Политиката и надворешната трговија
од Двајт Ли
Прашање за размислување: Зошто владите ја оданочуваат и ја ограничуваат трговијата?
Прашањето на слободната трговија е импозантно, и теоретски и емпириски, кога се применуваат концептите на опортунитетни трошоци и на компаративна предност. Дури и ако луѓето во една земја имаат апсолутна предност во производството на сè, тие, сепак, имаат придобивки од надворешната трговија бидејќи не можат да се специјализираат во секоја област.
Многубројните емпириски докази ги поддржуваат теоретските аргументи во корист на слободната трговија. Колку повеќе земјите дозволуваат меѓународната трговија да ги насочува нивните продуктивни напори во нивните компаративни предности, толку повеќе тие напредуваат во однос на оние што ја ограничуваат трговијата. И покрај овие докази, речиси ниту една земја не следи политика на слободна трговија. Со ретки, и обично краткотрајни исклучоци, владите ги намалуваат економската продуктивност и просперитетот на своите граѓани со оданочување или со наметнување квоти за увозот. Зошто? Одговорот на тоа прашање е целта на овој есеј.
Соработка наспроти конфискација
Со оглед на предностите на слободната трговија, ниту една влада не би наметнала бариери за увоз доколку политичкиот процес дозволува ист степен на социјална соработка како и пазарниот процес. Кога ќе се отстранат трговските ограничувања, потрошувачите остваруваат добивка, но при тоа некои работници и инвеститори губат, повеќето привремено, а некои и трајно. Дури и на оние коишто трајно ќе изгубат од елиминацијата на трговската заштита на нивната индустрија, сепак, ќе им биде подобро да живеат во економија со целосно слободна трговија отколку во економија каде што се заштитени сите домашни индустрии. Иако некои поединци можат да имаат корист од заштитата на нивната индустрија, тие би изгубиле многу повеќе како потрошувачи од заштитата на сите други. Поединците коишто работат во индустрија со многу силна странска конкуренција можат да бараат владина заштита ако не сакаат да ги земат предвид трошоците што таа ги наметнува врз другите. Но, протекционизмот не би се случил доколку индустријата мора да ги плати овие трошоци бидејќи товарот за потрошувачите секогаш е поголем од придобивките за заштитената индустрија.
За жал, кога луѓето добиваат придобивки од владата, тие не мора да плаќаат цени што ги одразуваат нивните трошоци, како што прават за придобивките добиени на пазарот. Соработката на пазарот доаѓа од способноста на пазарот да ги собира и да ги соопштува трошоците коишто широко се распространети кај многумина, така што тие се земаат предвид од одговорните за нив. Спротивно на тоа, кога трошоците од политички обезбедените придобивки се дисперзирани кај многумина, тие трошоци веројатно ќе бидат игнорирани. Така, владата најчесто станува средство со кое луѓето можат да добијат приватна предност преку конфискација, а не преку соработка.
Слабоста на мнозинството
Трговското ограничување ги концентрира придобивките за неколкумина во заштитената индустрија, додека ги распределува трошоците на целата потрошувачка јавност. Со оглед на тоа што трошоците за ограничување на трговијата се распределуваат на милиони потрошувачи, малкумина се свесни за вишокот што го плаќаат за заштитениот производ. На крајот на краиштата, потрошувачите купуваат стотици различни производи, а малото зголемување на цената на еден производ обично има мало влијание врз нивната благосостојба. Дури и ако потрошувачите се свесни за дополнителните трошоци, ретко кој ќе знае дека тоа е предизвикано од некое трговско ограничување. И ако потрошувачите случајно ја знаат причината за дополнителните трошоци, тие многу не се мотивирани да одговорат политички. Дури и да можат да го елиминираат трговското ограничување, таквиот напор може да чини исто или повеќе од ограничувањето. Иако вкупната придобивка од елиминацијата на ограничувањето е огромна, поголемиот дел од неа ќе им припадне на другите потрошувачи без разлика дали презеле или не презеле политичко дејствие. Но, политичкото дејствие на потрошувачот веројатно нема да вроди со плод ако дејствува сам.
Се разбира, доколку голем процент од потрошувачите се единствени во дејствувањето, сигурно ќе имаат одлучувачко политичко влијание. Но, бидејќи бројот на потрошувачи многу е голем, а секој потрошувач има многу мал удел во исходот, речиси е невозможно да се организираат за политичко дејствие.
Како што честопати се случува, колку е поголем бројот на луѓе на кои им штети одредена политика, толку е послабо нивното политичко влијание.
Моќта на неколкумината
Од друга страна, бидејќи релативно малкумина имаат корист од некое трговско ограничување, тие ќе имаат големо влијание при лобирањето за него. Секој од нив има значителна придобивка и секој е свесен и за сопствената добивка и за изворот на таа добивка. Исто така, бидејќи се малкумина, тие релативно лесно се организираат за некое политичко дејствие. Навистина, тие генерално веќе ќе бидат организирани преку индустријата и професионалните здруженија. Значи, кога се размислува за трговско ограничување, политичарите ќе слушнат многу од оние коишто се залагаат за ограничувањето, a многу малку од оние коишто се оштетени од него. Резултатот е пристрасност кон обезбедување концентрирани придобивки и игнорирање на многу поголеми, дисперзирани трошоци. Затоа, честопати се случува колку е помал бројот на луѓе коишто имаат корист од една политика, толку е посилно нивното политичко влијание во нејзина полза.
Со мали, организирани групи способни да остварат придобивки на сметка на пошироката јавност преку ограничувања на трговијата (и многу други политики од посебен интерес), во рамките на политичкиот процес може да се оствари ниско ниво на социјална соработка. Од таа причина, владата претставува постојана закана за социјалната соработка којашто произлегува од активноста на слободниот пазар.
Земање предвид одредени трошоци
Идентификувањето на трошоците за трговските ограничувања е потешко отколку што е наведено погоре. Да ги земеме предвид ограничувањата на увозот на челик. Малкумина купуваат челик директно. Наместо тоа, тие за него плаќаат индиректно кога купуваат производи направени од челик. Исто така, кога ограничувањето на увозот ги зголемува цените на челикот, можностите за вработување се намалуваат во индустриите коишто се потпираат на челикот како суровина. Оние коишто не добиваат работа поради трговските ограничувања ретко се свесни за причината. Се проценува дека ограничувањето на увозот на челик на 15 проценти од американскиот пазар би ги чинело американските потрошувачи 189.000 долари годишно за секое зачувано работно место во таа индустрија и дека за секое зачувано работно место во таа индустрија во САД, би биле уништени над 3,5 работни места во САД поради повисоките цени на челикот.(1)
Прашања за крај: Што доведува до поголема социјална соработка? Активност на пазарите или на владите? Дали степенот на социјална соработка влијае врз економскиот напредок и врз животниот стандард на луѓето? Образложете го вашиот одговор.
- Видете Arthur Denzau, „American Steel: Responding to Foreign Competition“, Центар за проучување на американскиот бизнис, Универзитет на Вашингтон, Св. Луис, Мо., февруари 1985. ↩︎
„Politics and Foreign Trade“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.