Елемент 4.3: Буџетирајте ги вашите трошоци и заштеди
Парите се само алатка. Тие можат да ве однесат каде што ќе посакате, но нема да ве заменат како возач.(130)
Финансиската несигурност денес најчесто е производ на непромислени избори. Отсуството на буџетирање, трошењето повеќе отколку што заработувате, натрупувањето долгови без грижа за тоа како ќе ги вратите и други непромислени финансиски навики создаваат хаос и предизвикуваат стрес. Посветеноста на буџетирањето е клучна за постигнување на здрава финансиска состојба, создавање богатство и за постигнување на вашите лични цели. Луѓето, како и нациите, создаваат богатство преку штедење и инвестиции, но за тоа е потребно стратешко планирање. Мора да постои план според кој трошењето, штедењето и инвестициите ќе се насочуваат кон создавање богатство. За еден поединец или за едно домаќинство, тој план е буџетот. Буџетот ви помага да ги насочите вашите средства кон паметно трошење, редовно штедење и кон разновидни инвестиции на начин што ќе ви обезбеди најголема вредност од вашиот доход. Замислете си дека вашиот буџет е GPS на вашето богатство. Тој ве насочува кон вашите цели или ве предупредува кога се оддалечувате од нив.
Ефективното буџетирање е континуиран процес, а не еднократен настан. Се состои од две специфични активности. Прво, мора да го креирате почетниот буџет(131) к ојшто едноставно претставува документ во кој се утврдени сите ваши планирани или очекувани трошоци за одреден временски период. Повеќето луѓе креираат месечен буџет, но честопати и годишен буџет. Важно е внимателно да ги земете предвид сите ваши трошоци, а не само основните трошоци како трошоци за намирници, за автомобилот и за кирија или хипотека. Не ги заборавајте ни роденденските подароци, трошоците за регистрација, претплатите за стриминг-платформите и промената на маслото за вашиот автомобил. Проценете го вашиот месечен или годишен доход, а потоа утврдете каде ќе го потрошите секој денар. Препорачуваме буџетирање базирано на нулта основа (zero-based budgeting), што значи дека штедењето и инвестициите се специфични ставки во вашиот буџет, а не само преостанатото салдо (доколку има). Многумина експерти препорачуваат основна распределба од 50 % за „потреби“ (работи коишто мора да ги платите како што се кирија или школарина), 30 % за „желби“ (работи во кои уживате, но можете да ги прескокнете како оброци во ресторан или одење во кино) и 20 % за „заштеда“. Се разбира, честопати преку заштедите се издвојуваат средства за идни трошоци, како што се купување автомобил или стан или основање семејство. Исто така, можете одговорно да земете заем за настани како што е инвестирањето во образованието доколку при вашето планирање јасно можете да предвидите дека во иднина ќе заработите доволно доход за да ги задоволите вашите секојдневни потреби и навреме да го вратите заемот. Во следниот елемент опширно ќе расправаме за задолжувањето и за позајмувањето.
Втората активност е документирање на фактичките трошоци и правење на потребните буџетски корекции. Следењето на сите трошоци и нивното ставање во категориите на вашиот буџет обезбедува вредни информации за вашите навики и за напредокот кон постигнување на вашите финансиски цели. Следењето на вашето трошење ќе ви помогне и да подготвите подобар, попрецизен буџет во иднина. На пример, ако не успеете да вклучите една или две ставки за трошоци во вашиот првичен буџет, кога ќе настанат тие фактички трошоци ќе можете соодветно да го прилагодите вашиот буџет. Да претпоставиме дека сте буџетирале 100 евра за оброци во ресторан за месецот, но потоа сфаќате дека сте потрошиле 150 евра. Ќе знаете дали да го промените буџетот или да ги промените трошоците за да ја земете предвид оваа разлика. Документирањето на вашето фактичко трошење ви обезбедува механизам за повратни информации што ќе ви помогне да ги приспособите буџетот и трошењето на континуирана основа, за да не се оддалечите никогаш премногу од вашите цели. Најдобро е да се натерате да го правите тоа на дневна основа.
