Елемент 4.4: Паметно управувајте со кредитот
Постојат само два начина за отплата на долгот – или да почнете да заработувате поголем доход или да бидете поштедливи кога трошите.
Во драмата Хамлет на Вилијам Шекспир, Полоние го советува својот син, Лаерт, којшто заминува на факултет: „Ни зајмодавач ни зајмоземач не биди, зашто честопати и заемот го губиш, но и пријателот, а позајмувањето го тапи сечилото на доброто газдинство“. Ова не е само добар совет во конкретниот контекст бидејќи одговорното и планираното задолжување и давање заеми (исто така наречени инвестирање) се суштински аспекти и на модерната економија. Проблемот настанува кога емоциите ги надминуваат рационалните промислени одлуки.
Непромисленото користење кредитни картички и долгот можат да бидат огромна пречка за финансиски успех. Иако многумина внимателно го користат кредитот, други се однесуваат небаре неискористеното салдо на кредитната картичка е пари во банка. Ова е изразито погрешно и опасно размислување. Неискористеното салдо на вашата кредитна картичка само значи дека имате дополнителна моќ за задолжување; ниту го зголемува вашето богатство ниту ви обезбедува повеќе пари. Најдобро е да гледате на кредитната картичка како начин на кој пристапувате до средствата коишто ги имате на тековната сметка. Ако имате средства на вашата тековна сметка, можете да ја користите кредитната картичка за да пристапите до тие средства, под услов да ја плаќате сметката секој месец. Ако немате доволно средства на вашата сметка, не купувајте.
На сликата 27 е прикажано дека процентот на луѓе коишто поседуваат кредитна картичка варира во различни региони. Во еврозоната достигнува и до 50 проценти, додека во Северна Америка изнесува 68 проценти. Релативно пониски стапки се забележани во Источна Азија и во Латинска Америка. Сепак, важно е да се забележи дека бројот на лица кои поседуваат кредитни картички се зголемува ширум светот. Во текот на деценијата помеѓу 2011 и 2021 година, бројот на лица на возраст над 15 години кои поседуваат кредитни картички се зголеми на глобално ниво од околу 15 проценти на 25 проценти.
Извор: databank.worldbank.org.
И покрај нивната погодност за користење, кредитните картички и нивните електронски пандани (дигитални паричници, како што се PayPal и мобилните апликации за плаќање, како што е Apple Pay) се и заводливи и скапи методи за задолжување. Вашето неподмирено салдо на кредитната картичка е заем – долг којшто мора да се врати. Со оглед на тоа дека многу е полесно да се акумулира долг на кредитните картички, тие потенцијално се опасни. Некои луѓе се чини дека не можат да го контролираат импулсот за трошење кога има неискористено салдо на нивните картички.(134) Ако го имате овој проблем, треба веднаш нешто да преземете! Престанете да користите кредит за трошоци коишто не можете да си ги дозволите. Земете ножици и исечете ги сите кредитни картички. Ако не го направите тоа, тие ќе ве одведат во финансиски тешкотии.
Купувањето со помош на кредитна картичка ви дава илузија дека купувате повеќе со вашите пари. Секогаш кога ќе дојде сметката, се јавува едно друго искушение: опцијата да платите мал износ за покривање на каматата плус мал дел од салдото и да го задржите најголемиот дел од вашите пари за да ги трошите на други работи. Меѓутоа, ако ја изберете оваа опција и продолжите да го зголемувате салдото, брзо ќе се соочите со голем проблем – високите каматни стапки на неплатеното салдо. Каматите од 15 до 18 % или повеќе на долгот од кредитна картичка се вообичаени во САД и во еврозоната.(135) На пазарите во развој, стапките честопати многу се повисоки. Во моментот на пишување на оваа книга, реномирани банки во Казахстан нудеа потрошувачки кредитни картички со годишни каматни стапки од 39,9 %, додека во Азербејџан каматата беше само 25 %. Овие каматни стапки далеку се повисоки од тоа што повеќетомина, дури и успешните инвеститори, можат да го заработат на нивните заштеди и инвестиции. Како што ќе видиме во следните елементи, можете да станете богати заработувајќи 7 проценти годишно од вашите инвестиции. За жал, високите каматни стапки на неподмирениот долг ќе имаат спротивно влијание. Плаќањето камати од 15 до 18 проценти на долгот од кредитната картичка може да го вовлече во финансиски проблеми дури и некој со висок приход.
