Производство наспроти штедење енергија
од Двајт Ли
Прашање за размислување: Дали владите можат да одредат колку производството и штедењето на енергијата е соодветно и е ефикасно? Образложете.
Едно од најважните согледувања во економијата било направено од Ф.А. Хајек во познатата статија насловена „Примена на знаењето во општеството“ (The Use of Knowledge in Society) (American Economic Review, септември 1945 година). Сознанието на Хајек е едноставно, но моќно: информациите неопходни за правење разумни економски избори премногу се дисперзирани и сложени за некогаш да ги поседува некој поединец или некоја група експерти. Хајек во својата статија нагласува дека само преку пазарните цени луѓето можат да бидат доволно информирани за да ги распределат ресурсите најефикасно. Елиминирајте ги пазарните цени или менувајте ги со политички наметнати горни и долни граници и систематски ќе ги уништите информациите коишто им се потребни на луѓето за да избегнат губење ресурси.
За жал, повеќетомина не ја разбираат поентата на Хајек. Ова неразбирање е особено присутно кај политичарите и кај новинарите. Се чини дека преовладува ставот дека кога ќе се појави некој економски проблем, решението лежи во незнаењето.
Најновиот пример за овој став е поврзан со дебатата за производство наспроти штедење во однос на енергетската политика. Многумина се согласуваат дека Конгресот треба да донесе одлука за оптималната рамнотежа помеѓу производството и штедењето по наложувањето на ценовните ограничувања засновани на пазарот за клучните цени на енергијата. Да земеме предвид еден уреднички коментар во Business Week од 28 мај 2001 година: „Никој, освен неколку екоекстремисти, не верува дека штедењето е единствениот одговор на енергетската криза. Но, неколкумина веруваат дека штедењето не игра никаква улога. Конгресот треба да преговара за рамнотежа во наредните недели“. (Се додава дополнителен акцент. Треба да истакнам дека во оваа статија не се препорачува контрола на цените.)
Ако политичарите само му одолеат на нагонот да ги контролираат цените на енергијата, нема да мора да се грижат за „преговарање за рамнотежа“ помеѓу производството и штедењето на енергијата. Но, откако му потклекнаа на поривот да ги контролираат цените, ниту политичарите ниту некој друг не знае колку производство и штедење се соодветни.
Секојпат кога ќе се загрижиме за достапноста на енергијата, започнува дебата за штедење наспроти производство. Тоа се случи во 1970-тите и во раните 80-ти како одговор на ограничувањата на извозот на ОПЕК и повторно на почетокот на оваа година како одговор на помалку драстичните намалувања на ОПЕК заедно со политички предизвиканиот недостиг на електрична енергија во Калифорнија. Едната страна тврди дека треба да возиме помали автомобили, повеќе да го користиме јавниот превоз, да купуваме енергетски поефикасни уреди, подобро да ги изолираме нашите домови и канцеларии и да ги одржуваме потопли во лето и поладни во зима; списокот на можности е долг. Другата страна тврди дека само штедењето нема да доведе до успех, па затоа треба да произведуваме повеќе енергија со дупчење за повеќе нафта, ископување повеќе јаглен, изградба на повеќе постројки за производство на електрична енергија и ставање повеќе нуклеарни централи во функција.
Се разбира, разумните луѓе од двете страни на дебатата признаваат дека е неопходна рамнотежа помеѓу штедењето и производството. Но, сите инсистираат на тоа дека нивните препораки за политики ќе резултираат со вистинската комбинација или дека препораката на другата страна ќе резултира со погрешна комбинација.
Која страна е во право? Која е најдобрата комбинација на производство и на штедење? Одговорот е, никој не знае. Никој! Ниту еден поединец или група експерти во Вашингтон, или на кое било друго место, нема поим за тоа колку енергија треба да зачуваме или да произведеме.
