Економија на здравиот разум

Цензурирање на молбите за помош

Од Двајт Р. Ли

Прашање за размислување: Зошто луѓето заземаат толку многу различни ставови за улогата на владата во економијата?

Прашајте ги луѓето дали се за цензура на владата и одговорот ќе биде речиси едногласно не! Сепак, ако ги прашате истите луѓе дали се за владина контрола на цените, одговорот ќе биде поразновиден. Прашајте ги дали владата треба да ги контролира цените за да спречи „драстично зголемување на цените“ по природни катастрофи и одговорот ќе биде речиси едногласно да!

Овие одговори одразуваат голем недостаток на познавање за тоа како пазарите ни дозволуваат меѓусебно да комуницираме. Кога пазарните цени ќе бидат препознаени како средство за комуникација, ќе добиеме уште една важна перспектива зошто владините контроли на цените претставуваат особено штетна форма на цензура. А штетата е најголема во време на природни катастрофи бидејќи жртвите се очајни да ја изразат својата потреба за помош.

Комуникацијата којашто е овозможена од пазарната размена и цените коишто произлегуваат од неа создаваат извонреден степен на социјална соработка. Нема посовршени примери за придобивките од ваквата комуникација и соработка од природните катастрофи. На жртвите не им е потребна само помош од луѓе надвор од зоната на катастрофата, туку и меѓусебна соработка за да закрепнат колку што е можно побрзо и во целост. За жал, кога настапуваат природни катастрофи, владите најчесто ги забрануваат ценовните сигнали коишто ја овозможуваат оваа соработка – и тоа го прават со поддршка од јавното мислење.

По природна катастрофа, цените генерално нагло се зголемуваат за работната сила, градежните материјали, електричните генератори и за бројни други производи потребни за закрепнување и удобност.

Вообичаеното објаснување за овие зголемувања на цените е дека бескрупулозните добавувачи профитираат на сметка на жртвите. Добавувачите можеби профитираат, но не на сметка на жртвите.

Оние чиишто домови се оштетени и чии животи се нарушени се жртви на природната катастрофа, а не на оние коишто потоа ги снабдуваат со потребните стоки и услуги. Високите цени можат подобро да се сфатат како најдобар начин жртвите да им ја соопштат својата потреба за помош на оние коишто се најспособни да ја обезбедат. Високите цени гарантираат и дека повиците за помош ќе бидат дочекани со брз и ефективен одговор.

Испраќање граѓа во Мајами

Слушнав интересен пример за еден таков одговор кога држев говор во Охајо во 1992 година, непосредно откако ураганот Ендрју ја разори јужна Флорида. Ги спомнав невремето и неговите последици за да ја илустрирам важноста на ценовната комуникација, а потоа еден господин од публиката раскажа приказна за својот син, градежен изведувач од околината на Кливленд, којшто почнал да ја гради куќата за која тој и неговата сопруга сонувале со години. Темелите биле поставени и граѓата била на пат кога Ендрју удри во Мајами. Кога ја примил веста за катастрофата, тој одлучил да не ја искористи граѓата, туку (и покрај противењето на неговата сопруга) да ја испрати во Мајами. Зошто? Бидејќи веста којашто најмногу му го привлекла вниманието била за високите цени за граѓа, укажувајќи му дека побарувачката за неговата граѓа е поголема во Мајами отколку во Кливленд.

Дали изведувачот од Кливленд бил бескрупулозен профитер? Тешко. Тој многу повеќе им помогнал на жртвите на ураганот Ендрју од оние коишто само го изразувале својот презир за „пумпачите“ на цени. Навистина, многумина им помогнаа на настраданите од ураганот така што бесплатно испратија материјали во Мајами. Секако, овие луѓе заслужуваат пофалба. Но, нивната помош беше незначителна во споредба со помошта дадена од добавувачите од целата земја (од светот, поточно) коишто одговорија на повисоките цени така што на жртвите им обезбедија поголеми количини од работите коишто жртвите на Ендрју ги посочија (преку повисоките цени) за најпотребни.

