биде тешко да најдат средства за отплата на студентските кредити од својот месечен буџет по дипломирањето. Да земеме предвид каматна стапка од 3 проценти, ќе плаќате 345 евра месечно петнаесет години за да вратите кредит од 50 000 долари. Ќе плаќате 518 евра месечно во текот на петнаесет години за отплата на 75 000 евра и 691 евра секој месец за отплата на 100 000 евра. Дали вашата идна заработка ќе биде доволна за месечна отплата на вашите студентски кредити во контекст на вашиот целокупен буџет? Размислете сериозно за ова прашање пред да земете студентски кредит.

Четврто, студентите честопати претпоставуваат дека богатите и познати „успешни приказни“ за кои слушаат се типични за тоа што ќе заработуваат ако ја изберат таа кариера. Колкав процент од дипломираните актери завршуваат како филмски ѕвезди? Многу поверојатно ќе завршат како господинот од стрипот:
Не велиме дека не треба да земете кредит за да го финансирате образованието. Постојат многу случаи кога оваа опција е оправдана. Корисно е да се мисли дека образованието има две многу различни компоненти: потрошувачка (навивање за тимот на колеџот), стекнување пријатели (вклучително и можни сопружници), налевање со пиво до доцна во ноќта и некои прилично фасцинантни курсеви (како „Религиозните движења во 16. век“). Втората компонента е инвестирање во вештини за учење (вклучително и како да научите нови работи со одење во библиотека) од кои ќе имате корист во вашата кариера. Исто како што никогаш не би ве охрабриле да позајмите пари за да купите билет за Светското првенство (потрошувачка), ве поддржуваме да позајмите пари за да купите машини за производство на вашата новоизмислена електронски управувана фудбалска топка (инвестиција). Како и секоја друга форма на долг, долгот за студентски кредит бара отплата на главнината плус камати и такси. Постојат различни програми за студентски кредит. Истражете ги внимателно за да одлучите што е најдобро за вас. Може да добиете одлично образование на факултети каде се плаќа помала школарина, кои не го поврзуваат нивното фактичко образование со потрошувачки ставки како гурмански мензи и ѕидови-карпи за качување. Како пример, дипломираните студенти на Универзитетот во Чикаго и на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, имаат точно иста заработка, но оние кои во моментов студираат во Чикаго плаќаат 62.200 долари годишно (без каква било стипендија), додека оние кои студираат во Сан Диего плаќаат 16.050 долари годишно, освен ако не доаѓаат од друга држава, во тој случај плаќаат 48.600 долари годишно. Во текот на 4-годишното студирање, ова значи дека студентот во Сан Диего плаќа 54.000 долари ПОМАЛКУ ако доаѓа од друга држава или неверојатни 185.000 долари ПОМАЛКУ ако е жител на Калифорнија, а добива исто образование.(160)
За дополнително минимизирање на образовните ризици, студентите и нивните родители можат да бараат други опции за финансирање на образованието. Како општи насоки, подгответе финансиски план според кој долгот е последна опција. Родителите, роднините и пријателите можат да започнат сопствени планови за штедење или да ги земат предвид релативните придобивки од долгорочното штедење во различни форми во финансиските институции.
Достапни се и стипендии и грантови. Тие особено се привлечни бидејќи не мора да се враќаат. Канцелариите за насочување во средните училишта и интернетот се преполни со списоци за стипендии и за грантови. Најдете време да ги побарате. Секој има специфичен сет инструкции, барања за подобност и рокови. Вклучете ги сите овие опции во вашата одлука да инвестирате во образованието и изберете патека што има смисла за вас со оглед на пазарните состојби.
Покрај образованието, купувањето дом е можеби најважната инвестициска одлука со која секој од нас ќе се соочи во текот на животот. За повеќемина, купувањето дом е нивната најголема инвестиција, барем на почетокот. Купувањето дом што можете да си го дозволите на посакувана локација и неговото добро одржување може да биде добра инвестиција. Но, постојат потенцијални стапици. Разгледувањето на следните фактори ќе ви помогне да избегнете сериозни проблеми.
Прво, внимателно разгледајте ја опцијата „сопствен дом наспроти изнајмување“. Многумина веднаш заклучуваат дека купувањето е подобра опција од изнајмувањето, бидејќи купувањето може да создаде капитал во домот. Нивната логика е дека нивните пари се трошат на изнајмување, одат во џебот на сопственикот, додека истите пари може да се искористат за создавање капитал, помагајќи да се зголеми нето-вредноста на сопственикот на куќата како што хипотеката се исплаќа, а пазарната вредност на имотот расте. Меѓутоа, во текот на првите неколку години од хипотеката, речиси целата месечна отплата оди за камата, а многу малку за создавање капитал. Во најголем дел од случаите, ќе акумулирате малку или никаков капитал во текот на првите три години од сопственоста. Едноставно ја плаќате банкарската камата наместо да му плаќате кирија на сопственикот.