Да го земеме примерот на Иван, млад професионалец којшто решава да одмори неколку дена на Санторини. Патувањето чини 1.500 евра, коишто Иван ги плаќа со својата кредитна картичка. Но, наместо да ја плати целата сума на крајот на месецот, Иван го плаќа само минималниот износ и потоа продолжува со истата динамика во следните десет години, кога конечно го исплаќа долгот. Колку платил Иван за своето патување, претпоставувајќи дека каматата на неговата кредитна картичка изнесува 18 проценти? Тој плаќа 27 евра месечно во текот на 120 месеци или вкупно 3.243 евра. Така, Иван на крајот ѝ плаќа на компанијата којашто му ја издала кредитната картичка над двојно повеќе од сумата којашто ја платил за патување, хотел, храна и за забава.
Иван можел да отиде на патувањето за многу помалку пари со тоа што ќе планирал однапред и ќе почнел да штеди пред патувањето, наместо да ѝ плаќа на компанијата којашто му ја издала кредитната картичка по патувањето. Ако штедел 75 евра месечно со 5 проценти годишна сложена камата (ќе разговараме за сложената камата во елементот 4.7) во текот на 20 месеци, Иван можел да собере 1.560,89 евра за патувањето, наместо да плати 3.243 евра со камата за истото патување (на кое веќе отишол) за кое платил со кредитна картичка. Со други зборови, со штедење и со планирање за патувањето, наместо да плаќа долг на кредитна картичка, Иван би можел да отиде на две патувања за помалку пари отколку што на крајот платил за едното патување на кредит.
Да претпоставиме дека веќе имате голем долг на вашата кредитна картичка? Ако сериозно сакате да постигнете финансиски успех, првото нешто коешто треба да го направите, ако е можно, е да го отплатите долгот од вашата заштеда, а ако немате доволно заштеда, да ги намалите трошоците. И покрај тоа што ќе беше подобро целосно да го избегневте таквиот долг, неговото отплаќање, сепак, ви дава можност да добиете многу висок принос. Да претпоставиме дека каматната стапка на долгот е 18 проценти. Секое евро коешто ќе го заштедите сега за да го платите долгот од кредитна картичка ефективно добива каматна стапка од 18 проценти. Гледајте на тоа вака: ако вложите едно евро во некоја инвестиција со каматна стапка од 18 проценти, тогаш за една година отсега ќе добиете 1,18 евра на вашата нето-вредност. Исто така, ако заштедите едно евро за да го исплатите долгот од кредитната картичка, тогаш за една година отсега ќе добиете 1,18 евра на вашата нето-вредност. Вашиот долг ќе биде многу помал – како прво, со заштеденото евро сте го намалиле вашиот долг, а, како второ, поради заштедата на 18-те центи коишто инаку би ги должеле за камата.
Дали има некоја логична причина зошто некое лице или семејство би купувало стока на кредит? Одговорот е „да“, но само ако стоката е долготрајно средство и ако позајмените средства се отплатат пред средството да се амортизира. На овој начин плаќате за средството додека го користите.
Многу малку набавки ги исполнуваат овие критериуми. Три категории на големи лични трошоци вклучуваат домување, автомобили и образование. Ако се одржува правилно, новата куќа може да обезбеди корисен век од четириесет или од педесет години. Под овие околности, користењето на најдолгата хипотека којашто можете да ја добиете за да ги финансирате трошоците сосема е разумно. Слично на тоа, ако може да се очекува автомобилот да се вози пет или шест години, нема ништо лошо да се финансира во период од четири години.
