Економија на здравиот разум

Елемент 3.8: Ограничување трансфери коишто ја намалуваат благосостојбата

Во текот на животот сфатив дека има две работи од кои луѓето, откако ќе ги добијат, не сакаат да се откажат... Едната е привилегии, а другата субвенции.

Кофи Анан
Cartoon of two scruffy men drinking in an empty bar. One says to the other: “You can collect for disability. I don’t know about inability.”
Можете да собирате за попреченост. Не знам за неспособност.

За неекономистите, трансферите на приходи изгледаат како ефикасен начин да им се помогне на целните корисници. Сепак, економската логика укажува дека трансферот на приходи кон група приматели за да се подобри нивната долгорочна благосостојба е мошне тежок процес. Како што честопати е случај во економијата, несаканите секундарни ефекти објаснуваат зошто е така тоа.(106)

Три главни фактора ја намалуваат ефективноста на трансферите на приходи. И додека процесот може да биде најочигледен во случај на директни трансфери на приходи, како што е социјалната помош, истите ефекти се постигнуваат и кога придобивките се трансфери во натура, како што е Индискиот систем за дистрибуција на храна, којшто обезбедува бесплатни или евтини основни прехранбени производи во вредност од милијарди долари за семејствата со ниски приходи секоја година. Навистина, субвенциите за производство, како што се земјоделски субвенции или грантови за корпорации, отвораат слични прашања.

Прво, зголемувањето на државните трансфери обично го намалува поттикот за заработка и на даночниот обврзник-донатор и на примачот на трансферот. Според многу програми за трансфер, како што се зголемува приходот на примачот така се намалува големината на трансферот бидејќи финансиската состојба на примачот се подобрила. Кога сиромашните работат напорно или добиваат подобри работни места, тоа честопати генерира даноци, коишто, всушност, се повисоки од оние на побогатите граѓани, што резултира со загуба на приходи. Според тоа, примачите имаат помал поттик да заработат бидејќи дополнителната заработка ќе ги зголеми нивните нето-приходи само за дел – а во многу случаи особено мал дел – од дополнителната заработка. Слично на тоа, како што се зголемуваат даноците за финансирање дополнителни трансфери, сите даночни обврзници имаат помал поттик да ги направат потребните жртви за производство и за заработка и имаат поголем поттик да инвестираат во даночни засолништа во обид да ги заштитат своите пари. Така, ниту примачите на трансфери ниту даночните обврзници воопшто нема да произведуваат и да заработуваат толку колку што тоа би се случило во отсуство на програмите за трансфер. Како резултат на тоа, ќе дојде до забавување на економскиот раст.

За да го видите негативниот ефект на речиси секоја политика за трансфер врз продуктивните активности, размислете за реакцијата на студентите ако професорот на почетокот на семестарот објави дека политиката на оценување ќе опфаќа прераспределба на освоените бодови на испитите, така што никој нема да добие помалку од оценка 3. Според овој план, студентите коишто добиле оценка 5 на испитите и постигнале најдобри резултати во групата ќе мораат да се откажат од значителен број поени за да го зголемат просекот на оние коишто инаку би добиле оценка 2 и оценка 1. Се разбира, и учениците со оценка 4 ќе треба да придонесат со дел од своите поени, иако не толку колку учениците со оценка 5, за да се постигне порамномерна распределба на оценките.

Дали некој воопшто се сомнева дека барем дел од студентите коишто би добиле оценка 5 и 4 ќе учат помалку кога нивниот дополнителен напор „се оданочува“ за да се поддржат другите? Згора на тоа, дали студентите коишто би добиле оценки 3 и 2 ќе учат помалку бидејќи казната што ја плаќаат за недоволно вложениот труд би била ублажена со трансфер на поени коишто не се заслужени. Истата логика важи дури и за оние кои би добиле оценка 1, иако веројатноста е дека секако не би учеле премногу. Очекувано, исходот ќе биде помалку учење, а целокупниот успех ќе се намали.

Влијанието на шемите за даночен трансфер ќе биде слично: помалку труд и пониски нивоа на вкупен доход. Доход не се случува сам од себе – тој е нешто коешто луѓето го произведуваат и го заработуваат. Луѓето заработуваат доход бидејќи обезбедуваат стоки и услуги за други луѓе коишто се подготвени да платат за нив. Можеме да го замислиме националниот доход како економска пита, чијашто големина зависи од постапките на милиони луѓе, од кои секој користи производство и трговија за да добие парче. Невозможно е да се прераспредели доход без истовремено да се намалат трудот и иновативните активности коишто создаваат доход.

