Елемент 2.3: Разумна и ограничена регулација
Ако подготвите 10.000 регулативи, ја уништувате целокупната поддршка за законот.
Владината регулација изгледа како лесен начин за постигнување различни цели, како што се ниска невработеност, повисоки плати за нискоквалификуваните работници или отстранување производи со низок квалитет од пазарот. Меѓутоа, кога размислуваме за тоа што може да се постигне со регулацијата, важно е да се имаат предвид три работи.
Прво, конкуренцијата е одличен регулатор. Отворените, конкурентни пазари ги стимулираат поединците и бизнисите да нудат стоки и услуги што се ценети од потрошувачите бидејќи тоа е извор на повисоки приходи. Во вакви услови, обично малку е веројатно дека регулацијата ќе ја подобри ситуацијата.
Второ, регулацијата генерира секундарни ефекти коишто честопати се расипнички и спротивни на планираните цели. Во многу случаи, секундарните ефекти директно се спротивни на целите што ги наведуваат нејзините поддржувачи.
На пример, во средината на 1980-тите, на царинските службеници во Гватемала им беше дозволено да се откажат од царините доколку сметаат дека тоа е од „национален интерес“. Таквото законодавство е отворена покана за владините службеници да бараат мито. Тоа создава регулаторна несигурност и ја прави деловната активност поскапа и помалку привлечна, особено за чесните луѓе.
Видео:
Трето, регулацијата e одраз на политичкиот процес којшто генерално ги фаворизира интересите на деловните и на другите групи коишто многу подобро се организирани од потрошувачите, даночните обврзници и од пошироката јавност. Иако поддржувачите на регулациите честопати тврдат дека се стремат да постигнат некоја благородна цел, вистината е дека тие речиси секогаш се обидуваат да го искористат политичкиот процес за да добијат нешто на сметка на другите.
Сите овие согледувања се предмет на едно големo предупредување. Општо земено, зборувавме за економските трансакции како да се одвиваат помеѓу купувач и продавач при што секој од нив работи најдобро за својот интерес. Но, што ако она што јас го купувам од вас влијае на некој друг кој воопшто не знае дека разговараме за оваа трансакција? Овие ефекти се нарекуваат екстерналии.
Екстерналиите може да бидат или позитивни или негативни. Ако мојот колега се вакцинира против Ковид, помала е веројатноста да се разболам. Тоа е пример за позитивни екстерналии, односно позитивна нус појава од вакцинацијата. Ако кучето на мојот сосед лае цела ноќ, а јас не можам да спијам тоа е негативна екстерналија. Екстерналиите креираат сложен проблем за општествата. Економистот Роналд Коуз утврди дека во многу случаи ништо не треба да се направи. Ова е малку сложен аргумент, но е добар пример за моќта на економската логика. Да се вратиме на примерот со кучето што лае. Вклучени се две лица, мојата сосетка која го сака своето куче и јас, кој сакам да спијам. Доколку пазарот е слободен, конфликтот можеме да го решиме меѓу нас. Доколку таа го цени лаењето повеќе отколку што јас го ценам мојот сон, може да ми плати (пари) за да го трпам или може да оди да ми купи тампони за уши. Ако јас го ценам својот сон повеќе отколку што таа го цени лаењето на нејзиното куче, важи обратната логика. Можам да ѝ платам за да го спречи нејзиното куче да лае (можеби со маска за кучиња).
