Создавање работни места наспроти создавање богатство
Од Двајт Р. Ли
Прашање за размислување: Дали владата треба да гради воени бази и автопати за да создаде работни места?
Владините политики најчесто се оценуваат во однос на тоа колку работни места создаваат. Ограничувањето на увозот се смета за начин за заштита и за создавање домашни работни места. Даночните преференции и законските дупки најчесто се оправдуваат како начини за зголемување на вработеноста во фаворизираната дејност. Претседателите со гордост укажуваат на бројот на отворени работни места во економијата за време на нивните мандати. Наводно, колку повеќе работни места се отвораат, толку е поуспешен мандатот. Веројатно никогаш немало владина програма за трошење чиишто застапници не спомнале дека таа создава работни места. Дури и за војните може да се смета дека имаат позитивна страна затоа што создаваат работни места.
Нема ништо лошо во создавањето работни места. Вработеноста има клучна улога при создавањето богатство, па оттука фокусот на отворањето работни места е разбирлив. Но, лесно е луѓето да превидат дека создавањето повеќе богатство е она коешто навистина сакаме да го постигнеме, а работните места се само средство за постигнување на таа цел. Кога ќе се заборави тој елементарен факт, луѓето лесно се измамени со аргументи коишто го издигнуваат создавањето работни места на ниво на врвна цел сама по себе. Иако овие аргументи можеби звучат веродостојно, тие се користат за поддршка на политики коишто го уништуваат богатството наместо да го создаваат. Ќе разгледаме неколку од многуте тажни примери.
Создавањето работни места не е проблемот
Целта на сите економски активности е да се произведе што е можно поголема вредност со ограничените ресурси (вклучувајќи го и човечкиот труд) на располагање. Но, колку и да ги поместуваме границите на оскудноста, тие граници никогаш нема да исчезнат. Оскудноста засекогаш ќе нè спречува да ги поседуваме сите нешта што ги посакуваме. Секогаш ќе има изобилство на работни места. Така, создавањето работни места не е проблемот. Проблемот е создавање работни места на кои луѓето произведуваат најголема вредност. Ова е поуката од апокрифната приказна за еден инженер којшто, додека бил во посета на Кина, наишол на голем екипаж којшто градел брана со копачи и со лопати. Кога инженерот му посочил на надзорникот дека работата може да се заврши за неколку дена, наместо за месеци, доколку на работниците им се даде моторизирана опрема за копање, надзорникот рекол дека таквата опрема ќе доведе до губење многу работни места. „Мислев дека сакате да изградите брана“, одговорил инженерот. „Ако сакате повеќе работни места, тогаш заменете ги лопатите со лажици.“
Како што им кажувам на моите студенти на Универзитетот во Џорџија, ќе го вработам секој човек во нашето универзитетско гратче Атина, ако се согласи да работи за ниска плата, да речеме пет центи месечно. Ако уште малку ја намалам платата, ќе можам да го вработам секој човек во Џорџија. Ако вработам работници со такви плати, ќе можам да заработам така што ќе им наредам да градат брани со лажици. Се разбира, студентите препознаваат дека мојата понуда е бесмислена бидејќи можат многу повеќе да заработат кај други работодавци, што всушност ја одразува поважната причина зошто мојата понуда е бесмислена: фокусирањето на бројот на работни места го игнорира создавањето или несоздавањето вредност. Ќе се создаде поголема вредност на повисоко платените работни места на кои моите студенти можат да се вработат отколку во оние коишто јас ги нудам. Една голема придобивка од платите што се нудат на отворените пазари на труд е тоа што тие ги привлекуваат поединците на нивните најценети работни позиции, а не на која било работа.
Друга предност на пазарните плати е тоа што тие ги принудуваат работодавците да ги земат предвид опортунитетните трошоци за вработување работници во споредба со нивната вредност на други позиции и континуирано да бараат методи за намалување на бројот на работни места со постигнување ист резултат со помалку вработени. Секој економски напредок произлегува од способноста да се обезбедат истите или подобрени добра и услуги со помалку работници, со што се елиминираат некои работни места и се ослободува работна сила за зголемување на производството во нови, попродуктивни работни места. Неспособноста да се разбере овој извор на зголемен просперитет ја објаснува широко распространетата поддршка на деструктивните јавни политики.
