Бруто-домашен производ (БДП)
Што е и како се мери?
Бруто-домашен производ (БДП) е пазарната вредност на сите стоки и услуги за крајните корисници произведени дома во извесен временски период (година или квартал). БДП е мерка за производство – тој е дизајниран да го мери производството на стоки и на услуги произведени во една економија. Дефиницијата за БДП ни кажува многу за тоа што се мери со него. Ја мери „пазарната вредност“ на произведените стоки и услуги. Пазарните цени коишто се плаќаат за различни артикли одредуваат колку тие ќе додадат на БДП. На пример, ако нов автомобил се продава за 20.000 долари, а телевизор за 1.000 долари, тогаш автомобилот ќе придонесе 20 пати повеќе во вредноста на БДП во споредба со телевизорот.
Само стоките и услугите продадени на нивните крајни корисници се вклучени во БДП. Многу стоки минуваат низ неколку меѓуфази на производство. Набавките на суровини и стоки додека минуваат низ овие меѓуфази на производство не се вклучени во БДП бидејќи нивната вредност ќе се одрази на пазарната цена којашто ја плаќа крајниот корисник на стоката или на услугата. Како резултат на тоа, би се случило двојно вклучување во БДП, секако доколку и суровините и стоките од меѓуфазата се вклучени заедно со набавните цени коишто ги плаќаат нивните крајни потрошувачи.
БДП е мерка за „домашното производство“: аутпутите произведени во географските граници на земјата без разлика дали тоа ги одразува продуктивните напори на граѓаните или на странците. Производството од нејзините државјани надвор од географските граници на земјата е исклучено. На пример, приходот генериран од американски деловен консултант којшто работи во Мексико би го зголемил БДП на Мексико, но не и на САД. Соодветно, приходот на јапонски хемиски инженер којшто работи во САД ќе биде вклучен во БДП на САД, но не и во оној на Јапонија.
Во БДП за тековната година се вклучени само стоките и услугите произведени во тековниот период. Купувањето и продажбата на користени артикли не се вклучуваат во БДП бидејќи не го одразуваат тековното производство. Нивната вредност е вклучена во БДП но во неговата вредност од претходниот период кога и биле произведени. На пример, продажбата на автомобил од 2007 година во 2010 година нема да биде вклучена во БДП од 2010 година бидејќи не бил произведен во 2010 година. Тој веќе бил вклучен во БДП за 2007 година кога бил произведен и да се вклучи повторно кога користениот артикл бил препродаден ќе подразбира двојно броење. Спротивно на тоа, услугите на лице коешто помага да се организира трансакција на користени артикли, реални и финансиски средства и на други стоки го одразуваат моменталното производство. Така, провизиите за продажба и другите плаќања за продажни услуги извршени во текот на годината се бројат кога биле обезбедени. Финансиските трансакции и трансферите на приходи не се вклучуваат во БДП бидејќи не вклучуваат производство.
Купувањето и продавањето акции и други финансиски инструменти како обврзници, удели во инвестициски фондови и сертификати за депозит претставуваат пренос на сопственост од едно лице или од една организација на друго. Слично на тоа, бенефициите за социјално осигурување, надоместите за попреченост, подароците и другите трансфери на доход се само движење на доходот и сопственичките права од една до друга страна. Тие не вклучуваат тековно производство и затоа овие трансфери не се вклучени во БДП.
БДП е мерка за производство преку пазарите. Непазарните производствени активности се испуштени. На пример, производството во рамки на домаќинството, како што се подготовката на храна и услугите за грижа за деца, не вклучува пазарни трансакции и затоа не е вклучено во БДП. Понатаму, БДП, ги испушта и активностите на „сивата“ економија – неевидентираните трансакции како што се оние коишто вклучуваат нелегални активности како трговија со дрога, проституција и доход којшто е непријавен за да се избегне данок.
БДП го мери производството на стоки и на услуги произведени и во приватниот и во државниот сектор. Вклучено е домашното производство на деловниот сектор, без разлика на тоа дали фирмите се во сопственост на државјани или на странци. Како што дискутиравме погоре, владините трансфери на доход не се вклучени во БДП. Но, купувањето и/или обезбедувањето стоки и услуги од локалните, државните и од федералните влади се вклучени во БДП бидејќи тие го одразуваат тековното производство.
