Економија на здравиот разум

Што се гледа, а што не

Од Фредерик Бастија (Скратена верзија)

Следната статија е кондензирана верзија на „Што се гледа, а што не“ од Фредерик Бастија(1). Бастја бил економист којшто бил член и на францускиот парламент во средината на деветнаесеттиот век. Интересно е што прашањата коишто тој ги покренува исто толку се релевантни денес колку што биле и пред повеќе од 150 години.

Во економската сфера, дејството, навиката, институцијата, законот, не создаваат само еден ефект, туку низа ефекти. Од овие ефекти, само првиот е непосреден; се појавува истовремено со неговата причина; се гледа. Другите ефекти се појавуваат само последователно; тие не се гледаат; би биле среќни ако успееме да ги предвидиме.

Има само една разлика помеѓу лош и добар економист: лошиот економист се ограничува на видливиот ефект; добриот економист ги зема предвид и ефектот којшто може да се види и оние ефекти коишто мораат да се предвидат.

Сепак, оваа разлика е огромна; зашто речиси секогаш кога непосредната последица е поволна, подоцнежните последици се погубни, и обратно. Оттука произлегува дека лошиот економист се стреми кон мало сегашно добро коешто ќе биде проследено со големо претстојно зло, додека добриот економист се стреми кон големо претстојно добро, прифаќајќи го ризикот од мало сегашно зло.

Скршениот прозорец

Дали некогаш сте биле сведоци на бесот на тој чесниот граѓанин, Џејмс Гудфелоу, кога неговиот непоправлив син случајно скршил прозорец? Ако сте биле присутни на оваа сцена, сигурно сте забележале и дека поминувачите, дури и ако биле само триесетина на број, се чини дека едногласно му ја даваат истата утеха на несреќниот сопственик:

„Тоа е лош ветер којшто никому добро не носи. Ваквите несреќи ја одржуваат индустријата. Секој треба да спечали за живот. Што би се случило со стакларите доколку никогаш не се скршат прозорците?“

Во овој многу едноставен случај, формулата на сочувство содржи цела една теорија којашто би било добро да ја разоткриеме, flagrante delicto, бидејќи сосема е иста како онаа којашто, за жал, лежи во основата на повеќето наши економски институции.

Да претпоставиме дека ќе чини шест франци за да се поправи штетата. Ако сметате дека несреќата ѝ помага на споменатата индустрија со шест франци, се согласувам. Не го оспорувам тоа на кој било начин; ваквото размислување е точно. Ќе дојде стакларот, ќе си ја заврши работата, ќе добие шест франци, ќе се израдува и во себе ќе го благослови несовесното дете. Тоа е она што се гледа.

Но, ако, по пат на дедукција, заклучите, како што се случува многу често, дека е добро да се кршат прозорци, дека така циркулираат парите, дека тоа ја поттикнува индустријата воопшто, должен сум да извикам: никако! Вашата теорија запира на она коешто се гледа. Не го зема предвид она што не се гледа.

Она коешто не се гледа е тоа што нашиот граѓанин потрошил шест франци за една работа и сега не може да ги потроши за друга. Не се гледа дека ако не морал да го замени прозорецот, можеби би си ги заменил изветвените чевли или би ја збогатил својата библиотека со уште една книга. Накратко, тој би ги искористил своите шест франци за некоја друга намена, а сега тоа е невозможно.

Следно, да ја разгледаме индустријата воопшто. Откако е скршен прозорецот, индустријата за стакло добива помош во вредност од шест франци; тоа е она коешто се гледа.

Ако прозорецот не беше скршен, чевларската индустрија (или некоја друга) ќе добиеше помош во вредност од шест франци; тоа е она коешто не се гледа.

И ако треба да го земеме предвид она коешто не се гледа, бидејќи тоа е негативен фактор, како и она коешто се гледа, бидејќи тоа е позитивен фактор, треба да разбереме дека нема никаква корист за индустријата воопшто или за националното вработување како целина дали прозорците се скршени или не се скршени.