Второ, конкуренцијата за трансфери ќе ги намали поголемиот дел од долгорочните добивки за предвидените корисници. Владите мораат да воспостават критериум за примање трансфери на приходи и за други политички услуги. Ако не го сторат тоа, трансферите веднаш ќе го испразнат буџетот. Општо земено, владата ќе бара од примачот на трансфер да поседува нешто, да прави нешто или да биде нешто. Два примера: примачот на паричен надоместок за невработеност мора да биде без работа; за да се квалификува за грант или за заем за мал бизнис, компанијата мора да има ограничен број вработени. Откако ќе се воспостави критериумот, многумина ќе го модифицираат своето однесување за да се квалификуваат за „бесплатни“ пари или за други владини услуги. Како што го прават тоа и како што вработуваат помалку работници или работат помалку за да се квалификуваат за трансферот, нивната нето-добивка од трансферите опаѓа. Постепеното укинување на правилата за трансфери, како што приходот се зголемува, всушност, наметнува многу висока даночна стапка на работата, значително намалувајќи го поттикот да се започне таквата работа и честопати да резултира со тоа што примачот не стекнува многу искуства на пазарот на трудот и си ги намалува шансите за добивање подобри работни понуди во иднина.

Размислете за следново: да претпоставиме дека германската влада одлучила да подарува банкнота од 100 евра помеѓу 9:00 и 17:00 часот секој работен ден на сите лица коишто се подготвени да чекаат на ред пред шалтерите на Министерството за финансии. Ќе се направат долги редици. Колку долги? Колку време би биле спремни луѓето да одвојат од слободното време и од нивните продуктивни активности за да чекаат на ред? Лице чиешто време вреди 15 евра на час би било подготвено да потроши околу шест часа чекајќи ја банкнотата од 100 евра. Други, пак, чиешто време вреди помалку, да речеме 10, 8 или 5 евра на час, ќе чекаат подолго – десет часа или повеќе. И секој од нив ќе согледа дека времето потрошено во чекање намалило голем дел од вредноста на трансферот од 100 евра. Ако предлагачите мислеле дека програмата ќе им ја подобри финансиската состојба на примателите за 100 евра, тогаш се лажеле.

Овој пример илустрира зошто на предвидените корисници на програмите за трансфер не им се помага толку колку што сметаат повеќетомина поддржувачи на таквите програми. Кога корисниците мораат да направат нешто (на пример, да чекаат на ред, да пополнуваат формулари, да лобираат кај владини службеници, да полагаат испит, да се соочат со одложувања или да придонесуваат во одредени политички кампањи) за да се квалификуваат за трансфер, голем дел од нивната потенцијална добивка ќе биде изгубена при нивниот обид да ги исполнат критериумите за квалификување. Слично на тоа, кога корисниците мораат нешто да поседуваат (на пример, земјиште со историја на производство на пченица за да добијат пристап до субвенции од програмата за пченица или лиценца за управување со такси-возило за да добијат субвенција), луѓето ќе ја зголемат цената на средството коешто е потребно за стекнување на субвенцијата. Повисоката цена на средството, како што е лиценцата за такси-превоз или земјиштето со историја на производство на пченица, ќе ја апсорбира вредноста на субвенцијата.

Во двата случаи, потенцијалните корисници ќе се натпреваруваат за исполнување на критериумите додека не се намали голем дел од вредноста на трансферот. Како резултат на тоа, нето-добивката на примачот генерално ќе биде значително помала од износот на исплата на трансферот. Всушност, нето-добивката на маргиналниот примач (лицето за кое и онака не е особено исплатливо да се квалификува за трансферот) ќе биде нула или блиску до нула.