Оваа теорема на Коуз функционира само во ограничени ситуации. Покомплексните ситуации доведуваат до потреба од утврдување ограничена владина регулација, обично кога од секоја страна се засегнати толку многу луѓе што надминувањето на тешкотиите за соработка се покажува како невозможно. Да речеме дека граѓаните на една земја се спремни, заедно, да платат одреден износ за да натераат некоја фабрика да го намали загадувањето на воздухот. Проблемот е: „како да ги организирате сите нив да го направат тоа и да ги спречите измамниците кои велат „па добро, ако сите други придонесуваат, мојот маргинален придонес нема да е важен толку!“
Во такви случаи може да има потреба од колективно (т.е. владино) дејствување. Во идеален свет, во колективното претставување на граѓаните владите точно би ги процениле трошоците и придобивките за справување со проблеми од големи размери, како што е загадувањето. Сепак, дури и во вакви ситуации, повеќемина економисти се залагаат за одредување на цените за секоја единица на загадување („негативни екстерналиии“) наместо донесување правила. Логиката е очигледна. Штом ќе се одреди цената, да речеме едно евро на тон, фабриките можат сами да одлучат дали е поевтино да ги исчистат своите емисии или да ја платат цената. Ако утврдената цена не го постигне посакуваниот резултат, таа лесно може да се зголеми или да се намали. Максимизирањето на профитот го завршува најголемиот дел од работата.
Сега размислете за алтернатива. Можеби регулаторот ќе одлучи колку загадување може да направи секоја фабрика. Како регулаторот би можел да знае на кои фабрики ќе им биде најлесно да го исчистат своето производство? Без огромните количини информации што се скриени на пазарот, неизбежно е да дојде до појава на неефикасности.
Повеќето регулации со коишто сме запознаени создаваат повеќе проблеми отколку што ги решаваат. Размислете за влијанието на регулациите коишто го ограничуваат влезот на пазарите. Многу земји наметнуваат регулативи коишто ги отежнуваат влезот и конкуренцијата во различни бизниси и занимања. Во тие земји, доколку сакате да започнете бизнис или да обезбедувате услуги, мора да добиете лиценца, да пополните формулари, да добиете дозвола од различни бироа, да покажете дека сте квалификувани, да покажете дека имате доволно финансиски средства и да исполнувате разни други регулаторни барања. Некои службеници може да ја одбијат вашата апликација доколку не сте спремни да дадете политички придонес или да платите поткуп. Честопати, добро етаблираните и политички влијателните бизниси против кои би се натпреварувале можат успешно да се спротивстават на вашата апликација.
Ернандо де Сото, во својата извонредна книга „Мистеријата на капиталот“ (The Mystery of Capital), известува дека во раните 2000-ти во Лима, Перу, на тим од луѓе кои работеле по 6 часа дневно му биле потребни 289 дена за да ги исполни регулативите за легално отворање мал бизнис за производство на облека. Во една претходна книга, „Другата патека“ (The Other Path), тој открива дека во текот на тој процес биле побарани десет мита и дека било неопходно да се платат две од бараните мита за да се добие дозвола за легално работење.(36)
Во 2020 година, Светска банка го објави извештајот „Водење бизнис“ (Doing Business) за водење бизнис во различни земји ширум светот(37) во којшто беше наведено дека глобалното просечно време за отворање бизнис е намалено од 52 дена во 2003 година на 20 дена во 2019 година. Драматично подобрување на потребното време беше забележано во земјите на сите нивоа на доход и во сите региони во светот, освен во Северна Америка каде што се намали од веќе ниските 3,5 дена во 2003 година на 2,85 дена во 2019 година. На последното место на табелата, што воопшто не е изненадување, се наоѓа Венецуела, каде што за легално отворање бизнис се потребни 230 дена. Најдобро рангирани беа Нов Зеланд и Грузија, каде што процесот може да се заврши за половина ден. Меѓу посткомунистичките земји, најдолгото време за отворање бизнис беше во Босна и Херцеговина, каде што беа потребни 80 дена. Посткомунистичките земји всушност направија голем напредок во олеснувањето на отворањето бизниси, што во просек во регионот траеше околу 14 дена во споредба со 23 дена во Источна Азија и Пацификот и 28 дена во Латинска Америка и на Карибите во 2019 година.(38)
Покрај тоа, кога владите ќе наметнат регулативи коишто го ограничуваат влезот на пазарот, постоечките бизниси ќе се залагаат за дополнителни регулативи што ќе го отежнат влезот на потенцијалните конкуренти на пазарот. Од друга страна, ова намалување на конкуренцијата ќе доведе до повисоки цени и до поголеми профити за фаворизираните фирми. Исто така, ќе ја намали продуктивноста бидејќи бизнисите трошат повеќе време и пари барајќи услуги од владата (на пример, лобирање пред политичките носители на одлуки), а помалку време за производство на стоки и на услуги што луѓето ги ценат. Како резултат на тоа, потрошувачите се оштетени и вкупното производство паѓа под неговиот потенцијал.
