Економија на здравиот разум

Не е ваше да давате од животот на полковникот Дејвид Крокет

од Едвард Елис (скратена верзија)

Прашање за размислување: Дали поддршката за поединци и за семејства во неволја најдобро се канализира преку владата или кога поединците лично донираат од сопствени пари?

Еден ден во Претставничкиот дом беше донесен предлог-закон за доделување пари на вдовица на угледен поморски офицер. За негова поддршка беа одржани неколку убави говори. Претседателот штотуку сакаше да го постави прашањето кога Крокет стана:

„Господине претседателе, имам голема почит кон споменот на починатиот, но исто толку сочувство за страдањата на живите, секогаш кога има страдања, како и секој човек во овој Дом, но не смееме да дозволиме нашата почит кон мртвите или нашето сочувство за дел од живите да нѐ доведе до чин на неправда кон живите. Нема да навлегувам во расправа за да докажам дека Конгресот нема моќ да ги додели овие пари како добротворен чин. Секој член овде го знае тоа. Имаме право, како поединци, да дадеме онолку од нашите пари колку што сакаме во добротворни цели; но како членови на Конгресот немаме право да доделиме ниту еден долар од јавните пари. До нас беа упатени некои елоквентни барања со образложение дека станува збор за долг кон починатиот. Господине претседателе, покојникот живееше долго по завршувањето на војната; беше на функцијата до денот на неговата смрт и никогаш не сум чул дека владата имала некакви долгови кон него.

Секој во овој Дом знае дека тоа не е долг. Овие пари не можеме да ги доделиме како исплата на долг без притоа да извршиме сериозна корупција. Ние не сме овластени да ги доделиме како добротворен прилог. Господине претседателе, реков дека имаме право да даваме колку што сакаме од своите пари. Јас сум најсиромашниот човек овде. Не можам да гласам за овој предлог-закон, но ќе ја донирам еднонеделната плата за предметот на предлог-законот, и ако секој член на Конгресот го стори истото, сумата ќе изнесува повеќе отколку што бара законот.“

Потоа тој седнал. Никој не одговорил ништо. Предлог-законот бил ставен на гласање и, наместо да биде донесен едногласно, како што се претпоставувало, и како што, несомнено, ќе бил донесен, поради говорот, добил само неколку гласови и, се разбира, не бил донесен.

Подоцна, кога некој пријател го прашал зошто се противел на доделувањето, Крокет вака објаснил:

„Пред неколку години, една вечер стоев на скалите на Капитол со некои други членови на Конгресот, кога вниманието ни го привлече силно светло во Џорџтаун. Очигледно стануваше збор за голем пожар. Се упативме кон местото најбргу што можевме. И покрај сè што можеше да се стори, многу куќи изгореа, а многу семејства останаа без покрив над главата, а, освен тоа, некои од нив изгубија сè освен облеката што ја носеа на себе. Беше многу студено и кога видов како страдаат толку многу жени и деца, почувствував дека треба да се направи нешто за нив. Следното утро беше донесен предлог-закон за доделување 20.000 долари за нивна помош. Ја оставивме настрана сета друга работа и го донесовме предлог-законот во најкус можен рок.“

„Следното лето, кога дојде време да се размислува за изборите, заклучив дека би било добро да остварам средби со луѓето од мојата изборна единица.

Немав опозиција, но, бидејќи изборите се ближеа, не знаев што да очекувам. Јавајќи еден ден во дел од мојата изборна единица каде што не ме познаваа, видов човек како ора во поле и доаѓа кон патот. Го прилагодив одењето за да се сретнеме додека дојде до оградата. Кога дојде, му се обратив. Одговори учтиво, но, како што помислив, прилично ладно.“

„Реков: ‘Jас сум ти, пријателе, едно од оние несреќни суштества што ги викаат кандидати, и –‘ “

„Да, Ве знам; Вие сте полковник Крокет, Ве имам видено и претходно и гласав за Вас последниот пат кога Ве избраа. Претпоставувам дека сега сте излезени да собирате гласови, но не губете го ни вашето ни моето време. Нема повеќе да гласам за Вас.“

