Елемент 3.10: Децентрализацијата, конкуренцијата и надворешната поддршка се од клучно значење
Љубопитната задача на економијата е да им покаже на луѓето колку, малку всушност, знаат за она што мислат дека можат да го дизајнираат. За наивниот ум ... може да изгледа апсурдно дека во сложени услови, редот ... може поефективно да се постигне со децентрализација на одлуките.

Конкуренцијата е дисциплинска сила. На пазарот, бизнисите мора да се натпреваруваат за да ја стекнат лојалноста на клиентите. Речиси сите се свесни дека ова важи за приватниот сектор. За жал, важноста на конкуренцијата во јавниот сектор честопати се занемарува.
Примарната цел на владата е да ги обезбеди и да ги заштити правата на поединците. На владата ѝ е доделен монопол во однос на легитимната употреба на сила за да обезбеди заштита на правата на поединци или на други субјекти, како што се корпорациите, против оние коишто би примениле сила за да упатуваат закани, да вршат присвојување или да нанесуваат штета на други лица или на нивниот имот. Како што покажува историјата, овластувањата на владата за употреба на присилни мерки, особено оние на централната власт, претставуваат и потенцијална опасност во поглед на правата на поединците. Затоа, генерално, е добра идеја политичката моќ да биде и ограничена и поделена.
Како што беше дискутирано во претходниот елемент, структурата на стимулации со која се соочуваат владините агенции и претпријатијата не е многу погодна за ефикасно работење. Нема ништо коешто би можело да се спореди со добивката и со загубата, а коешто би им помогнало на граѓаните да ја проценат работата на агенциите и на претпријатијата од јавниот сектор. Како резултат на тоа, менаџерите на владините фирми честопати можат да ја камуфлираат економската неефикасност. Нема доволно стимулации за контрола на трошењето. Ако агенцијата не го потроши буџетот доделен за тековната година, се намалува нејзината основа за барање поголем буџет следната година. Агенциите вообичаено трошат интензивно на крајот на буџетскиот период доколку доделените средства сè уште не се потрошени.
Со оглед на структурата на стимулациите во јавниот сектор, од витално значење е владата да се соочи со конкуренција секогаш кога тоа е изводливо. Ако сакаме да извлечеме максимум од расположливите ресурси, на приватните фирми мора да им се дозволи да се натпреваруваат на рамноправна основа со владините агенции и претпријатија. На пример, кога владите управуваат со оддели за одржување возила, печатници, услуги за храна, услуги за собирање отпад, служби за одржување улици, училишта и со слични агенции, на приватните фирми лесно може да им се даде еднаква можност да се натпреваруваат со државните претпријатија, особено ако се преземаат мерки за избегнување на политичко фаворизирање, па дури и на поткуп. Конкуренцијата може да ги подобри перформансите, да ги намали трошоците и да стимулира иновативно однесување како во владата, така и во приватниот сектор.
Еден начин за промовирање на конкуренцијата кај владите е да се направи хоризонтална поделба меѓу извршната, законодавната и судската власт. Ако добро е структурирана, секоја од овие гранки ќе обезбеди контрола на моќта на другите две гранки. И политичката моќ може да се подели по вертикала на централно, државно или провинциско и на локално ниво на власт. Децентрализацијата ја намалува моќта на политичките лидери, како што се претседателите, премиерите и законодавците, коишто ја спроведуваат власта на ниво на централна влада. Децентрализацијата и проширувањето на улогата на државните и на локалните власти во однос на централната власт може да помогне во заштитата на граѓаните од експлоатација. Ова се должи на фактот што многу е полесно да се избегне опресивната моќ на државните и на локалните власти отколку онаа на централната власт. Човек може многу полесно да се пресели на друга локација во земјата за да ги избегне високите даноци и лошите владини услуги отколку да се пресели надвор од земјата. Децентрализацијата им олеснува на граѓаните да изберат „опција за излез“ и да најдат локација којашто обезбедува владини услуги и даноци коишто повеќе им одговараат. За возврат, ваквата можност за преселба на граѓаните ги зголемува стимулациите за државните и за локалните функционери за да бидат почувствителни во однос на проблемите на своите жители.
Децентрализацијата ја зголемува конкурентноста во рамките на владите. Како што во многу наврати беше нагласено и претходно, конкуренцијата меѓу деловните фирми ги штити потрошувачите од високите цени, лошата стока, лошата услуга и од нељубезното однесување. Кога фирмите слабо им служат на своите клиенти, тие го губат бизнисот на сметка на ривалите коишто им обезбедуваат подобра услуга на потрошувачите. Конкуренцијата е дисциплинска сила и може да ги подобри перформансите, да ги намали трошоците и да стимулира иновативно однесување во владата, исто како и во приватниот сектор.
Децентрализацијата и варијациите во активностите на државните и на локалните власти на граѓаните можат да им обезбедат и поширок опсег на опции за стоки и за услуги коишто се нудат во рамките на политичкиот процес, зголемувајќи ја нивната способност да добијат владини услуги коишто повеќе одговараат на нивните преференции. Како што луѓето се разликуваат во однос на тоа колку сакаат да потрошат за домување или за автомобили, тие имаат и различни ставови и во поглед на трошоците за јавни услуги. Некои претпочитаат повисоки нивоа на услуги и се подготвени да платат повисоки даноци за нив. Други, пак, претпочитаат пониски даноци и помалку државни услуги. Некои сакаат да ги финансираат владините услуги со даноци, додека други претпочитаат поголема застапеност на наплатата на надоместоци од конкретните корисници на услугите. Во рамките на децентрализиран политички систем, поединците можат да се групираат заедно со други коишто сакаат слични комбинации на државни услуги и даноци, а ваквото групирање овозможува поголем број луѓе да добијат услуги коишто повеќе одговараат на нивните преференции.
