Економија на здравиот разум

Елемент 2.1: Правен систем

[С]истемот на приватна сопственост ги прави луѓето одговорни за сопствените постапки во однос на материјалните добра. Таквиот систем, следствено, овозможува луѓето да ги искусат последиците од сопствените дејствија. Сопственоста поставува огради, но истовремено нè опкружува и со огледала, кои ги отсликуваат последиците од нашето сопствено однесување.(26)

Том Бетел, економски новинар

Правниот систем ja обезбедува основата за заштита на правата на сопственост и за спроведување на договорите. „Сопственост“ е широк поим којшто вклучува лична сопственост, сопственост врз нечии идеи и нечии работни услуги, и сопственост врз физички средства, како згради и земјиште. Правниот систем ги штити сопствениците од насилство, кражба или од измама. Приватната сопственост е институција која вклучува три работи: (1) право на ексклузивна употреба; (2) правна заштита од упаѓачи т.е. од оние кои би сакале да го користат или да го злоупотребат имотот без дозвола на сопственикот; и (3) право на пренос (продавање или давање) на имотот на други.

Приватните сопственици можат да одлучат како ќе го користат својот имот, но тие се одговорни за своите постапки. Луѓето кои вршат напад или ги повредуваат правата на сопственост на други лица подлежат на истите правни сили кои ја штитат нивната сопственост. На пример, правата на приватна сопственост ми забрануваат да го користам мојот чекан за да го скршам ветробранското стакло на твојот автомобил, бидејќи со тоа би ги прекршил твоите права на сопственост на автомобилот. Твоето право на сопственост ме ограничува мене и сите други да го користиме (или злоупотребуваме) твојот автомобил без твоја дозвола. Слично на тоа, мојата сопственост врз мојот чекан и врз други предмети те ограничува тебе и сите други да ги користите без моја дозвола.

Важен аспект во врска со приватната сопственост се стимулативни механизми кои произлегуваат од неа. Постојат четири главни причини зошто стимулативни механизми што се поврзани со јасно дефинирани права на приватна сопственост што доследно се спроведуваат, поттикнуваат економски раст и напредок.

Прво, приватната сопственост е силен стимулатор за одржување и за грижа за имотот. Доколку приватните сопственици не го одржуваат својот имот или дозволат да биде злоупотребен или оштетен, тогаш ќе се соочат со последиците. Вредноста на нивниот имот ќе се намали. На пример, ако поседувате автомобил, имате силен поттик да го менувате маслото, редовно да го сервисирате и да ја одржувате неговата внатрешност. Зошто? Затоа што ако се одржува во добра состојба сегашната и идната вредност на автомобилот ќе биде поголема, во спротивно вредноста ќе му се намали.. Одржувањето на автомобилот ќе се одрази на пазарната цена. Доброто одржување ќе биде наградено, но лошото одржување ќе биде казнето со намалување на вредноста на средството.

Од друга страна, кога имотот е во сопственост на владата или е во заедничка сопственост на голема група луѓе, нивната стимулација да се грижат за него се намалува. Лесно е да се најдат вакви примери. Дали некогаш сте гледале американски каубојски филм и сте се запрашале: „Зошто има крави насекаде, а бизоните беа речиси истребени? Одговорот е: никој не ги поседувал бизоните!

Кога становите се во државна сопственост, ниту еден поединец или ниту една мала група на сопственици нема силна финансиска стимулација да го одржува имотот. Зошто? Бидејќи ниту еден поединец или ниту една мала група сопственици нема да ги плати трошоците за падот на вредноста на имотот или да има корист од неговото одржување. Затоа становите во државна сопственост, во споредба со становите во приватна сопственост, почесто се во полоша состојба и слабо се одржуваат. Ова е точно и во капиталистичките и во социјалистичките земји. Слабата грижа, одржувањето и поправките се резултат на слабите стимулативни механизми поврзани со државната сопственост на имотот, дури и во услови кога има функционални пазари на имот во приватна сопственост. Една позната поговорка од советско време го доловува овој проблем: „Кога сите се сопственици, никој не е сопственик“. Добар пример се комуналните станови во државна сопственост, или т.н. „комуналки“, коишто беа широко распространети во Советскиот Сојуз. Во овие станови живееја повеќе семејства, секое со своја соба, а ги делеа заедничките простории како кујната и бањата. Овие имоти во државна сопственост честопати беа запоставувани и лошо одржувани. Жителите честопати се соочуваа со проблеми како што се протекување на покривите и застарена водоводна инстлација.

