Специјализација и богатство
од Двајт Ли
Прашање за размислување: Додека го читате овој документ, утврдете како специјализацијата, доброволната размена и соработката можат да доведат до акумулација на богатство.
Извонреден степен на социјална соработка произлегува токму од пазарната комуникација. Сега, да разгледаме некои од предностите што ги остваруваме од таа соработка. На општо ниво овие предности се очигледни. Едноставно логично е дека ќе можеме да произведеме повеќе ако нашите активности се во хармонија, отколку ако работиме на спротивставени цели. Меѓутоа, за да ја разбереме навистина економијата, мора детално да ја разгледаме врската помеѓу соработката и продуктивноста.
Богатството ретко паѓа од небо. Тоа треба да се произведе со примена на човечки напор, интелигенција и на трпение во однос на природните дарови коишто неволно ја даруваат својата раскош. Ова треба да биде очигледно. Но, една мерка за успехот на пазарот во подобрувањето на нашите продуктивни моќи е тоа што на луѓето им стана премногу лесно да претпостават дека богатството е дел од природниот поредок на нештата. Академскиот кадар и политичките експерти сметаат дека распределбата на богатството е примарно прашање, истовремено отфрлајќи го секое стравување дека нивните правила за политиките би можеле да го попречат создавањето на богатството. Тие постојано се занимаваат со причините за сиромаштијата (или за „неправилната“ распределба на богатството), очигледно несвесни дека утврдувањето на причините за богатството е сериозен предизвик. Успехот на капитализмот заслепи извонреден број инаку интелигентни луѓе за едноставната вистина дека распределбата е пред производството само во речникот.
Посебната улога на специјализацијата
Кога економијата се појавила како посебна академска дисциплина кон крајот на XVIII век, било очигледно што е економскиот проблем. Адам Смит ја насловил својата економска книга „Истражување за природата и причините за богатството на народите“ (An Inquiry into the Nature and Causes of the Wealth of Nations), а неговиот страв во однос на објаснувањето за богатството е видлив уште од првата страница.
Смит започнува со опсервацијата: „Најголемото подобрување во производните моќи на трудот . . . се чини дека се ефектите од поделбата на трудот“. Тој ја илустрира важноста на специјализацијата, или поделбата на трудот, земајќи ја предвид предноста на секој работник во фабриката за иглички да се концентрира на одреден чекор во производството наместо да произведува игла од почеток до крај. Преку специјализација работниците можат да станат повешти, да користат машини што ги зголемуваат нивните продуктивни моќи и да избегнат губење време поради постојано менување на активностите. Овие предности прилично се очигледни, но зголемувањето на продуктивноста многу е поголемо отколку што би се очекувало. Според Смит, десетмина производители на иглички, преку специјализација за различни задачи, можат да произведуваат околу четириесет и осум илјади иглички дневно. Но, ако секој се обиде да ја изврши секоја задача во производството на иглички, Смит се сомневал дека секој од нив може да направи по дваесет иглички дневно, или двесте сите заедно.
Но, потребно е повеќе од еден дополнителен производ за да се создаде вистинско зголемување на продуктивноста. Специјалистот произведува многу повеќе од производот, или дел од производот, отколку што самиот сака да консумира. Производството на многу производи не е продуктивно освен ако не заврши во рацете на оние за коишто тоа има вредност. Според тоа, предноста на специјализацијата може да се реализира само до оној степен до кој луѓето можат да соработуваат, при што секој да биде специјализиран за производство на нешто што другите го сакаат за да може да го стекне она што го сака од специјализираното производство на другите. Единствениот начин да се оствари оваа соработка, а со тоа и единствен начин да се реализира продуктивноста од специјализација, е преку размена.
Адам Смит ја препознал клучната врска помеѓу размената и продуктивноста кога забележал дека „обемот на оваа поделба [на трудот] секогаш мора да биде ограничен со . . . обемот на пазарот“. Ако можете да разменувате само со оние коишто се наоѓаат во мало село, вашата способност да се специјализирате продуктивно исклучително е ограничена. На пример, колкумина би можеле да си дозволат да се занимаваат со кариера со пишување романи, сликање пејзажи или со совладување музички инструменти, без разлика на тоа колку се големи нивните таленти, со само неколку луѓе коишто би ги ценеле и би ги наградувале нивните достигнувања? Во такви контексти, повеќетомина имаат тенденција да станат „добри во сѐ, но мајстори за ништо“. Колку е поограничен пазарот, толку е поограничен продуктивниот потенцијал од специјализацијата.
Проширување на пазарот
Врската помеѓу специјализацијата и големината на пазарот дава уште едно објаснување за важноста на пазарната соработка заснована на приватна сопственост и на доброволна размена. Соработка е можна без пазари, барем без онакви пазари какви што вообичаено ги замислуваме. Членовите на семејството соработуваат врз основа на интимно познавање и на заеднички грижи. Членовите на малите фирми можат да работат кооперативно за постигнување на заедничката цел и поради притисокот од колегите. Истото може да се каже и за црквите, клубовите и за другите релативно мали општествени организации. Соработката во рамките на семејствата, фирмите и на социјалните организации може да се објасни како резултат на односите на размена. (Написите на Гери Бекер за семејството и за прикажувањето на фирмата како „спој на договори“ се добри примери за таквите објаснувања.) Но, со оглед на тоа дека таквите односи зависат од личното здружување и од заедничките цели, тие се ограничени на релативно мали групи.
Клучен елемент за продуктивноста на пазарот е тоа што тој во голема мера го проширува опсегот на соработка и затоа во голема мера ја зголемува нашата способност да се специјализираме продуктивно.
Очигледно, проширувањето на пазарите зависи од подобрувањата во транспортните и во комуникациските мрежи. Но, без информациите доставени преку пазарните цени и без соработката мотивирана од овие цени, подобрувањата во транспортот и вербалната и писмената комуникација би биле недоволни за да се реализира голем дел од предностите на специјализацијата. Бразилците би можеле да ја кажат својата желба за повеќе тексас-облека со постојано упатување факсови, е-пошта и телефонски повици до производителите на облека во секоја земја во светот, со тоа што ќе биде можно да им се достави облеката преку ноќ од каде било на земјината топка. Но, без информациите доставени од промените во релативните пазарни цени, Бразилците не би можеле да ги мотивираат одгледувачите на памук, производителите на земјоделски хемикалии, производителите на бои, текстилните работници, возачите на камиони, пилотите на авиокомпании, трговците и безброј други, да ги координираат своите специјализирани напори за да се осигурат дека тексас-облеката била достапна во Бразил во саканите количини и во омилените модели.
Безличниот пазар
Пазарот честопати се критикува како безличен. Можеби е таков, но затоа во толкава голема мера тој го проширува опсегот на кооперативна специјализација. Луѓето не мора да ги познаваат или да се грижат за оние со кои соработуваат или за оние на кои им служат нивните напори за соработка, кога одговараат на пазарните цени.
Пазарот прави многу повеќе за поттикнување на мултикултурната соработка и на глобалната хармонија отколку што некогаш би можело да се постигне со личните напори на владините дипломати. Токму соработката и хармонијата на пазарот и специјализацијата што самиот пазар ја дозволува, го објаснуваат создавањето богатство.
Прашање за крај: Сега, дали можете да објасните зошто соработката и доброволната размена доведуваат до вистинско зголемување на продуктивноста што произлегува од специјализацијата?
„Specialization and Wealth” од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.