Економија на здравиот разум

Елемент 3.4: Разбирање на политичките притисоци

Првата лекција по економија е посветена на недостатокот, односно ограниченоста: никогаш нема во доволна мера од ништо за да се задоволат потребите на сите оние коишто го посакуваат. Од друга страна, првата лекција по политика заговара да се занемари првата лекција по економија.(87)

Томас Соувел, Стручен соработник за јавни политики од Роуз и Милтон Фридман на Институтот Хувер при Стандфорд

Политичкиот процес е алтернативна форма на економско организирање. Тој не претставува поправен механизам на кој може да се смета за да обезбеди соодветно решение кога ќе се појават проблеми. Дури и кога е контролиран од избраните политички функционери (наспроти, на пример, автократски режим), не постои гаранција дека владините активности ќе бидат продуктивни, или барем толку продуктивни колку што би можеле да бидат. Ова особено е точно кога владите длабоко се инволвирани во алокацијата на ограничените ресурси кон фаворизираните сектори, бизниси и интересни групи. Како што беше споменато во воведот на Дел 3, анализата на јавниот избор обезбедува значителен увид во функционирањето на демократското политичко одлучување.

Политиките што ги фаворизира мнозинството не секогаш го подобруваат општеството. Еве еден мисловен експеримент: Замислете си една едноставна економија со петмина гласачи. Да претпоставиме дека тројца од гласачите фаворизираат проект кој на секој од нив тројца му обезбедува нето-придобивки од 2 долари, но наметнува нето-трошок од 5 долари на секој од другите двајца гласачи. Збирно гледано, проектот генерира нето-трошоци од 10 долари наспроти нето-придобивките од само 6 долари. Тоа е контрапродуктивно и ќе го влоши општеството сочинето од петмина. Сепак, доколку се одлучува со мнозинство гласови, проектот ќе биде изгласан со три гласа „за“, а два „против“. Сега, ајде сето ова да го разгледаме во малку поголеми размери. Зголемувањето на бројот на гласачи од петмина на пет милиони или на двесте милиони нема да го промени општиот исход. Како што е прикажано со овој едноставен пример, мнозинското гласање јасно може да доведе до контрапродуктивни проекти или дејствија коишто, ако се земе предвид општата состојба, се штетни за општеството.

Корисно би било да се споредат пазарите со демократската политичка алокација како алтернативна форма на економска организација. Додека се прави споредбата, треба да се имаат на ум следниве четири аспекти.

Прво, во демократијата, основата за дејствување на владата е владеењето на мнозинството. Спротивно на тоа, пазарната активност се заснова на меѓусебен договор и на доброволна размена. Во демократска средина, кога мнозинството – било директно или преку своите избрани претставници – усвојува политика, малцинството гласачи сè уште се принудени да платат за нејзиното поддржување, дури и ако силно се противат на таквата политика. На пример, ако мнозинството гласа за нов фудбалски стадион, програма за субвенции за домување или за спасување на автомобилска компанија, малцинските гласачи се принудени да попуштат и да плаќаат даноци за поддршка на такви проекти. Без разлика на тоа дали имаат корист или не, тие плаќаат повисоки даноци, трпат загуба на својот доход, а можат и да бидат оштетени на други начини. Важно е да се сфати дека во овој контекст, терминот „малцинство“ не се однесува на етничко малцинство, иако би можело да има и таков случај. Би било примамливо во една неограничена демократија за граѓаните кои се под 60-от перцентил на доход, да речеме, да гласаат за придобивка како исклучително дарежлива здравствена заштита или како јавни пензии и таа придобивка да ја платат со „оданочување на богатите“, и покрај фактот што, како што веќе видовме, збогатувањето честопати е резултат на обезбедување стоки и услуги коишто потрошувачите (вклучувајќи ги и сиромашните) ги ценат.

Моќта за оданочување и регулирање му овозможува на мнозинството да го присили малцинството. Не постои таква сила на присила кога ресурсите се алоцираат на пазарите. Пазарните размени нема да се случат доколку нема согласност од сите страни. Приватните фирми можат да наплаќаат висока цена, но не можат да принудат никого да ги купува нивните производи. Всушност, приватните фирми мора да им обезбедат на потрошувачите бенефиции што ја надминуваат цената што се наплаќа за привлекување клиенти.