Со експлозии до повеќе работни места
Во 1840-тите еден француски политичар сериозно се залагал за минирање на шините во Бордо на железничката пруга од Париз до Шпанија за да се отворат повеќе работни места во Бордо. Товарот ќе морал да се префрла од еден воз во друг и на патниците ќе им требале хотели, а сето тоа би значело повеќе работни места. (Овој предлог бил дискутиран и отфрлен од економистот и есеист од деветнаесеттиот век Фредерик Бастија во „Економски софизми“, стр. 94-95, достапно од Фондацијата за економско образование.)
Овој предлог уште е поапсурден од мојата понуда да вработувам луѓе за пет центи месечно. Барем јас би вработил работници за да произведат нешто вредно, наместо делумно да ја поправам штетата којашто непотребно е нанесена. За жал, апсурдот не спречува да се предлагаат и да се имплементираат економски деструктивни политики. Користејќи го оправдувањето за создавање работни места, политичарите вообичаено донесуваат легислатива којашто го зголемува напорот потребен за производство на дадена вредност.
Еден од аргументите за ограничување на увозот е дека тоа ќе создаде (или ќе заштити) домашни работни места. Точно, тоа ќе создаде одреден број домашни работни места, исто како што и уништувањето на дел од железничката линија ќе создаде домашни работни места. Но, исто како и прекинот на железничката линија, ограничувањата на увозот ги зголемуваат трошоците за стекнување вредни производи. Единствената причина зошто една земја увезува производи е тоа што тоа е најевтиниот начин да се набават; потребни се помалку работници за да ги добијат увезените производи преку надворешна трговија отколку со директно производство. На овој начин трговијата е како технолошки напредок којшто ги ослободува работниците и им овозможува да го зголемат производството на стоки и на услуги достапни за потрошувачка. Ограничувањата на увозот создаваат работни места исто како што уништувањето на нашите железници, бомбардирањето на нашите фабрики и барањето работниците да користат лопати наместо модерна опрема за ископување земја создаваат работни места.
Секогаш имајте на ум дека создавањето работни места е средство за постигнување на крајната цел на економската активност, а тоа е создавање богатство.
Создавање владини работни места
Бидејќи имаат тенденција да ги гледаат работните места како цел наместо како средство, тие лесно се заведени да ги поддржуваат владините програми врз основа на тоа дека ќе се отворат работни места. Сите сме слушале луѓе коишто се залагаат за воени бази, изградба на автопатишта и за еколошки регулативи за водење бизнис по овие основи. За да го оправдаат трошењето, владините агенции вообичаено прават студии за придобивките и трошоците во кои создадените работни места се сметаат како придобивки. Ова е како да ги броите часовите коишто ги работите за да заработите доволно пари за да купите автомобил како една од придобивките на автомобилот. Работните места создадени од владин проект претставуваат трошок на проектот: опортунитетен трошок. Работниците вработени во владините активности би можеле да произведуваат вредност правејќи нешто друго. Релевантното прашање не е дали некој владин проект создава работни места, туку дали работниците на тие работни места ќе создадат повеќе богатство отколку што би создале на други работни места. Ова е прашање коешто застапниците на владините програми не сакаат да се поставува, бидејќи во спротивно ќе имаше многу помалку владини работни места со ниска продуктивност и многу повеќе високопродуктивни работни места во приватниот сектор.
Прашање за крај: Ако сакаме да постигнеме висок животен стандард, дали е поважно отворање работни места или создавање богатство? Која е разликата?
„Creating Jobs vs. Creating Wealth“ од Двајт Ли е искористено со дозвола на Фондацијата за економско образование, под Меѓународната лиценца Creative Commons Attribution 4.0.