Споредби на БДП низ времето
Кога се прават споредби на БДП низ времето, важно е да се приспособат на промените во општото ниво на цените. Постојат две причини зошто номиналниот БДП може да биде повисок во еден период од друг: (1) зголемување на општото ниво на цените и (2) зголемување на количината на произведените стоки и услуги. Само второто ќе го подобри животниот стандард. Затоа, како што номиналниот БДП се менува со текот на времето, важно е да се направи разлика помеѓу зголемувањата на БДП коишто само укажуваат на пораст на цените во однос на оние коишто произлегуваат од зголемувањето на количината на произведени стоки и услуги.
Економистите користат индекс на цени, дефлатор на БДП, за да ги приспособат податоците за номиналниот БДП на влијанието на зголемувањата на општото ниво на цените низ времето. Дефлаторот на БДП е мерка за општото ниво на цените во однос на базната година, на која ѝ е доделена вредност од 100. Како што растат цените во однос на базната година, дефлаторот на БДП ќе се зголемува пропорционално. Дефлаторот на БДП може да се користи заедно со номиналниот БДП за да се изведе реалниот БДП, што е БДП мерено во долари со постојана куповна моќ. Реалниот БДП го сведува на нето-износ зголемувањето на номиналниот БДП коешто само го одразува зголемувањето на општото ниво на цените. Реалниот БДП во овој временски период (t), мерен во однос на нивото на цените во базната година, е еднаков на:

Ако цените сега се повисоки отколку во претходната базна година, односот на десната страна ќе биде помал од еден и ќе ја прилагоди сегашната бројка на номиналниот БДП во однос на повисокото тековно ниво на цени во споредба со претходната базна година. Размислете за бројките на БДП за САД во 2005 и во 2009 година. Во 2009 година, номиналниот БДП на САД беше 14.256 милијарди американски долари во споредба со само 12.638 милијарди во 2005 година. Така, номиналниот БДП беше 12,8 отсто повисок во 2009 година отколку во 2005 година. Сепак, голем дел од ова зголемување на номиналниот БДП ја одразуваше инфлацијата наместо зголемувањето на реалниот аутпут. Дефлаторот на БДП, индексот на цени којшто ги мери промените во цените на сите стоки вклучени во БДП, се зголеми од 100,0 во текот на базната 2005 година на 109,7702 во 2005 година. Ова укажува дека цените се покачиле за околу 9,8 отсто во периодот помеѓу 2005 и 2009 година (109,7702-100, изразено во проценти). За да се изведе реалниот БДП од 2009 година, номиналниот БДП од 2009 година мора да се намали во однос на повисокото општо ниво на цените во споредба со 2005 година. Користејќи ја горната равенка, номиналниот БДП од 2009 година од 14.256,3 милијарди американски долари прво се множи со 100, а потоа се дели со дефлаторот на БДП од 109,7702. Ова дава реален БДП од 12.987,4 милијарди долари [(14.256,3 долари *100)/ 109,7702], само 2,8 отсто повеќе отколку во 2005 година. Така, додека номиналниот БДП се зголемил за 12,8 отсто, реалниот БДП се зголемил за само 2,8 отсто.
Кога се споредува БДП низ времето, од витално значење е користењето на реалниот БДП наместо номиналниот БДП. Бројките за реалниот БДП ги игнорираат промените во општото ниво на цените, фокусирајќи се само на промените во реалниот аутпут на произведените стоки и услуги. Ова ги прави споредбите на реалниот БДП позначајни.
Понатаму, кога се разгледува животниот стандард низ времето, треба да се користи БДП по глава на жител, односно БДП по лице. Зголемувањето на БДП по глава на жител укажува дека со текот на времето се произведува поголемо количество стоки и услуги по лице. Без зголемување на производството по лице, малку е веројатно подобрувањето на животниот стандард.
Во САД, Бирото за економска анализа на Министерството за трговија (БЕА) го пресметува БДП и ги користи овие пресметки за да понуди преглед на економијата на САД. БЕА прикажува економска статистика којашто влијае врз одлуките на владините службеници, деловните луѓе и на приватните лица. Статистиката дадена на http://www.bea.gov/index.htm нуди сеопфатна, ажурирана слика за економијата на САД.
Статијата е искористена со дозвола на Common Sense Economics.