Пазарите и слободата
од Двајт Ли
Прашање за размислување: Како слободата на размена и богатството меѓусебно се зајакнуваат во пазарните економии?
Социјалната соработка што се појавува на слободните пазари ја овозможува специјализацијата од која зависи просперитетот. Би биле многу посиромашни без специјализацијата што е можна само кога многумина можат да ги координираат производството и потрошувачката преку пазарна размена. Но, уште поважни од материјалното богатство што го стекнуваме од пазарот се придобивките од слободата. Без отчетност и дисциплина, коишто се можни само во пазарните економии, наскоро би биле лишени од најголемиот дел од нашата слобода.
Слободата лесно се зема здраво за готово, особено во САД каде што уживаме во работи за кои луѓето во многу други земји можат само да сонуваат. Слободата е многу слична на доброто здравје: луѓето не ја ценат додека не ја изгубат. Како што здравите луѓе можат да си го уништат здравјето препуштајќи се на краткорочни искушенија, така и слободните луѓе можат да си ја уништат слободата избирајќи краткорочни политички предности коишто ги поткопуваат условите од кои зависи слободата.
Исто така, колку и да е важно богатството, тоа, сепак, помалку е важно од доброто здравје и од слободата. Богатството има ограничена вредност за оние коишто немаат здравје или слобода да уживаат во него. Понатаму, доброто здравје и слободата се важни елементи во стекнувањето богатство, а слободата е од апсолутно суштинско значење. Болните луѓе можат да бидат продуктивни, но без слобода продуктивната соработка на пазарот е невозможна.
Тука ќе расправам за две одделни, но поврзани точки. Прво, продуктивната соработка на пазарот зависи од слободата, и второ, слободата зависи од продуктивната соработка на пазарот. Економистите вообичаено се тие коишто треба да ја завршат непријатната задача да укажат на компромисите коишто се неизбежна последица на оскудноста. Но, со богатството и со слободата нема компромис, тие меѓусебно се зајакнуваат во пазарните економии, при што генерално е невозможно едното да постои без другото.(1) Обидите да се зголеми богатството со политички политики коишто ја намалуваат слободата секогаш завршуваат со намалување на двете.
Пазарите бараат слобода
Пазарите најдобро функционираат кога им дозволуваат на луѓето да ги соопштат придобивките од туѓиот труд и трошоците за нивниот труд коишто треба да им бидат од корист на другите. На крајот на краиштата, сите придобивки и трошоци се субјективни, во зависност од преференциите и од околностите на луѓето, коишто само тие можат точно да ги проценат. Ова е очигледно во однос на придобивките. Кој е во подобра позиција да ја процени вредноста на остварените придобивки ако не самото лице коешто консумира некакво добро или користи некаква услуга? Но, ако придобивките се субјективни, тогаш и трошоците се субјективни, а тие не се ништо повеќе од вредноста на придобивките од коишто сте се откажале. А бидејќи тие се субјективни, луѓето можат меѓу себе точно да си ги соопштуваат трошоците и придобивките само со тоа што ќе имаат слобода да влезат или да излезат од различни пазари како што им е соодветно и да купуваат и да продаваат по која било заеднички прифатлива цена. Владините контроли на цените ги ограничуваат нашите слободи и како купувачи и како продавачи и го уништуваат богатството цензурирајќи ја нашата меѓусебна комуникација.
Централното планирање е неуспешно затоа што луѓето немаат слобода да дејствуваат според локалните информации коишто само тие ги поседуваат. Кога централната насока на политичките власти се заменува со пазарните избори на индивидуалните производители и потрошувачи, економските одлуки нужно се носат во информативен вакуум. Продуктивната економија изискува примена на информации коишто се шират кај населението, а тие информации не можат да се користат без индивидуална слобода. Уништете ја слободата и ќе ги уништите протоците на информации коишто ја претставуваат суштината на пазарните економии.
Слободата бара пазари
Врската помеѓу слободата и пазарите е двонасочна. Како што пазарот зависи од слободата, така и слободата зависи од пазарот. Секако приватната сопственост, којашто претставува основа за сите пазарни економии, ја штити индивидуалната слобода. Ако државата ги поседува сите аудиториуми и печатници, колкава слобода имате да зборувате против некоја владина политика? Ако државата ги поседува сите производствени средства, колкава слобода имате да започнете сопствен бизнис? Доколку започнете да ја елиминирате приватната сопственост и да го поткопувате пазарот којшто зависи од неа, на тој начин ќе започнете да ја елиминирате и слободата.
Но, пазарот ја штити слободата и со тоа што ја воспоставува единствената средина во која таа може да се толерира. Слободата без одговорност е само дозвола, уживање и привилегија и нема долго да се толерира. Вистинската слобода и единствената слобода којашто може да опстане се ужива на начини коишто ги земаат предвид интересите на сите. Единствената слобода којашто го исполнува ова барање е онаа што е предмет на дисциплината на пазарот. Елиминирајте ги пазарите и ќе ја елиминирате отчетноста неопходна за опстанокот на слободата.
На пример, проблемите со загадувањето директно произлегуваат од немањето пазари за користење на животната средина како депонија. Доколку постоеја такви пазари, загадувачите ќе требаше да плаќаат цени што ќе ги одразуваа трошоците коишто нивните емисии им ги наметнуваат на другите. Загадувачите би биле одговорни пред другите, а ние би можеле да ја толерираме слободата да испуштаме отпадни производи во животната средина. Но, бидејќи немаме пазари за загадување, прифаќаме владини ограничувања за активностите на загадување коишто би биле неприфатливи во повеќето области од нашиот живот.
Нашите слободи се ранливи
Слободите ретко се одземаат одеднаш. Тие обично се губат постепено, при што луѓето ретко ја забележуваат загубата. Дури и кога слободата директно е намалена, како кога владата наметнува професионално лиценцирање во име на заштитата на потрошувачите, малкумина го забележуваат тоа, па дури и да забележат, не согледуваат дека ограничувањата ги засегаат токму нив. Но, како што истакнал големиот австриски економист Ф.А. Хајек, „Придобивките коишто ги добивам од слободата . . . главно се резултат на уживањето на слободата од другите“.(2) На пример, оние коишто најмногу страдаат кога луѓето ја губат слободата да станат бербери без да мораат да полагаат државни испити за хемискиот состав на косата не се амбициозните бербери, туку луѓето на кои им треба потстрижување.
Исто така, постои една подмолна динамика во губењето на слободата. Директните ограничувања секогаш ја намалуваат слободата повеќе од очигледно бидејќи секое ограничување незабележливо ја поткопува отчетноста на пазарот што ја прави слободата возможна.
Томас Џеферсон бил во право кога рекол: „Цената на слободата е вечната будност“. Поверојатно е дека луѓето внимателно ќе ја штитат својата слобода кога ќе ја разберат нераскинливата врска помеѓу неа и пазарот.
Прашања за крај: Како трговските ограничувања и даноците влијаат врз слободната трговска размена? Како тие влијаат врз создавањето богатство?
- Ја приспособив оваа изјава за да ја земам предвид ситуацијата во која една земја е богата со природни ресурси, но има и автократски политички режим којшто ги ограничува слободите на своите граѓани. Дури и во овој случај, недостатокот на слобода ја спречува земјата да ги оствари целосните придобивки од своите ресурси и ја поткопува продуктивноста неопходна за проширување, па дури и за одржување на нејзиното богатство. ↩︎
- Видете F.A. Hayek, The Constitution of Liberty (Chicago: University of Chicago Press, 1960), стр. 32. ↩︎
„Markets and Freedom“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.