Буџетирањето на вашиот доход и следењето на вашето однесување ќе ви помогне да го оцените вашето трошење и да го насочите кон категориите што ќе ви дадат најголема вкупна вредност. Четири едноставни чекора ќе ве одведат на патот кон финансиската стабилност: започнете веднаш, поставете цели, набавете алатки и креирајте буџет за да ги исполните вашите цели.
Чекор 1. Започнете сега и зголемете ја веројатноста за успех! Немојте да се залажувате дека буџетирањето е само за луѓе коишто имаат работа или високи плати или дека ќе започнете „подоцна“. И децата кои добиваат џепарлак, студентите кои добиваат финансиска поддршка од своите родители и луѓето без директни приходи треба да подготват буџет и да утврдат цели. Буџетирањето нема да биде полесно кога ќе бидете постари или кога ќе заработувате повеќе пари. Всушност, веројатно ќе биде посложено. Лесно е да се одолговлекува. Луѓето кои буџетираат, паметно ги трошат своите пари и штедат за иднината, обично започнале уште кога нивните приходи биле релативно ниски.(132)
Чекор 2. Поставете цели. Стимулациите се важни. Прифатете го ова во вашиот личен живот и дозволете вашите цели да ги водат вашите постапки. Поставете краткорочни, среднорочни и долгорочни финансиски цели и вклучете ги во вашиот буџет. Краткорочните цели можат да се постигнат во текот на наредната година и да обезбедат брзо задоволство. Во зависност од вашата ситуација, тие може да вклучуваат елиминација на долгот од кредитната картичка на вашиот заем со највисока каматна стапка (иако, освен во итни случаи, акумулирањето таков долг од старт не било супер идеја), значително зголемување на вашиот фонд за итни случаи за покривање на неочекувани расходи или пари за замена на вашиот телефон или на друг технолошки уред. Среднорочните цели се постигнуваат на подолг период – некаде помеѓу една и три години. Купување автомобил на старо со готовина, аванс за стан или друг дом и создавање солидна заштеда што води до добро диверзифицирано портфолио се примери за цели за кои генерално е потребно повеќе време за да се постигнат. Конечно, штедењето и инвестирањето за високо образование на вашите деца и за пензионирање, како и исплатата на студентски кредити или хипотека за дом се примери за долгорочни цели коишто многумина ќе сакаат да ги остварат.
Како што наведовме претходно, штедењето и инвестирањето треба да бидат посебни категории во вашиот буџет. Колку побрзо почнете да трошите стратешки, да штедите и да инвестирате, толку поголемо богатство ќе создадете. Она што не е толку очигледно е колку повеќе богатство можете да акумулирате доколку започнете рано. Дури и најмалата заштедена или инвестирана сума денес може да направи значајна разлика. Размислете за следниот долгорочен план:
Да претпоставиме дека ќе почнете редовно да штедите само 2 евра на ден во период од две години кога ќе наполните дваесет и две години. Тоа веројатно е помалку од она што ќе го потрошите на кафе, вода во шише, грицки или ситни пари коишто ќе ви останат на крајот на денот. Потоа, во периодот од вашиот дваесет и четврти до вашиот дваесет и шести роденден, ја зголемувате заштедата на 3 евра на ден. Тоа е само едно евро повеќе, а вашиот приход веројатно ќе се зголеми. На возраст од дваесет и шест до триесет години, зголемете ја вашата заштеда на 4 евра на ден. Ако не ја трошите оваа сума на дневна основа и ја ставате на сметка со позитивна стапка на принос, нема многу да го нарушите вашиот животен стил. До вашиот триесетти роденден, ќе имате заштедено 9.490 евра, плус камата – што воопшто не е за потценување. Заштедата од 2, 3 или од 4 евра дневно навистина се акумулира.
Но, вистинското изненадување допрва следи. До моментот на вашето пензионирање на 67-годишна возраст, заштедата направена само во овој ран деветгодишен период може да додаде повеќе од 150.000 евра на вашето богатство доколку се инвестира конзервативно, и тоа пресметано според денешната куповна моќ. Ова може да се случи ако заработите реална стапка на принос од околу 7 проценти – според историските берзански податоци (повеќе за оваа стапка на принос и за моќта на сложената камата во наредните елементи). Покрај тоа, ако започнете рано, многу е поголема веројатноста да продолжите со редовен план за штедење во текот на вашиот живот.