Оние коишто изразуваат презир кон луѓето коишто продаваат производи на жртвите од природни катастрофи по високи цени, предметот на своите критики треба да го бараат во својата понепосредна близина.

Нивната критика (резултат на економско незнаење) и јавното мислење коешто го разгоруваат честопати предизвикуваат контрола на цените, што ги придушува повиците за помош. The Atlanta Journal-Constitution минатиот април истакна дека Џорџија има Закон за „драстично зголемување на цените“ според кој добавувачите не смеат да наплатуваат „ниту едно пени повеќе отколку што наплатувале еден ден пред да се случи катастрофата“.

Овој закон беше добронамерно спомнат, без доза на иронија, во една статија во која се известува дека градежните изведувачи и градежните материјали од неколку држави пристигнле во Атланта веднаш откако таа претрпе огромна штета од торнадото. Може ли некој сериозно да поверува дека оваа помош би дошла од далеку ако совршено се спроведувал Законот за „драстично зголемување на цените“ или дека помошта не е помала поради неговото спроведување? (Казните за драстично зголемување на цените во Џорџија се движат од една до десет години затвор и парични казни од 5.000 долари.)

Електричната машина за бричење

И жртвите на природни катастрофи треба меѓусебно да комуницираат. Пазарните цени се единствениот практичен метод. Секој во погодената област ќе ги цени производите коишто се ставаат на располагање, но луѓето ќе сакаат тие производи да одат кај оние за кои веруваат дека можат најдобро да ги искористат. Контролата на цените го спречува тоа да се случи така што ја цензурира комуникацијата меѓу жртвите.

Еден мој пријател којшто живееше во Чарлстон, Јужна Каролина, кога удри ураганот Хуго во 1989 година, од прва рака ја виде штетата нанесена од оваа цензура. Во реонот на мојот пријател неколку дена немало струја, па многумина сакале да набават електрични генератори на гас. За жал, локалната продавница за производи за домаќинството имала само два и не можела да добие повеќе поради контролата на цената. Но, имало и уште еден проблем со контролите на цените – проблем од кој всушност имало корист семејството на мојот пријател, но по голема цена за другите. Бидејќи неговиот татко бил добар пријател со сопственикот на локалната продавница, тој добил еден од електричните генератори по контролирана цена. Сопственикот на продавницата не можел легално да го продаде генераторот на некој друг по повисока цена, па зошто тогаш да не му го продаде на својот пријател? Таткото на мојот пријател бил среќен бидејќи можел да продолжи да се бричи со својата електрична машина за бричење. За жал, на супермаркетите во градот очајно им била потребна струја за да не се расипе храна вредна илјадници долари. Без контрола на цените, една од тие продавници би понудила повисока цена за генераторот, ефективно посочувајќи (во име на потрошувачите) дека има поитна употреба за него отколку таткото на мојот пријател. Едно лице ќе мораше да ја претрпи непријатноста да става пена за да се избричи, но стотици негови соседи ќе го убедеа, преку високата цена за генераторот, дека нивната желба за свежа храна треба да има предност.

Се разбира, без контрола на цените, сите продавници и таткото на мојот пријател (ако сè уште сакал генератор) брзо ќе добиеја електрични генератори бидејќи ќе можеа да комуницираат со добавувачите надвор од зоната на катастрофата.

Природните катастрофи особено се впечатлив пример за штетата направена од контролите на цените. За жал, на владите не им требаат природни катастрофи за да ги оправдаат поткопувањето на социјалната соработка и уништувањето на богатството со диктирање на цените. Владите имаат долга историја на воведување контроли на цените на разни стоки и услуги. И тие ќе продолжат да го прават тоа додека не стане општопознато дека таквите контроли претставуваат особено погубна форма на цензура.

Прашање за крај: Дали владата треба да постави плафони за цените за време на природни катастрофи ако тоа го попречува протокот на стоки, услуги и на ресурси во опустошените области?

Навратете се на Елемент 2.3