Регулативите коишто се мешаат во доброволната размена општо земено ги намалуваат придобивките од трговијата, претприемачкиот потфат и од социјалната соработка. Контролата на цените, задолжителните активности и тарифите се примери за тоа. Размислете како контролата на цените влијае врз користа од трговијата. Кога цената на стоката или на услугата е утврдена над нормалното пазарно ниво, купувачите ќе купат помалку единици отколку што инаку би купиле. Ова го намалува обемот на взаемно поволни размени, намалувајќи ја трговијата. Од друга страна, кога цените се утврдени под пазарното ниво, продавачите ќе ја намалат количината што се подготвени да ја понудат, предизвикувајќи намалување и на бројот на размени и на користа од трговијата. Без разлика на тоа дали се утврдени над или под пазарното ниво, контролата на цените ќе ги намали обемот на трговијата и добивките од производството и од размената.
Видео:
Mинималната плата е можеби една од најчестите контроли на цените ширум светот. Минималната плата воспоставува минимална цена која ја подигнува саатницата на некои работници (и работни места) над пазарното ниво. Минималните плати се жешка тема во многу европски земји. Практиките на утврдување минимална плата во европските земји значително се разликуваат, одразувајќи ги различните економски услови, структурите на пазарот на трудот и социјалните политики низ целиот континент. Почнувајќи од јануари 2024 година има големи варијации во минималните месечни плати во земјите членки на ЕУ, почнувајќи од 477 евра во Бугарија и достигнувајќи до 2.571 евра во Луксембург.(39) Во посткомунистичките земји што не се членки на ЕУ тие генерално се пониски дури и во 2024 година, и изнесуваат 376 евра месечно за лице во Албанија и 173 евра во Казахстан, што сепак е високо, во однос на нивоата на продуктивност на најниско квалификуваните работници.
Задолжителните повисоки плати изгледаат како лесен начин да им се помогне на нискоквалификуваните работници, но има секундарни ефекти. Како што укажува основниот постулат на економијата, повисока минимална плата ќе значи помало вработување на нискоквалификувани работници. Има одредена контроверзија за големината на намалувањето на вработеноста, но тежината на емпириските докази укажува дека секое зголемување на минималната плата од 10 проценти ќе ја намали вработеноста на засегнатите работници помеѓу 1 и 3 проценти.(40) Покрај тоа, ќе има и други несакани секундарни ефекти.
Работодавците ќе преземат чекори за да ги контролираат или да ги компензираат своите повисоки трошоци за плати. Таквите чекори ќе вклучуваат помалку можности за обука за нискоквалификуваните работници, полош распоред за работа и помали дополнителни придобивки. Освен тоа, повисоката минимална плата ќе ја зголеми заработката на некои работници до нивоа каде што тие ја губат својата подобност да добиваат храна, здравствена заштита и други бенефиции за трансфер, што значи дека нивните доходи по оданочување и трансферите ќе се зголемат помалку, а понекогаш и значително помалку од зголемувањето на минималната плата.(41)
Во суштина, минималната плата забранува вработување на лица чијашто продуктивност е помала од минималната – односно, чијшто резултат не ја оправдува исплатата на минималната плата. Дали е ова добра идеја? Дали навистина сакаме да им ја ускратиме можноста на лицата чијашто продуктивност е помала од минималната плата воопшто да работат? Токму тоа го прават минималните плати.
