Приватна сопственост и опортунитетни трошоци
Од Двајт Ли
Прашања за размислување: Која е економската врска помеѓу правата на приватна сопственост и опортунитетните трошоци?
Пазарите го промовираат општиот интерес со откривање на трошоците, додека владите најчесто фаворизираат посебен интерес со прикривање на тие трошоци. Тука ќе расправам за опортунитетните трошоци така што ќе ја претставам критичната улога на приватната сопственост. Приватната сопственост лежи во основата на пазарните економии бидејќи без приватната сопственост и без размената којашто таа ја поттикнува, луѓето не би можеле да ги земат предвид целосните трошоци за своите одлуки.
Премногу скапо за возење
Да речеме дека сте добиле Rolls Royce Silver Shadow, со платени осигурување, одржување, гориво и даноци. Иако ова не е толку убаво како да ви паднала седмица на лото, продажната цена за Silver Shadow е околу 250.000 долари. Тоа е добрата вест. Лошата вест е дека веројатно не сте доволно богати за да го возите овој автомобил. Вашата прва реакција веројатно ќе биде: Како мислиш не можам да си дозволам да го возам? Некој друг веќе ги платил сите давачки.
Точно, но, сепак, предвидувам дека автомобилот ќе ви биде премногу скап за возење. Без оглед на тоа како сте го добиле овој Rolls Royce, трошоците за возење се одредуваат според сумата којашто некој друг е подготвен да ја плати за него.
И бидејќи автомобилот е ваша приватна сопственост, не можете да ги игнорирате тие трошоци. Како сопственик, можете да го продадете по цена којашто ја одразува највисоката вредност којашто некој друг му ја поставува. Така, ќе продолжите да го возите вашиот Rolls само ако го цените барем колку, или повеќе, од она коешто можете да го купите со приближно 250.000 долари, износ што еден љубител на Rolls Royce е подготвен да ви ги плати за него. Најверојатно ќе го продадете вашиот Rolls, ќе купите совршено убав и услужлив добар автомобил за 20.000 долари и ќе ви останат 230.000 долари како заштеда или за да ги потрошите на други работи.
Се разбира оваа приказна е нереалистична, бидејќи веројатно нема да ви падне Rolls Royce. Но, тоа илустрира вистинска и важна точка – приватната сопственост ги поттикнува луѓето да размислат за опортунитетниот трошок (изгубената вредност) на нивните одлуки. Поради приватната сопственост, ова размислување е белег на пазарното дејствување и ја објаснува пазарната соработка којашто ги насочува ресурсите и производите во рацете на оние коишто најмногу ги ценат.
Соработка помеѓу набљудувачи на птици и возачи на „фризирани“ автомобили
Членовите на Здружението Одубон се заинтересирани за заштита на кревкото живеалиште за птиците и за другите животни. Лесно е да се предвиди како би одлучиле помеѓу заштита на живеалиштата на диви животни и зголемувањето на достапноста на гориво за автомобили со голема моќност или кои било други возила. На пример, Здружението Одубон силно се спротивставува на бушењето на нафта во крајбрежните области. Нафтените компании ветуваат и преземаат вонредни мерки на претпазливост за да спречат излевање нафта, но Здружението Одубон останува скептично. Без оглед на мерките на претпазливост, неговата позиција е: нема бушење на нафта во крајбрежните области на море – во никој случај!
Како возачите на „фризирани“ автомобили да ја пренесат својата желба за поевтин бензин до Здружението Одубон за да го убедат да преземат ризик за живеалиштата на дивите животни?
Всушност, тие успеаја да го направат токму тоа. Возачите на „фризирани“ автомобили, заедно со сите други потрошувачи на бензин, го убедија Здружението Одубон дека вредноста којашто му ја даваат на бензинот е опортунитетен трошок за заштита на живеалиштата којшто Здружението треба да го игнорира. Тоа го направија преку пазарна комуникација заснована на приватна сопственост.
