Економија на здравиот разум

Пазарите и маргинализмот

од Двајт Ли

Прашање за размислување: Додека го читате овој документ, утврдете како фирмите ги максимираат производството и вредноста со изедначување на маргиналното ниво?

За да постигнете најдобри резултати во вашите лични активности, треба да ја „изедначите на маргиналното ниво“, што значи да го распределите вашето време на различни активности, така што маргиналната вредност на времето во секоја активност да биде иста. Важноста на изедначувањето на маргината се протега надвор од она во кое поединците се најдобри што можат да бидат на лично ниво; тоа е и клучно за успехот на целокупната економија. А поради информациите и стимулациите што се пренесуваат преку пазарните цени, луѓето и бизнисите, преземајќи нешто во однос на своите приватни грижи, се насочени да соработуваат на начини коишто постојано ги движат маргините кон еднаквост во целата економија. Дискусијата за овој процес дава дополнителен увид во предностите што сите ги остваруваме од комуникацијата и од соработката мотивирани од пазарните цени.

Има голем број фирми во економијата и секоја од нив се занимава првенствено со зголемување на профитот. Но, одлуките што ги носат овие фирми влијаат врз сите други. На пример, колку повеќе произведува една фирма, толку повеќе треба да користи оскудни ресурси и толку помалку другите фирми можат да произведат. Идеално, секоја фирма ќе ја произведува која и да било количина што ќе ја избере на начин што ќе ја минимизира жртвуваната вредност што би можела да се користи на друго место во економијата. Постигнувањето на овој идеал бара огромно количество информации за работи како што се временските услови, пронаоѓањето на нови ресурси, непријателствата меѓу земјите, продуктивните технологии и посебните околности и субјективните преференции на милиони работници, сопственици на ресурси и потрошувачи.

Ниту една владина агенција никогаш не би можела да ги стекне и постојано да ги ажурира сите овие информации ниту, пак, правилно да ги користи. За среќа, овие информации се пренесуваат преку пазарните цени, при што цените на инпутите што ги плаќаат фирмите ја одразуваат маргиналната вредност на тие инпути во нивните најдобри алтернативни намени. На тој начин, секоја фирма мотивирана да ја избере комбинацијата на инпути што го минимизира нејзиниот трошок за производство на дадена количина аутпут (што бара изедначување на маргиналната продуктивност по долар трошок за сите инпути(1)), исто така ја избира комбинацијата на инпути за произведство на тој аутпут со минимално жртвување на вредноста на друго место во економијата. Ова изедначување на маргиналните нивоа одразува импресивна координација, при што секоја фирма реагира на вредноста на инпутите за другите.

Исходи и маргинални приспособувања

Но, не е доволно секоја фирма да ја минимизира изгубената вредност (трошокот) од производството на своите аутпути за да ги користи нашите ограничени ресурси на најдобар можен начин. Секоја фирма би можела да го произведува својот производ (аутпут) по најниска цена и при тоа комбинацијата од аутпутите на сите фирми може да биде прескапа.. На пример, можеме да произведуваме многу пелени за еднократна употреба дневно за секој Американец со најевтина комбинација на инпути. Очигледно станува збор за премногу пелени за еднократна употреба бидејќи маргиналните трошоци (иако најниски што е можно) на пелените би биле далеку поголеми од нивната маргинална вредност — вредноста што се жртвува за да се произведе уште една пелена е поголема отколку вредноста на пелената.

Производството на комбинација од сите добра што создава најголема вредност за искористените ресурси наложува потреба не само секое добро да биде произведено со најнизок трошок, туку и секое добро да се произведува само до моментот кога неговата маргинална вредност е еднаква на маргиналниот трошок за него.