За да се видат јасно штетните влијанија од минималните плати, треба да се сфати дека овие ефекти не се навистина претставени преку бројот на невработени лица. За разлика од она што многумина претпоставуваат, официјалната статистика во повеќето земји не бара лицето да работи, туку активно да бара работа. Некој што не работи затоа што минималната плата бара тој да биде платен повеќе од неговата продуктивност не се нарекува „невработен“. Наместо тоа, лицето се нарекува обесхрабрен работник. Поддржувачите на повисока минимална плата честопати тврдат дека таа ќе ја намали стапката на сиромаштија со зголемување на доходот на сиромашните работници. На прв поглед, ова изгледа точно, но деталното истражување на податоците покажува дека тоа е многу дискутабилно. Постојат три главни причини зошто тоа е така.
Прво, огромното мнозинство на лица кои добиваат минимална плата не живеат во сиромаштија. Во САД околу 80 проценти од вработените со минимална плата се членови на домаќинства со доход над нивото на сиромаштија; една третина живеат во домаќинства со натпросечни доходи. Половина од работниците со минимална плата се на возраст помеѓу шеснаесет и дваесет и четири години и повеќето од нив работат со скратено работно време. Само еден од секои седуммина работници со минимална плата (околу 15 проценти) е примарен издржувач на семејство со едно или со повеќе деца. Следствено, типичен работник со минимална плата е самец, млад, секундарен работник со скратено работно време во домаќинство со доход над нивото на сиромаштија.
Второ, многумина од работниците со минимална плата исто така се потрошувачи на производи коишто се засегнати од повисоката минимална плата. Минималната плата најверојатно ќе ја зголеми цената на стоките како што се намирниците и оброците за брза храна. Овие повисоки цени, барем делумно, ќе ги неутрализираат придобивките на работниците од редот со повисока минимална плата.
Трето, многу сиромашни семејства немаат вработени членови на семејството, па затоа повисоката минимална плата нема да им помогне освен ако зголемувањето не е доволно големо, откако ќе се прилагоди за социјалните бенефиции што би ги изгубиле доколку се вработат, за да ги поттикне да се вклучат во работната сила.
Слични наоди беа утврдени од различни научници за европските земји. На пример, во еден труд за Германија е дојден до заклучокот дека воведувањето минимална плата може да доведе до помалку можности за работа за нискоквалификуваните работници.(42) Во студијата „Економското влијание на минималната плата во Европа“ (The Economic Impact of Minimum Wages in Europe) е направена анализа на ефектите од минималните плати во седумнаесет европски земји. Преку истражувањето е дојдено до сознанија дека минималните плати ја намалуваат вработеноста на младите работници.(43) Посткомунистичка Русија е интересна лабораторија за проучување на ефектите од минималната плата. Во 2007 година, земјата повеќе од двојно ја зголеми сојузната минимална плата (а во некои региони ја зголеми уште повеќе). Резултатите укажуваат дека тоа предизвикало намалување на вработеноста на младите луѓе, од кои некои се ангажирале во неформалната (сивата) економија, додека други едноставно престанале да бидат дел од работната сила, односно се откажале активно да бараат работа.(44)
Кога размислуваме за ефектите од минималната плата врз младите нискоквалификувани работници, важно е да се земе предвид влијанието и на краток и на долг рок. Работното искуство им дава можност на младите да развијат самодоверба, добри работни навики, значајни вештини и позитивни ставови, што ги прави повредни за идните работодавци. Доколку младите не можат да ја потврдат својата вредност кај работодавците и да развијат вештини на работното место, малку е веројатно дека ќе можат да напредуваат и да остварат поголема заработка во иднина.
