Нелојална конкуренција со Сонцето
Од Фредерик Бастија (скратена верзија на „Петиција на производителите на свеќи“)
Прашање за размислување: Политичарите честопати тврдат дека евтиниот увоз е лош за економијата. Размислете за овој став додека го читате документов.
„Господа, вие сте на вистинскиот пат. Ги отфрлате апстрактните теории и имате малку смисла за евтинијата и за изобилството. Вашата главна грижа се интересите на производителите. Сакате да ги заштитите од странската конкуренција и да го резервирате националниот пазар за националната индустрија.
Страдаме од неподносливата конкуренција од еден надворешен ривал, којшто, се чини, работи во толку посупериорни услови од нашите за производство на светилки, така што тој апсолутно го преплави нашиот национален пазар по баснословно намалена цена. Во моментот кога тој ќе се појави, нашата трговија престанува, сите потрошувачи се свртуваат кон него, а една гранка на домашната индустрија којашто има немерливи последици одеднаш влегува во целосна стагнација. Овој ривал, којшто е всушност Сонцето, води војна до смрт против нас и се сомневаме дека е испратен од гордиот Албион (добра политика како што покажува времето); зашто кон тој горд остров покажува претпазливост којашто нам ни ја ускратува.
Она за што се молиме е да донесете закон со кој се наредува затворање на сите прозорци, светларници, покривни прозорци, надворешни и внатрешни капаци, завеси, ролетни, стаклени отвори, со еден збор, сите отвори, дупки, процепи и пукнатини, низ и преку кои сончевата светлина влегувала во куќите, на штета на заслужните производители со кои се гордееме дека ја опремивме нашата земја – земја којашто, за возврат, не треба да нè остави сега на цедило во еден толку нерамноправен судир.
Веруваме, господа, дека ова наше барање нема да го сметате за сатира или да го одбиете без барем претходно да ги слушнете причините за него.
Прво, ако го затворите колку што е можно повеќе пристапот до природна светлина и создадете побарувачка за вештачка светлина, кој од нашите француски производители не би бил охрабрен од тоа?
Господа, ги очекуваме вашите приговори, но сме свесни дека можете да ни контрирате само со идеи земени од застарени пишувања на поддржувачи на Слободната трговија. Ве предизвикуваме да кажете збор против нас што нема веднаш да се одрази на вас и на целата ваша политика.
Ако имаме корист од заштитата што ја бараме, ќе тврдите дека земјата ќе страда бидејќи потрошувачот на крајот ќе биде тој што ќе биде погоден.
Ние одговараме:
Го изгубивте секое право да се повикувате на интересите на потрошувачите бидејќи нив ги жртвувате секогаш кога се во конфликт со интересите на производителите. Тоа го направивте за да ги охрабрите работниците и оние коишто бараат вработување. Треба да го сторите тоа повторно од истата причина.
Вие самите го отстранивте овој приговор. Кога ќе ви кажат дека потрошувачот е заинтересиран за бесплатен увоз на железо, јаглен, пченка, текстил – да, вие одговарате, но интересот на производителот е нивното исклучување. Па, нека биде така; ако потрошувачите се заинтересирани за бесплатна природна светлина, производителите на вештачка светлина подеднакво се заинтересирани за нејзината забрана.
Ако тврдите дека сончевата светлина е бесплатен дар од природата, а одбивањето на таквите дарови е исто како и одбивање богатство во име на промовирање начини за негово стекнување, ве советуваме да не ја поткопувате сопствената стратегија. Имајте на ум дека до сега секогаш сте одбивале странски производи, бидејќи тие повеќе се слични на бесплатни подароци отколку на локални производи.
Производството на добра вклучува комбинација на природни ресурси и човечки труд во разни размери (во зависност од земјата и од климата).
Делот којшто го дава природата е бесплатен; но делот којшто се извршува со човечки напор ја дава вредноста и тој дел се плаќа.
Ако лисабонските портокали се продаваат за половина од цената на париските портокали, тоа е затоа што едните растат под природна, бесплатна топлината што влијае врз едната цена, а другите растат со помош на многу поскапа топлина што секако влијае врз другата цена.
Кога станува збор за португалски портокали, може да заклучиме дека делумно се произведени бесплатно, а делумно со далеку помал трошок, па затоа нивната цена е речиси за половина помала од онаа на париските портокали.
Токму бесплатната половина (простете ми на зборот) којашто е нашата конкуренција треба да биде исклучена. Прашувате, како може домашната работна сила да биде конкурентна со странската работна сила, кога домашната ја врши целата работа, а странската само половина, а другиот дел го добиваат од Сонцето. Меѓутоа, ако оваа половина којашто се добива бесплатно, ве води кон елиминирање на конкуренцијата, тогаш како целата работа, којашто, исто така, се добива бесплатно, ќе ве натера да дозволите конкуренција?
Ако сте доследни, иако би го исклучиле како штетно за домашната индустрија она што половина е бесплатно, а fortiori и со двојна ревност би го исклучиле она што целосно е бесплатно.
Да повториме, кога увезуваме производи како што се јаглен, железо, пченка или текстил и можеме да ги набавиме со помалку труд отколку ако самите ги произведуваме, разликата е бесплатниот дар којшто ни се дава. Значењето на дарот зависи, повеќе или помалку, од разликата. Кога странец бара само три четвртини, половина или четвртина од првичната цена, тоа е еквивалентно на тоа да платиме четвртина, половина или три четвртини од вредноста на производот. Нема нешто посовршено и поцелосно отколку кога донаторот (во случајов Сонцето што нè снабдува со светлина) не бара ништо за возврат од нас. Прашањето, коешто е чиста формалност, е следново: Дали за нашата земја ги посакувате бесплатните придобивки при производството или привидните предности со огромни трошоци?
Направете логичен избор; ако веќе пропорционално ги исклучувате производите како што се јаглен, железо, пченка и странски ткаенини бидејќи нивните цени се приближуваат до нула, би било недоследно да се вклучи сончевата светлина, којашто е бесплатна цел ден!
Прашања за крај: Дали трговските ограничувања како што се царините и квотите ја зголемуваат домашната вработеност? Дали ограничувањата им помагаат на Американците да постигнат повисоки нивоа на доход? Зошто да или зошто не?
„Unfair Competition with the Sun“ скратена верзија на „The Petition of the Candlestick Makers“ од Фредерик Бастија подлежи на авторски права. За повеќе информации за повторно печатење или за дистрибуција, обратете се на webmaster@econlib.org.