Повторно, изедначувањето на производството на маргиналното ниво на производствогенерира највредна комбинација на производи во однос на сите фирми. И со едноставен одговор на пазарните цени, секоја фирма има пристап до сите потребни информации. Цената на производот ја одразува неговата маргинална вредност, а цените на инпутите ги одредуваат маргиналните производствени трошоци на фирмата. Овие информации, кога се користат од фирми коишто се обидуваат да остварат што е можно поголем профит, резултира со комбинацијата на аутпути којашто создава најголема вредност. Секоја фирма го зголемува својот профит со проширување на производството сѐ додека цената што ја добива за својот производ е поголема од нејзиниот маргинален трошок (вредноста од која сме се откажале преку намалување на количината произведена од други фирми).(2) Значи, кога сите фирми произведуваат количина при која што цената е еднаква на маргиналниот трошок, секоја фирма го максимира сопствениот профит и вредноста на комбинацијата на произведените добра е максимирана. Бидејќи пазарните цени ги координираат одлуките за производството, овие одлуки се изедначуваат на маргината кај сите фирми и невозможно е да се зголеми вредноста на комбинацијата на стоки произведени со проширување на производството на некои фирми и со намалување на производството на други.

Слободата е голема предност

Веќе зборував за нивото на „совршенство“ коешто никогаш не е достигнато во реалниот свет. Релевантните маргини никогаш не достигнуваат целосна еднаквост бидејќи огромниот број преференции, околности и технологии коишто влијаат врз вредноста на инпутите и аутпутите постојано се менуваат. Но, пазарните цени постојано се менуваат за да обезбедат информации за новите услови и да го наградат однесувањето коешто ги турка маргините кон еднаквост. Тоа ги намалува трошоците и ја зголемува вредноста на она што се произведува. Овие пазарни приспособувања многу се поефикасни за максимирање на вредноста на економските одлуки со тоа што наложуваат сите носители на одлуки да бидат одговорни во однос на другите повеќе отколку што која било група владини планери некогаш би можеле тоа да го сторат.

Но, најголемата предност на пазарот е слободата што тој ја дозволува. Луѓето можат да ги следат своите индивидуални вредности и стравови, наместо да бидат групирани во широки категории од властите и да им биде кажано како да се однесуваат за да промовираат некоја визија за општото добро. На пример, бизнисот може да не го максимира профитот затоа што сопственикот сака да вработи млади кои се во неповолна положба или да одвои слободно време за волонтерска работа. Или работникот може да избере да не ја прифати најплатената работа затоа што не сака да се оддалечи од болен родител. Луѓето носат вакви одлуки секој ден, а вредностите што тие ги одразуваат никогаш не можат да се предочат преку политичкиот процес и соодветно да бидат решени од политичките власти. Но, луѓето можат да ги соопштат своите вредности и стравови преку ефектот што нивните одлуки го имаат врз пазарните цени. И кога луѓето го прават тоа, тие можат да бидат уверени дека другите ќе ги земат предвид тие стравови во своите сопствени одлуки. Резултатот е модел на меѓусебно прилагодување и координација што создава многу повеќе богатство и можности отколку што некогаш би можело да се постигне со централна насока.

Прашање за крај: Сега да видиме, дали владите или фирмите се подобри во однос на максимирањето на аутпутот и на вредноста? Образложете.

Навратете се на Елемент 1.3
  1. На пример, ако маргиналната продуктивност за 1$ на инпутот X е 2, додека маргиналната продуктивност за 1$ на инпутот Y е само 1, тогаш фирмата би можела да ја прошири својата употреба на инпутот X за 1$ (зголемување на аутпутот за 2 единици), да ја намали својата употреба на инпутот Y за 2 $ (намалување на аутпутот за 2 единици), и со тоа да го одржи истиот аутпут со трошок од 1 $ помалку. ↩︎
  2. Оваа изјава треба да се квалификува доколку фирмата е монопол бидејќи цената и маргиналниот приход се разидуваат, како што е објаснето во секој текст за микроекономија. Но, освен ако не се одржува од владата, оваа монополска „дисторзија“ прилично е бенигна кога се разгледува со текот на времето. Навистина, динамичната ефикасност на економијата се зголемува кога фирмите можат да се стремат кон и привремено да постигнат „монополска“ моќ. ↩︎