Дури и кога работникот добива зголемување на платата поради повисоката минимална плата, тоа не значи дека ќе му биде подобро. За работодавците, додадената вредност од работникот треба да биде барем еднаква на таа што им ја плаќаат на своите работници. Ако бидат принудени да ги зголемат платите, тие можат да ги намалат другите, нерегулирани делови од работата на работникот. Паузите би можеле да станат пократки, производствената линија би можела малку да се забрза, придонесите во планот за пензионирање да се намалат. Можеби најштетното влијание е тоа што работодавците нема да инвестираат во подобрување на вештините на работниците. Ако работодавецот обезбеди скапа обука во други фирми којашто ќе ја зголеми продуктивноста, тој може да ги поврати своите трошоци само доколку на работниците им плаќа помалку од нивната продуктивност додека се обучуваат. Ова значи дека надоместокот на работникот (неговата плата плус вредноста на обуката што ја добива што ќе му овозможи да заработува повеќе во иднина) ќе биде еднаков на неговата моментална продуктивност.(45) Оваа неможност да се обезбеди обука која ќе им овозможи на работниците да добијат унапредување и да заработуваат повеќе со текот на времето, некои работници ги осудува на „работа без перспектива“.
Вредноста на работното искуство и развојот на вештини широко се препознаени во случај кога станува збор за студенти. Членовите на Конгресот им обезбедуваат на студентите вработување со ниски плати, па дури и неплатена практикантска работа, препознавајќи дека ова искуство им помага да стекнат и развијат вештини што ќе им овозможи и да остварат поголема заработка во иднина. Иронично, пак, истите тие политичари поддржуваат нивоа на минимална плата што ги намалуваат можностите за обука на работното место што се достапни за помалку образованите млади луѓе. Негативното влијание на минималните плати врз стажирањето и врз другите можности за обука за младите со пониско образование речиси секогаш е игнорирано од поборниците за минимална плата, вклучително и од членовите на законодавните тела коишто ги воспоставуваат. Сепак, ова е важен негативен секундарен ефект на минималните плати.
Многу земји, исто така, наметнуваат други регулативи на пазарот на трудот коишто го поткопуваат економскиот раст. Пример за тоа се регулативите за отпуштање од работа. Во голем број европски земји, работодавците кои сакаат да го намалат бројот на своите вработени мораат (1) да добијат дозвола од политичките власти; (2) да ги известат вработените што треба да бидат отпуштени неколку месеци однапред и (3) да продолжат да ги плаќаат отпуштените вработени неколку месеци по нивното заминување. Ограничувањата за вработување на работниците мигранти, особено во некои азиски земји, се примери што треба да се спомнат. Извештајот на Меѓународната организација на трудот за 2019 година(46) посочува дека овие ограничувања, со зголемувањето на трошоците за вработување, честопати резултираат со недостиг на работна сила во секторите како што се градежништвото и земјоделството. Тоа, пак, ги попречува продуктивноста и економскиот раст.
Може да се чини дека ваквите регулации се во интерес на работниците, но мора да се земат предвид секундарните ефекти. Регулациите имаат двократен ефект, од една страна го прават скапо отпуштањето на работниците, но истовремено го прават скапо и нивното ангажирање. Поради високите трошоци, работодавците нема да примат нови работници, доколку се покаже дека не постигнуваат задоволителни резултати или се непотребни. Како резултат на тоа, на барателите на работа, особено на работниците без искуство, ќе им биде тешко да најдат работа, па ќе дојде до забавување на вкупниот раст на вработеноста. Во европските земји, каде што на пазарот на трудот има порестриктивни регулативи отколку во Соединетите Американски Држави, стапките на невработеност во западноевропските земји како што се Италија, Шпанија и Франција се, во просек, за 4 или 5 процентни поени повисоки отколку во САД во текот на изминативе неколку децении.(47) Истражувањето на Стив Ханке на Универзитетот Џон Хопкинс покажа дека помеѓу 2010 и 2015 година стапките на невработеност во земјите на ЕУ со задолжителни минимални плати беа до 50 проценти повисоки отколку во оние на земји на ЕУ без задолжителни минимални плати.