„Каков удар . . . Го молев да ми каже што е работата.“

„Е па, полковнику, не вреди да се троши време или зборови на тоа. Не гледам како може да се поправи ситуацијата, но Вие минатата зима го дадовте својот глас, а со тоа се покажа дека или немате капацитет да го разберете Уставот или дека Ви недостасуваат чесноста и цврстината потребни за да се раководите по него. И во двата случаи, Вие не сте човекот што треба да ме застапува. Но, Ве молам простете ми што вака се изразив. Немав намера да ја искористам привилегијата како гласач да зборувам отворено со кандидат за да Ве навредам или да Ве повредам. Само сакав да кажам дека Вашето толкување на Уставот е многу поразлично од моето; и покрај мојата дрскост, сметам дека сте чесен човек. Но, не можам да го игнорирам различното толкување на Уставот, бидејќи Уставот, за да вреди нешто, мора да се смета за светост и строго да се почитуваат сите негови одредби. Човек кој има моќ и погрешно го толкува, колку е поискрен толку е поопасен.“

„Се согласувам со сѐ што кажувате, но сигурен сум дека грешите бидејќи не се сеќавам дека сум гласал минатата зима за некое уставно прашање.“

„Не, полковнику, не грешам. Иако живеам овде на село и ретко го напуштам домот, купувам весници од Вашингтон и внимателно ги следам сите настани во Конгресот. Прочитав во весник дека минатата зима сте гласале за предлог-закон за доделување 20.000 долари на некои жртви на пожар во Џорџтаун. Вистина е?“

„Е па пријателе, признавам. Во право сте за тоа. Но, сигурно никој не би се побунил ако една голема и богата земја како што е нашата треба да додели незначителна сума од 20.000 долари помош на нејзините страдни жени и деца, особено кога касата е полна, преполна и, сигурен сум дека ако бевте на мое место, и Вие ќе постапевте исто како и јас.“

„Не ми пречи сумата, полковнику, туку принципот. Прво, касата на владата треба да биде полна само онолку колку што ѝ е потребно за нејзините легитимни цели. Но, тоа нема врска со прашањето. Моќта за собирање и за исплаќање пари по желба е најопасната моќ којашто може да му се довери на човека, особено според нашиот систем на собирање приходи со тарифи, што го засега секој човек во земјата, без оглед на тоа колку е сиромашен, а колку е посиромашен толку повеќе плаќа сразмерно на своите средства. А што е уште полошо, тоа му тежи на душата, а не е ни свесен каде точно го притиска тежината, бидејќи нема човек во САД којшто може да знае точно колку ѝ плаќа на владата.

Според тоа, додека вие придонесувате за да му помогнете на еден, тој придонес го црпите од илјадници други на кои им е дури и полошо. Ако имате право да дадете кој било износ, а износот е ваш избор, имате право да дадете и 20.000.000 долари наместо 20.000 долари.

Ако имате право да му дадете на еден, тогаш имате право да им дадете на сите; и, бидејќи во Уставот не се утврдени ниту добротворните прилози ниту сумата, вие имате слобода да давате што сакате и кому сакате ако тврдите или верувате дека тоа е за добротворни цели, и тоа во која било сума за која мислите дека е соодветна.

Многу лесно може да се види каква можност се отвора за измами и корупција и фаворизирање, од една страна, и за ограбување на народот од друга страна.

Не, полковнику, Конгресот нема право да дава добротворни прилози. Поединечни членови можат да дадат колку што сакаат од своите пари, но немаат право да чепнат ниту долар од народните пари за таа цел. Ако во овој округ изгореа двојно повеќе куќи отколку во Џорџтаун, ниту Вие, ниту кој било друг член на Конгресот не би помислил да додели ниту долар за наша помош. Конгресот брои околу двесте и четириесетмина членови. Ако го покажеа своето сочувство со настраданите со тоа што сите ќе ја донираа својата неделна плата, ќе собереа над 13.000 долари. Има многумина богати луѓе во и околу Вашингтон коишто можеле да дадат 20.000 долари без тоа да им влијае врз луксузниот живот. Конгресмените решија да си ги задржат парите, коишто, доколку е точно она што се зборува, некои од нив не ги трошат многу чесно; а луѓето од Вашингтон, без сомнение, ве пофалиле што сте ги ослободиле од потребата за давање давајќи го она што не е ваше да го дадете. Преку Уставот, народот го овластува Конгресот да прави одредени работи. За таа цел, Конгресот е овластен да собира и да исплаќа пари и ништо друго. Сè што е вон ова претставува узурпација и кршење на Уставот.“