Покрај тоа, и движењето на луѓето меѓу децентрализираните владини единици помага во подобрувањето на ефикасноста. Ако владата наплаќа високи даноци (без паралелно да обезбеди квалитет на услугата) и спроведува прекумерни мерки за регулирање, некои поединци и бизниси коишто се дел од базата на даночни обврзници ќе ја изберат опцијата за излез.
Речиси 40 милиони Американци се селат секоја година. Тоа се многу преселби! И што е уште поважно, нивното селење не е случајно. Помеѓу 2013 и 2022 година, населението на десетте држави со најголемо даночно оптоварување – односно данок на доход, данок на промет (ДДВ) и даноци на имот – се зголемило во просек за 3,7 отсто како резултат на новородени жители минус починати жители плус имиграција од други држави и од странство. Во текот на истиот период, населението на десетте држави со најниско даночно оптоварување се зголемило повеќе од двојно побрзо, односно за 7,7 проценти. И промените во вработеноста даваат увид во образецот на преселување на населението. Меѓу четирите најнаселени држави, вработеноста помеѓу 2000 и 2022 година се зголемила во државите со ниски даноци Тексас и Флорида, за 41 процент и 36 проценти соодветно, во споредба со само 16 проценти и 4 проценти во државите со високи даноци Калифорнија и Њујорк. Овие движења упатуваат јасна порака до владите со високи даноци и лошо управување. Како што бизнисите трпат загуби кога не успеваат да им обезбедат соодветни услуги на своите клиенти, така и демократските влади ја губат поддршката од граѓаните кога не им служат онака како што треба.
Слично на тоа, во рамките на Европската Унија, земјите каде што доходот по оданочување е со поголема пропорција од доходот пред оданочување привлекуваат значително поголем број странски високо-квалификувани работници.(118) Овие преселувања упатуваат јасна порака до владите. Како што бизнисите трпат загуби кога не успеваат да им обезбедат соодветни услуги на своите клиенти, така и демократските влади ја губат поддршката од граѓаните кога не им служат онака како што треба, освен ако не ја искористат моќта на државата за да го ограничат движењето, како што тоа го прави Кина со тоа што не им дозволува на оние коишто немаат дозвола за урбан престој (hukou) за одреден град да добијат медицинска грижа или да ги испратат своите деца на училиште.
Накратко, децентрализацијата им овозможува на луѓето да се движат кон владини единици коишто ги обезбедуваат посакуваните јавни услуги по релативно ниска цена. Од друга страна, движењата на гласачите помагаат владите да работат во согласност со преференциите на граѓаните.
Меѓутоа, ако целта е конкуренцијата кај децентрализираните влади да им служи на интересите на граѓаните, таа не смее да биде задушена од политиките на централната власт. Кога националната влада (или Европската Унија) го субвенционира, наложува и го регулира пакетот услуги којшто го обезбедуваат провинциските и локалните власти, тоа го поткопува процесот на конкуренција меѓу нив. Најдоброто нешто што централната власт може да го направи е добро да ги извршува своите ограничени функции и да остане неутрална во однос на работењето и на нивото на услугите коишто ги обезбедуваат провинциските и локалните власти. Како и приватните претпријатија, владините единици претпочитаат да бидат заштитени од ривалите. Веројатно е да постои тенденција владите да се стремат кон монополска позиција. Според тоа, кај владите, конкуренцијата не се развива по автоматизам. Таа мора да се вгради во политичката структура.
Дали постои земја којашто го симболизира идеализираниот модел на децентрализација наведен овде? Со население од околу 8,8 милиони, Швајцарија, една мала земја без излез на море, опкружена со европски сили, е најблиску до идеалот. Нејзината географска површина опфаќа 41.285 квадратни километри планински терен и само мал дел од неа е погоден за земјоделство.
И покрај тоа што Швајцарија е мала држава, швајцарската влада е многу децентрализирана, а политичката моќ е поделена како хоризонтално така и вертикално. Постојат дваесет и шест кантони (дваесет кантони и шест таканаречени полукантони) коишто функционираат како независни држави со значителни овластувања за ограничување на централната власт. Кои било осум кантони можат да повикаат на народен референдум за укинување одредена активност на централната власт. Постојат две законодавни гранки на централната власт – Советот на држави и Националниот совет. Членовите на Советот на држави се избираат со мнозинство гласови со по двајца членови од секој од дваесетте кантони и по еден од шесте полукантони. Од друга страна, пак, Националниот совет се заснова на пропорционална застапеност. Оваа разлика во начинот на кој се избираат членовите на законодавните гранки ја намалува моќта на политичките партии и го отежнува добивањето на одобрување на законите на централно ниво. Во Швајцарија не постои поединец со извршни овластувања слични на оние на претседателот или на премиерот. Со централната извршна власт раководи седумчлен совет избран од законодавните тела. Даночните овластувања на централната власт се ограничени, што објаснува зошто повеќе од половина од вкупните даночни приходи и 80 проценти од приходите од данокот на доход се наплатени на ниво на кантон и на ниво на општинска власт. Децентрализираната структура на Швајцарија досега дава одлични резултати. Иако има малку природни ресурси, оваа земја, сепак, има највисок приход по глава на жител меѓу индустријализираните земји и се рангира меѓу најслободните економии во светот.