Елемент 4.1: Откријте ја вашата компаративна предност

„Во секој од нас се крие гениј. Но ако судите за рибата според нејзината способност да се качи на дрво, таа ќе го помине целиот свој живот верувајќи дека е глупава.“
Во оваа книга го користевме принципот на компаративна предност за да ги објасниме причината за меѓународната трговија и специјализацијата меѓу фирмите. Принципот на компаративна предност е исто толку важен кога поединците размислуваат за професионалните и за деловните можности. Размислете за односот помеѓу вашите вештини и опортунитетните трошоци. Да земеме еден екстремен пример, да претпоставиме дека некој е подобар од сите други во секоја производствена активност (т.е. има апсолутна предност во сè). Дали тоа лице треба да се обиде да ги исполнува сите свои потреби и желби со тоа што ќе потроши малку време на секоја активност (и да си легнува исцрпен)? Сега, да го разгледаме спротивниот екстрем: да претпоставиме дека некој не го бидува за ништо во споредба со другите. Дали тоа лице треба едноставно да се откаже и да гладува? Одговорот на двете прашања е „Не!“ Во двете околности, секое лице би имало корист од специјализација и од тргување со другото лице.
Без разлика на тоа колку сте талентирани, кога ќе се земат предвид опортунитетните трошоци, во некои области ќе бидете релативно попродуктивни во споредба со другите. Слично на тоа, без разлика на тоа колку е слаба вашата способност за производство, ќе можете да правите некои работи по пониска релативна цена во споредба со другите, односно со пониски опортунитетни трошоци. Ќе можете успешно да се натпреварувате во некои области и може да имате корист од специјализирање во оние области каде што имате компаративна предност.
Вашата компаративна предност е одредена од вашите релативни способности, а не од вашите апсолутни способности. Оваа поента многу е важна. Ова го знаете инстинктивно. Замислете дека вашиот сопружник е подобар од вас и во готвење и во градинарство. Малку е веројатно дека ќе имате хармонија во бракот ако вашиот сопружник ја работи сета оваа работа додека вие сте цел ден на социјалните мрежи. Од друга страна, ако барем малку ве бидува повеќе во кујна отколку во градинарството и ги искористите вашето време и вашите вештини за готвење вкусна храна додека вашиот сопружник ги применува своите градинарски вештини – и на двајцата ќе ви биде подобро.
Некои луѓе од старт се наоѓаат во понеповолна позиција од другите, но дури и тие можат да бидат исклучително успешни ако вложат максимален труд и се посветат. Честопати им се восхитуваме на луѓето кои успеваат да ги надминат предизвиците што ги носат сите почетоци и да станат успешни. Неволјата, проследена со решеноста да се излезе од лоша ситуација, може да биде одличен мотиватор.
Никогаш не е прерано да ја преземете одговорноста за развојот на вашата кариера, да планирате како најдобро да ги развиете своите таленти и со учество на соодветни пазари да ги постигнете вашите цели. Иако ги знаете своите интереси и вештини, веројатно ќе биде потребно постојано да прибирате информации за да знаете како да ги преточите во цели. Можеби ќе треба да разговарате со наставниците коишто најдобро ве познаваат, со вашите родители и со други роднини (од кои најверојатно ќе ги добиете најнеризичните и најконзервативните совети) и да пребарате на интернет какви квалификации се потребни за професијата којашто можеби сакате да ја изберете. Ова креативно размислување не чини речиси ништо и може да ве наведе да размислувате за професии за кои можеби не сте размислувале.