Второ, во демократијата, постои слаба мотивација за гласачите да бидат добро информирани за кандидатите или за проблемите. Поединечен гласач речиси никогаш нема да го одлучи исходот на изборите. Поверојатно е некој гласач да биде погоден од гром на патот кон гласачкото место отколку да даде одлучувачки глас на изборите! Затоа, поголемиот дел гласачи посветуваат малку, или воопшто не посветуваат, време и енергија на проучување на проблемите и на кандидатите за да бидат добро информирани пред да гласаат. Економистите ова го нарекуваат ефект на рационално незнаење. Гласачите слабо се информирани, а нивното воздржување од стекнување информации е рационално бидејќи речиси со сигурност нивниот индивидуален глас нема да го одреди победникот или да го реши проблемот. Податоците го поткрепуваат ова гледиште. Според официјалните резултати, процентот на излезност меѓу сите регистрирани гласачи на националните избори одржани во 2020 и/или во 2021 година се движел од 52 до 62 отсто во следниве земји: Ерменија, Азербејџан, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија и Северна Македонија. Анкетите покажуваат дека повеќетомина гласачи воопшто не ги ни знаат имињата на своите претставници, немаат многу или немаат воопшто сознанија за ставот на кандидатите во однос на одредени прашања, или за тоа какво влијание имаат владините активности или политики (како што се земјоделските субвенции и трговските ограничувања) врз економијата. Нема одговор на прашањето дали гласачите би биле подобро информирани во изборните системи каде што гласаат за конкретни кандидати или каде што гласаат за партиски листи. И покрај тоа што економистите честопати ги обвинуваат дека ставаат преголем акцент на рационалноста, не треба да се сфати дека нашата анализа укажува на тоа дека треба да ја избегнувате вашата граѓанска одговорност за разбирање на прашањата и за искористување на секоја можност да ги искажете своите преференции, без оглед на тоа дали е преку гласачките кутии или на други (мирни) начини.

Комплетно спротивно од нивното политичко одлучување, потрошувачите на пазарот поединечно ги сносат последиците од своите одлуки за тоа како да ги трошат своите пари. Ако прават несоодветни избори, тие директно ги чувствуваат влијанието и последиците од таквиот избор. Тој факт ги мотивира паметно да ги трошат парите. Кога потрошувачите размислуваат за купување автомобил, персонален компјутер, членство во теретана или за илјадници други работи, тие имаат силен мотив да добијат информации за да направат информиран избор.

Трето, во демократијата, политичкиот процес генерално го наметнува истиот исход на сите, или барем на сите опфатени со одредена политика. Пазарите, од друга страна, овозможуваат разновидна застапеност. Со други зборови, владината распределба резултира со исход од типот „една големина одговара на сите“, додека пазарите им дозволуваат на различни поединци и групи да „гласаат“ и да ги добијат своите посакувани опции. Пример за ваква ситуација е школувањето.

Во некои земји, учениците коишто посетуваат државни училишта се распоредени во одредени училишта врз основа на нивните места на живеење, а државата наложува стандардизирана наставна програма. Од друга страна, кога распределбата се прави на пазарот, оние што се подготвени да ја платат цената ја наоѓаат токму онаа опција којашто најдобро одговара на нивните преференции. Како резултат на тоа, постои разновидност во нивниот избор. Додека некои родители избираат приватни училишта, други се одлучуваат за домашно школување. Некои ќе изберат училишта коишто ги нагласуваат религиозните вредности, додека други ќе се одлучат за образование коешто ги нагласува основните вештини, културната различност или стручната подготовка. Оваа можност за избор им овозможува на повеќемина да добијат стоки и услуги коишто се посоодветни со нивните преференции. Пазарите ги избегнуваат и конфликтите коишто неизбежно се јавуваат кога мнозинството ќе ја наметне својата волја на различни малцинства. Ниту една од овие анализи не кажува дека, до степенот до кој образованието е јавно добро, тоа не треба да се плаќа од јавните фондови, без разлика на тоа дали преку ваучери за образование или преку владини грантови коишто се доделуваат според побарувачката на родителите за одредени училишта.

Четврто, во демократијата, носителите на одлуки во врска со пазарот и носителите на политички одлуки се соочуваат со различни стимулации. Како што беше претходно дискутирано, механизмот на добивка и на загуба на пазарната економија има тенденција да ги алоцира ресурсите кон продуктивни проекти и подалеку од контрапродуктивни проекти. Политичкиот процес нема сличен механизам и затоа не може да се базираме на него за алоцирање на ресурсите кон продуктивни активности. Ова е точно дури и кога носителите на политички одлуки се контролираат преку гласање, бидејќи, освен ако не се ограничени со уставни ограничувања, избраните функционери ќе имаат тенденција да „купуваат" гласови со обезбедување услуги за некои од нивните гласачи на сметка на други. Како што вели поговорката, ако земете од Петар и му дадете на Павле, вообичаено можете да сметате на поддршка од Павле.