Чекор 3. Користете алатки за буџетирање. Не измислувајте топла вода почнувајќи со празно парче хартија за да подготвите буџет. Со денешните веб-страници, табели и апликации, буџетирањето никогаш не било полесно. Постојат разни евтини или бесплатни ресурси. На интернет можете да пребарувате „алатки за буџетирање“ и да најдете бројни висококвалитетни и безбедни опции за буџетирање. Изберете некоја што ќе ви помогне внимателно да ги евидентирате вашите трошоци и приходи, да бидете фокусирани на вашите финансиски цели, што ќе ве потсетува за да извршите плаќање, ќе ви помогне да ги контролирате сите импулси за трошење надвор од вашиот буџет и што ќе ве поврзува со опции за тоа како да ги постигнете овие цели. Создадете навика да ја користите избраната алатка за буџетирање. Следењето на вашите трошоци и приходи може да биде лесно со вистинските алатки. Трикот е да одвоите само 5 минути секој ден за да ја евидентирате вашата активност. Луѓето честопати се шокираат кога ќе видат како ги трошат своите пари без да се свесни за тоа.
Чекор 4. Подгответе план за акција. Изгответе личен буџет со реални и предложени ставки за да ги постигнете вашите цели. Иако постојано размислуваме за сите работи што „треба“ да ги купиме, има многу малку работи што навистина ни се потребни покрај храна, чиста вода, дом, едноставна облека и паметен телефон. Најдобар начин да видите од каде можете да почнете да ги остварувате вашите цели е со набројување на вашите „потреби“ и да ги одвоите од вашите „желби“. Намалете ги вашите желби за да отворите пат за заштеди и инвестирање, како и за подготовка на план во рамките на вашиот буџет за исполнување на вашите краткорочни, среднорочни и долгорочни цели. На овој начин вие го контролирате вашиот финансиски живот.
Архитектот не гради куќа без план и проект. Хирургот не го отстранува слепото црево на пациентот без да ги координира своите планови со другите членови на медицинскиот тим. Спортистот не се натпреварува на Олимпијадата без да се посвети на филозофијата на успехот долго пред да стигне до Олимпијадата. Подготовката на детален акциски план, придржувањето до тој план и негово ажурирање кога е потребно се од суштинско значење ако сакате да успеете во сите аспекти од животот, вклучувајќи го и вашиот финансиски живот.
Секоја буџетска ставка треба да се оценува во контекст на другите. Бидејќи имате ограничен доход, зголеменото трошење во една област значи намалено трошење во друга област, освен ако не најдете нови извори на доход. Како што е нагласено во Делот 1, секој избор има опортунитетен трошок. Размислете за вашиот кога донесувате одлука за трошење. Видете ја големата слика преку вашиот буџетски објектив. Утврдете ги вашите месечни основни параметри: видете колку заработувате, плаќате даноци, штедите, инвестирате, трошите и должите.
Без оглед на вашето занимање, доходот или позицијата во животот, двете активности во процесот на буџетирање – подготовката на вашиот буџет и следењето и приспособувањето на вашето трошење за да ја подобрите вашата благосостојба – ќе ви помогнат систематски да ги испитате и да ги насочите вашите трошоци за да ги исполните вашите цели. Вашиот план треба да е јасен кристално и станете сам свој главен извршен директор. Посветете се на подготовка на буџет којшто ќе го организира вашето трошење, ќе го контролира вашиот долг, ќе ви обезбеди средства за итни случаи, ќе ви помогне да исполните различни финансиски цели и ќе ви обезбеди средства за инвестирање.
Дејв Ремзи, водечки финансиски советник во САД, ја нагласува важноста на личната посветеност за стекнување добри финансиски навики. „Она што го научив за работата со личните финансии е дека тоа не е нуклеарна физика. Личните финансии се околу 80 отсто поврзани со однесувањето. Само околу 20 проценти се стекнато знаење.”(133) Откако ќе го прочитате целиот Дел 4, ќе имате стекнато знаење. Дали сте подготвени да се фокусирате и да се посветите на усогласување на вашите одлуки поврзани со потрошувачката, штедењето, задолжувањето и со заработката со оние кои ветуваат финансиска стабилност и водат кон исполнет живот?