Економија на здравиот разум

Социјална соработка и пазар

од Двајт Ли

Прашање за размислување: Додека го читате ова четиво, размислете за следново: Дали слободните и отворени пазари ја промовираат социјалната соработка?

Основните сознанија од економијата произлегуваат од образложувањето како поединците коишто се водат според своите лични интереси прават избори коишто им овозможуваат и на другите да ги остварат своите сопствени интереси. Оваа социјална соработка не е неизбежна. Потребни се правила коишто ги мотивираат луѓето да го земат предвид она што ги засега и другите. Правилата со кои се постигнува овој неверојатен подвиг ја дефинираат слободната пазарна економија.(1)

Слободните пазарни економии се разликуваат во своите карактеристики поради културните варијации. Но, основните правила можат да се утврдат во однос на приватната сопственост. Имотот е во приватна сопственост, а приватните сопственици имаат право, во широки граници, да го користат својот имот како што сметаат дека е соодветно; правата на сопственост се преносливи под услови кои се заемнодоговорени. Пред да размислиме како овие правила ја поттикнуваат социјалната соработка, да видиме колку е извонредно тоа достигнување.(2)

Звучи невозможно

За целосна социјална соработка потребно е секој човек да има информации за преференциите на сите засегнати од неговите одлуки и за постојано променливите услови коишто го менуваат релативниот недостиг на ресурси. На пример, секој што размислува да користи памучни производи мора да биде информиран дали на бразилските тинејџери им се зголемува желбата за тексас-облека или дали понудата на памук потребен за производство на тексас е намалена поради лошото време во Мисисипи или дали новите докази сугерираат дека работата на полињата со памук може да предизвика проблеми со дишењето. Луѓето треба да знаат буквално милиони работи коишто влијаат врз потрошувачката и врз производството на илјадници производи за да имаат доволно информации да ги прилагодат своите одлуки на заемно приспособливи начини.

Во овој момент, би можеле да кренеме раце и да мислиме дека исполнувањето на барањето е невозможно.

Пренесувањето информации е само дел од проблемот. Дури и ако се информирани, луѓето треба да бидат мотивирани да постапуваат соодветно, да покажат загриженост за туѓата благосостојба исто како и за својата.

Но, пред да заклучите дека за социјалната соработка е потребна информативна мрежа посупериорна од сѐ за кое постојат мали шанси да биде достапно и ниво на сочувство што ретко го практикуваат обичните смртници, размислете дека секој ден имаме корист токму од тој тип социјална соработка. Навистина, тоа е толку вообичаено што повеќетомина го земаат здраво за готово.

Како се случува тоа?

Што е тоа што ги усогласува стремежите на милијарди поединци коишто имаат малку директни информации или интерес за околностите на другите? Одговорот се наоѓа во информациите и стимулациите коишто се појавуваат кога луѓето ги извршуваат своите цели во согласност со пазарните правила за приватна сопственост и доброволната размена.

Кога имотот е во приватна сопственост и трансферите се доброволни, цените што произлегуваат од интеракцијата на купувачите и на продавачите пренесуваат огромна количина информации. Цената на еден производ што вие ја гледате ја одразува вредноста којашто другите потрошувачи ја придаваат на дополнителна единица од него. Ако вредноста којашто бразилските тинејџери ѝ ја придаваат на тексас-облеката се зголеми, нивните дополнителни купувања ќе ја пренесат оваа информација низ целиот свет во форма на малку повисоки цени за памучните производи. Секој што размислува да ги купи овие производи веднаш ќе биде свесен за нивната зголемена вредност за другите. Цените укажуваат и на релативната достапност на различни производи и на трошоците за производство на повеќе од нив.