Во голема мера, современиот демократски политички процес може да се гледа како серија на „размени“ меѓу коалициите и политичарите. Концентрираните интересни групи им обезбедуваат на политичарите гласови, финансиски придонеси, високо платени работни места во иднина и други форми на поддршка во замена за субвенции, програми за трошење и во замена за регулаторни услуги што честопати се финансирани од даночните обврзници. Ефектот на рационално незнаење – фактот што гласачите избираат да не издвојат време за да се информираат подобро – го олеснува овој процес бидејќи повеќетомина гласачи не се свесни за овие „политички договори“. Како резултат на тоа, ресурсите се насочуваат кон лобирање и други активности за стекнување корист, а не кон производство и развој на подобри стоки и услуги. Само многу ретко, кога овие зделки ќе излезат вон контрола, населението прибегнува кон вонредни мерки за да ја промени ситуацијата. Различните „обоени револуции“ во неколку посткомунистички земји се добри примери од поновата историја.

Only very rarely, when these deals get too far out of hand, do populations resort of extra-ordinary actions to change the situation. The various “color revolutions” in several post-communist countries provide good recent examples.

Како што е објаснето во елементите 3.2 и 3.3, додека економската анализа укажува на тоа дека има случаи каде што пазарите нема да успеат да ги алоцираат ресурсите ефикасно, истото тоа важи и за политичкиот процес. Со други зборови, постои владин неуспех, како што постои и пазарен неуспех. Владин неуспех се јавува кога стимулациите со кои се соочуваат политичките учесници поттикнуваат контрапродуктивно наместо продуктивно користење на ресурсите. Исто како пазарниот неуспех, владиниот неуспех е одраз на ситуација во која постои конфликт помеѓу она што е најдобро за индивидуалните носители на одлуки и она што претставува најдобро користење на ресурсите. На пример, владин неуспех може да се забележи во случајот на економската криза во Венецуела, особено во управувањето со нејзината нафтена индустрија. Венецуела поседува една од најголемите резерви на нафта во светот и во голема мера се потпира на извозот на нафта за обезбедување приходи. Кога нафтената индустрија беше национализирана во 1976 година, државата ја презеде контролата врз производството, рафинирањето и врз дистрибуцијата на нафта. И покрај тоа што високите цени на нафтата првично ѝ дозволија на владата да финансира социјални програми и субвенции, лошото управување, корупцијата и недостатокот на инвестиции во инфраструктурата и технологијата доведоа до пад на производството на нафта со текот на времето. Како што економијата на Венецуела стануваше сè позависна од приходите од нафтата, таа стана поранлива на флуктуациите на глобалните цени на нафтата. Кога цените на нафтата паднаа на почетокот на 2010-тите, економијата на Венецуела почна сериозно да опаѓа, карактеризирана со хиперинфлација, недостиг на основни производи и со тешка економска рецесија. Така, економскиот колапс на Венецуела, којшто сега трае веќе долги години, ги илустрира последиците од владиниот неуспех во управувањето со ресурсите и во економската политика. Штом ќе се воспостават репресивни, авторитарни клептократски влади, со контрола на јавната каса и со воени и финансиски услуги за да ги одржуваат среќни своите „пајташи“, може да биде многу тешко тие да се симнат од власт. Дури и смртта на диктаторот не помогна. Ниту, пак, тоа функционираше во Зимбабве.

Ајде да погледнеме малку поинаков пример. По значителната либерализација на економската политика во Грузија, креаторите на Револуцијата на розите беа свесни дека дури и демократска и либерално ориентирана влада може да преземе контрапродуктивни мерки. Така, во 2010 година, во Уставот беа вградени ограничувања на економската улога на владата. Членот 94 прецизираше кои даноци се дозволени (бројот на даноците и нивните стапки) и му го додели на народот овластувањето за промена на даночните стапки или за воведување нови даноци, преку референдум. Понатаму, според таканаречениот „Закон за слобода“, државниот буџетски дефицит беше ограничен на помалку од 3 проценти од БДП, а долгот на не повеќе од 60 проценти од БДП. Меѓутоа, како што минуваше времето и владите се менуваа, мнозинската партија во Парламентот иницираше промени за да се олабави ова ограничување и да се врати овластувањето за иницирање нови даноци и/или за промена на постоечките стапки. Можеби бевме претерано ревносни во посочувањето на можните проблеми со демократиите, но се согласуваме со Винстон Черчил којшто во 1947 година му рече на Парламентот на Обединетото Кралство:

„Многу форми на владеење биле испробани, и ќе бидат испробани во овој свет на грев и мака. Никој не се преправа дека демократијата е совршена или сезнајна. Всушност, се вели дека демократијата е најлошата форма на владеење, со исклучок на сите оние други форми кои биле испробани одвреме-навреме.”(88)

Во продолжението од Дел 3, подетално ќе го разгледаме функционирањето на демократскиот политички процес и ќе ги разгледаме модификациите што би можеле да доведат до донесување политички одлуки во поголема хармонија со економскиот раст и просперитет.