Размислете за влијанието на субвенциите (грантови и евтини заеми) за студентите на колеџ во САД. Овие програми имаа за цел да го направат запишувањето на колеџ подостапно, но субвенциите ја зголемуваат побарувачката за упис на колеџ, што ги крева цените на школарината. Извештајот од 2017 година на Банката на федерални резерви на Њујорк покажа дека околу 60 проценти од порастот на трансферите кон студенти се рефлектираат во зголемените школарини. Со други зборови, при секое зголемување на студентските субвенции за 3 долари, колеџите и универзитетите ја зголемуваа школарината за речиси 2 долари.(107) Не е случајно тоа дека како што програмите за помош на грантови и заеми за студенти значително се зголемуваа од 1990 година, така школарината и другите трошоци поврзани со колеџот се зголемуваа многу побрзо од општото ниво на цените.(108) Понатаму, програмите за субвенционирање доведоа до наплив на студенти коишто влегуваат на пазарот на труд, што ги намали нивните можности за вработување, како и нивната идна заработка, отежнувајќи им ја можноста за враќање на нивните заеми. Кога ќе се земат предвид секундарните ефекти – повисоки трошоци за колеџ и помалку атрактивни можности за вработување – нето-придобивките за студентите можат да бидат значително помали од трансферите. Во посткомунистичките транзициски земји, брзата експанзија, во комбинација со низок квалитет и со ирелевантност (во многу области) на универзитетското образование, резултираше со сериозен проблем на „прекумерна квалификуваност“ каде што дипломираните студенти завршуваат на работно место за кое не им е потребно универзитетско образование. Многумина такви дипломирани студенти остануваат заглибени во нискоквалификувани работни места години по завршувањето на школувањето.(109)

Програмите за трансфер можат дури и да ја влошат финансиската состојба на предвидените корисници. Законот за рурални населби на САД од 1862 година го илустрира ова тврдење. Според оваа легислатива, федералната влада им обезбедувала парцела од околу 65 хектари, којашто подоцна се зголемила до 240 хектари во одредени области од Западот, на доселениците коишто побарале земјиште, изградиле куќа на земјиштето и останале таму пет години. Оваа опција била привлечна за многумина, но не било лесно да се преживее во тие рани години на Западот, дури и со 65 хектари. Така, повеќе од 60 проценти од побараните земјишта биле напуштени пред да поминат петте години.(110) Во суштина, оваа програма за трансфер ги поттикнала луѓето да го населат земјиштето пред таквата постапка да стане економски исплатлива и, како резултат на тоа, многумина од сточарите претрпеле сериозни финансиски загуби.

Во денешниот свет, проблемот со бездомништвото е јасен показател за влијанието на стимулациите генерирани од субвенциите. Во Њујорк, на пример, огромното мнозинство бездомници спијат во градско или во приватно засолниште, а не на улица. Многумина можеби имаат вистински ментални проблеми или проблеми со зависност, но многумина и едноставно реагираат на стимулациите коишто ги добиваат. Ако моментално не сте бездомник, времето на чекање за да се добијат евтини владини станови во Њујорк е повеќе од 15 години, но ако сте бездомник, тоа се намалува на само неколку месеци. Можете ли да го забележите поттикот овде? Можеби оптималната опција за некој којшто не се согласува со своите родители е да се пресели во засолниште и да стане „бездомник“ за да скокне на чело на редот за бенефиции за домување. Може само да се замисли можниот негативен секундарен ефект. Повторно го согледуваме фундаменталниот концепт на економијата, „Поттикнувачките механизми се важни!“

Слично, но можеби помалку драматично, како што беше дискутирано во Делот 2, Елементот 2.4, прописите на американската влада предвидени да го олеснат поседувањето свој дом, ги поттикнаа заемодавачите да им даваат заеми на купувачите на станови со малку или без авансно плаќање, коишто инаку не би можеле да се квалификуваат за конвенционални хипотеки. Влијанието на овие регулаторни субвенции беше многу слично на оние на Законот за рурални населби: високи стапки на неисполнување на обврските, запленувања и финансиски проблеми за многумина од предвидените корисници.

Третата причина за неефективноста на трансферите е тоа што програмите за трансфер ги намалуваат негативните последици со кои се соочуваат оние коишто донесуваат непромислени одлуки, намалувајќи ја нивната мотивација да ги избегнат неволјите. На пример, владините субвенции за премии за осигурување во области подложни на урагани ги намалуваат личните трошоци за поединците коишто се штитат од загуби. Сепак, ова доведува до реперкусии и за самото општество. Бидејќи купувањето осигурување е поевтино со субвенција, повеќемина ќе градат во области подложни на урагани отколку што тоа би се случувало ако треба да ја платат целата цена. Како резултат на тоа, санирањето на штетите од ураганите е поголемо отколку што инаку би било случај.