Но, можеме да дознаеме
Но, постојат информации неопходни за одредување на најдобрата рамнотежа помеѓу штедењето и производството, делумно во форма на стручно знаење за техничките детали за обнова на енергетските ресурси, претворање на тие ресурси во употреблива енергија и нејзин пренос до корисниците. Овие информации ги поседуваат десетици илјади луѓе раштркани низ светот, од кои малкумина имаат директен меѓусебен контакт. Сепак, ако одлуките поврзани со енергијата треба да бидат разумни, сето тоа треба да се собере, да му се даде соодветна тежина и да им се пренесе на оние коишто можат најдобро да го искористат.
Подеднакво важните информации не се поврзани со експертизата и уште повеќе се раштркани: информациите коишто ги имаат милиони поединци за своите околности и преференции, како и компромисите што тие се подготвени да ги направат. Некои лесно одат со автобус до работа, додека други живеат во области или имаат работа каде што возењето со автобус тешко е изводливо. Некои би можеле да се префрлат на помали автомобили, додека други со поголеми семејства и со посебни потреби не би можеле. Некои би претрпеле мала непријатност од повисоките внатрешни температури, додека оние со одредени здравствени проблеми би имале поголеми непријатности. Некои луѓе едноставно се плашат од темнината и се подготвени да се откажат од други работи за да ги остават светлата вклучени ноќе. Овие информации не само што се пофрагментирани и пораштркани од експертските информации, туку се и крајно субјективни и е невозможнo прецизно да се артикулираат, ако воопшто и можат да се артикулираат. Овие информации можеби изгледаат прилично вообичаени, но се од исто толку суштинско значење за паметни енергетски избори како што е научното знаење на експертите.
За среќа, нема потреба да се собираат сите овие информации на едно место за да можат да се обработат компјутерски за да се одреди вистинската рамнотежа на штедење и на производство – дури и да се соберат сите информации, ниеден компјутер не може да ги обработи сите – па дури и да може, до моментот кога ќе се изврши обработката, информациите би се промениле.
Единствениот начин на кој информациите потребни за да се донесат разумни енергетски одлуки можат да се пренесат од оние коишто ги имаат на оние коишто се во најдобра позиција да одговорат соодветно на нив и да се соопштат на начин од кој ќе произлезат соодветни одговори, е преку пазарните цени – под претпоставка дека овие цени не се деформирани со политички наметнати ограничувања.
Пазарните цени им овозможуваат на потрошувачите да ги информираат производителите и да се информираат меѓусебно за тоа колку ја ценат различната употреба на енергијата и им овозможуваат на производителите да ги информираат потрошувачите колку чини да се обезбедат различни видови енергија. Како одговор, потрошувачите ќе ја намалат потрошувачката на енергија на начини на кои нивните непријатности ќе бидат сведени на минимум кога тие непријатности ќе бидат помали од вредноста на заштедената енергија. Производителите ќе го зголемат производството на извори на енергија коишто нудат најдобра вредност за потрошувачите по бараниот трошок и ќе продолжат да ги прошируваат овие извори сè додека потрошувачите ја ценат дополнителната енергија повеќе од вредноста којашто е жртвувана за да се произведе таа. Резултатот е комбинација на заштеда и на производство што најдобро ги усогласува интересите на сите нас.
Соопштувањето на цените не функционира совршено, па дури и без ценовни ограничувања може да се каже дека пазарите не ја гарантираат точната количина на заштеда и на производство на енергија.
Но, одлуките поврзани со енергијата донесени како одговор на информациите дадени од пазарните цени далеку се подобри од оние што ќе ги донесат политичарите и бирократите во информативниот вакум што го создаваат со наметнување ценовни ограничувања.
Прашање за крај: Споредете ја ефикасноста на одлуките поврзани со енергијата донесени од приватни лица коишто реагираат на ценовните сигнали со ефикасноста на одлуките донесени од владините службеници коишто реагираат на политичките околности.
„Energy Production versus Conservation“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.