Иако општо земено регулативите за вработување и за отпуштање се помалку рестриктивни во САД отколку во Европа, професионалното лиценцирање е главното ограничување на пазарот на трудот во САД. Најголемиот дел од професионалното лиценцирање се врши на државно ниво. За да добијат лиценци, луѓето плаќаат надоместоци коишто се движат од скромни до екстремно високи износи, завршуваат курсеви за обука во траење од шест до дванаесет месеци и полагаат испити.
Не толку одамна, во 1970 година, помалку од 15 проценти од Американците работеа на работни места за коишто е потребна лиценца. Денес таа бројка изнесува речиси 30 проценти и продолжува да расте. Во средината на 1980-тите, 800 занимања беа лиценцирани во најмалку една држава. До 2023 година, според Советот за лиценцирање, извршување и регулирање, повеќе од 1.100 занимања се регулирани во најмалку една држава. Националната студија за товарот од професионалното лиценцирање идентификуваше 2.700 лиценци во 50 држави и во областа Колумбија во 2022 година.(48) Неодамнешните студии покажуваат дека околу 22 проценти од работниците во Европската Унија подлежат на барањата за професионално лиценцирање, иако бројот и влијанието на таквите барања во голема мера се разликуваат меѓу земјите членки, а Германија води со 33 проценти. Се проценува дека лиценцирањето ја намали вработеноста во сродните индустрии во ЕУ за приближно 700.000 работни места во 2015 година. Истата студија покажа дека и платите коишто се над пазарното ниво, а што се поврзани со рестриктивното лиценцирање придонесуваат кон нееднаквоста на доходите во рамките на ЕУ.(49)
Поддржувачите на лиценцирањето тврдат дека е неопходно да се заштитат потрошувачите од неквалитетни и од потенцијално небезбедни и нездрави производи. Но, лиценци се бараат и за бројни професии кои немаат многу врска со јавната безбедност или со заштитата на потрошувачите.(50) На пример, една или повеќе американски држави бараат лиценци за работа во следниве занимања: дизајнер за внатрешно уредување, шминкер, цвеќар, бербер, плетач на коса, специјалист за шампони, спортски тренер, туристички водич, аукционер, продавач на компири, продавач на ковчези, одгледувач на ласици и читач на дланка. Притисокот за лиценцирање ретко потекнува од групите на потрошувачи. Напротив, речиси секогаш потекнува од оние сопственици на бизниси кои веќе се во занимањето и кои се обидуваат да се заштитат од конкуренцијата.
Во многу од овие лиценцирани професии, поединците би можеле да ги стекнат потребните вештини за постигнување одлични резултати на самото работно место работејќи со други лица кои се вешти во занаетот. Барањата за лиценцирање им забрануваат на лицата да ги развиваат своите вештини преку овие методи и да ја следат својата посакувана кариера. Лиценцирањето, особено кога опфаќа долга формална обука и плаќање високи такси, ја намалува понудата и ја зголемува цената на стоките и на услугите што ги обезбедуваат лиценцираните практичари. Лицата кои веќе работат во дадената професија добиваат на сметка на потрошувачите и на нелиценцираните потенцијални производители. Некои истражувања дури открија дека осудените лица кои ја издржале казната имаат поголема веројатност повторно да извршат кривично дело во државите каде што има поголеми барања за лиценцирање, веројатно поради тоа што им е тешко да најдат работа.
Алтернативно решение во однос на лиценцирањето е сертификацијата. Со сертификацијата, владата може да бара од добавувачите да доставуваат информации за нивното образование, за нивната обука и за други квалификации на потрошувачите без да забранува некој да работи во својата избрана област. Во суштина, сертификацијата овозможува информациите за квалификациите на добавувачите да бидат лесно достапни за потрошувачите, но не го ограничува нивниот избор. Понатаму, таа им овозможува на практичарите да ја развиваат и да ја покажат својата компетентност, притоа обезбедувајќи им информации што потрошувачите можат да ги искористат за да направат информиран избор.