Слично е влијанието и на надоместокот за невработеност. Поради бенефициите коишто ги добиваат, невработените не ретко ги одбиваат постоечките работни понуди и продолжуваат да бараат подобри работни места. Ова, доведува до продолжување на времето за активно барање работа и со тоа зголемување на стапката на невработеност.(111) Кога беше објавена Војната против сиромаштијата во САД во средината на 1960-тите, претседателот Линдон Џонсон и другите поддржувачи од програмата тврдеа дека сиромаштијата може да се елиминира само ако Американците се подготвени да пренесат малку повеќе од своите доход на помалку среќните членови на општеството. Тие го прифатија овој повик и програмите за трансфер на приходи значително се проширија. Мерено како дел од вкупниот приход, трансферите насочени кон сиромашните или кон речиси сиромашните (на пример, помош за семејства со деца коишто зависат од своите родители, бонови за храна и Медикеид) се удвоија во периодот 1965-1975 година. Од 1975 година, трансферите на приходи против сиромаштијата продолжија да растат како дел од националниот доход.

Без сомнение, предлагачите на програмите „Војна против сиромаштијата“ беа мотивирани од благородни цели. Како што нагласивме, сепак, добрите намери не го гарантираат посакуваниот исход. Како што е прикажано на сликата 24, стапката на сиромаштија рапидно опаѓаше пред Војната против сиромаштијата. Уделот на сиромашни семејствата се намали од 32 проценти во 1947 година на 13,9 проценти во 1965 година. Надолниот тренд продолжи уште неколку години, достигнувајќи 10,1 проценти во 1970 година. Кон крајот на 1960-тите, само неколку години по започнувањето на трансферите од Војната против сиромаштијата, трендот на опаѓање на стапката на сиромаштија запре. Од 1970 година, стапката на сиромаштија на семејствата варира во релативно тесен опсег помеѓу 8 и 12 проценти. Стапката на сиромаштија беше 11,8 проценти во 2010 година, а до 2020 година, непосредно пред пандемијата, таа се намали на приближно 9 проценти. Овие стапки се само малку пониски од бројката кога започнаа програмите „Војна против сиромаштијата“. Имајќи предвид дека приходот по лице во 2020 година, приспособен за инфлацијата, беше два и пол пати поголем од нивото од доцните 1960-ти, овој недостаток на напредок во намалувањето на сиромаштијата е запрепастувачки.

Слика 24: Процент на семејства под стапката на сиромаштија во САД
A bar chart displaying poverty levels and welfare spending per person in poverty in the United States from 1967 to 2017. Values are in 2017 dollars. Despite a nine-fold increase in welfare payments over that time, poverty levels have remained more or less constant at an average 15% of the population.

Извор: U.S. Census Bureau, Current Population Survey, Annual Social and Economic Supplements, 1960 to 2022 (CPS ASEC).

Пресметката на официјалната стапка на сиромаштија не ги вклучува непаричните бенефиции како што се оние за храна, здравствена заштита и за домување. Ако непаричните бенефиции се сметаат како доход, стапката на семејна сиромаштија би била за околу 3 процентни поени пониска, но образецот сè уште е ист како оној на сликата 24. Кога непаричните бенефиции се сметаат како доход, стапката на сиромашни семејства во 2015 година сè уште е речиси иста како во 1970 година.

Зошто програмите за трансфери против сиромаштијата не беа поефикасни? Трансферите генерираат три ненамерни секундарни ефекта коишто го забавуваат успехот на борбата против сиромаштијата.

Прво, трансферите поврзани со доходот го намалуваат поттикот на поединците со ниски доходи да заработуваат, да се движат нагоре по скалата на доходите и да избегаат од сиромаштијата. Постојат повеќе од 75 владини програми за проверка на доходите во САД (на пример, додатоци во исхраната, Медикејд, субвенции за домување, училишни ручеци и детско здравствено осигурување) коишто се насочени да им обезбедат помош на сиромашните. Придобивките од повеќето од овие програми се намалуваат и на крајот се елиминираат како што се зголемуваат доходите на примачите. Како резултат на тоа, многумина корисници со ниски доходи се фатени во стапицата на сиромаштијата. Ако заработуваат повеќе, комбинацијата од дополнителните даноци коишто ги должат и изгубените трансфери значи дека ќе можат да задржат само 10, 20 или 30 проценти од дополнителната заработка. Во некои случаи, дополнителната заработка може дури и да го намали нето-доходот на примачот. Оваа стапица на сиромаштија го намалува поттикот за многумина корисници со ниски доходи да работат, да заработат повеќе, да стекнуваат искуство и да се искачуваат на скалата на работни места. Во 2018 година, ОЕЦД објави дека изгубените бенефиции како резултат на зголемената заработка изнесуваат 93 отсто од минималната плата за работниците во Чешка и 92 отсто од оваа плата во Хртватска.(112) Во некои случаи, дополнителната заработка може дури и да го намали нето-доходот на примачот. Така, стапката на сиромаштија значително го намалува поттикот за многумина корисници со ниски доходи да работат, да заработуваат повеќе, да стекнуваат искуство и да се искачуваат на скалата на работни места. Во голема мера, трансферите само го заменуваат доходот што инаку би бил стекнат и, како резултат на тоа, нето-добивките на сиромашните се мали – многу помалку отколку што сугерира трошењето за трансфери.

