ДЕЛ 2: Седум главни извори на економскиот напредок

Елементи:
- Правен систем.
- Конкурентни пазари.
- Разумна и ограничена регулација.
- Ефикасни пазари на капитал.
- Монетарна стабилност.
- Внимателна фискална политика.
- Слободна трговија.
Економскиот раст и развој: низ историјата
Видео:
Роберт Лукас, добитникот на Нобеловата награда во 1995 година, изјави: „Кога ќе почнете да размислувате за економскиот раст, тешко е да размислувате за нешто друго.“(20) Зошто Лукас и многумина други економисти ставаат толку голем акцент на економскиот раст? Бидејќи растот на реалниот бруто домашен производ (БДП) по глава на жител е единствениот начин една нација да постигне повисоко нивo на доход и повисок животен стандард.
Низ поголемиот дел од човековата историја, економскиот раст бил исклучително ретка појава. Покојниот Ангус Медисон, економист на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), широко е признат како водечки авторитет за историските податоци за движењето на доходот. На сликата 5 се прикажани неговите процени за доходот по глава на жител во текот на изминативте илјада години. (Доходот е изразен според вредноста на доларот во 2011 година.) Презентирани се податоци за западните земји – дваесет и една земја со висок доход од Западна Европа, Северна Америка, Океанија и Јапонија – како и за земјите во развој.(21)
Извори:
J. Bolt and J. van Zanden, “Maddison Style Estimates of the Evolution of the World Economy: A New 2020 Update,” Groningen Growth and Development Center, October 2020, www.rug.nl/wp15.pdf;
J. Bolt, R. Inklaar, H. de Jong, and J. van Zanden, “Rebasing ‘Maddison’: New Income Comparisons and the Shape of Long-Run Economic Development” (Maddison Project Working Paper No. 10, 2018), www.rug.nl/gd174.pdf;
Погледнете ги податоците за доходот за периодот пред 1800 година претставени на сликата 5. Речиси и да нема промена во доходот по глава на жител ниту на Западот, ниту во другиот дел од светот во текот на тие осумстотини години пред 1800 година. Во тоа време, луѓето ширум светот напорно работеле по педесет, шеесет и седумдесет часа неделно за да заработат доволно за храна и за егзистенција. Тоа била постојана борба за опстанок, а многумина ја загубиле битката. Дури и во 1800 година, животниот стандард не се разликувал многу од оној на луѓето кои живееле илјада години порано, па дури и две илјади години порано во времето на стариот Рим. Секојпат кога доходите малку ќе се зголемеле, започнувало она што Томас Малтус го нарекува „железен закон на популацијата“ и доходите за огромното мнозинство на населението се враќалеа на нивото на егзистенцијата.(22)
На Западот, оваа мрачна економска приказна почнала да се менува околу 1800 година. На часовите по историја и граѓанско образование, веројатно ви било зборувано за тоа како Индустриската револуција го промени светот. Новоразвиените машини, технолошките подобрувања и капиталните инвестиции придонесоа за повисоко ниво на доходот и за повисок животен стандард.
Индустриската револуција секако направи разлика на Западот. Како што е прикажано на сликата 5, доходот по глава на жител во Западна Европа, Северна Америка и во другите делови на Западот драматично се зголемил, од 1.460 американски долари во 1820 година на 2.506 американски долари во 1870 година и 5.413 американски долари во 1913 година. До 1950 година доходот по глава на жител во овие региони се зголемил на 8.464 американски долари. Така, на Западот, доходот се зголемил од 4 американски долари на ден во 1820 година на 23 американски долари на ден во 1950 година, што претставува зголемување од речиси 500 отсто за 130 години. Овие бројки се засноваат на цените од 2011 година, така што тие ги земаат предвид промените на цените со текот на времето, што значи дека потрошувачите на Западот во 1950 година можеле да купат 5 пати повеќе храна, облека и други стоки отколку во 1800 година.(23)
Но, само околу 15 отсто од светското население живее во развиените земји, а промената не била толку изразена во другите региони. Од 1820 до 1950 година, бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител во земјите во развој во Азија, во Латинска Америка, на Блискиот Исток и во Северна Африка се зголемил од 816 американски долари (малку повеќе од 2 американски долари на ден) на 1.426 американски долари (околу 4 американски долари на ден), повторно според вредноста на доларот во 2011 година. Ова претставува просечна стапка на раст од само половина процент годишно. Нивото на доход од 4 американски долари на ден во земјите во развој во 1950 година сè уште беше блиску до нивото на егзистенција и приближно исто како нивото на доходот на земјите со висок доход во 1820 година. Супсахарска Африка беше уште посиромашна, каде што многу од земјите имаа просечен БДП по глава на жител од околу 1 американски долар на ден, бројка што не се променила стотици години.
Со други зборови, додека Индустриската револуција доведе до раст во Западна Европа, Северна Америка, Океанија и во Јапонија, нејзиното влијание врз 85 проценти од населението коешто живееше на други места беше минимално. Луѓето во некои од овие земји живееле малку подобро во овој период отколку пред 1800 година, но не многу подобро. Ајде сега погледнете што се случуваше во изминатиов половина век. Од 1950 година, се појавува нешто како втора економска револуција, но овој пат таа се прошири низ целиот свет. За првпат во историјата и другиот дел од светот постигна одржлив економски раст и нивоа на доход многу над она неопходно за егзистенција. Последниот бран на зголемување на нивото на реалниот доход по глава на жител се случи најпрво во земјите во развој надвор од Супсахарска Африка, но во поново време, одржлив раст се случи дури и во овој регион. Како што е прикажано на сликата 5, реалниот БДП по глава на жител (коригиран за инфлацијата) на земјите во развој надвор од Супсахарска Африка се зголеми од 1.698 американски долари во 1960 година на 11.820 американски долари во 2018 година, што претставува огромно зголемување од 596 проценти. Ова зголемување што беше постигнато за само 58 години беше дури и поголемо од растот на БДП по глава на жител на Западот во текот на 130 години по 1820 година. Покрај тоа, во текот на периодот 2000–2018 година, БДП по глава на жител на земјите од Супсахарска Африка се зголеми за 67 проценти за само 18 години.(24)
По мрачниот период на почетокот на транзицијата, постсоцијалистичките земји и забележаа брз раст. Помеѓу 2002 и 2022 година, Азербејџан, Ерменија и Грузија забележаа извонреден економски раст, со зголемување на својот реален БДП по глава на жител над трипати. Навистина, само во 2022 година секоја од овие земји забележа стапки на раст од над 10 %. Во истиот период, и Казахстан, Монголија, Таџикистан и Узбекистан забележаа значителен напредок, а нивниот реален БДП по глава на жител се зголеми повеќе од двојно.(25)
Како што покажува историјата, економскиот раст не се случува автоматски. Кои се клучните извори на економскиот раст и напредокот на човекот? Зошто некои земји остваруваат раст и високо ниво на доходот, а други стагнираат? Како може да се објасни моделот на економски раст прикажан на сликата 5?
Современите економисти обелоденуваат дека институциите и политиките имаат големо влијание врз економскиот раст. Под институции подразбираме правила, закони и обичаи кои го регулираат однесувањето. Во овој дел ќе ги анализираме клучните институционални и политички фактори кои се наоѓаат во основата на процесот на економски раст и како тие доведуваат до разлики помеѓу нациите. Иако не постои единствена формула за економски раст, сега имаме прилично добра идеја за тоа што придонесува за економскиот раст.