Проблемите не произлегуваат само од отсуството на приватна сопственост, туку и од различните интереси на корисниците на имотот и на групата или поединецот што ги сноси трошоците за несоодветното користење. Речиси истиот проблем се јавува на пазарот за изнајмување каде што приватниот сопственик и корисникот се два различни субјекта. Ова е причината зошто во договорите за изнајмување многу детално е наведено како имотот може и не може да се користи. Во источна Европа пред транзицијата, не ретко станарите се качуваа по нечисти скали покрај искршени лифтови и изгорени светилки, само за да влезат во извонредно одржувани станови бидејќи на луѓето им беше важно и се грижеа за просторот каде што живеат, но не и за заедничките простори.

На почетокот на транзицијата, главен проблем беше како да се доделат права на сопственост врз станбениот фонд. Беше јасно дека станбените единици треба да станат приватна сопственост, но чија сопственост? За куќите и становите што беа изградени во блиското минато, одговорот беше лесен – дајте ги (или продадете ги по ниска цена) на станарите. Но, што е со постарите згради кои беа одземени од нивните сопственици кога комунистите дојдоа на власт? Дали сопственоста треба да им се даде на оние кои живееле во станбената единица или на лицата (или на нивните потомци) на кои им бил национализарн имотот? Одговорот што го усвоија Чесите беше да им го вратат (денационализираат) имотот на поранешните сопственици, но да ги остават станарите да продолжат да живеат таму со контрола на киријата. Овој пристап наиде на очигледни проблеми, бидејќи сопствениците немаа доволно приходи за одржување на имотот и негодуваа што не можат да го продадат по неговата пазарна вредност.

Второ, приватната сопственост ги поттикнува луѓето продуктивно да го користат својот имот и да го развиваат на начин што другите високо го ценат. Иако приватните сопственици законски можат да прават што сакаат со својот имот, тие можат да остварат корист само од активности коишто ќе доведат до зголемување на неговата вредност за другите. Доколку го користат и го развиваат својот имот на начини што се привлечни за другите, неговата пазарна вредност ќе се зголемува. Од друга страна, промените што другите не ги сакаат – особено ако се клиенти или потенцијални купувачи – ќе ја намалат вредноста на имотот.

Приватната сопственост влијае и врз личниот развој. Кога луѓето можат да ги задржат плодовите од својот труд, тие имаат силен поттик да ги подобрат своите вештини, да работат повеќе и да работат попаметно. Ваквите дејствија ќе го зголемат нивниот доход и задоволството. Зошто студентите се подготвени да поминат толку часови на учење и да направат толку трошоци за стекнување факултетско образование? Одговорот е во приватната сопственост на услугите што утре ќе можат да ги понудат на пазарот на трудот. Бидејќи тие имаат право на сопственост на своите услуги што ќе ги понудат на пазарот на трудот, нивната идна заработка ќе биде поголема доколку стекнат знаење и развијат вештини кои се високо ценети од другите.

Слично на тоа, приватната сопственост ги мотивира сопствениците на земјиште, згради и на други материјални средства да ги користат, заштитат и да ги одржуваат и подобруваат своите добра на корисни начини. Уште повеќе што, оние кои нема да успеат да го направат тоа ќе ги сносат трошоците во форма на намалена вредност на средствата.

Замислете еден сопственик на станбен комплекс кој нема интерес да обезбеди атрактивно уредување, соодветен паркинг, перални во заедничкот простор, просторија за вежбање или комплекс со базени. Сигурно нема да му биде лесно да ги изнајми становите доколку потенцијалните станари високо ги ценат овие дополнителни погодности, односно ги ценат повеќе од трошоците за нивно обезбедување. Ако е така, сопственикот на станот има силен поттик да обезбеди такви и слични погодности. Сопствениците на становите ќе можат да ги зголемат своите нето-приходи (и пазарната вредност на нивните комплекси) ако на потрошувачите им го обезбедат тоа што тие го ценат повеќе од трошоците. Наспроти тоа, сопствениците кои не го прават тоа, ќе увидат дека нивната заработувачка и вредноста на нивниот капитал (нивните станови) ќе се намалат. Сепак, имајте на ум дека ако закупците не се подготвени да ги платат трошоците за дополнителните погодности – како што е затворен базен – сопственикот на станот би направил грешка ако го обезбеди тоа.