„Гледате, полковнику, Вие го прекршивте Уставот во она што јас го сметам за витална точка. Тоа е преседан којшто претставува опасност за земјата, бидејќи кога Конгресот еднаш ќе почне да ја шири својата моќ надвор од границите на Уставот, повеќе нема ограничување, ниту има безбедност за луѓето. Не се сомневам дека сте постапиле чесно, но тоа не ја поправа ситуацијата, освен што се однесува до Вас лично, и затоа не можам да гласам за Вас.“

„Ви велам бев шокиран. Сфатив дека ако имам опозиција и овој човек почне да зборува, ќе ги поттикне и другите да зборуваат и во таа изборна единица би можел да имам проблеми. Не можев да му одговорам, а факт е дека бев толку убеден дека е во право, што не ни сакав да му одговорам. Но, сепак морав нешто да кажам и му реков:

„Па, пријателе, потполно си во право кога велиш дека немам доволно капацитет да го разберам Уставот. Сакав да се водам по него и мислев дека целосно сум го проучил. Слушнав многу говори во Конгресот за овластувањата на Конгресот, но она што го кажавте овде на вашата нива има поголема, поиздржана смисла од сите убави говори што некогаш сум ги слушнал. Да го знаев вашето гледиште, никогаш не ќе гласав; Ве молам да ми простите и повторно да гласате за мене и нека ме стрелаат ако некогаш повторно гласам за некој неуставен закон.“

„Низ смеа одговори: „Да, полковнику, еднаш претходно се заколнавте на тоа, но ќе ви верувам повторно под еден услов. Велите дека сте убедени дека погрешно сте гласале. Вашето признание ќе направи повеќе добро отколку ако сте казнети. Ако им кажете на луѓето од изборната единица дека сте погрешиле со ова гласање, јас не само што ќе гласам за Вас, туку ќе направам сѐ што можам да ја потиснам опозицијата, а можеби и да имам мало влијание во тој поглед.“

„Ако не го сторам тоа“, реков јас, „нека ме стрелаат; и за да Ве убедам дека искрено го велам тоа, ќе се вратам овде за една недела или за десет дена и ако ги соберете луѓето, ќе им одржам говор. Направете скара, а јас ќе ја платам.“

„Не, полковнику, ние тука не сме богати луѓе, но имаме доволно намирници да направиме скара и за оние коишто немаат. Жетвата ќе заврши за неколку дена, а потоа можеме да си дозволиме еден ден за скара. Денес е четврток; ќе гледам; да организирам собир наредната сабота. Дојдете кај мене дома во петок, па ќе одиме заедно и Ви ветувам дека ќе дојде многу угледен народ којшто ќе Ве види и ќе Ве слушне.“

„Ќе бидам тука. Но, уште нешто пред да се збогуваме. Морам да знам како се викате.“ Се викам Банс.“ „Хорацио Банс?“ „Да.“

„Па, господине Банс, никогаш претходно Ве немам видено, а Вие велите дека сте ме виделе, но јас многу добро Ве знам. Драго ми е што Ве запознав и многу сум горд што можам да се надевам дека ќе бидеме пријатели.“

„Запознавањето со него беше еден од најсреќните моменти во мојот живот. Имаше мала интеракција со јавноста, но, сепак, беше познат по својот исклучителен интелект и по непоколеблива искреност, а неговата голема добрина и великодушност беа очигледни не само со зборови, туку и со дела. Го сметаа за пророк на целиот регион, а неговата репутација излегуваше од неговиот круг на блиски пријатели. Иако никогаш порано не сум го сретнал, имав слушнато многу за него, но доколку не го сретнев, ќе се соочев со опозицијата и ќе изгубев. Едно е сигурно, никој не можеше да се кандидира во таа изборна единица со таква поддршка.“

„Во договореното време бев во неговата куќа, откако го раскажав нашиот разговор на секоја група луѓе што ја сретнав и секому со кого останав цела ноќ, сфатив дека тоа им влева на луѓето интерес и доверба во мене повеќе отколку што сум видел досега.“