Второ, купувањето и продавањето недвижен имот е скапо и затоа не е добра идеја да купите куќа освен ако не планирате да живеете во неа најмалку три години. Ќе треба да платите провизии на агентите за недвижнини плус ДДВ коишто се наплаќаат на провизиите за агентите, кои се разликуваат во разни земји (во Австрија, 3 проценти: Хрватска, 3 проценти; Италија, до 7 проценти).(161) Трошоците за затворање хипотека обично изнесуваат неколку илјади долари. Ако ја продадете куќата во рок од неколку години по првичното купување, трошоците за трансакцијата најверојатно ќе бидат поголеми од вашиот капитал.
Трето, немојте да купувате куќа додека не заштедите за учество. На пример, во САД, ако вашето учество е помало од 20 проценти, ќе мора да плаќате осигурување за хипотеката, што ја зголемува вашата месечна отплата. (Осигурувањето за хипотеката го штити заемодавачот од загубите коишто настануваат кога некое лице не ги исполнува обврските за плаќање.) Тоа е вообичаено во земји како што се Обединетото Кралство, Данска и Австралија. Различни земји имаат различни правила за ова прашање, па затоа осигурете се дека знаете што можеби ќе треба да платите.(162) Исто така, не земајте хипотека со ниска „почетна каматна стапка“ за да купите дом. Овие стапки се проследени со нагло зголемување на каматните стапки, што значително ќе ја зголеми вашата месечна отплата на хипотека по истекот на почетниот период. Како што беше претходно споменато во Елементот 4.4, избегнувајте да позајмувате во валута различна од вашиот доход. Ако вредноста на валутата на вашиот доход се намали, на крајот може да должите значително повеќе пари отколку што првично сте очекувале.
Четврто, само затоа што можете да си дозволите да плаќате за хипотека не значи дека можете да си ја дозволите куќата. Хипотеката е првата и најочигледна отплата што се врши секој месец. Меѓутоа, сопственоста на домот бара други редовни плаќања и обврски коишто треба да ги земете предвид. Даноци на имот и/или на земјиште мора да се платат, а не се дел од износот на хипотеката. Потребна е осигурителна полиса за домот. Покривот може да протече еден ден, бојлерот, машината за миење садови или машината за сушење алишта може да се расипат, може да има потреба од поправка на клима-уредот или на водоводниот систем и останати бројни настани коишто создаваат трошоци за одржување. Можеби ќе ви треба косилка за трева и друга опрема за одржување на вашиот двор. Сево ова се редовни трошоци коишто соодветно треба да ги вклучите во вашиот месечен буџет кога ја разгледувате економската и финансиската оправданост за поседување сопствен дом.
И на крај, како што го градите капиталот во вашата куќа, не земајте друга хипотека или не позајмувајте пари на товар на капиталот за да ја зголемите вашата тековна потрошувачка. Цените на домовите паѓаат и се зголемуваат. По станбената криза од 2008-2009 година во САД, многумина „заглавија“ со своите домови, односно, проценетата вредност на нивниот дом беше помала од преостанатиот долг по основ на хипотека. Некои луѓе претрпеа огромни загуби кога ги продадоа своите домови. Други едноставно не можеа да си дозволат да продаваат со загуба и го задржаа домот, надевајќи се на враќање на цената на пазарот. Други, пак, поминаа низ болниот процес на запленување. Така, за цели на сигурност, важно е да се одржува значителен капитал во вашиот дом.
Ако се водите по упатствата дадени погоре, ќе живеете во рамките на вашите можности, ќе штедите за дом и ќе ги минимизирате ризиците вклучени во одлуките за домување. Сега да разгледаме други потенцијални инвестиции.
