Економија на здравиот разум

Елемент 1.7: Профитот е водич кон продуктивноста.

Профитот не е крајната цел на менаџментот – тој го овозможува остварувањето на крајните цели.

Дејвид Пакард

Бизнисите купуваат (или изнајмуваат) природни ресурси, работна сила, капитал (машини, алатки и други средства за производство) и претприемачки таленти. Овие ресурси за производство потоа се трансформираат во стоки и во услуги кои им се продаваат на купувачите. Во пазарна економија, производителите мора да дадат конкурентна понуда за ресурсите во однос на нивните алтернативни намени, бидејќи сопствениците на ресурсите ќе ги нудат само по цени што се барем еднакви на оние што би можеле да ги постигнат на друго место. Плаќањата потребни за давање конкурентна понуда за ресурсите во однос на нивните други потенцијални примени се опортунитетни трошоци на производителот за нудење одреден производ или одредена услуга.

Постои важна разлика помеѓу опортунитетните трошоци за производство и стандардните сметководствени мерења на трошоците на компанијата. Сметководителите се фокусираат на пресметката на нето-профитот на фирмата, којшто е малку поразличен од економскиот профит бидејќи не го зема предвид опортунитетниот трошок на средствата во сопственост на фирмата. Економистите го земаат предвид фактот дека средствата можат да се користат на алтернативни начини. Сметководителите, исто така, не ја земаат предвид вредноста на времето и на напорите коишто сопствениците ги вложуваат во својот бизнис над она што им се плаќа како плата.

Иако сметководителите не ги земаат превид овие опортунитетни трошоци, економистите ги земаат предвид.(9) Месарката на аголот од улицата може да ја затвори својата продавница и да ја изнајми на некоја друга компанија. Таа може да се вработи и во локалниот супермаркет. И двете овие можности претставуваат реални трошоци за да се остане месар. Како резултат на тоа, нето-добивката на фирмата ќе го прецени профитот, во споредба со мерењата од економистот. Доколку овие опортунитетни трошоци не се опфатени, профитот на крајот ќе се намали и ресурсите ќе се префрлат на други продуктивни активности.

Профитот на фирмата може да се пресмета на следниов начин:

Профит = Вкупни приходи – Вкупни трошоци

Вкупните приходи на фирмата се производ од продажната цена на сите продадени стоки (P) и количината (Q) на сите продадени стоки. За да заработи профит, фирмата мора да оствари повеќе приходи од продажбата на својот производ во споредба со опортунитетните трошоци на ресурсите што се потребни за неговото производство. Така, фирмата ќе заработи профит само ако е способна да произведе производи или услуги коишто потрошувачите ги ценат повеќе од трошокот за ресурсите што се потребни за нивното производство.

Потрошувачите нема да купат некој производ освен ако неговата вредност е иста или поголема од неговата цена. Ако потрошувачите се спремни да платат повеќе од трошоците за производство, тогаш одлуката на производителот да даде конкурентна понуда за ресурсите во однос на нивната алтернативна употреба е профитабилна. Профитот е награда за трансформирање на ресурсите во нешто со поголема вредност од трошоците.

Лицата коишто ги носат деловните одлуки ќе се трудат да произведат стоки и услуги коишто ќе генерираат профит. Од друга страна, работите не излегуваат секогаш онака како што се очекува. Понекогаш компаниите не можат да ги продадат своите производи по цени коишто ги покриваат трошоците. Загуби се јавуваат кога вкупниот приход од продажбата е помал од опортунитетниот трошок на ресурсите коишто се користат за производство на одредени стоки или услуги. Загубите се еден вид казна за фирмите кога произведуваат стоки и услуги коишто за купувачите имаат вредност која е помала од ресурсите кои се потребни за нивното производство. Загубите укажуваат на тоа дека ресурсите би биле подобро искористени за производство на други добра или услуги.