Ајде сега да размислиме за Џејмс Гудфелоу.

На првата хипотеза, онаа за скршениот прозорец, тој троши шест франци и за нив добива еден прозорец, ниту повеќе ниту помалку од претходно.

На втората, онаа во којашто не се случи несреќата, ќе потрошеше шест франци за нови чевли и ќе уживаше и во нов пар чевли и во својот прозорец.

Сега, ако Џејмс Гудфелоу е дел од општеството, мораме да заклучиме дека општеството, земајќи ги предвид неговите трудови и уживања, ја изгубило вредноста на скршениот прозорец.

Оттука, по пат на генерализација, доаѓаме до овој неочекуван заклучок: „Општеството ја губи вредноста на непотребно уништените предмети“, „Да се крши, уништува, растура не претставува поттикнување национално вработување“ или пократко: „Уништувањето не е профитабилно.“

Читателот мора да се потруди да забележи дека во малата драма којашто ја претставив нема само две лица, туку три. Едното, Џејмс Гудфелоу, го претставува потрошувачот, којшто уништувањето го свел на едно уживање наместо на две. Другото, зад кое фигурира стакларот, ни го покажува производителот чијашто индустрија е потпомогната од несреќата. Третото е чевларот (или кој било друг производител) чијашто индустрија соодветно е намалена од истата причина. Токму оваа трета личност секогаш е во сенка и таа, персонифицирајќи го она коешто не се гледа, е суштински елемент на проблемот. Токму чевларот ни помага да разбереме колку е апсурдно да гледаме профит во уништувањето.

Театри и ликовни уметности

Дали државата треба да ја субвенционира уметноста? Секако, има многу аргументи за и против коишто можат да се кажат на оваа тема.

Во корист на системот на субвенции, може да се каже дека уметностите ја прошируваат, воздигнуваат и ja поетизираат душата на еден народ; дека го оддалечуваат од материјалните преокупации, давајќи му чувство за убавото и на тој начин позитивно реагираат на неговите манири, обичаите, моралот, па дури и на неговата индустрија. Може да се запрашаме каде би била музиката во Франција без Theatre-Italien и Конзерваториумот; драмската уметност без Théâtre-Français; сликарството и скулптурата без нашите колекции и нашите музеи. Може да се оди уште подалеку и да се постави прашањето дали, без централизацијата и последователното субвенционирање на ликовната уметност, би се развил тој извонреден вкус којшто е благороден плод на францускиот труд и ги испраќа своите производи низ целиот свет.

Во присуство на такви резултати, зарем не е врв на непромисленоста да се пренебрегне оваа одмерена оцена за сите граѓани, којашто, на крајот, им донела углед и слава во очите на Европа?

На овие причини и на многу други, чијашто моќ не ја оспорувам, можат да се спротивстават многу други не помалку уверливи. Пред сè, може да се каже, станува збор за дистрибутивна правда. Дали правата на законодавецот одат дотаму што му дозволуваат да земе од платата на занаетчијата за да го надополни профитот на уметникот? М. де Ламартин(2) рече: „Ако му ја укинете субвенцијата на театарот, каде ќе застанете на овој пат и нема ли да биде логично да ги елиминирате универзитетските факултети, музеите, институтите, библиотеките?“ Некој би можел да одговори: Ако сакате да субвенционирате сѐ што е добро и корисно, каде ќе застанете на тој пат и нема ли да биде логично да составите граѓанска листа за земјоделство, индустрија, трговија, благосостојба и за образование? Понатаму, дали е сигурно дека субвенциите го поддржуваат напредокот на уметноста? Тоа е прашање коешто е далеку од решено, а ние со свои очи гледаме дека театрите коишто просперираат се оние коишто живеат од сопствениот профит. Конечно, продолжувајќи кон поопширни размислувања, може да се забележи дека потребите и желбите се создаваат меѓусебно и продолжуваат да се издигнуваат во сè повозвишени области(3) сè додека националното богатство дозволува нивно исполнување; дека владата не смее да се меша во овој процес, бидејќи, без оглед на моменталното количество на националното богатство, таа не може да ги стимулира луксузните индустрии со оданочување без да им наштети на основните индустрии, со што ќе го поништи природниот напредок на цивилизацијата. Може да се истакне и дека оваа вештачка дислокација на желбите, вкусовите, трудот и населението ги става нациите во несигурна и опасна ситуација, оставајќи ги без цврста основа.