Приватната сопственост влијае дури и врз продуктивноста на ресурсите во социјалистичките земји. Пример за тоа е земјоделството во поранешниот Советски Сојуз. Во социјалистичкиот земјоделски режим, на семејствата кои работеа на мали приватни парцели, големи до половина хектар, им беше дозволено да ја задржат или да ја продаваат стоката што ја произведуваат. Овие приватни парцели сочинуваа само околу 2 проценти од вкупното обработливо земјиште; другите 98 проценти се состоеја од огромни фарми во колективна сопственост каде што земјиштето и производството ѝ припаѓаа на државата. Како што објави советскиот печат, околу 25 отсто од вкупната вредност на советското земјоделско производство беа одгледни на тие 2 проценти земјоделско земјиште во приватна сопственост. Ова покажува дека производството по акр на приватните парцели било околу шеснаесетпати поголемо од она на државните фарми.(27)

Дури и скромното оддалечување од државната сопственост кон приватната сопственост, може да даде импресивни резултати. Во 1978 година, комунистичката Влада на Кина започна де факто политика со која им дозволуваше на земјоделците да го задржат целокупниот ориз одгледан на колективните фарми над утврдената квота што требаше да ѝ ја дадат на државата. Како резултат на тоа дојде до моментално зголемување на продуктивноста бидејќи земјоделците имаа мотив да произведуваат ефикасно. По исполнувањето на квотите, на земјоделците им беше дозволено да го задржат целото свое дополнително производство. Кога се дозна дека Владата ја игнорира официјалната политика против таквата „приватизација“, оваа практика се прошири како шумски пожар, што доведе до брзо зголемување на земјоделското производство и до ослободување на земјоделците да преминат во неземјоделските сектори на економијата.(28)

Приватизацијата на државните претпријатија во Полска во раните 1990-ти е уште еден добар пример за подобрувањето на продуктивноста. Транзицијата реално започна по падот на комунизмот во 1989 година, при што Полска спроведе една од најамбициозните програми за приватизација во Источна Европа. Оваа трансформација придонесе за брзиот економски раст на Полска во годините по реформите, етаблирајќи ја како една од успешните приказни на посткомунистичката економска транзиција во Источна Европа.(29) Имаше многу различни форми на приватизација во посткомунистичките земји. Некои јасно ги ставија средствата во рацете на таканаречените „олигарси“, додека други подеднакво ги распределуваа средствата или ги продаваа на странски инвеститори, а средствата одеа во државниот буџет. Меѓутоа, олигарсите имаа мотив, како сопственици кои сакат да остварат профит, нивните фирми да работат ефикасно.

Трето, приватната сопственост ги прави сопствениците законски одговорни за штетите што им ги нанесуваат на други. Судовите ги признаваат и ги спроведуваат овластувањата што произлегуваат од сопственоста, но тие ја спроведуваат и одговорноста што произлегува од таквите овластувања. Приватната сопственост ја поврзува контролата со одговорноста. Оваа поврзаност им дава силен поттик на сопствениците одговорно да го користат својот имот и да преземат чекори за да ја намалат веројатноста да им нанесат штета на други и на својот имот.

Разгледајте ги следниве примери: Сопствениците на кучиња имаат поттик да ги држат или да ги врзат своите кучиња доколку постои веројатност да каснат некого. Сопствениците на автомобили ќе одговараат ако, на пример, лошо одржуваните сопирачки предизвикаат штета на туѓ имот. Хемиска компанија законски е одговорна за штетите доколку погрешно се ракува со хемикалиите или доколку тие им штетат на другите.