Здружението Одубон поседува област во дивината во Луизијана позната како природен резерват Рејни. Тој е идеално живеалиште за птици и за други диви животни, но содржи и комерцијални количества нафта и природен гас коишто нафтените компании се желни да ги извлечат. Може да се заклучи дека со оглед на тоа што Здружението Одубон ја поседува земјата и лесно може да ги спречи нафтените компании да дупчат на неа, тие и би го направиле тоа. Погрешно! Здружението Одубон им дозволува на нафтените компании да дупчат таму.
Се разбира, Здружението бара од компаниите да преземат силни мерки на претпазливост против истекување нафта, но не толку силни како оние коишто се неопходни за поморско дупчење. Од каде ваквата недоследност? Со оглед на тоа што природниот резерват Рејни е во сопственост на Здружението Одубон, потенцијалниот приход од нафтата што другите се подготвени да го платат означува можност што би се изгубила доколку не се дозволи дупчењето. Но, Здружението не се соочува со опортунитетен трошок на локации на море бидејќи не ги поседува. Според тоа, нема мотивација да го земе предвид интересот на другите за поморското дупчење нафта.
Приватната сопственост не само што го мотивира Здружението Одубон да соработува со возачите на „фризирани“ автомобили, туку и ги мотивира возачите на „фризирани“ автомобили да соработуваат со Здружението Одубон. Нивното купување гориво му овозможува на Здружението Одубон да добие и да заштити живеалиште на диви животни за кое верува дека е повредно од она коешто го жртвува во природниот резерват Рејни поради дупчењето нафта. Членовите на Здружението Одубон можат да ги презираат возачите на „фризирани“ автомобили, а возачите на „фризирани“ автомобили можат да им се смеат на набљудувачите на птици, но поради приватната сопственост, секој ги зема предвид грижите (и опортунитетните трошоци) на другиот и дејствува за да ги промовира интересите на другиот.
Опортунитетните трошоци на воените затвореници
Европските војни за време на средниот век честопати биле прилично мирни настани, каде што затворениците обично добро биле третирани. Не било невообичаено спротивставените војски да ги бројат војниците на двете страни, пред помалата војска да се предаде. Таквата ненасилна „борба“ се случувала затоа што во тоа време војниците имале право на сопственост врз затворениците коишто ги заробувале. Тоа законско право подразбирало можност да се продаваат затвореници назад на нивните семејства, создавајќи опортунитетен трошок за победниците доколку ги погубат своите затвореници. Приватните организации, некои од нив религиозни редови, почнале да се специјализираат како посредници меѓу оние коишто имале затвореници за продажба и оние коишто сакале да ги купат.
За жал за воените заробеници, кога оружјето со долг дострел станало достапно и борбата гради в гради станала сѐ поневообичаена, помала била веројатноста поединечни војници да заробат затвореници. Тогаш војните станале побрутални, не само затоа што технологијата за убивање се подобрувала, туку и затоа што сопственоста на затворениците се префрлила кај државата. Бидејќи опортунитетните трошоци за поединците се намалуваат кога имотот ѝ припаѓа на државата, станало многу повообичаено да се убиваат или да се осакатуваат затворениците. Луѓето очигледно не треба да се третираат како приватна сопственост. Но, поради феноменот на опортунитетен трошок, на заробените војници им е многу подобро да бидат „приватна сопственост“ отколку „јавна сопственост“.
Приватната сопственост е од суштинско значење за соработката којашто произлегува од пазарната интеракција бидејќи тоа значи дека луѓето ги земаат предвид опортунитетните трошоци за своите постапки. Жално и иронично е што толку многу луѓе ја обвинуваат приватната сопственост за проблемите коишто се јавуваат поради немањето приватна сопственост.
Прашања за крај: На што се должат различните начини на кои пазарите и владите ги откриваат трошоците? Како оваа разлика влијае врз пазарната размена и врз продуктивното однесување?
„Private Property and Opportunity Costs“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.