Да претпоставиме дека во Бугарија (каде што валутата е бугарскиот лев – BGN), производителот на кошули го чини 20.000 лева месечно да изнајми објект, да ги изнајми потребните машини и да обезбеди работна сила, ткаенина, копчиња и други материјали што се потребни за производство и за пласман на илјада кошули месечно. Ако фирмата ги продаде тие илјада кошули по 22 лева, месечниот приход изнесува 22.000 лева. Профитот е 2.000 лева. Производителот создал богатство за себе и за купувачот.. Со нивната подготвеност да платат повеќе од трошоците за производство, потрошувачите покажуваат дека ги вреднуваат кошулите повеќе од ресурсите што се потребни за нивното производство. Профитот на фирмата е награда за зголемувањето на вредноста на ресурсите преку нивно трансформирање во производ со поголема вредност.

Од друга страна, ако побарувачката за кошули се намали и истите можат да се продадат само за 17 лева, тогаш производителот ќе заработи 17.000 лева, со загуба од 3.000 лева месечно. Оваа загуба се јавува затоа што активностите на производителот ја намалиле вредноста на искористените ресурси. Кошулите, – финалниот производ, – биле помалку вредни за потрошувачите од вредноста на другите добра коишто можеле да се произведат со истите ресурси. Не велиме дека купувачите свесно знаат дека ресурсите што биле користени за изработка на кошулите би биле повредни доколку се претворат во некој друг производ. Сепак, нивните комбинирани избори и цените коишто тие се подготвени да ги платат обезбедуваат вредни информации за производителот, притоа создавајќи поттик за преземање чекори за намалување на загубата. Во примерот даден погоре, производителот бил на некој начин „изненаден“ од неочекувано ниската цена на неговите кошули. Поради оваа причина, производителите вообичаено трошат големи износи пари и многу труд обидувајќи се да ја предвидат побарувачката за своите производи, а со тоа создаваат голем број работни места за економисти, како и за кројачи.

Во пазарната економија, загубите и деловните неуспеси делуваат во насока на спречување на неефикасните активности – како што е производството на кошули коишто се продаваат по цена што е пониска од трошокот за нивно производство. Загубите и деловните неуспеси ќе ги пренасочат ресурсите кон производство на други стоки кои се повисоко вреднувани. Според тоа, иако деловните неуспеси честопати силно ги погодуваат сопствениците, инвеститорите и вработените, сепак, постои и позитивна страна. Тие ослободуваат ресурси коишто можат да бидат насочени кон активности за создавање богатство.

За народот на една земја ќе биде подобро ако со ресурсите – достапното земјиште, објектите, работната сила и претприемачкиот талент – се произведуваат вредни производи и услуги. Во секој момент, може да се преземе бескрајна низа инвестициски активности. Некои од овие инвестиции ќе ја зголемат вредноста на ресурсите преку нивна трансформација во добра и во услуги коишто потрошувачите ги ценат повеќе од трошокот за нивно создавање. Тие ќе го поттикнат економскиот напредок. Други инвестиции ќе ја намалат вредноста на ресурсите и ќе го забават економскиот напредок. Ако сакаме да бидеме мудри чувари на расположливите ресурси, активностите што ја зголемуваат вредноста мора да се охрабруваат, додека оние што ги користат ресурсите помалку продуктивно (неефикасно) мора да се обесхрабрат. Токму тоа го прават профитот и загубата.

Живееме во свет на променливи вкусови и на технологија, променливи владини политики, несовршено знаење и неизвесност. Сопствениците на бизниси не можат со сигурност да ја знаат иднината на пазарните цени или на трошоците за производство. Нивните одлуки се засноваат на очекувања. Како студент, оваа година можете да потрошите многу повеќе за школарина и за книги отколку што би можеле да заработите сега од работата од која се откажувате за да студирате. Ова го правите затоа што очекувате наградата да се зголеми во иднина.