„Иако многу бев уморен кога стигнав во неговата куќа и, да беа стандардни околности, ќе легнев рано, го држев буден до полноќ, а тој зборуваше за принципите и за активностите на владата, при што научив многу повеќе за нив од цел живот претходно.“

„Изутрината отидовме на скара и, на мое изненадување, таму имаше околу илјада мажи. Запознав многумина коишто не ги познавав претходно, и тие и мојот пријател ме запознаа со други додека не ги запознав сите – во најмала рака сите ме знаеја мене.“

„Во еден момент им беше соопштено дека ќе им се обратам. Се собраа околу поставената говорница. Говорот го започнав со зборовите:

„Сограѓани – ви се претставувам денес како нов човек. Неодамна станав свесен за вистини пред кои претходно бев слеп поради незнаење или предрасуди. Верувам дека можам да ви обезбедам подобра услуга денес отколку што сум имал можност досега. Денес тука сум првенствено за да си ја признаам грешката, а не да ги барам вашите гласови. Ова признание ви го должам вам, а и себе си. Дали ќе гласате за мене е само ваша одлука.“

„Потоа им раскажав за пожарот и за мојот глас за доделувањето помош, а потоа им кажав зошто сфатив дека сум погрешил. Завршив со зборовите:

„Сега, сограѓани, ми останува само да ви кажам дека најголемиот дел од говорот што со толкав интерес го слушавте беше едноставно повторување на аргументите со кои вашиот сосед, г. Банс, ми укажа на мојата грешка.“

„Ова е најдобриот говор што сум го одржал во мојот живот, но тој има заслуга за него. А сега се надевам дека е задоволен од својата одлука и дека ќе застане овде и ќе ви го потврди тоа.“ „Се качи на говорницата и рече:

„Сограѓани – ми причинува големо задоволство да го исполнам барањето на полковник Крокет. Отсекогаш сум го сметал за навистина чесен човек и верувам дека ќе го исполни сето она што ви го вети денес.“

„Слезе од бината, а од толпата се слушна татнеж за Дејви Крокет како никогаш досега.“

„Не плачам често, но почувствував грутка во грлото и солзи како ми течат по лицето. И дозволете ми да го кажам ова – сеќавањето на тие неколку збора кажани од тој човек, и искреното, сесрдно навивање што тие го инспирираа, ми значат повеќе од сите признанија што ги имам добиено и од целата репутација што ја стекнав или некогаш ќе ја стекнам, како конгресмен.“

„Значи, господине“, заклучи Крокет, „знаете зошто го одржав говорот вчера.“

„Сега сакам да ви обрнам внимание на една работа. Се сеќавате дека предложив да дадам неделна плата. Во тој Дом има многумина богати мажи – мажи коишто не би се двоумеле да потрошат неделна плата, па и повеќе, на вечера или на забава со вино ако тоа им помогне да постигнат некаква цел. Некои од тие мажи елоквентно зборуваа за огромната благодарност што земјата му ја должи на починатиот, долг што не може да се плати со пари – и за безначајноста и за безвредноста на парите, особено една толку безначајна сума од 10.000 долари, во споредба со честа на нацијата.

Сепак, ниту еден од нив не одговори на мојот предлог. Парите за нив немаат никаква вредност кога треба да ги даде народот. Сепак, тие се главната цел кон која се стремат повеќетомина од нив, а многумина од нив се подготвени да се откажат од честа, интегритетот и од правдата за да ја постигнат таа цел.“

Носителите на политички функции се само одраз на доминантното раководство – без оглед дали добро или лошо.

Хорацио Банс е совршен пример за одговорно граѓанство. Кога би имало повеќемина луѓе како него, би имале многу нови лица на јавни функции; како што Дејви Крокет стана новиот Крокет.

За нови лица или за нови Крокети, треба да го пронајдеме Хорацио во себе!

Заклучни мисли. Што мислите за коментарите на Леонард Е. Рид за ова четиво?

Носителите на политички функции се само одраз на доминантното раководство – без оглед на тоа дали добро или лошо.

Хорацио Банс е совршен пример за одговорно граѓанство. Кога би имало повеќемина како него, би имале многумина нови лица на јавни функции; како што Дејви Крокет стана новиот Крокет.

За нови лица или за нови Крокети, треба да го пронајдеме Хорацио во себе!

Навратете се на Елемент 3.1