Регулацијата е плодна почва за кронизам, политичко фаворизирање, па дури и за корупција. Предлагачите на регулативите што ја ограничуваат конкуренцијата честопати ги користат заштитата на здравјето и безбедноста за да ги затскријат своите вистински мотиви. На пример, триесет и пет држави и Вашингтон, имаат регулативи за сертификат за потреба. Овие правила бараат од оние коишто сакаат да отворат нови болници, клиники и други здравствени установи да ги убедат државните одбори или комисии дека сегашните даватели на услуги не можат да го обезбедат потребниот обем здравствени услуги. Постојните фирми можат да тврдат дека тоа не е така. Слично на тоа, регулативите им забрануваат на американските потрошувачи да купуваат лекови на рецепт од канадски продавачи, дури и ако истиот лек се продава по пониска цена во Канада. Ваквите регулативи ги поткопуваат и пазарната конкуренција и довербата на граѓаните во политичкиот процес.
На пример, Европската регулатива за медицински помагала (ЕУ МДР), воведе нов пакет-регулативи што ги уредуваат производството и дистрибуцијата на медицински помагала во Европа, којшто беше причина за загриженост во индустријата за медицински помагала. Иако новата регулатива за Законот за медицински помагала на европско ниво веројатно носи поголема безбедност за пациентите, таа води и до подолги периоди на чекање за иновативни производи за нови лекови.(51) Критичарите тврдат дека овие регулативи наметнуваат барања што претставуваат дополнително оптоварување и коишто би можеле да ја забават иновативноста и да ја ограничат достапноста на медицинските помагала на пазарот на ЕУ.
Процесот за одобрување нови фармацевтски производи и нивното воведување и во ЕУ и во САД се соочува со критики дека е премногу долг и сложен. Иако честопати се тврди дека одобрувањето лекови е побавно во Соединетите Американски Држави во споредба со ЕУ, некои истражувања укажуваат дека лековите всушност стануваат достапни за јавноста побрзо во САД отколку во ЕУ.(52) Во секој случај, на сериозно болните пациенти кои доброволно би ги преземале сите ризици им се ускратува негата што ја сакаат и што им е потребна. Една студија на истражувачите од Универзитетот во Отава, кои проучувале 21 лек за рак што биле одобрени во периодот помеѓу 2001 и 2015 година, покажала дека за 12 секунди доцнење се губи 1 живот во светот.(53)
За неинформираните, регулацијата честопати се чини како лесен начин за решавање на проблемите. Сакате повисоки плати? Зголемете ја минималната плата. Сакате пониска стапка на невработеност? Донесете закони што го отежнуваат отпуштањето на работниците. Сакате поголема заработка во занимањето? Ограничете го влезот на оние кои бараат работа, а кои се подготвени да работат за пониски плати. Но, овие едноставни политики не го подобруваат целокупното производство на општеството и ги игнорираат секундарните ефекти. Како што истакнавме, заемно корисната трговска размена и конкурентните пазари ги поттикнуваат производството со пониски трошоци и откривањето подобри начини за вршење на работите. Тие нè поттикнуваат да добиеме поголема вредност од нашите ресурси. Така, регулаторните политики коишто наметнуваат трговски блокади и ограничувања за влез на пазарот речиси секогаш ќе бидат контрапродуктивни. Доколку една земја сака да се развива и да напредува, треба да ги минимизира регулативите од овој тип.
Досегашната дискусија се осврна на изборот помеѓу две алтернативни и силно спротивставени решенија за справување со екстерналиите: пазарните и владините механизми. Всушност, честопати постои и трето решение. Кога групите што се погодени од екстерналиите се релативно мали, тие можат да преговараат за договори за намалување или елиминирање на надворешните ефекти во рамки на нивната локална заедница без владини мерки. Навистина, во 2009 година Елинор Остром стана првата жена што ја доби Нобеловата награда за економија за документирање на таквите сфаќања во многу различни ситуации ширум светот.