Истражувач (најчесто фирма) со идеја за нов револуционерен лек за лекување рак може да потроши стотици милиони долари пред да оствари каква било продажба. Од друга страна, доколку владата не ги регулира цените на начин што го спречува повратот на овие однапред направени трошоци, инвестицијата во новиот лек ќе се реализира. Сосема е јасна структурата на принципот награда-казна на пазарната економија. Ако размислите добро, прашањето за откривање лекови е интересно. Продажбата на лекот којшто се покажал како делотворен, исто така, мора да ги поврати сите пари кои биле вложени во оние лекови коишто небиле успешни. Таблета што се продава за илјадници долари всушност може да чини само неколку пени за да се произведе откако ќе ги помине сите тестови за да стигне на пазарот. Многу развиени земји забрануваат увоз на лекови од странство, не затоа што мислат дека не се безбедни, туку почесто (иако тоа не им го кажуваат на купувачите) како еден вид „странска помош“ со која лековите коишто спасуваат живот може да им се продаваат на граѓаните во земјите во развој по цена блиску до нивните производни трошоци, додека здравствениот систем во развиената земја ги сноси трошоците за развој.

Претприемачите коишто произведуваат ефикасно и коишто правилно ги предвидуваат стоките и услугите што привлекуваат купувачи што ги купуваат по цени што се повисоки од нивните производствени трошоци, ќе просперираат. Оние што не го прават тоа, ќе се соочат со огромно тешкотии да опстојат на пазарот. Претприемништво и сопственост на бизнисот не се синоними. Постои склоност да се мисли дека претприемачите секогаш се сопственици на фирма, но тоа не е нужно така. Сопствениците, особено големите корпорации со многу акционери, честопати ангажираат претприемачи коишто ги обезбедуваат стратегијата и насоката на фирмата. Слично на тоа, претприемачите честопати бараат инвеститори коишто обезбедуваат финансиски капитал во форма на сопственички акции, иако претприемачот ќе ја одреди насоката на бизнисот.

Претприемништвото обично вклучува високо ниво на финансиски ризик. Некои го критикуваат фактот дека деловните неуспеси можат да одат рака под рака со пазарниот процес. Сопствениците на бизниси коишто неефикасно ги алоцираат ресурсите, во области во кои побарувачката е таква што фирмата не може да ги покрие своите трошоци, ќе се соочат со загуби, со финансиски тешкотии и, доколку не се прилагодат, на крајот ќе пропаднат. Размислете за момент како однесувањето на ова приватно претпријатие се разликува од она на владите коишто, како што ќе видиме во продолжение, можат да ги принудат потрошувачите (даночните обврзници) да купуваат услуги на коишто им придаваат мала вредност.

Интересно е тоа што многумина претприемачи коишто првично се соочуваат со тешкотии или не се многу успешни, на крајот, сепак, постигнуваат значителен успех. На пример, откако ја напушти Епл (Apple) во 1985 година, Стив Џобс ја основа Некст (NeXT), фирмата за којашто тој мислеше дека ќе ја произведува следната генерација персонални компјутери. Откако Епл (Apple) претрпе тригодишен период на сериозни финансиски загуби и пад на цените на акциите во 1990-тите, ја купи Некст (NeXT) и го врати Стив Џобс во 1997 година. Набргу потоа, тој ја реорганизираше Епл (Apple) и ги воведе iPhone, iPad, како и многу други иновативни, високо профитабилни производи и услуги коишто продолжија да остаруваат спектакуларен успех на пазарот.

Главната поента е јасна: профитот ги насочува инвестициите кон продуктивни проекти коишто поттикнуваат економски напредок, додека загубите ги канализираат ресурсите подалеку од проектите коишто се неефикасни. Ова е функција од витално значење. Економиите коишто не успеваат во извршувањето на оваа функција речиси со сигурност ќе стагнираат или дури ќе забележат пад на економската активност.