Ова се дел од причините коишто ги наведуваат противниците на државната интервенција во однос на редоследот по кој граѓаните веруваат дека треба да ги задоволуваат своите потреби и желби и со тоа да ја насочат својата активност.

Признавам дека сум од оние коишто мислат дека изборот, импулсот треба да дојде одоздола, не одозгора, од граѓаните, не од законодавецот; а спротивната доктрина ми се чини дека води до уништување на слободата и на човечкото достоинство.

Но, според заклучок којшто исто толку е лажен колку што е и неправеден, знаете ли за што сега се обвинуваат економистите? Кога се спротивставуваме на субвенциите, обвинети сме дека се спротивставуваме на тоа коешто се предлага да се субвенционира и дека сме непријатели на разноразни активности бидејќи сакаме овие активности да бидат доброволни и во себе да ја бараат соодветната награда.

Така, ако бараме државата да не интервенира, преку оданочување, во религиозни прашања, тогаш сме атеисти.

Ако бараме државата да не интервенира, преку оданочување, во образованието, тогаш мразиме просветлување. Ако кажеме дека државата не треба преку оданочување да дава вештачка вредност на земјиштето или на некоја индустрија, тогаш сме непријатели на имотот и на трудот. Ако мислиме дека државата не треба да ги субвенционира уметниците, тогаш сме варвари коишто ги сметаат уметностите за бескорисни.

Протестирам со сета моја моќ против овие заклучоци. Далеку од тоа дека ја разгледуваме апсурдната помисла за укинување на религијата, образованието, имотот, трудот и на уметноста кога бараме од државата да го заштити слободниот развој на сите овие видови човечки активности без да ги држи на платен список на сметка на некоја друга; напротив, ние веруваме дека сите овие витални сили на општеството треба хармонично да се развиваат под влијание на слободата и дека ниту една од нив не треба да стане, како што гледаме дека се случува денес, извор на неволји, злоупотреби, тиранија и неред.

Нашите противници сметаат дека се укинува дејност којашто не е ниту субвенционирана ниту регулирана.

Ние веруваме во спротивното. Нивната верба е во законодавецот, а не во човештвото. Нашата е во човештвото, не во законодавецот. Така, М. де Ламартин рече: „Врз основа на овој принцип, треба да ги укинеме јавните изложби коишто ѝ носат богатство и чест на оваа земја“.

На М. де Ламартин му одговорам: Од ваша гледна точка, да не се субвенционира значи да се укине бидејќи, поаѓајќи од премисата дека ништо не постои освен по волја на државата, заклучувате дека ништо не може да опстои освен ако даноците не го одржуваат во живот. Но, јас се спротивставувам на примерот којшто го избравте и ви посочувам дека најголемата, најблагородната, од сите изложби, онаа заснована на најлибералната, најуниверзалната концепција, па дури и можам да го употребам зборот „хуманитарна“, што овде не би било претерано, е изложбата којашто сега се подготвува во Лондон,(4) единствената во која ниедна влада не се меша и којашто ниту еден данок не ја поддржува.

Навраќајќи се на ликовната уметност, може, повторувам, да се наведат сериозни причини за и против системот на субвенционирање. Читателот разбира дека, во согласност со посебната цел на овој есеј, немам потреба ниту да ги наведувам овие причини ниту да одлучувам меѓу нив.