Внимавајте, зборуваме за лична потрошувачка, а не за инвестиции коишто можеби се неопходни за да започнете бизнис и каде што очекувате дека ќе можете да го вратите заемот од профитот на вашето претпријатие. Кога долготрајните средства сè уште генерираат дополнителен приход или обезбедуваат вредна услуга по отплатата на заемите коишто се користат за финансирање на нивното купување, некои од отплатите на заемот, всушност, се форма на заштеда и на инвестирање, што ќе ја зголеми нето-вредноста на домаќинството. Како и домувањето, инвестициите во образованието генерално обезбедуваат нето-придобивки во подолг временски период. Младите луѓе коишто инвестираат во образованието преку финансирање со задолжување во иднина можат да добијат дивиденда во повисока заработувачка. Инвестицијата во образованието ќе се смета за добра инвестиција доколку во наредните дваесет или триесет години остварувате повисока заработувачка што е доволна за да се исплатат позајмените средства. Но, тука има ризици: ако дополнителното образование не ја зголемува идната заработувачка, барем не многу, може да биде исклучително тешко да се вратат позајмените средства. (Забелешка: Ова прашање ќе биде подетално разгледано во Елементот 4.11 во продолжение.)
Доколку финансирањето се одвива во текот на период подолг од корисниот век на средството, ќе бидете принудени да плаќате во иднина за нешто што повеќе нема да ви биде вредно. Како резултат на тоа, ќе бидете принудени да ја намалите вашата идна потрошувачка. Понатаму, оваа стратегија ја зголемува вашата задолженост и ќе бидете посиромашни во иднина.
За повеќето домаќинства, импликациите на ова упатство се јасни: не позајмувајте средства за да финансирате ништо друго освен домување, автомобили и образование или за да инвестирате во бизнис. Понатаму, осигурете се дека средствата што ги позајмувате за финансирање на овие работи ќе ги вратите долго пред истекот на корисниот век на средството. Примената на ова едноставно упатство во голема мера ќе ве заштити од финансиски проблеми.
Како да знаете дали паметно управувате со кредитот и со долгот? Еве две општи упатства. Прво, месечната рата по основ на плаќање на долгот не треба да биде поголема од 28 проценти од вашиот месечен бруто-приход. Второ, вкупниот износ за исплата на сите долгови не треба да надминува 36 проценти од вашиот месечен бруто-приход. Дури и ако ги следите овие две упатства, вашиот кредитен рејтинг е примарен индикатор. Бројни корпорации пресметуваат и даваат кредитни оцени врз основа на различни модели. Овие модели можат да се разликуваат според опсегот на бодување, алгоритмите и факторите што се земаат предвид, но сите тие имаат за цел да ја оценат кредитната способност на лицата. Во САД FiCO оцена на кредитен ризик, создадена од корпорацијата Фер Ајзак, е најшироко користена метрика. Со опсег од 300 до 850, банките и другите финансиски институции ја користат оваа метрика за да го оценат ризикот и да ја утврдат каматната стапка којашто треба да се плати на заемите. Друг глобален давател на кредитни информации и на аналитика е Експериан (Experian). Нивниот модел на оцена на кредитен ризик е прилагоден на европскиот пазар. Оцената на кредитниот ризик на Експериан ја оценува кредитната способност на поединците врз основа на повеќе фактори, вклучително и историјата на плаќања, искористувањето на кредитот и мешавината на кредити. Одржувањето на конзистентно висок кредитен рејтинг го зголемува вашиот потенцијал за создавање богатство.
Забележете дека во овој дел речиси исклучиво разговаравме за задолжување од формални, правни институции како што се банките (или за инвестициски микрокредитни институции коишто можат да финансираат инвестициски заеми). Се разбира, има и други извори на кредит. Семејствата честопати си позајмуваат едни на други, особено кога еден млад човек оди на универзитет, основа семејство или започнува бизнис. Таквата солидарност е восхитувачка, но донекаде и опасна. Важно е сите вклучени да ги разберат имплицитните очекувања за отплатата и другите услови за да се избегнат подоцнежните стресови. Краткорочните, неформални заеми меѓу пријателите и соседите се вообичаен дел од животот во земјите во развој.
Од суштинско значење е да се избегне, ако воопшто е можно, потпирањето на сомнителни ликови како што се „лихвари“ коишто даваат заеми со многу високи каматни стапки на очајните заемобаратели коишто можеби никогаш нема да можат да се извлечат од акумулираниот должнички товар. Но, дури и кога внимателно планираме, се случуваат непредвидени ситуации, па ако се најдете во неповолна ситуација (да речеме сообраќајна несреќа), помошта од пријателите, семејството или од заедницата секогаш е достапна.