Иако образованието и домувањето најверојатно ќе бидат најголемите инвестиции што ќе ги направите, ќе се појават и други можности за инвестирање. Постојат мерки на претпазливост коишто треба да се преземат кога се размислува кои од нив да се искористат. Важно е да знаете дека кога инвестирате, вие сте ранливи; мора да размислите дали вашите интереси се усогласени со оние на страната којашто ја нуди инвестицијата. Секогаш кога ќе ви се понуди нешто што изгледа како исклучително привлечен предлог, треба да се повлечете и внимателно да ги испитате причините зошто ви е дадена таква понуда. Заемопримачите кои бараат пари за финансирање некаков проект прво ќе се свртат кон извори со ниска цена, како што се банкарски заеми. Наоѓањето поединечни инвеститори како вас и ветувањето висока стапка на принос нема смисла ако финансирањето е достапно од банкарски заемодавачи и од други инвестициски специјалисти. Високите потенцијални приноси на секоја инвестиција неизбежно носат висок ризик, односно постои голема веројатност за неуспех. Ако банките и професионалните инвеститори не се заинтересирани за инвестицијата, треба да се запрашате: „Зошто тогаш јас да бидам заинтересиран?“
Интересите на оние коишто продаваат инвестициски алтернативи честопати значително се различни од вашите. Додека вие сакате да заработите убав принос, тие најверојатно ќе бидат првенствено заинтересирани за провизијата од продажбата или од заработката добиена од надоместоците за управување или од високата плата поврзана со деловниот потфат. Едноставно кажано, нивниот примарен интерес е да ви ги земат парите. Не мора да значи дека сакаат да ве измамат; тие може да веруваат дека инвестицијата е вистинска можност со значителен потенцијал за заработка. Но, колку и да се фини, колку добро и да ги познавате или колку и да изгледа дека сакаат да ви помогнат, нивните интереси се различни од вашите. Освен тоа, штом ќе ги добијат вашите пари, ќе бидете во подредена положба да ја промените ситуацијата.
Денес, биткоинот и другите криптовалути се средства коишто користат блокчејн-технологија за да ги олеснат трансакциите „peer-to-peer“ во виртуелниот свет без граници. Сè се следи и се евидентира од самиот почеток, без надоместоци и без потреба од финансиски посредници. Податоците за историјата на трансакциите и за субјектите вклучени во размената на криптовалутите е тешко да се променат откако ќе се евидентираат, автентицираат и ќе се потврдат во децентрализирана јавна мрежа. Ова го прави фалсификувањето и двојното броење на криптовалутите речиси невозможно. Од друга страна, владите не нудат надзор на пазарот и ги оставаат корисниците на криптовалутите самите да се штитат од какви било загуби. Плус, нивните ризици се премногу нови за да се вреднуваат и да се осигуруваат приватно. Тие се шпекулативни средства. Тие релативно се нови и не се признати од владите како законско средство за плаќање. Бидете внимателни ако ги воведете во вашето инвестициско портфолио.
Како може однапред да се знае дали некоја инвестиција е паметна? Не постои „волшебно стапче“ коешто ќе даде позитивни резултати од сите инвестициски одлуки. Но, можете да направите работи што ќе ви помогнат да избегнете инвестициски катастрофи кои инаку би ве чинеле десетици илјади долари. Следниве шест насоки особено се важни.
- Ако изгледа премногу добро за да биде вистинито, веројатно е така. Ова е старо, но применливо клише.. Некои инвестициски посредници можеби ќе бидат подготвени да направат речиси сè за да ви ги земат парите, бидејќи штом ќе го сторат тоа, тие ја имаат контролата, а вие сте ранливи.
- Соработувајте само со страни коишто имаат углед што мора да го штитат. Етаблираните компании со добра репутација нема да ги насочат своите клиенти кон сомнителни инвестиции.
- Никогаш не влегувајте во инвестиција којашто се нуди преку телефон, е-пошта или социјални медиуми. Ваквиот маркетинг е техника што ја користат оние за кои некои поединци се лесен плен. Не дозволувајте да бидете жртва на измами. Никогаш не споделувајте лични информации со луѓе во кои немате полна доверба. Внимателно чувајте ги вашиот матичен број, бројот на кредитната картичка, датумот на раѓање, бројот на мобилниот телефон и поштенската адреса.
- Не дозволувајте да бидете принудени на брза одлука. Најдете време за да подготвите инвестициска стратегија. Никогаш не дозволувајте да бидете ставени под притисок за да донесете избрзана одлука.
- Не дозволувајте пријателството да влијае врз инвестициската одлука. Многумина се насочени кон лоши инвестиции од своите пријатели. Ако сакате да ги задржите пријателите, инвестирајте ги парите кај објективна трета страна.
- Ако станува збор за маркетинг под висок притисок, задржете си ги парите и бегајте. Привлечните инвестиции се продаваат без употреба на техники за маркетинг под висок притисок. Ако веќе имате значително портфолио, во него може да има место за високоризични инвестиции, вклучувајќи и високоризични обврзници и благородни метали. Но, извор за тие инвестиции мора да бидат средства коишто можете да си дозволите и да ги изгубите. Ако барате сигурен начин да изградите богатство, поголемиот дел од вашите средства треба да бидат инвестирани во повеќе рутински инвестиции со помал ризик, што ќе ви помогне да воспоставите добро диверзифицирано портфолио.