Четврто, приватната сопственост поттикнува зачувување на ресурсите и мудар развој. Користењето одреден ресурс може да генерира приходи, што е одраз на желбите на сегашните потрошувачи кои го сакаат она што ресурсите можат да го обезбедат. Но, идните потрошувачи, исто така, имаат глас, благодарение на правата на сопственост. Сопственик на одреден ресурс, да речеме шумска парцела или мала шума чиишто дрвја би можеле да се соберат сега или подоцна, се соочува со одредена одлука. Дали дрвото ќе биде повредно денес или во иднина? Со други зборови, дали очекуваната вредност на дрвјата ќе биде поголема кога ќе пораснат или ако се исечат денес? И дали таа идна вредност ќе ја надмине нивната сегашна вредност за износ што е повисок од трошоците за нивното чување и за заштита за нивна употреба во иднина? Ако е така, сопственикот има поттик да ги зачува – односно да се воздржи од моменталната употреба – за да обезбеди дека ресурсот ќе биде достапен кога ќе има поголема вредност. Во последниве години, многу африкански земји сфатија дека доделувањето приватна сопственост (или сопственост на мала селска заедница) врз локалниот див свет резултира со пазар за туризам, вклучувајќи ограничен лов на голем дивеч што доведе до брзо зголемување на бројот на претходно загрозените видови.

Приватните сопственици ќе имаат корист од зачувувањето секогаш кога се очекува дека идната вредност на ресурсот ќе ја надмине нејзината сегашна вредност. Ова е точно дури и ако сегашниот сопственик не очекува да биде жив кога придобивките ќе се акумулираат. Да претпоставиме дека шеесет и петгодишен фармер засадил елки („Douglas fir trees„) на кои обично им требаат педесет години за да пораснат до нивната оптимална големина за сечење. Дали овој постар фармер има поттик да ги зачува дрвјата за идна употреба? Со правата на приватна сопственост, одговорот е „да“. Со приватна сопственост, пазарната вредност на земјиштето на земјоделецот ќе се зголемува така како што дрвјата ќе созреваат и ќе се приближува очекуваниот ден за сечењето. Значи, иако фактичката сеча може да се случи долго време по смртта на фармерот, сопственикот ќе може да ги продаде дрвјата (или земјиштето вклучувајќи ги дрвјата) во секое време, искористувајќи ја нивната зголемена вредност. Доколку растот на зрелите дрвја се очекува да ги зголеми идните приходи повеќе од алтернативните инвестиции, земјоделецот ќе добие од чувањето на дрвјата за во иднина.

Со векови песимистите тврдеа дека ќе ни снема дрвја, критични минерали и разни извори на енергија. Во неколку наврати се покажа дека не беа во право. Зошто? Затоа што не ја препознаа улогата на приватната сопственост. Корисно е да се размисли за овие претскажувања на катастрофи. Во шеснаесеттиот век во Англија се појави страв дека резервите на дрва – што широко се користеа за греење – наскоро ќе бидат исцрпени. Меѓутоа, повисоките цени на дрвото го поттикнаа зачувувањето и доведоа до развој на јаглен. Тоа беше почеток на крајот на кризата со дрва.

Дури и кога одреден ресурс не е во нечија сопственост, пазарот на други ресурси кои се во приватна сопственост честопати може да ги реши проблемите. Во средината на деветнаесеттиот век се појавија песимистички предвидувања дека на светот ќе му снема масло од китови, коешто во тоа време беше основно гориво за вештачко осветлување. Бидејќи немаше приватна сопственост на китовите, немаше поттик да се зачуваат за идна употреба. Како што се намалуваше популацијата на китови, цената на маслото од китови порасна. Но, повисоките цени на маслото од китови го зголемија поттикот за претприемачите да најдат и да развијат супститути. Со текот на времето, ова доведе до откривање на комерцијално профитабилни извори на нафта, приватен развој на релативно поевтин керозин и крај на кризата со маслото од китови.