Пазарните цени ги мотивираат луѓето да се однесуваат како да се загрижени за интересите на другите исто како што се загрижени за своите. Потрошувачите реагираат на повисоките цени предизвикани од бразилските тинејџери како да си мислат: „Тинејџерите во Бразил ни кажуваат дека го ценат дополнителниот памук во тексас-облеката малку повеќе отколку што ние го цениме во памучните производи што ги користиме; затоа, ќе ја намалиме нашата потрошувачка за да ја зголемат Бразилците својата“. Или во случај на докази за штети по здравјето на работниците во памучната индустрија, потрошувачите реагираат на повисоките цени како да мислат: „Ќе ја намалиме потрошувачката на памучни производи за да го намалиме бројот на луѓе изложени на ризик на полињата со памук и ќе платиме малку повеќе за да се компензираат оние коишто се подготвени да го преземат тој ризик.“

Се разбира, првенствено личниот интерес е она што ги мотивира потрошувачите да реагираат така, а не грижата за луѓето коишто никогаш нема да ги запознаат. Всушност, повисоките цени не им кажуваат ништо на потрошувачите за тоа зошто памучните производи станале повредни. (Важните информации, се разбира, се соопштуваат и преку пониски цени.) Пазарните цени се ефикасни токму затоа што не ги преоптоваруваат потрошувачите со неважни информации.

Цените ги мотивираат и добавувачите да одговорат на интересите на другите. Очигледно, повисоките цени им кажуваат на добавувачите дека потрошувачите сакаат повеќе од тој производ. Добавувачите силно се мотивирани да одговорат соодветно. Но, потрошувачите соопштуваат и информации коишто не им одговараат на добавувачите кога ќе одлучат дека сакаат помалку од некој производ.

Потрошувачите комуницираат со добавувачите индиректно преку цените за работна сила, земјиште, машини, полупроизводи и за суровини (влезни материјали). Цените коишто производителите на текстил, на пример, ги плаќаат за суровините ја одразуваат вредноста којашто потрошувачите ја ставаат на другите производи што би можеле да се произведат од тие суровини. Доколку тие други производи станат повредни за потрошувачите, производителите на текстил ќе ги добијат овие информации преку повисоки цени за своите суровини коишто ги нудат другите индустрии. Производството на текстил ќе се намали, а некои производители на текстил би можеле да банкротираат. Кога добавувачот го намалува своето производство или банкротира, тоа е како да вели: „Потрошувачите ми велат дека ресурсите што ги користам се повредни за производство на други работи, па според тоа ќе користам помалку од нив за да можат да ги искористат подобро другите.“

Пазарот е виновен за својот успех

Социјалната соработка којашто произлегува од информациите и од стимулациите коишто се соопштуваат преку пазарот не е совршена. Но, ниту еден друг економски систем ни оддалеку не се споредува со пазарот во дозволувањето на луѓето да ги постигнат своите цели низ продуктивна меѓусебна соработка. Критиките на пазарот првенствено се насочени кон неговите достигнувања, а не кон неговите недостатоци. Вообичаено се обвинува за пренесување вести за оскудност. Никој не сака оскудност, но таа не е предизвикана од пазарите. Навистина, чудото на пазарите е што тие ги повикуваат на акција оние коишто се во најдобра можност да реагираат. Да се обвинат пазарите за оскудноста е исто како да се обвинат противпожарните аларми за пожари.

Проблемот со оскудноста секогаш ќе постои. Но, социјалната соработка којашто се реализира само преку пазарот ни дозволува да ги поместиме границите на оскудноста подалеку отколку што е тоа можно во кој било друг систем.

Прашања за крај: Дали пазарните цени ги поттикнуваат луѓето да соработуваат меѓу себе? Дали личниот интерес го поткопува работењето на пазарите? Дали е важна социјалната соработка преку пазарите ако сакаме да го извлечеме максимумот од нашите ресурси? Образложете.

Навратете се на Елемент 3.8
  1. Добро е познато мислењето на Адам Смит за социјалната соработка во однос на неговата „невидлива рака“. Видете The Wealth of Nations (New York, Modern Library, 1937 [1776]), стр. 423. ↩︎
  2. Читателите се охрабруваат да придонесат за дискусијата во овој дел со тоа што ќе го прочитаат F.A. Hayek, „The Use of Knowledge in Society“, во неговиот Individualism and Economic Order (Chicago: University of Chicago Press, 1980 [1948]). Според моето мислење, ова е една од најважните економски статии некогаш напишани. ↩︎