Три други корисни начина за стекнување директно искуство за можните професии или за професионалните средини се следење на работното место (shadowing), волонтирање и барање информативни интервјуа. Следење на работното место е кога контактирате со некој од професијата за која сте заинтересирани и прашувате дали можете незабележливо да ги следите додека си ја врши работата во текот на работниот ден. Не плашете се да контактирате со некој што не го познавате. Понекогаш луѓето едноставно ќе кажат „не“, но културно писмо испратено преку електронска или обична пошта во кое искрено ќе го истакнете вашиот интерес може да ги поттикне да кажат „да“. Прилично е ласкаво кога некој млад човек е заинтересиран за она што некој етаблиран во областа веќе го работи за да сака да воспостави контакт. Тоа покажува и одредена способност за преземање ризик и за доверба во сопствените меѓучовечки вештини, што секако се квалитети коишто работодавците ги ценат. Ако лицето не може да ве вклопи во распоредот, можете да побарате состанок за да разговарате за оваа кариера. Од искуство знам дека овие директни контакти многу се успешни за студентите во однос на можностите за стажирање во иднина, идните насоки и во однос на менторството за образование или контактите во кариерата, а во еден случај и добивање добра работна позиција (асистент на претседателот на компанијата!).
Волонтирањето на терен каде што луѓето се маргинализирани и секогаш е потребна помош, како што е работата со постари лица или со лица со попреченост, можат да бидат самонаградувачки и одличен начин да се испробаат можностите за кариера. Пример: како ученички од 10. одделение, Зара и Тина волонтираа 3 часа неделно по часовите во болница каде што разговараа и им читаа на хронично болните пациенти. Иако и двете го работеа тоа со големо задоволство и имаа емпатија за другите, Зара одлучи дека медицинската струка не е за неа бидејќи таа самата премногу длабоко ја чувствуваше болката на другите. Тина, пак, стана докторка.
Да се вратиме на компаративната предност при изборот на образование и на кариера. Трошоците обично ги доживуваме како нешто што треба да се одржува на колку што е можно пониско ниво. Сепак, запомнете дека трошоците го одразуваат она нешто што има највисока вредност од коешто се откажуваме кога избираме некоја опција. Така, кога имате атрактивни алтернативи, вашите избори ќе бидат скапи. Дали треба да работите како келнер или келнерка со скратено работно време за да имате повеќе пари додека студирате? Или дали треба да позајмите пари за да совладате дополнителен курс за да можете побрзо да го завршите факултетот? И двете опции се привлечни. Понатаму, како што ќе ги подобрувате своите вештини и вашите можности ќе стануваат уште поатрактивни, изборот меѓу опциите ќе станува сѐ поскап.
Спротивно на тоа, вашите трошоци ќе бидат ниски кога имате многу малку добри избори. На пример, многу ефикасен начин да се намалат трошоците за читање на книгава би било да заглавите со неа на пуст остров, така што читањето е единствената опција што ја имате покрај зјапањето во океанот. Елиминирањето на можноста да имате многу други атрактивни избори би ги намалило трошоците за правење една атрактивна работа, како што е читањето на книгава. И покрај тоа што можеби немате можност да заглавите на пуст остров, имате избор да ја подобрите вашата ситуација со зголемување на вашите можности, а не со нивно намалување.
Младите се охрабруваат да продолжат со високо образование за да имаат попривлечни можности подоцна во животот. Но, тоа е исто како да ги охрабрувате да ги зголемат трошоците за сите избори што ги прават. Доброто образование генерално ќе ја зголеми вашата продуктивност и платата што работодавците се подготвени да ви ја дадат. И покрај тоа што ќе ја подобри вашата идна заработка, тоа исто така значи дека ќе мора да се откажете од три години помал приход што би го заработиле доколку тргнете на работа веднаш по завршувањето на средното училиште.
Носењето добри одлуки поврзани со кариерата не подразбира само да откриете во што сте најдобри. Од суштинско значење е и да откриете што сакате, односно која професија најмногу ве исполнува. Ако уживате во она што го работите и верувате дека е важно, ќе бидете среќни и ќе сакате да вложите поголем напор и подобро да ја вршите својата работа. Така, компетентноста и страста за некоја професија обично одат заедно и може да се зајакнат со вашата великодушност да работите за доброто на вашата заедница (или на целото човештво ако навистина сте амбициозни). Размислете за вистинското богатство кое се мери со личната исполнетост.