Подоцна, кога луѓето се префрлија на нафта, се појавија предвидувања дека и овој ресурс ќе биде исцрпен. Во 1891 година, Геолошкиот институт на САД заклучи дека малку е веројатно да се најде нафта во Тексас. Во 1926 година, Федералниот одбор за зачувување на нафтата процени дека снабдувањето со нафта на САД ќе трае уште само седум години.(30) Во 1972 година, извештајот на Римскиот клуб „Граници на растот“ предвиде дека економскиот раст ќе доведе до исцрпување на ресурсите и до евентуален општествен колапс во 21 век.(31) Иако извештајот предизвика оправдана загриженост во однос на неодржливата употреба на ресурсите, голем дел од неговите краткорочни предвидувања не се остварија благодарение на подобрувањето на ефикасноста, откривањето нови ресурси и благодарение на премините кон практики за поодржлив развој. Во 1968 година, книгата на Пол Ерлих „Популациската бомба“ (The Population Bomb) предвиде дека брзиот раст на населението ќе доведе до масовно гладување и до општествен колапс во 1970-тите и 1980-тите. Навистина, Ерлих тврдеше дека Англија „ќе престане да постои“ до 2000 година. Во една позната, но вистинита анегдота, економистот Џулијан Сајмон му понудил на Ерлих да се обложат. „Вие изберете кои било пет ресурси што ги сакате и која било година во иднината, а јас се обложувам дека нивните цени ќе се намалат (по прилагодување за стапката на инфлација).“ Ерлих го прифатил облогот и тој и неговите советници избрале пет суровини: хром, бакар, никел, калај и волфрам. Облогот беше направен во 1980 година и до неговиот крај во 1990 година, цените на сите пет ресурси се намалија, и покрај тоа што глобалното население порасна за речиси милијарда луѓе.

Иако пренаселеноста и понатаму е причина за загриженост, мрачните предвидувања за глад на глобално ниво не се остварија во прогнозираните размери. Напредокот во земјоделската технологија (Зелената револуција), подобрувањата во приносите на културите и иницијативите за планирање на семејството помогнаа да се избегнат предвидените кризи.

Сите овие прогнози за судниот ден и многу други се покажаа не само погрешни, туку спектакуларно погрешни. Зошто? Одговорот е: поради приватната сопственост. Кога ќе се зголеми недостигот на ресурси во приватна сопственост ќе се зголеми и цената. Зголемувањето на цената им дава на потрошувачите, производителите, иноваторите и на инженерите поттик (1) да штедат на директното користење на ресурсот, (2) повнимателно да бараат супститути и (3) да развиваат нови методи за откривање и обновување на поголеми количини од ресурсот. Досега, овие сили го туркаат судниот ден сè подалеку во иднината, а постојат доволно причини да се верува дека тие ќе продолжат да го прават тоа во однос на ресурсите што се во приватна сопственост.

За остварување добивка од трговската размена од клучно значење е правата на сопственост добро да се дефинирани и да се спроведуваат. Како што видовме во Елемент 1.4, трговската размена ги доближува стоките кон луѓето кои ги ценат повеќе и овозможува поголемо производство како резултат на придобивките од специјализацијата и од методите на производство во голем обем. Правниот систем којшто обезбедува објективно спроведување на договорите и заштита на правата на сопственост ги намалува неизвесностите што се поврзани со трговската размена. Ова пак, резултира со поголема трговска размена, со што се зголемуваат и придобивките од трговијата и економскиот напредок.

Правниот систем којшто ги штити правата на сопственост и осигурува спроведување на договорите на праведен начин е основа за постоење на главните извори на економскиот раст: добивки од трговската размена, создавање на капитал и развој на ресурси. Наспроти тоа, несигурноста во однос на правата на сопственост, спроведувањето на договорите и правната недоследност ги влошуваат трговската размена, инвестициите и продуктивното користење на ресурсите. Низ историјата луѓето се обидувале да спроведат други форми на сопственост, како што се големи задруги и државна сопственост, и во социјализмот и во комунизмот. Во сите размери, освен во мали села со силна културна хармонија, овие експерименти се покажаа неуспешни, па дури и катастрофални. До денес, ниту еден институционален аранжман, освен приватната сопственост во рамките на владеењето на правото не им обезбеди толкава лична слобода и толку силен стимул на поединците да ги опслужуваат другите со продуктивно и со ефикасно користење на ресурсите.

Треба да се напомене дека за да бидат ефективни во поттикнувањето на растот, сопственичките права мора да бидат јасно познати и спроведени. Иако сите во едно село во земја во развој може да знаат кој е „сопственик“ на одредено парче земја, тешко е да се продаде тоа земјиште или да се користи како колатерал за да се позајмат пари за купување нов трактор. Една од трошковно најефективните стратегии за развој се фокусира на обезбедување јасни права на сопственост на традиционалните корисници на земјиштето. На пример, во 2013 година Руанда формално регистрираше над 11,3 милиони од проценетите 11,5 милиони земјишни парцели во земјата по цена од околу 6 долари за секоја парцела. За неколку години овие права на сопственост беа искористени за добивање инвестициски заеми во износ од 2,6 МИЛИЈАРДИ долари.(32)