Но, М. де Ламартин изнесе еден аргумент којшто не можам немо да го прескокнам бидејќи тој спаѓа во многу внимателно дефинираните граници на оваа економска студија.

Тој има кажано:

Економското прашање за театрите може да се сумира во еден збор: вработување. Природата на вработувањето малку е важна; видот на работното место е исто толку продуктивен и плоден како и секој друг вид. Театрите, како што знаете, даваат плата на не помалку од осумдесет илјади работници од секаков вид – сликари, ѕидари, декоратери, костимографи, архитекти итн., коишто се од суштинско значење за виталноста и за индустријата на многу делови од овој главен град и тие го заслужуваат вашето сочувство!

Вашето сочувство? Во превод: вашите субвенции. И понатаму:

Задоволствата коишто ги нуди Париз обезбедуваат вработување и потрошувачки добра за провинциските области, а луксузниот живот на богатите се платите и лебот на двесте илјади работници од секаков вид, коишто живеат од сложената индустрија на театрите низ Републиката и ги остваруваат од овие благородни задоволства, коишто ја прават Франција славна, сопствената егзистенција и средствата за обезбедување на потребите за живот на нивните семејства и на нивните деца. Токму ним им ги давате овие шеесет илјади франци. [Многу добро! Многу добро! Голем аплауз.]

Принуден сум да кажам: Многу лошо! Многу лошо, ограничувајќи го, се разбира, товарот на оваа пресуда на економскиот аргумент со кој се занимаваме овде.

Да, барем делумно, на работниците во театрите ќе им припаднат споменатите шеесет илјади франци. Дел од нив можеби ќе се изгуби попатно. Ако подетално се разгледа проблемот, може дури и да се воочи дека најголемиот дел од колачот ќе заврши на друго место. Работниците ќе имаат среќа ако им останат трошките! Но, би сакал да претпоставам дека целата субвенција, сепак, ќе оди кај молерите, декоратерите, костимографите, фризерите итн. Тоа е она што се гледа.

Но, од каде доаѓа? Ова е опачината на паричката, исто толку важна за испитување како и нејзиното лице. Кој е изворот на овие 60.000 франци? И каде ќе отидеа ако законодавното гласање прво не ги упати на улицата Риволи, а оттаму на улицата Де Гренел?(5) Тоа е она што не се гледа.

Секако, никој нема да се осмели да тврди дека законодавното гласање довело до тоа оваа сума да излезе од гласачката кутија; дека станува збор за чист додаток на националното богатство; дека без ова чудесно гласање овие шеесет илјади франци би останале невидливи и неопипливи. Сè што му преостанува на мнозинството е да одлучи да се испратат од едно на друго место и да ја замени нивната првична дестинација со друга.

Така, јасно е дека даночниот обврзник којшто ќе биде оданочен еден франк повеќе нема да го има овој франк на располагање. Јасно е дека ќе биде лишен од задоволството што може да се купи со еден франк, а работникот, кој и да е тој, којшто би му го обезбедил ова задоволство, ќе биде лишен од плата во истиот износ.

Ајде тогаш да не се повикуваме на детската илузија дека гласањето на 16 мај додава нешто на националната благосостојба и во вработувањето. Тоа ги прераспределува имотите, ги прераспределува платите и тоа е сѐ.

Дали може да се каже дека еден вид задоволство и еден вид работа ги заменува задоволствата и работните места коишто се поитни, поморални, порационални?

Спремен сум да ја водам оваа битка. Би можел да кажам: земајќи шеесет илјади франци од даночните обврзници, ги намалувате платите на орачите, копачите, столарите и ковачите, а исто толку ги зголемувате платите на пејачите, фризерите, декоратерите и на костимографите. Ништо не докажува дека оваа последна класа е поважна од другата. М. де Ламартин не го изнесува ова тврдење. Тој самиот вели дека работата на театрите е исто толку продуктивна, исто толку плодна како секоја друга работа, нешто коешто сè уште може да се оспорува; за најдобар доказ дека театарската работа не е толку продуктивна како друга работа е тоа што втората е повикана да ја субвенционира првата.