Нема ништо ново во ова согледување. Набљудувајќи ги англиските закони за сиромашните во 1835 година, францускиот политички филозоф и економист, Алексис де Токвил напиша во Мемоарите за сиромаштијата:

Човекот, како и сите општествено организирани суштества, има природна страст за безделничење. Меѓутоа, постојат два мотива за работа: потребата за живеење и желбата да се подобрат условите за живот... Секоја мерка којашто воспоставува законско милосрдие на трајна основа и му дава административна форма создава неактивна и мрзлива класа, којашто живее на трошок на индустриската и на работничката класа.(113)

Cartoon of a shirtless man, wearing shorts and sunglasses on his head, holding a surfboard and standing in front of the unemployment office counter. The woman behind the counter is holding a piece of paper and says to the man: “Somehow, Mr. Weber, I don’t think you’re putting a concerted effort into finding a job.”
Невработеност.
Некако, господине Вебер, мислам дека не вложувате напори за да најдете работа.

Второ, програмите за трансфер коишто значително ги намалуваат тешкотиите на сиромаштијата, ги намалуваат и опортунитетните трошоци за ризични избори. Напуштањето на училиштето или воздржаноста да се биде дел од работната сила, раѓањето деца од тинејџери и од немажени жени, разводот, напуштањето на децата од татковците и користењето дрога честопати доведуваат до сиромаштија. Бидејќи сѐ повеќе луѓе ги избираат овие високоризични опции, многу е тешко да се намали стапката на сиромаштија. Стапката на сиромаштија на домаќинствата со еден родител значително е поголема од онаа на домаќинствата со двајца родители. Во Чешка, на пример, 9,7 проценти од општото население живеело под прагот на сиромаштија во 2017 година, додека 37 проценти од луѓето во домаќинствата со самохрани мајки или татковци биле под оваа линија. Во Белорусија во 2013 година стапката на сиромаштија кај домаќинствата со еден родител била 17 проценти во споредба со 11 проценти за општата популација. Изабел Сохил и Рон Хаскинс од Институтот Брукингс пронајдоа докази дека едно лице може да ги намали шансите да живее во сиромаштија од 12 процента на 2 процента со само три основни работи: завршување средно училиште (како минимум), работа со полно работно време и стапување во брак пред да се добие дете.(114) Кога младите ги избираат овие опции, малку е веројатно дека ќе поминат некое значително време во сиромаштија. Ова е витално важна точка за која воспитувачите, родителите, старателите и другите треба да разговараат со младите луѓе, од кои многумина ги носат овие суштински животни одлуки.

Трето, владините трансфери против сиромаштијата ги истиснуваат приватните добротворни напори. Кога луѓето сфаќаат дека владата се грижи за сиромашните, акциите на семејствата, црквите и на граѓанските организации стануваат понеургентни. Кога се наплаќаат даноци и кога владата е поактивна, очекувано, приватните поединци и групи стануваат понеактивни. Сепак, приватните даватели на помош имаат реални предности во однос на владините трансфери. Тие се типично локални, па затоа појасно ја гледаат вистинската природа на проблемите, честопати се почувствителни на животниот стил на примачите и обично помагаат на оние коишто искрено се трудат да си помогнат себеси.

Според зборовите на Спенсер Кокс, гувернер на сојузната држава Јута:

„Не ни треба поголема влада. Ни требаат поголеми луѓе. Ова е вистинскиот модел за високофункционално општество. Потребно е нашите најдобри луѓе редовно да бидат вклучени во нашите најпогодени заедници. Од докторот којшто предава писменост во основно училиште, па се до студентот којшто еднаш седмично волонтира во банката за храна, здравјето на општеството го одредуваат внатрешните сили во таа заедница.“

Од економска гледна точка, слабите резултати на програмите за трансфер, коишто се движат од поддршка на цените на фармите до програми за борба против сиромаштијата, не се изненадувачки. Кога ќе се земат предвид секундарните ефекти, економската анализа покажува дека исклучително е тешко да се помогне на предвидените корисници на долг рок.