Но, оваа споредба на внатрешната вредност и заслугата на различните видови работа не е дел од темата којашто ја разработувам тука. Сè што треба да направам овде е да покажам дека, ако М. де Ламартин и неговите поддржувачи ги виделе платите коишто ги заработуваат оние коишто се грижат за потребите на актерите, од една страна, тие треба да ја видат и изгубената заработка на оние коишто ги исполнуваат потребите на даночните обврзници, од друга страна. Доколку не го сторат тоа, тие се отворени за потсмев за погрешно прераспределување на добивка. Кога би биле логични во својата доктрина, би барале бесконечни субвенции; зашто она коешто е точно за еден франк или за шеесет илјади франци, во идентични околности е точно и за милијарда франци.

Кога станува збор за даноците, господа, докажувајте ја нивната корисност со рационални причини, но не прибегнувајте кон она жално тврдење: „Јавното трошење ја одржува работничката класа во живот“. Ова прикрива еден факт којшто е од суштинско значење да се знае: јавната потрошувачка секогаш е замена за приватната потрошувачка и дека, според тоа, може добро да поддржува еден работник наместо друг, но не ја подобрува состојбата на работничката класа земена како целина.

Прашања за размислување

  1. Поддржувачите на владините трошења за спортски стадиони честопати тврдат дека овие трошоци ја зголемуваат вработеноста. Анализирајте го овој став.
  2. Федералната влада на САД троши милијарди долари за субвенционирање на земјоделството. Дали овие субвенции ги зголемуваат вработеноста и производството? Образложете.
Навратете се на Елемент 1.9
  1. Овој памфлет, објавен во јули 1850 година, е последниот којшто го напишал Бастија. Ѝ беше ветуван на јавноста повеќе од една година. Неговото објавување беше одложено бидејќи авторот го загубил ракописот кога се преселил од улицата Де Шосеул до улицата Д'Алген. По долга и залудна потрага, тој решил целосно да го преработи својот труд и како главна основа на неговите демонстрации избрал некои говори неодамна одржани во Националното собрание. Кога ја завршил оваа задача, се прекорил дека премногу е сериозен, го фрлил вториот ракопис во оган и го напишал оној којшто го препечативме. –Уредник. ↩︎
  2. Алфонс Мари Луј де Ламартин (1790-1869), еден од големите поети на францускиот романтизам, а потоа и истакнат државник. За првпат избран за пратеник во 1834 година, тој ја постигнал својата најголема слава во времето на Револуцијата од 1848 година, кога бил главен двигател за формирањето на Републиката. Со својата елоквентност тој ги смирил париските толпи коишто се заканувале да го уништат градот и застанал на чело на привремената влада. Меѓутоа, повеќе идеалист и оратор отколку практичен политичар, тој набрзо изгубил влијание и се повлекол во приватниот живот во 1851 година. –Преведувач. ↩︎
  3. Видете поглавје 3 од „Економски хармонии“ (Economic Harmonies) –Уредник. ↩︎
  4. Ова се однесува на Големата изложба, во Хајд Парк, Лондон, во 1851 година, спонзорирана од Лондонското друштво за уметности, здружение посветено на развојот на уметноста и на индустриите. Прва во серијата големи меѓународни изложби, или „светски саеми“, била позната по Кристалната палата, извонредна архитектонска структура, во која биле изложени експонатите. Алберт, принцот на Кралицата Викторија, претседавал со изложбата. –Преведувач. ↩︎
  5. Т.е., од Градското собрание до театарските добавувачи на левиот брег. –Преведувач. ↩︎